Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 2 ноември 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2011).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот наведен во точката 1 на ова решение.
Според наводите во иницијативата, одредбата не била во согласност со Уставот на Република Македонија, затоа што усогласување на еден закон можело да се врши само со Уставот или евентуално со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, а не и со друг закон. Државните органи не биле надлежни законите да ги усогласуваат со друг закон, затоа што тоа било исклучива надлежност на Собранието на Република Македонија, како носител на законодавната власт во Републиката. Покрај тоа, во Уставот не постоел термин „државните органи, туку се користеле термините „државната управа“ или „органите на државната управа“, а во Амандманот XX точка 2 од Уставот било предвидено дека за прекршоците определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања.
Поради наведените причини, подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 4, член 51, член 61 став 1, член 68 став 1 алинеја 2, член 95 став 3, член 96 и Амандман ХХ точка 1 од Уставот на Република Македонија и предлага Судот да поведе постапка за оценување на нејзината уставност и истата да ја укине или поништи.
3. Судот на седницата утврди дека според членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, државните органи, законите во кои е уредена застареноста за поведувањето и водењето на прекршочната постапка, да ги усогласат со овој закон во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.
4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Оспорената одредба е содржана во Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, (усвоен по скратена постапка во април 2011) донесен поради потребата да се измени рокот на застареност за поведување, односно водење на прекршочна постапка, така што рокот на застареност наместо една година, е зголемен на три години.
Со оспорената одредба е предвидена обврска за државните органи, посебните закони во кои е уредена застареноста за поведување и водење на прекршочна постапка, да ги усогласат со Законот за прекршоците (како lex generalis) во рок од шест месеци од влегувањето во сила на овој закон.
Поаѓајќи од ваквата цел на одредбата, која по својата природа е преодна односно транзиторна одредба, и имајќи го предвид фактот што одредбата е усвоена на 13 април 2011 година и влегла во сила на 21 април 2011 година, Судот оцени дека одредбата е од темпорален карактер, и дека таа за овие изминати шест месеци се исцрпела во примената. Оттука Судот утврди дека оспорениот член 3 од Законот, ја исцрпел својата содржина и дејство и веќе не е во правниот поредок, односно дека постојат процесни пречки за постапување одлучување по иницијативата.
Судот исто така укажува дека со ваквото толкување на одредбата со ништо не се задира во уставната обврска на Собранието на Република Македонија за донесување на законите, доколку во овој период од шест месеци не е остварена обврската за усогласување на посебните закони со Законот за прекршоците. Таква обврска за Собранието впрочем произлегува од самиот Устав и од положбата на Собранието како носител на законодавната власт и таа постои и без нејзино посебно предвидување во закон што го донесува самото Собрание, за што станува збор во овој конкретен случај.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.137/2011
2 ноември 2011 година
С к о п ј е
тјт
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски