Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 28 септември 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 34 ставови 3 и 4 од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот во кој се бара оценување на меѓусебната согласност на членот 34 ставови 3 и 4 од Законот за сопственост и други стварни права, означен во точката 1 од ова решение, со членовите 109 и 520 од Законот за облигационите односи (“Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 78/2001, 04/2002, 59/2002, 05/2003, 84/2008, 81/2009 и 161/2009).
3. Илко Петров од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 34 ставови 3 и 4 од Законот сопственост и други стварни права, означен во точката 1 од ова решение.
Иницијативата започнува со цитирање на содржината на членот 34 ставови 3 и 4 од Законот за сопственост и други стварни права. Причините за оспорување на одредбата се состоеле во тоа што, согласно членовите 109 и 520 од Законот за облигационите односи, во продажбата со право на првенствено купување купувачот воопшто не знаел дека предметот е продаден и апсолутниот рок бил пет години, додека во делот мани на волјата содоговарачот учеству-вал во склучувањето на договорот и “колку толку“ бил запознат со него, па апсолутниот рок бил три години.
Потоа, подносителот на иницијативата, преку пример за продажба на заедничка просторија, која има повеќе сосопственици, дава приказ како би изгледала примената на оспорената одредба со намера да докаже дека предвидениот рок од шест месеци за поднесување на тужба бил премногу краток.
Според него со оспорената одредба се повредувал членот 9 до Уставот, бидејќи предвидениот рок од шест месеци бил премногу краток, а со таков апсолутен рок се фаворизирал несовесниот граѓанин, односно оној што лажел во однос на совесниот, чесниот граѓанин и на ваков начин граѓаните не биле еднакви пред Уставот и законите.
4. Судот на седницата утврди дека во членот 34 став 1 од Законот е предвидено следното: „Ако сосопственикот што го продава својот сосопственички дел не им даде понуда на сите сосопственици, во таков случај сосопствениците на кои не им е дадена понудата можат по судски пат да бараат продажбата да се поништи и сосопственикот што го продава својот дел да постапи согласно со одредбите на ставовите 2 и 3 од член 33 на овој закон.“
Тужбата за повреда на правото на првенствено купување може да се поднесе во рок од 30 дена од денот кога секој од сосопствениците дознал за продажбата и за условите за продажбата (став 2).
Без оглед на тоа кога сосопствениците дознале за продажбата и за условите за продажбата, тужбата поради повреда на правото на првенствено купување не може да се поднесе по истекот на рокот од шест месеци од запишувањето во јавните книги, ако стварта е недвижна, а ако стварта е подвижна од денот на склучувањето на договорот (оспорениот став 3).
Доколку сосопственичкиот дел им бил понуден на сосопствениците по повисока цена од онаа по која е извршена продажбата или по потешки услови, или продажбата е прикриена со замена, подарок или на друг начин, тогаш тужбата поради повреда на правото на првенствено купување може да се поднесе во рокот од една година од запишувањето во јавните книги (оспорениот став 4).
5. Според член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Законот за Законот за сопственост и други стварни права во членот 31 ја дефинирал сосопственоста како сопственост на повеќе лица кои имаат право на сопственост на неподелена ствар на која делот на секој од нив е определен сразмерно според целината (идеален, сосопственички дел).
Во членовите 33 и 34 од Законот се уредува прашањето за правото на првенствено купување кај сосопственичките предмети. Притоа, во оспорениот став 3 од членот 34 од Законот се утврдува дека тужбата заради повреда на правото на првенствено купување не може да се поднесе по истекот на рок од шест месеци сметано од запишувањето во јавните книги, ако стварта е недвижна, а ако стварта е подвижна од денот на склучувањето на договорот, без оглед на тоа кога сосопствениците дознале за продажбата и за условите за продажбата. Во оспорениот став 4 од членот 34 од Законот е определено дека тужбата поради повреда на правото на првенствено купување, може да се поднесе во рок од една година од запишувањето во јавните книги доколку сосопственичкиот дел им бил понуден на сосопствениците по повисока цена од онаа по која е извршена продажбата или по потешки услови, или продажбата е прикриена со замена, подарок или на друг начин.
Од натамошната анализа на оспорениот член 34 ставови 3 и 4 од Законот, произлегува дека законодавецот предвидел два различни по траење рокови за понесување на тужба, во случај на повреда на правото на првенствено купување, во зависност од тоа дали сосопственикот кој го продава својот дел од недвижниот или движниот имот при давањето на понудата за продажба на својот дел и целата постапка се однесувал совесно и чесно (шест месеци) или не (една година). Според Судот прашањето дали вака определените рокови имаат оптимално времетраење и дали се доволни за да овозможат заштита на правото на првенствено купување е прашање кое навлегува во сферата на политиката што ја спроведува државата во сосопственичките имотно-правни односи, но не е прашање од уставно-правен карактер.
Лицето, пак, кое дава понуда за продажба на неговиот сосопственички дел, без оглед дали е чесно и совесно, и лицето чие право на првенствено купување е повредено, заради нечесниот и несовесен однос на продавачот, не се лица кои се наоѓаат во еднаква правна положба, туку, напротив, тие, според правата и обврските кои настануваат меѓу нив, се наоѓаат во нееднаква и спротиставена положба (продавач и купувач), од каде помеѓу нив и не може да се воспостави еднаква правна положба. Оттаму, оспорената одредба не може да биде оценувана по однос на нејзината согласност со членот 9 од Уставот. Доколку пак продавачот настапува несовесно и нечесно со ставање на понуда на сосопствениците по повисока цена од онаа по која е извршена продажбата или по потешки услови, или продажбата ја прикрил со замена, подарок или на друг начин во тој случај неговата продажба може да биде оспорувана во рок од една година од запишувањето во јавните книги, за разлика од тоа кога истиот се однесувал совесно и чесно за кој случај е предвидено продажбата да може да биде оспорувана во рок од шест месеци. Останатите нечесни однесувања кои укажуваат на продажба направена со измама и други незаконити делувања можат да бидат предмет на прекршочна или кривично правна одговорност.
Врз основа на наведеното произлегува дека оспорената законска одредба е во согласност со членот 9 од Уставот.
6. Согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, како и за други прашања утврдени во Уставот, но не и за меѓусебната согласност на законите, кое нешто, меѓу другото, се бара со иницијативата.
Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијати-вата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија утврдена во членот 110 од Уставот, како и посочувањето на иницијативата на содржината на членовите 109 и 520 од Законот за облигационите односи со цел да се докаже несогласноста на оспорениот член 34 ставови 3 и 4 од Законот за сопственост и други стварни права со Уставот, Судот оцени дека така изнесените наводи всушност преставуваат барање за оцена на меѓусебната согласност на наведените законски одредби што излегува надвор од рамките на надлежноста на Судот. Оттаму, следуваше, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија во овој дел иницијативата да се отфрли.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.126/2011
28 септември 2011 година
С к о п ј е
м.л.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски