Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 ноември 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 35 став 1 точка 6, член 36 и член 36-а од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006 и 35/2008).
2. Велко Наумовски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите 35 став 1 точка 6, член 36 и член 36-а од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените членови не биле во согласност со начелото на владеење на правото и бил во спротивност со член 3 од истиот закон.
Ова затоа што надлежноста на Врховниот суд согласно член 35 став 1 точка 6 од Законот се однесувал на одлучување за повреда на само еден аспект на право од член 6 став 1 од Европската конвенција за човковите права и слободи – правото на судење во разумен рок на кој начин другите аспекти се ставени во нееднакво третман за нивна заштита на национално ниво.
Оттука, одлучувањето на Врховниот суд за повреда на правото за судење во разумен рок пред надлежен суд е неефикасно.
Понатаму, според подносителот оспорениот член 35 став 1 точка 6 е во колизија со член 36 став 2 од истиот закон, од што произлегувало дека истиот не е применлив во постапка пред Врховниот суд, односно правно не е допуштено еден суд да одлучува за повреда сторена во постапка пред себе или поточно речено неговата надлежност е ограничена да одлучува само во постапка пред пониските судови.
Воедно, според подносителот оспорениот член според кој Врховниот суд одлучува за барање за заштита на правото на судење во разумен рок, не само што не било ефикасно туку било и штетно од причина што Врховниот суд на Република Македонија по барање на странката прво одлучувал за заштита на правото за судење во разумен рок, а потоа по вонреден правен лек ревизија.
Според подносителот на иницијативата член 36-а не бил во согласност со Уставот затоа што во членот 36-а став 1 од Законот не било предвидено Врховниот суд по приемот на барањето за заштита на правото на судење во разумен рок да побара од секој суд кој учествувал во постапката, а бил посочен во барањето,колкаво било времетраењето на постапката пред него што било во спротивност со праксата на Европскиот суд за човкови права.
Во ставот 2 на член 36-а било предвидено дека по исклучок Врховниот суд можел да ги сослуша подносителот на барањето и претставникот на судот чија постапка била предмет на барање, меѓутоа во законот не било наведено во кои случаи и под кои услови Врховниот суд ќе го примени таквиот исклучок.
3. Судот на седницата утврди дека според член 35 став 1 точка 6 од Законот за судовите Врховниот суд на Република Македонија, покрај другото, е надлежен да одлучува по барање на странките и другите учесници во постапката за повреда на правото на судење во разумен рок, во постапка утврдена со закон пред судовите во Република Македонија во согласност со правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за човекови права и основни слободи и тргнувајќи од судската пракса на Европскиот суд за човекови права.
Судот, понатаму утврди дека според оспорениот член 36 од Законот:
(1) Странката која смета дека надлежниот суд го повредил правото на судење во разумен рок, има право да поднесе барање за заштита на правото на судење во разумен рок до Врховниот суд на Република Македонија.
(2) Барањето од ставот 1 на овој член странката може да го поднесе во текот на постапувањата пред домашните судови, а најдоцна шест месеца сметано од денот на правосилноста на одлуката.
(3) Барањето од ставот 1 на овој член содржи:
– податоци за подносителот на барањето и правниот застапник,
– податоци за предметот и постапката за која странката смета дека ја сторила повредата на правото за судење во разумен рок,
– образложение на причините за наводно сторена повреда на правото за судење во разумен рок,
– изјава за побарување на правичен надомест и
– потпис на подносителот на барањето.
(4) Врховниот суд на Република Македонија постапува по барањето кое ги исполнува критериумите утврдени во ставовите 2 и 3 на овој член во рок од шест месеца од неговото поднесување и одлучува дали понискиот суд го повредил правото за судење во разумен рок, притоа имајќи ги предвид правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за човекови права и основни слободи, а особено сложеноста на предметот, однесувањето на странките во постапката и однесувањето на судот кој постапувал.
(5) Ако Врховниот суд утврди повреда на правото на судење во разумен рок со решението ќе определи рок во кој што судот, пред кого постапката е во тек, мора да одлучи за правото, обврската или кривичната одговорност на подносителот на барањето и ќе досуди правичен надоместок за подносителот на барањето заради повреда на неговото право за судење во разумен рок.
(6) Правичниот надоместок паѓа на товар на Судскиот буџет и се исплатува во рок од три месеца од денот на правосилноста на решението на Врховниот суд.
Судот исто така утврди дека во оспорениот член 36-а од Законот е предвидено дека:
(1) По приемот на барањето од членот 36 став (1) на овој закон Врховниот суд на Република Македонија веднаш, а најдоцна во рок од 15 дена ќе побара од првостепениот суд да достави препис на списите од предметното досие, а по потреба и изјаснување од повисокиот суд за времетраење на постапката пред него.
(2) Врховниот суд на Република Македонија по барањето од членот 36 став (1) на овој закон одлучува во совет од тројца судии на нејавна седница, но по исклучок судот може да одлучи да ги сослуша подносителот на барањето и претставникот на судот чија постапка е предмет на поднесеното барање.
(3) Против решението на советот на Врховниот суд на Република Македонија, незадоволната страна има право во рок од осум дена сметано од денот на приемот на решението да поднесе жалба до Врховниот суд, кој одлучува по истата согласно со членот 35 став (1) точка 1 од овој закон.
4. Понатаму, Судот утврди дека Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.104/2008 од 20 ноември 2008 година не повел постапка за оценување на уставноста на член 35 став 1 точка 6, член 36 и 36-а од Законот за судовите.
Со одредбата од членот 35 став 1 точка 6 од Законот, законодавецот утврдил посебна надлежност на Врховниот суд на Република Македонија, а со одредбите од членовите 36 и 36-а од Законот, пропишал како да се оствари оваа надлежност во организацијата на работењето на Врховниот суд на Република Македонија, што во целина се тематска содржина на одредбите од овој дел од Законот.
Во образложението на решението, покрај другото, Судот оценил дека надлежноста на Врховниот суд да одлучува по барања на странките и другите учесници во постапката за повреда на правото на судење во разумен рок е посебна правна категорија на делување и одлучување различна по предметот и основот од другата надлежност на Врховниот суд, која се споменува во иницијативата, за одлучување во трет степен по жалбите против одлуките на апелационите судови, па со оглед на тоа што тие надлежности не се во врска како по карактерот на барањето односно жалбата до Врховниот суд, така и по однос на постапката и предметот за одлучување, неспорно е дека од уставен аспект не може да се проблематизира надлежноста на Врховниот суд на Република Македонија за одлучување по барања за заштита од повреда на правото на судење во разумен рок, на што се однесува наводот во иницијативата.
5. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со закон.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, фактот што Уставниот суд со Решение У.бр.104/2008 не повел постапка за оценување на уставноста на член 35 став 1 точка 6, член 36 и член 36-а од Законот кои се оспорени и со оваа иницијатива, а наводите во неа не содржат основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот за отфрлање на иницијативата.
По однос на наводите од иницијативата според кои оспорените одредби биле во меѓусебна колизија, со кои се бара оценување на содржина на оспорените одредби која не била предвидена како и тоа дека одредбите од Законот упатуваат на околноста за сомневање и непристрасност на Врховниот суд на Република Македонија, Судот оцени дека и по однос на овие наводи иницијативата треба да се отфрли. Ова од причина што согласно надлежноста на Уставниот суд утврдена во членот 110 од Уставот на Република Македонија ,Судот не е надлежен да одлучува по однос на овие прашања.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.135/2011
2 ноември 2011 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски