Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 ноември 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 193-б ставови 1 и 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 80/93, 3/94, 14/95, 71/96, 32/97, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006, 153/2007, 152/2008, 161/2008 и 156/2009 ).
2. Руше Рауфи-Адеми од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, член 193-б ставови 1 и 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2000) бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 51 од Уставот на Република Македонија.
Имено, подносителката на иницијативата смета дека дел од ставот 1 на членот 193-б условот „најмалку 15 години пензиски стаж до 1 септември 2001 година“ бил без никакви аргументи, нелогичен и без основа, бидејќи и во ставот 1 и во ставот 2 од членот 193-б биле опфатени иста група на осигуреници односно осигуреници кои целиот работен стаж биле осигуреници во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување.
Поради тоа со иницијативата се бара да се поништи член 193-б ставови 1 и 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 193-б став 1 од Законот е предвидено дека старосната пензија за осигурениците од членовите 11, 12 и 13 на овој закон кои биле опфатени во задолжително пензиско и инвалидско осигурување до 1 септември 2001 година и, кои не избрале да се вклучат во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, а имаат исполнет пензиски стаж најмалку 15 години, се утврдува од пензиската основа зависно од должината на пензискиот стаж и изнесува:
Пензиски стаж Проценти
маж жена
15 години 35 40
15 години и 6 месеци 35,9 41,3
16 години 36,8 42,6
16 години и 6 месеци 37,7 43,9
17 години 38,6 45,2
17 години и 6 месеци 39,5 46,5
18 години 40,4 47,8
18 години и 6 месеци 41.3 49,1
19 години 42,2 50,4
19 години и 6 месеци 43,1 51,7
20 години 44,0 53,0
20 години и 6 месеци 44,9 53,9
21 години 45,8 54,8
21 години и 6 месеци 46,7 55.7
22 години 47,6 56,6
22 години и 6 месеци 48,5 57.5
23 години 49,4 58,4
23 години и 6 месеци 50,3 59,3
24 години 51,2 60,2
24 години и 6 месеци 52,1 61,1
25 години 53,0 62,0
25 години и 6 месеци 53,9 62.9
26 години 54,8 63,8
26 години и 6 месеци 55,7 64,7
27 години 56,6 65,6
27 години и 6 месеци 57.5 66,5
28 години 58,4 67,4
28 години и 6 месеци 59,3 68,3
29 години 60.2 69,2
29 години и 6 месеци 61,1 70,1
30 години 62,0 71,0
30 години и 6 месеци 62,9 71,9
31 години 63,8 72.8
31 години и 6 месеци 64,7 73.7
32 години 65,6 74.6
32 години и 6 месеци 66,5 75,5
33 години 67,4 76,4
33 години и 6 месеци 68,3 77,3
34 години 69,2 78,2
34 години и 6 месеци 70,1 79,1
35 години 71,0 80,0
35 години и 6 месеци 71,9
36 години 72,8
36 години и 6 месеци 73,7
37 години 74,6
37 години и 6 месеци 75,5
38 години 76,4
38 години и 6 месеци 77,3
39 години 78,2
39 години и 6 месеци 79,1-
40 години 80,0
Според ставот 2 од овој член од Законот, на осигурениците од ставот 1 на овој член за секоја година пензиски стаж кој е над 40 години пензиски стаж (маж), односно над 35 години пензиски стаж (жена), пензиската основица им се утврдува во проценти од дополнителни 1,8, за секоја година пензиски стаж, навршен по 1 септември 2007 година.
Според ставот 3 од овој член од Законот, старосната пензија за осигурениците од став 1 на овој член кои имаат исполнет пензиски стаж помалку од 15 години се утврдува од пензиската основа во проценти кои за секоја година исполнет пензиски стаж до 1 септември 2001 година изнесуваат 2,33% (маж), односно 2,60% (жена), а за пензиски стаж пократок од една година, а најмалку шест месеци изнесува 1,165% (маж), односно 1,30% (жена) од пензиската основа. За секоја натамошна година пензиски стаж исполнет по 1 септември 2001 година, пензијата се пресметува во висина од 1,80% (маж), односно 2,05% (жена), а за пензиски стаж пократок од една година, а најмалку шест месеци изнесува 0,90% (маж), односно 1,025% (жена) од пензиската основа.
4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според основните одредби на Уставот на Република Македонија, покрај другото Република Македонија е и социјална држава, а како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.
Според членот 34 од Уставот се грантира правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кои се утврдуваат со закон и со колективен договор. Според член 35 став 1 од Уставот, Република Македонија се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно начелото на социјалната праведност.
Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и колективен договор. Уставот, исто така ја прокламира грижата на Република Македонија за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјална праведност.
Видовите на правата од социјалното осигурување, начинот, постапката и условите за остварување на овие права на граѓаните се резервирани за законодавната власт која ги уредува релевантните односи од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните. Наведувањето на уставните одредби се однесува на пензиското и инвалидското осигурување што како елемент на правото на социјално осигурување е предмет на уредување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Според членот 193-б став 1 старосната пензија за осигурениците од членовите 11, 12 и 13 на овој закон кои биле опфатени во задолжително пензиско и инвалидско осигурување до 1 септември 2001 година и кои не избрале да се вклучат во задолжително капитално финансирано осигурување и имаат исполнет пензиски стаж најмалку 15 години се утврдува од пензиската основа зависно од должината на пензискиот стаж.
Според ставот 2 од овој член на осигурениците од ставот 1 на овој член за секоја година пензиски стаж кој е над 40 години пензиски стаж (маж), односно над 35 години стаж (жена) пензиската основица им се утврдува во проценти од дополнителни 1,8 за секоја година пензиски стаж, навршен по 1 септември 2007.
Според ставот 3 од овој член старосната пензија за осигурениците од став 1 на овој член кои имаат исполнет пензиски стаж помалку од 15 години се утврдува од пензиската основа во проценти кои за секоја година исполнет пензиски стаж до 1 септември 2001 година изнесуваат 2,33% (маж), односно 2,60% (жена), а за пензиски стаж пократок од една година, а најмалку шест месеци изнесува 1,165 (маж), односно 1,30% (жена) од пензиска основа. За секоја натамошна година пензиски стаж исполнет по 1 септември 2001 година, пензијата се пресметува во висина од 1,80% (маж), односно 2,05% (жена), а за пензиски стаж пократок од една година, а најмалку шест месеци изнесува 0,90% (маж), односно 1,025% (жена) од пензиската основа.
Анализирајќи ја одредбата, според ставот 1 од овој член утврдени се процентите за пресметување на висината на пензијата од пензиската основица за оние осигуреници кои не избрале да се вклучат во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување или т.н. втор пензиски столб, бидејќи нивното вклучување беше на доброволна основа. За овие осигуреници кои до 1 септември 2001 година имаат навршено најмалку 15 години пензиски стаж, се задржуваат процентите за пресметување на пензијата, односно за минимум пензиски стаж од 15 години за маж пензијата се определува во висина од 35% од пензиската основа, а за жена 40% од пензиската основа.
Со воспоставување на повеќеслојниот пензиски систем, изоставено е лимитирањето на процентот за определување на висината на пензијата од пензиската основа за стаж навршен на 35 односно 40 години со измената на членот 33 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2000), каде што претходно (пред да се брише) се уредувало прашањето на висината на пензијата од пензиската основа зависно од должината на пензискиот стаж. Оваа измена се донесува како за осигурениците кои што ќе останат во едностолбниот пензиски систем така и за осигурениците кои ќе преминат во новиот пензиски систем со капитална компонента ставајќи се во еднаква правна положба. Целта на законодавецот е со овие измени да не постои ограничување на пензијата за осигуреници со навршен пензиски стаж од 35, односно 40 години што како право беше уредено да се користи со отпочнување на примената на новиот пензиски систем, односно вториот столб.
Според ставот 3 од овој член процентот за определување на пензијата од пензиската основа се остварува постепено зависно од должината на пензискиот стаж пред 1 септември 2001 година и стажот навршен по денот на почетокот на примената на законот. На овој начин се создава правен основ за осигурениците од член 11, 12 и 13 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување да се користат процентите од став 1 и 2 од членот 193-б.
Условот од минимум 15 години пензиски стаж за остварување право на старосна пензија и определување на процентот од пензиската основа за висината на старосната пензија се однесува за сите категории на осигуреници. Разликата се однесува во процентите од пензиската основа за определување на висината на пензијата врз основа на фактот дали 15 години на пензиски стаж се навршени пред 1 септември 2001 година.
Имајќи го предвид наведеното Судот оцени дека член 193-б ставови 1 и 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9 и членот 51 од Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер–Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.75/2011
2 ноември 2011 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски