У.бр.117/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 5 октомври 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2009) во целина и посебно на член 5, во делот во кој се определува додавање на членовите 16-г и 16-ѓ, и на член 13 ставовите 3 и 4 од Законот.

2. Александра Илиева адвокатка од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, целината на оспорениот закон, како и одделно оспорените законски одредби, не биле во согласност со уставната определба за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, затоа што нотарот не можел да ја замени судската власт со оглед дека бил дел од извршната власт и бил избиран и разрешуван од министерот за правда.

Со целиот концепт на Законот се вршел упад на нотарите во судскиот систем и се отворал простор за многу злоупотреби и евентуални фалсификати кои теоретски можеле да добијат потврда за извршност, па Законот наместо да ги растерети судовите, ќе отворел поголема работа токму за судовите.

Со давањето можност на нотарот да одлучува за навременост, допуштеност и целосност на приговорот за извршување, се навлегувало во ингеренциите на судската власт и во нејзината самостојност.

Со иницијативата се предлага поништување на Законот во целина.

3. Судот на седницата утврди дека во член 1 од оспорениот закон се определува одредбите на Законот за извршување да се применуваат и за присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон.

Во членовите 2 и 3 од истиот закон се определува дека основа за извршување е и решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа донесено од нотар.

Според член 4 од оспорениот закон, решението со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа донесено од нотар станува извршна исправа со ставање на потврда за правосилност и извршност од нотарот.

Во член 5 од Законот се уредува постапката за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа (предлог од доверителот до нотарот по свој избор од подрачјето каде живее должникот-физичко лице односно каде е седиштето на должникот-правно лице – член 16-а од основниот текст на Законот), содржината на предлогот (барање да се донесе решение за задолжување на должникот, податоци за доверителот, должникот, видот и обемот на побарувањето, времето кога пристигнала обврската – член 16-б од основниот текст на Законот) и основот за донесување на решението (веродостојна исправа приложена кон предлогот, а тоа може да биде фактура, меница, чек, јавна исправа, … – член 16-в).

Оспорениот член 16-г од основниот текст на Законот, кој е дел од член 5 од оспорениот закон за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2009), се однесува на постапувањето по предлогот за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, при што во ставот 1 од овој член на Законот се определува дека „ако нотарот оцени дека предлогот за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа е допуштен и основан, ќе донесе решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа и ќе го достави до странките“. Според став 2 од истиот член на Законот, „ако нотарот оцени дека предлогот за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа не е допуштен или основан, ќе го препрати предметот до надлежниот суд за натамошно постапување и одлучување како да е поднесена тужба“. Во став 3 од истиот член на Законот се предвидува дека „ако нотарот оцени дека предлогот за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа не е уреден, ќе го врати на доверителот да го уреди според дадените насоки во рок од осум дена од денот на приемот на известувањето. Ако доверителот не го достави предлогот во определениот рок, предлогот ќе се смета за повлечен“. Во ставот 4 од истиот член на Законот се определува дека „ако доверителот го достави предлогот, а предлогот не е уреден согласно со дадените насоки, предлогот ќе биде отфрлен со решение, против кое е дозволена жалба во рок од осум дена до надлежниот основен суд на чие подрачје е седиштето на нотарот кај кој е поднесен предлогот.“

Членот 16-д од основниот текст на Законот, кој исто така е дел од член 5 на оспорениот закон, е посветен на приговорот против решението со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа (должникот го поднесува приговорот до нотарот кој го донел решението, во рок од осум дена од приемот на решението; за ненавремен, недозволен, нејасен, непотпишан, нецелосен приговор, нотарот ќе донесе решение за отфрлање, а ако приговорот нема такви недостатоци нотарот ги доставува списите до основниот суд на чие подрачје е седиштето на нотарот заради постапување по приговорот и донесување на одлука согласно на одредбите од Законот за парнична постапка за постапување по приговор за платен налог).

Оспорениот член 16-ѓ од основниот текст на Законот, кој е дел од член 5 на оспорениот закон, се однесува на потврдата за правосилност и извршност, при што во ставот 1 се определува дека „нотарот ќе стави потврда за правосилност и извршност на решението со кое се дозволува извршување, ако во рокот од осум дена не прими приговор, односно приговорот го отфрлил како ненавремен или недозволен“. Во ставот 2 од истиот член на Законот се определува дека „решението со кое се дозволува извршување со потврда за правосилност и извршност нотарот ќе му го достави на доверителот.“

Членовите 16-е и 16-ж од основниот текст на Законот, кои се составен дел од член 5 на оспорениот закон, се однесуваат на правото на нотарот на награда и надоместок на трошоците и обврската за плаќање на судска такса.

Со членовите 6-12 од оспорениот закон се уредува постапувањето по предлозите за извршување поднесени до основните судови (на пример, ако е донесено правосилно решение за извршување од судот, доверителите се должни во рок од шест месеци од примената на овој закон односно од 1 јули 2010 година до 1 јануари 2011 година да поднесат изјава до основниот суд за тоа на кој извршител да се достави предметот – член 7; ако доверителот не постапи согласно наведеното законско правило, се смета дека го повлекол предлогот за извршување, за што судот донесува решение против кое е дозволена жалба во рок од осум дена – член 9; по приемот на предметот извршителот е должен да го извести должникот дека извршувањето започнато пред судот продолжува кај извршителот – член 11 став 3; …).

Со член 13 од оспорениот закон се уредува предавањето од судовите на нотарите на предлозите за извршување за кои не е донесено правосилно решение за извршување, при што во став 1 од овој член на Законот се определува дека нотарот постапува по тие предмети како повереник на судот, а во став 2 се определува дека нотарот доставува решение за извршување до должникот со правна поука дека во рок од осум дена има право на приговор преку нотарот до судот кој го отстапил предметот.

Според оспорениот став 3 од член 13 на Законот, „кога приговорот е ненавремен, недозволен и нецелосен, нотарот го отфрла со решение против кое е дозволена жалба во рок од осум дена до судот кој го отстапил предметот.“

Според оспорениот став 4 од истиот член на Законот, „ако нотарот не го отфрли приговорот, предметот се доставува во судот и постапката продолжува како по тужба по приговор за издавање на платен налог.“

Во член 14 од оспорениот закон се определува дека извршното решение донесено од судот врз основа на веродостојна исправа, кое станало правосилно и извршно, стекнало својство на извршна исправа за наплата на парично побарување, а во член 15 од Законот се предвидува дека субјектите кои водат јавни книги и регистри имаат обврска да постапуваат според заклучокот на извршителот што го продолжува извршувањето.

Во член 17 од Законот се определува дека овој закон влегува во сила осмиот ден од објавувањето и дека ќе почне да се применува од 1 јули 2010 година.

4. Според член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Според Амандман XXV на Уставот, судската власт ја вршат судовите (точка 1 став 1), судовите се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот (точка 1 став 2); Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (точка 1 став 4).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и дека судската власт ја вршат судовите, самостојно и независно, врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Надлежноста и постапката пред судовите, покрај другите уставно утврдени прашања во врска со судовите, се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници. Адвокатурата е самостојна и независна јавна служба која обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон, но од таквата уставна одредба произлегува и тоа дека со закон може да се довери вршење на јавни овластувања на јавна служба.

Според член 2 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2007, 86/2008 и 139/2009), нотаријатот е самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања врз основа на закон по барање на граѓаните, државните органи, правните лица и други заинтересирани институции.

Од изнесената законска одредба произлегува дека законодавецот со Законот за нотаријат пренел определени јавни овластувања на нотаријатот како нова самостојна и независна јавна служба.

Оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2009) во целина и посебно член 5, во делот во кој се определува додавање на членовите 16-г и 16-ѓ, и член 13 ставовите 3 и 4 од Законот, се однесуваат на определувањето извршителите да постапуваат и според решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа донесено од нотар, при што се уредува содржината на предлогот за извршување, основот за донесување на решението, постапувањето на нотарот по предлогот за извршување, постапувањето на извршителот по правосилно и извршно решение со кое се дозволува извршување донесено од суд. Во однос на постапувањето на нотарот по предлогот за извршување, Законот определува дека нотарот, врз основа на законски определените податоци во предлогот и приложената веродостојна исправа кон него, утврдува дали предлогот за извршување е допуштен и основан и, ако предлогот ги исполнува законските услови, нотарот донесува решение кое го доставува до странките, па ако нема приговор против решението, нотарот става потврда за правосилност и извршност и извршителот го спроведува таквото решение; ако има допуштен, јасен и целосен приговор на решението преку нотарот до судот во рок од осум дена, нотарот го доставува предметот до надлежниот суд на натамошно постапување и донесување на одлука; доколку, пак, нотарот утврди дека предлогот за извршување е недопуштен или неоснован, ќе го препрати предметот до судот за натамошно постапување и одлучување, а ако е предлогот неуреден нотарот ќе даде насоки, по кои ќе ја продолжи постапката односно ако не се постапи по насоките, нотарот ќе донесе решение за отфрлање на предлогот против кое е дозволена жалба до надлежниот суд . Со други зборови, Законот го овластил нотарот да ги утврдува фактите во врска со предлозите за извршување засновани на веродостојни исправи донесени од нотар односно да постапува по неспорни прашања, што е дел од законската определба нотарот да биде повереник на судот заради ефикасно вршење на судската власт, а доколку се појави нешто спорно при таквото овластување на нотарот, постапката продолжува пред надлежниот основен суд. При таква состојба, оспорените законски одредби не определуваат навлегување на нотарите во судската власт и во нејзината самостојност, ниту пак ја повредуваат темелната вредност поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, поради што Судот утврди дека оспорените законски одредби се во согласност со член 8 став 1 алинеја 4, член 53 и со Амандман XXV на Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов, а во однос на член 5 од Законот со мнозинство гласови.

У бр.117/2010
5 октомври 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски