У.бр.179/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 9 ноември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1.СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 39 став 2 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005, 13/2007, 150/2007, 140/2008, 17/2011 и 53/2011).

2. Митко Бојчевски од Делчево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, предвидувањето во оспорената законска одредба да не се испитува од страна на регистраторот законитоста и вистинитоста на содржината на прилозите (исправите и доказите), потоа да не се испитува законитоста на постапката во која се донесени прилозите, како и да не се испитува дали податоците што се запишуваат во регистрите се вистинити и во согласност со закон, предизвикувало регистраторот да врши промена на овластените лица по секоја пријава за промена дури и ако одлуките за избор на овластените лица не биле заверени со печат, а со тоа се правел невиден хаос и се нанесувале огромни штети без да постои одговорност, при што тие промени се правеле намерно заради освојување на претпријатијата во кои овластените лица биле партиски неподобни, поради што означената законска одредба не била во согласност со темелните вредности владеење на правото и правната заштита на сопственоста утврдени во член 8 став 1 алинеите 3 и 6 од Уставот.

3.Судот на седницата утврди дека во член 39 став 1 од Законот е предвидено дека „по приемот на пријавата за упис, регистраторот проверува дали: 1) Централниот регистар е надлежен да постапува по пријавата; 2) се исполнети условите за упис определени со закон; 3) потписникот на пријавата е овластено лице за нејзино поднесување; 4) пријавата за упис ги содржи сите податоци во согласност со закон; 5) кон пријавата за упис се приложени сите прилози утврдени со закон; 6) податоците внесени во пријавата за упис се исти како и податоците во прилозите кон пријавата; 7) под иста фирма, односно назив или име е регистриран друг субјект на упис и 8) кон пријавата за упис е приложен доказ за уплатениот надоместок за уписот.“

Според оспорениот став 2 од истиот член на Законот, „при уписот регистраторот: 1) не ја испитува законитоста и вистинитоста на содржината на прилозите (исправите и доказите) што се поднесуваат при упис во регистрите; 2) не ја испитува законитоста на постапката во која тие се донесени и 3) не испитува дали податоците што се запишуваат во регистрите се вистинити и во согласност со закон.“

Во став 3 од истиот член на Законот се определува дека „за вистинитоста и законитоста на прилозите и податоците од ставот 2 на овој член одговара лицето, односно лицата определени со закон.“

Изнесената содржина на оспорениот член 39 став 2 од Законот е внесена во Законот со измените и дополнувањата направени во 2007 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2007 од 5 февруари 2007 година).

Судот, исто така, утврди дека причини за донесувањето на член 39 став 2 од Законот, според образложението на Предлог-Законот, се избегнување на спротивставеноста на член 39 став 1 од Законот за едношалтерскиот систем со член 94 од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/2004 и 84/2005) така што се допрецизира одредбата од Законот за едношалтерскиот систем, олеснување на регистрацијата на трговските друштва, забрзување на регистрациониот процес и очекување да се зголемат странските инвестиции во Република Македонија.

4. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 6 од Уставот, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1). Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и правната заштита на сопственоста и дека тие вредности се остваруваат, покрај другото, преку согласноста на законите со Уставот и должноста на секој да ги почитува Уставот и законите.

Имајќи ја предвид содржината на целината на член 39 од Законот, според која регистраторот проверува точно определени прашања во постапката на упис во регистрите (став 1) и постои одговорност кај соодветните лица ако достават невистинити и незаконити прилози и податоци утврдени во член 39 став 2 од Законот (став 3), Судот оцени дека оспорениот став 2 од член 39 на Законот е всушност прецизирање на границата до која регистраторот се движи во постапката на упис во регистрите, при што за евентуалната невистинитост и незаконитост на прилозите кон пријавата за упис во регистрите е предвидено да се одговорни соодветните лица, поради што Судот утврди дека таквата законска одредба не ги доведува во прашање владеењето на правото и правната заштита на сопственоста како темелни вредности на уставниот поредок односно членот 39 ставот 2 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 6 од Уставот.

Со оглед на тоа, пак, што Судот веќе еднаш расправал за уставноста на член 39 став 2 од Законот, при што со Решение У бр. 235/2008 од 24 јуни 2009 година одлучил да не поведе постапка за оценување на уставноста на наведената законска одредба, а сега нема основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.179/2010
9 ноември 2011 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски