127/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 ноември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Одлуката за изменување и дополнување на Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.75/2011), донесена од Собранието на Адвокатската комора на Република Македонија.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорените одредби од Статутот, се утврдувала нова обврска за адвокатите за плаќање коморска маркичка за секој поднесок, исправа или застапување или за сите поднесоци, исправи и застапувања по сите предмети во една година, и биле утврдени начинот и условите за обезбедување на коморски маркички со уплата на средства на жиро-сметка на Адвокатската комора на Република Македонија. Ваквата определба во оспорениот акт на Комората, не била во согласност со членот 32 став 5 од Уставот, според кој остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат само со закон и со колективни договори, а во случајов се утврдува обврска со Статутот на Комората. Воедно, коморската маркичка не била предвидена во поднесоците на адвокатите, ниту во членот 98 став 8 од Законот за парничната постапка, според кој: „Поднесокот од адвокатот задолжително содржи печат, односно електронски потпис од адвокатот и адвокатска маркичка предвидена со посебен закон. Во спротивно поднесокот се смета за неуреден и судот ќе го отфрли“.

Со оспорените одредби од Статутот се предвидувало адвокатот коморската маркичка да ја плаќа не само на секој поднесок, туку и на исправи и застапувања односно за сите поднесоци, исправи и застапувања по сите предмети во една година, што не било во согласност со членот 18 ставови 3 и 4 од Законот за адвокатурата.

Со оспорените одредби од Статутот, исто така, било предвидено паричните средства обезбедени од коморската маркичка да се распоредуваат за целите кои се наведени, меѓутоа таквото распоредување на паричните средства обезбедени од коморските маркички, исто така, немало уставен и законски основ. Адвокатите имале со закон утврдени давачки, па не можеле да се прифатат и други давачки определени со акт на Комората. Од наведените причини оспорените одредби во Статутот не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 32 став 5, член 33, член 51, член 53 и член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, потоа, член 98 став 8 од Законот за парнична постапка, член 18 ставови 3 и 4 од Законот за адвокатура и член 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа. Воедно, во иницијативата се бара Судот да донесе времена мерка со решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на оспорените одредби од Статутот, бидејќи со нивно извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека Собранието на Адвокатската комора на Република Македонија на седницата одржана на 28 мај 2011 година ја донела оспорената одлука, која содржела:

„Член 1
Во член 23 став 2 се бришат алинеите 24 и 25, а досегашните алинеи 26, 27, 28 и 29 стануваат алинеи 24, 25, 26 и 27.

Член 2
Се врши бришење на потточка 2 во глава 6 – Постапка за полагање на адвокатски испит, односно бришење на членовите 55-а, 55-б и 55-в, а потточка 3 – Постапка за упис и одземање на лиценца станува потточка 2.

Член 3
Во член 83 став 3 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија зборовите: „тромесечно“ се бришат и се додва „еднаш годишно, однапред од 1.1. – 31.3. во тековната година“.

Член 4
Во член 83 од Статутот по ставот 3 се додаваат нов став 4 кој гласи:
„По истекот на периодот од 1.1. – 31.1. предвиден во став 3, Комората доставува до адвокатите кои не платиле коморска членарина опомена пред тужба со обврска во рок од 3 (три) дена да ја платат коморската членарина. По истекот на овој рок Комората ќе покрене тужба за долг“.

Член 5
Член 84 став 2 од Статутот се брише.
Во член 84 од Статутот по ставот 1 се додаваат три нови става 2, 3 и 4 кои гласат:
„Коморската маркичка адвокатот ја плаќа за секој поднесок, исправа и застапување или за сите поднесоци, исправи и застапувања по сите предмети во една година.
Ако адвокатот ги плаќа коморските маркички за секој поднесок, исправа и застапување тој е должен да обезбеди коморски маркички. Обезбедувањето на овие коморски маркички се врши со уплата на средствата на жиро-сметка на Адвокатската комора на Република Македонија.
Ако адвокатот плаќа коморски маркички за сите поднесоци, исправи и застапувања по сите предмети во една година, тој е должен да обезбеди 150 коморски маркички вкупно. Обезбедувањето на овие коморски маркички се врши со уплата на средствата на жиро-сметка на Адвокатската комора на Република Македонија. Уплатата се врши еднократно однапред за наредниот период од една година, сметано од денот на уплатата“.

Член 6
Член 85 од Статутот се менува и гласи:
„Паричните средства обезбедени од коморскиот уписен влог, коморската членарина, подароците и фондациите, закупнината и другите приходи во согласност со закон се користат за вршење на работите на Адвокатската комора на Република Македонија.
Паричните средства обезбедени од коморската маркичка се распределуваат на следниот начин и за следните цели:
– 1/3 (една третина) од вкупните средства припаѓаат на Адвокатската комора на Република Македонија заради остварување на потребите на сите адвокати и тоа: организирање на работата на стручната служба на Комората; изработка и водење на сите именици (за адвокати, стручни соработници, приправници); изработка на општите акти на Комората (Правилник за минимални хигиено-технички услови, Правилник за организација и систематизација на работните задачи во стручната служба на Комората, Правилник за дисциплинската одговорност на адвокатите, деловници за работа на органите на Комората); организирање на работата на органите на Комората (Собранието, Управниот одбор, Надзорниот одбор, Дисциплинскиот обвинител, Дисциплинскиот суд, Жалбениот совет); информирање на адвокатите (Информатор, Адвокатура); набавка на литература (стручна и научна, домашна и странска, …); организирање и учество на работни средби (со државни органи и поединци, тематски или за општите состојби) и друго.
– 1/3 (една третина) од вкупните средства прибавени од адвокатите на таа заедница (за градот Скопје средствата се делат рамномерно на четирите адвокатски заедници) припаѓаат на адвокатските заедници заради остварување на потребите на сите адвокати од секоја адвокатска заедница одделно и тоа: организирање на работата на органите на Адвокатската заедница (простории, опрема, комунални трошоци) и друго.
– 1/3 (една третина) од вкупните средства припаѓаат на Адвокатската комора на Република Македонија заради остварување на посебни намени и тоа: доделување на адвокатите поединечно во случаеви на нивни солидарни потреби (лекување, погреб), награди (годишнини, афирмација на адвокатурата на Република Македонија), меѓународна соработка (конференции, семинари) и друго“.

Член 7
Се задолжува Управниот одбор на АКРМ да изготви пречистен текст на Статутот на АКРМ.

Член 8
Оваа одлука влегува во сила осмиот ден од нејзиното објавување во „Службен весник на Република Македонија“, а одредбите во врска со коморската маркичка ќе се применуваат од 1.09.2011 година“.

4. Судот на седницата утврди дека во 2002 година бил донесен Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2002, 60/2006, 29/2007 и 106/2008), а престанал да важи Законот за адвокатура од 1992 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1992).

Во 2002 година бил донесен и Статут на Адвокатската комора на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2002) – 1 декември 2002 година.

Во 2006 година бил донесен нов Статут на Адвокатската комора на Република Македонија (28 мај 2006 година).

Овој Статут како и неговите измени од 2007 и 2009 година не биле објавувани во „Службен весник на Република Македонија“.

Меѓутоа, измената и дополнувањето на Статутот од 2011 година, која сега е предмет на оспорување со иницијативата, е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.75/2011 и тоа е единствен објавен акт.

Судот, исто така, утврди дека новиот Статут од 2006 година во членот 98 предвидел: „Со денот на влегувањето во сила на овој Статут, престанува да важи Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија од 1 декември 2002 година“.

Во членот 99 е утврдено: „Овој Статут е донесен на 28 мај 2006 година и влегува во сила на денот на неговото објавување во „Службен весник на Република Македонија“.

Првата измена на Статутот, во членот 16, исто така утврдила дека: „Оваа одлука за измена на Статутот е донесена на ден 25 мај 2007 година и стапува на сила со денот на нејзиното објавување во Службен весник на Република Македонија“.

Втората измена на Статутот, има два члена, и во членот 2 утврдила: „Оваа Одлука за измена на Статутот е донесена на ден 30 мај 2009 година и стапува во сила со денот на нејзиното донесување, а ќе се применува од мај 2010 година со изборот на новиот состав на Управниот одбор на АКРМ“.

Третата измена и дополнување на Статутот, е донесена и објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.75/2011 и е предмет на оспорување со иницијативата.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 52 ставови 1 и 2 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Законот и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Според членот 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Со оглед на тоа што со оспорената Одлука се вршат измени и дополнувања на Статут донесен на 25 мај 2006 година кој не бил објавен во „Службен весник на Република Македонија“ и не влегол во сила, оспорената Одлука следователно неможе да има правна сила и Судот оцени дека како таква не може да егзистира во правниот поредок и нема правно дејство, поради што основано може да се постави прашањето за нејзината согласност со погоренаведените одредби од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.127/2011
9 ноември 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски