Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 9 ноември 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 18 став 3 во делот „и коморска маркичка утврдена со акт на Адвокатската комора на Република Македонија и издадена од Адвокатската комора на Република Македонија“ и став 4 во делот „и коморска“ од Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008 и 135/2011).
2.СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за коморска маркичка, донесен од Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија на 13 ноември 2010 година, Правилникот за измена и дополнување на Правилникот за дисциплинска одговорност, донесен од Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија на 18 септември 2010 година и Одлуката за висината на коморска маркичка, донесена од Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија на 18 септември 2010 година.
3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение и уставноста и законитоста на актите на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија означени во точката 2 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорените делови од член 18 ставовите 3 и 4 на Законот значеле овластување на Адвокатската комора на Република Македонија да ја уреди коморската маркичка без да постојат законски критериуми за тоа, со што законодавецот пренел на Комората законска материја, поради што оспорените законски одредби излегле надвор од уставните рамки утврдени во член 53 од Уставот, јавните овластувања на адвокатурата како јавна служба да се уредат со закон. Оспорениот член не бил во согласност и со член 32 став 5 од Уставот со оглед дека ги уредувал правата на вработените и нивната положба со акт на Адвокатската комора наместо тоа да се направело со закон и со колективни договори.
Законодавецот требало да постапи по истата логика при уредувањето на коморската маркичка како и при регулирањето на коморскиот уписен влог кај кој е определено дека неговата висина не можела да изнесува повеќе од две просечни нето плати исплатени во Република Македонија во месецот пред донесувањето на одлуката (член 36 став 2 од Законот). Подносителот на иницијативата предлага при одлучувањето Судот да ја има предвид и определбата од член 35 на Законот за адвокатура дека адвокатите требале да плаќаат, покрај коморска маркичка, и адвокатска маркичка издадена од надлежен државен орган предвидена со посебен закон, потоа коморска членарина и коморски уписен влог, а тоа било многу.
Во иницијативата се наведува дека адвокатската маркичка и коморската маркичка биле две давачки за иста цел, па од уставно-правен аспект било нелогично таквото законско решение да опстане. Во иницијативата се укажува и на член 98 став 6 од Законот за парничната постапка со кој се утврдувале елементите на поднесокот на адвокатот (штембил на адвокатот и адвокатската маркичка предвидена со посебен закон), а не и коморска маркичка, па и тоа било причина за неуставност на оспорените законски одредби.
Според тоа, член 18 ставовите 3 и 4 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5, член 51 и член 53 од Уставот на Република Македонија.
Правилникот за коморска маркичка се оспорува затоа што бил заснован на член 35 од Законот за адвокатура иако таа законска одредба не ја овластувала Адвокатската комора да донесува правилник, туку само ги определувала изворите за финансирање на Комората, поради што Правилникот немал законска основа да биде донесен. Покрај тоа, Правилникот бил донесен на 13 ноември 2010 година и во член 3 определувал дека висината на коморската маркичка ја утврдува Управниот одбор на Комората, а пак Управниот одбор донел Одлука за висината на коморската маркичка уште на 18 септември 2010 година, па таквиот редослед на дејствија значел повреда на темелната вредност владеење на правото, поради што Правилникот и Одлуката не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5, член 51 и член 53 од Уставот и со член 18 став 3 од Законот за адвокатура. Членот 8 од Правилникот определувал дека Правилникот влегува во сила со денот на неговото донесување (13 ноември 2010 година) и дека ќе се применува од 1 февруари 2011 година, но членот 52 ставовите 1 и 2 од Уставот утврдувал дека законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ во рок од седум дена од денот на нивното донесување, па бидејќи Правилникот не бил објавен во наведениот рок, тој немал правно дејство.
Со членовите 1 и 2 од Правилникот за измена и дополнување на Правилникот за дисциплинска одговорност се определувало дека неплаќањето на коморска маркичка претставува потешка дисциплинска повреда на адвокатската должност, но неплаќањето на коморската маркичка никако не можело да се подведе под потешка повреда бидејќи член 12 од Правилникот за дисциплинска одговорност под тоа подразбирал неизвршување или очигледно несовесно вршење на работите на пружање правна помош и вршење на јавни овластувања, а неплаќањето на коморска маркичка не спаѓало под ништо од тоа, поради што подносителот на иницијативата смета дека членовите 1 и 2 од Правилникот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и членовите 51 и 53 од Уставот, како и со член 30 од Законот за адвокатура. Во однос на член 3 од оспорениот правилник, со кој се определувало дека Правилникот влегува во сила со денот на неговото донесување од Управниот одбор на Комората, се смета дека не е во согласност со член 52 ставовите 1 и 2 од Уставот, со оглед дека не предвидел објавување, поради што Правилникот бил без правно дејство.
Подносителот на иницијативата предлага при одлучувањето за основаноста на наводите во иницијативата околу овој правилник, Судот да го има предвид и член 23 став 2 точка 6 од Законот за адвокатура, според кој на адвокатот му престанува правото на вршење на адвокатска дејност само ако не врши уплата на коморска членарина, а не и коморска маркичка.
Со иницијативата се предлага изрекување на привремена мерка заради спречување да настанат тешко отстранливи последици.
4.а) Судот на седницата утврди дека во член 18 став 3 од Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008 и 135/2011) се определува дека „на секој поднесок или исправа составена во адвокатска канцеларија, адвокатот е должен да стави штембил на адвокати, односно штембил на адвокатско друштво, адвокатска маркичка, издадена од надлежен државен орган, предвидена со посебен закон и коморска маркичка утврдена со акт на Адвокатската комора на Република Македонија и издадена од Адвокатска комора на Република Македонија.“
Според став 4 од истиот член на Законот, „при застапување пред суд и други органи адвокатот е должен на судот да му предаде соодветна адвокатска и коморска маркичка за тоа застапување.“
Наведените законски одредби се внесени во основниот текст на Законот, со Законот за изменување и дополнување на Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2006 од 15 мај 2006 година). Со член 19 од истиот закон за изменување и дополнување на Законот за адвокатура се предвидува Адвокатската комора на Република Македонија да се финансира и со коморска маркичка, покрај со коморска членарина, коморски уписен влог, подароци и фондации, закупнина (член 35 од основниот текст на Законот). Во член 24 од наведените законски изменувања и дополнувања се определува дека одредбите од членот 18 ставовите 3 и 4 ќе отпочнат да се применуваат во рок од шест месеца по издавањето на коморската маркичка од надлежен орган на Адвокатската комора на Република Македонија (член 39-а од основниот текст на Законот).
Таквите одредби за коморската маркичка не се менувани со измените и дополнувањата на Законот за адвокатура направени во 2007, 2008 и 2011 година.
Судот, исто така, утврди дека членот 18 ставовите 3 и 4 од Законот беше оценуван од Судот по предметот У бр.31/2007, при што со Решение донесено на 12 и 26 септември 2007 година се одлучи да не се поведе постапка за оценување на уставноста на тие законски одредби. Но, тогаш Судот ги оценуваше тие законски одредби од друг аспект отколку што се оспорени со оваа иницијатива (таму беше оспорена адвокатската маркичка, а во овој случај коморската маркичка и таму наведените законски одредби беа спротивставени на член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот, а во овој случај на член 32 став 5 и член 53 од Уставот). Покрај тоа, со Решение У бр.78/2007 донесено на 13 март 2008 година, Судот повторно се произнесе за уставноста на член 18 ставовите 3 и 4 од Законот така што не најде основи за поинакво одлучување од одлученото во Решението У бр.31/2007. Со наведеното решение Судот се произнесе и за член 35 став 5 од Законот за адвокатура така што не поведе постапка за определбата Адвокатската комора на Република Македонија да се финансира, покрај другото, и со средства прибирани од коморска маркичка, образложувајќи дека законодавецот има уставен основ во член 53 од Уставот да ги утврдува условите под кои може да се стекне статусот адвокат, како и да ги определува изворите на финансирањето на Адвокатската комора оставајќи разработката на одделните извори на финансирањето да се изврши со акт на Комората, заради остварување на самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба која врши јавни овластувања во согласност со закон.
б) Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1). Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).
Според член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и дека таа вредност се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот а сите други прописи со Уставот и законите, при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите.
Од содржината на член 53 од Уставот произлегува дека адвокатурата е јавна служба што обезбедува правна помош, при што таа јавна служба е самостојна и независна и врши јавни овластувања кои и’ се доверени со закон.
Од изнесената содржина на член 18 ставовите 3 и 4 од Законот гледана во целина, произлегува дека коморската маркичка се плаќа на секој поднесок, исправа или застапување пред суд или друг орган и дека утврдувањето и издавањето на коморската маркичка е делокруг на Адвокатската комора на Република Македонија. Според тоа, Законот определил критериуми во врска со плаќањето на коморската маркичка.
Од другите изнесени законски одредби (членовите 35 и 39-а од основниот текст на Законот) произлегува дека средствата обезбедени од коморската маркичка се користат за финансирање на Комората, со тоа што почетокот на користењето на тие средства законодавецот го препуштил на Комората определувајќи му рок од шест месеци од издавањето на коморската маркичка, а истовремено со Законот се оставени да постојат другите извори на финансирање на Адвокатската комора на Република Македонија.
Во врска со односот меѓу адвокатската маркичка и коморската маркичка, од содржината на член 18 став 3 од Законот произлегува дека адвокатската маркичка се утврдува со посебен закон и се издава од надлежен државен орган, за разлика од коморската маркичка која се утврдува и издава од Адвокатската комора на Република Македонија, па тоа укажува на постоење суштинска разлика меѓу нив и не е во прашање иста цел како што смета подносителот на иницијативата.
Имајќи го предвид изнесеното, произлегува дека членот 18 ставовите 3 и 4 од Законот за адвокатура има уставна основа односно законодавецот ги определил критериумите врз основа на кои се плаќа коморска маркичка и се движел во рамките на определбата од член 53 на Уставот да ги уреди јавните овластувања на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба, вклучително и финансирањето на тие јавни овластувања, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со означената уставна одредба, а со тоа и со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
Во однос на наводите во иницијативата за несогласноста на оспорената законска одредба со член 32 став 5 од Уставот, произлегува дека спротивставените одредби уредуваат различна материја со оглед дека правата на адвокатите и нивната положба како самостојна и независна јавна служба се разликуваат од правата на другите вработени и нивната положба, поради што Судот утврди дека членот 18 ставовите 3 и 4 од Законот не може да се оценува од тој аспект.
Во врска со другите четири причини за оспорување на наведената законска одредба (1. законодавецот не се однесувал кон коморската маркичка како што се однесувал кон коморскиот уписен влог со членот 36 став 2 од Законот за адвокатура односно не ја определил максималната висина на коморската маркичка; 2. било многу да се плаќа и коморска маркичка при постоење на плаќање на коморски уписен влог, коморска членарина и адвокатска маркичка; 3. адвокатската маркичка и коморската маркичка биле две давачки за иста цел, па било нелогично за иста цел два пати да се плаќа; 4. поднесоците на адвокатите според член 98 став 6 од Законот за парничната постапка содржеле штембил и адвокатска маркичка, па не требало да постои коморска маркичка), со овие причини не се иницира поведување постапка за оценување на уставноста на оспорените законски одредби, туку се изнесува визија за уредување на положбата на адвокатите односно се искажува мислење за тоа како нешто треба да биде, а тоа не е надлежност на Уставниот суд, поради што Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5.а) Судот на седницата утврди дека трите оспорени акти донесени од Управниот одбор на Адвокатската комора престанале да важат.
Оспорениот правилник за коморска маркичка донесен од Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија на 13 ноември 2010 година, престанал да важи со член 2 од Правилникот за коморска маркичка донесен од Управниот одбор на Комората на 24 јуни 2011 година, оспорениот правилник за измена и дополнување на Правилникот за дисциплинска одговорност донесен од Управниот одбор на Комората на 18 септември 2010 година, престанал да важи со член 1 од Одлуката бр.02-950/2 донесена од Управниот одбор на Комората на 24 јуни 2011 година и оспорената одлука за висината на коморската маркичка донесена од Управниот одбор на Комората на 18 септември 2010 година, престанала да важи со член 2 од Одлуката бр.02-950/3 донесена од Управниот одбор на Комората на 24 јуни 2011 година.
б) Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со оглед на тоа што оспорените три акти донесени од Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија престанале да важат, произлегува дека нема процесни претпоставки за постапување по тој дел од иницијативата, поради што Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.
6. Имајќи предвид дека нема основа за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 18 ставовите 3 и 4 од Законот за адвокатура, а воедно нема процесни претпоставки за постапување по делот од иницијативата што се однесува на уставноста и законитоста на трите акти на Адвокатската комора, Судот оцени дека нема основи за изрекување на привремена мерка.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У бр.2/2011
9 ноември 2011 год.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски