Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 5 октомври 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 25 став 5 од Уредбата за условите и начинот на користење на услуги што ги врши Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 8/1998, 22/2000, 75/2002, 86/2002, 9/2003, 24/2004 и 12/2007) и на Одлуката за определување право на користење службено моторно возило и возач на лично располагање (“Службен весник на Република Македонија” број 88/2007).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од Уредбата и на Одлуката, означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата, Владата на Република Македонија, како носител на извршната власт со Уредба не можела сама себе да се овласти да ја донесе оспорената одлука, туку тоа овластување можела да го има единствено во Уставот и донесените закони. Од овие причини оспорената одредба од Уредбата и Одлуката во целина не можеле да постојат во правниот поредок бидејќи со нив се повредувале членот 8 став 1 алинеите 3 и 4, членот 51, членот 61 став 1, членот 68 став 1 алинеја 2, член 88 и членот 91 алинеите 1 и 5 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 25 став 5 од Уредбата, Владата на Република Македонија може да донесе одлука, право на постојано користење на патничко возило да имаат и други функционери избрани, именувани или назначени од Собранието на Република Македонија, Претседателот на Републиката и Владата на Република Македонија.
Судот исто така утврди дека со членот 1 од оспорената одлука е определен кругот на именуваните функционери од Владата на Република Македонија, кои можат да бидат корисници на службено моторно возило и возач на лично располагање, а со членот 2 од оспорената одлука е определено дека функционерот кој раководи со органот на државната управа со конкретен акт-решение определува дека заменик-министерот и државен секретар на орган на државната управа можат да бидат корисници на службено моторно возило од повисока средна класа и тоа од возилата со кои располага органот на државната управа, како и на возач на лично располагање од редот на вработените во органот на државната управа.
Со ставот 3 од оспорената одлука, е определено дека трошоците за регистрација, за осигурување, за гориво, за сервисирање и за поправки на службеното моторно возило паѓаат на товар на органот на државната управа.
4. Според членот 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со членот 88 став 2 од Уставот, е определено дека своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Според член 91 алинеите 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Во членот 110 алинеите 1 и 2 од Уставот е определено дека Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Со членот 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010 и 51/2011) се предвидува дека со овој Закон се уредуваат организацијата, начинот на работа и надлежноста на Владата на Република Македонија.
Според член 35 од овој закон за извршување на законите Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци.
Согласно член 36 став 2 од истиот закон, со уредба Владата го уредува извршувањето на законите, утврдува начела за внатрешна организација на министерствата и другите органи на државната управа и уредува други односи во согласност со Уставот и со законите, а според ставот 3 од наведениот член со одлука Владата одлучува за одделни прашања и мерки за извршување на законите, основа стручни и други служби за своите потреби и заеднички служби за потребите на Владата и на министерствата и другите органи на државната управа.
Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека Владата на Република Македонија, во системот на организацијата на државната власт, заснована врз принципот на поделбата на власта, е дефинирана како носител на извршната власт и како таква таа е самостојна и независна во утврдувањето на политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието, во донесувањето на прописи за извршување на законите и во вршење на другите работи, што ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Владата на Република Македонија врз основа на членот 46 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 38/90 и 63/94) ја донела Уредбата за условите и начинот на користење на услугите што ги врши Службата за општи и заеднички работи во Владата на Република Македонија.
Според оспорениот член 25 став 5 од Уредбата, Владата на Република Македонија може да донесе одлука, право на постојано користење на патничко возило да имаат и други функционери избрани, именувани или назначени од Собранието на Република Македонија, Претседателот на Републиката и Владата на Република Македонија.
Повикувајќи се на оспорената одредба од Уредбата, Владата ја донела Одлуката за определување право на користење службено моторно возило и возач на лично располагање, која со иницијативата се оспорува во целина.
Со членот 1 од оспорената одлука е определен кругот на именуваните функционери од Владата на Република Македонија, кои можат да бидат корисници на службено моторно возило и возач на лично располагање, а со членот 2 од оспорената одлука е определено дека функционерот кој раководи со органот на државната управа со конкретен акт-решение определува дека заменик-министерот и државен секретар на орган на државната управа можат да бидат корисници на службено моторно возило од повисока средна класа и тоа од возилата со кои располага органот на државната управа, како и на возач на лично располагање од редот на вработените во органот на државната управа.
Со ставот 3 од оспорената одлука, е определено дека трошоците за регистрација, за осигурување, за гориво, за сервисирање и за поправки на службеното моторно возило паѓаат на товар на органот на државната управа.
Имајќи ги предвид цитираните уставни и законски одредби, Судот утврди дека Владата согласно своето уставно и законско овластување, ја донела Уредбата за условите и начинот на користење на услугите што ги врши Службата за општи и заеднички работи во Владата на Република Македонија, како стручна служба основана со Одлука на Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 42/91, 35/94, 43/95 и 20/96), а потоа со Одлука број 23-1415/2 од 20 јули 1998 година (“Службен весник на Република Македонија” број 37/98, 45/98, 28/99, 61/99, 21/2001, 30/2001 и 21/2002).
Службата е основана како заедничка служба за вршење на општите и заедничките услуги за потребите на Собранието, Претседателот, Владата, Уставниот суд, Судскиот совет и органите на управата (член 2 од Одлуката за основање на Службата).
Во услугите кои ги врши Службата, помеѓу другото е определено дека во тие услуги спаѓа и услугата за превоз со моторни возила за службени потреби (член 4 од Одлуката), а со Уредбата во која е содржана и оспорената одредба, определени се условите и начинот на користење на услугите што ги врши Службата (член 1 од Уредбата).
Во Главата V Услови и начин на користење на моторните возила, со членовите 21-37 од Уредбата, Владата уредила под кои услови и на кој начин Службата ги врши услугите за користење на моторните возила.
Со оспорениот член 25 став 5 од Уредбата, е уредено дека Владата може да донесе одлука, право на постојано користење на патничко возило да имаат и други функционери избрани, именувани или назначени од Собранието на Република Македонија, Претседателот на Републиката и Владата на Република Македонија. Согласно наведеното, Владата донела Одлука за определување право на користење службено моторно возило и возач на лично располагање, која се однесува на заменик-министер, на државен секретар, на генерален секретар на Владата на Република Македонија, на секретар на Секретаријатот за законодавство и на други функционери именувани од Владата на Република Македонија. Одлуката има карактер на општ акт, бидејќи се однесува на неопределен број субјекти во правото и уредува односи на субјектите во правото на општ начин.
Според иницијаторот, спорна била одредбата од членот 25 став 5 од Уредбата, бидејќи смета дека во случајот Владата, со Уредбата самата себе се овластила да ја донесе спорната одлука, а такво овластување можела да има само во Уставот и донесените закони, поради што смета дека спорната одредба од Уредбата и Одлуката во целина, не треба да постојат во правниот поредок.
Тргнувајќи од анализата на цитираните уставните и законски одредби, произлегува дека Владата има уставно и законско овластување, покрај другото да донесува уредби и одлуки, конкретно Уредбата во која е содржана оспорената одредба и Одлуката која во целост се оспорува.
Оттука, неосновано во иницијативата се тврди дека спорно било овластувањето за Владата содржано во оспорената одредба од Уредбата, бидејќи според Судот, во конкретниот случај не станува збор за оригинерно овластување на Владата за донесување на одлука (таа тоа го има во Уставот и законите), кое овластување претходно не било уредено ниту во Уставот ниту во законите, туку станува збор за овластување (деривативно) кое произлегува од наведените акти. Со оспорениот член 25 став 5 од Уредбата со кој е уредено дека Владата може да донесе одлука, во случајот само се прецизира видот на одлуката која може Владата да ја донесе, а за што веќе претходно е овластена со Уставот и законите. Имено, во Уставот и Законот за Владата, општо е уредено дека Владата, покрај другото, може да донесува уредби и одлуки и не се наведени сите можни уредби и одлуки за кои Владата е овластена да ги донесува, доколку има потреба за тоа, додека со оспорениот член од Уредбата, точно е прецизирано за каков вид на одлука станува збор, што таа определува и за кои именувани функционери од Владата таа ќе се однесува.
Имајќи го предвид претходно изнесеното, Судот утврди дека во конкретниот случај Владата во рамките на своето уставно и законско овластување ги донела оспорените акти, поради што оцени дека не постојат правни пречки за нивно опстојување во правниот поредок.
5. Тргнувајќи од погоре изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 25 став 5 од Уредбата и оспорената одлука со Уставот и Законот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.190/2010
5 октомври 2011 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски