102/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 септември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 135-б алинеја 4 и член 153-ѕ став 2 точка 6 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1991, 46/1993, 55/1995, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 62/2006, 5/2007, 77/2008, 67/2009, 88/2010, 44/2011 и 53/2011).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 153-ѕ став 4 во делот „ако со правосилна судска одлука се утврди дека здравствениот работник со високо образование сторил стручен пропуст или грешка при работа со што предизвикал трајно нарушување на здравјето или смрт на болниот или“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите наведени во точките 1 и 2 од Законот за здравствена заштита.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одредба од член 135-б алинеја 4 од Законот не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 1 и 3, член 9, член 11 став 1, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 25, член 32 став 1 и 2, член 50 став 2, член 51, член 54 став 1 и 3 и Амандман XXI став 2 од Уставот. Ова од причина што оспорените одредби не биле потполни, јасни и прецизни бидејќи не се знаело кој орган или лице и во која постапка со помош на кои доказни средства ќе се утврди дека членот на управниот одбор имал интереси и постанал зависен и пристрасен. Исто така не било предвидено што се подразбирало под поимите независност и непристрасност, ниту пак, било предвидено правно средство против одлуката за предвремено разрешување. Оттука според подносителот оспорената одредба во практиката била неприменлива или пак ќе се применувала со злоупотреба спрема засегнатите субјекти.

Одредбата од член 153-ѕ став 2 точка 6 од Законот, според подносителот ги содржела истите мани и недостатоци, како и член 135-б алинеја 4 од Законот и со неа се повредувале веќе наведените уставни одредби.

Понатаму според подносителот на иницијативата член 153-б став 4 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 4, член 11 став 1, член 13 став 1, член 14 став 1, член 25, член 32 ставовите 1 и 2, член 51 и член 54 ставовите 1 и 3 од Уставот. Ова од причина што во конкретниов случај станува збор за правни последици од осуда, кои не можат да настапат кога за кривично дело на сторителот му е изречена парична казна, условна осуда, судска опомена или кога тој е ослободен од казна или, поточно речено, правните последици од осудата можат да настанат само кога сторителот е казнет со казна затвор.

4. Судот на седницата утврди дека според оспoрениот член 135-б алинеја 4 од Законот, „Член на управен одбор на јавна здравствена установа може да се разреши пред истекот на времето за кое е именуван ако се утврди дополнително дека има лично, преку трето лице или по која било основа, интереси кои можат да имаат какво било влијание на неговата независност и непристрасност“.

Во оспорениот член 153-ѕ став 2 точка 6 од Законот е предвидено дека “времено одземање на лиценцата за работа може да се изврши најмногу за период од седум години, ако здравствениот работник со високо образование по доделувањето на лиценцата за работа се утврди дека доказите за исполнување на условите пропишани со овој закон ги пробивало спротивно на закон.”

5. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во Глава XI „Управување и раководење со здравствените установи и остварување на јавниот интерес“, односно во членови од 133 до 135-б од Законот за здравствена заштита е предвидено дека посебниот општествен интерес во остварувањето на здравствената заштита се остварува со учество на претставници на основачот во одлучувањето за работите од јавен интерес во здравствените установи и со давање на согласност на статусот на здравствените установи.

Во член 135 став 1 од Законот е предвидено дека со јавната здравствена установа управува управен одбор.

Во ставовите 2, 3 и 4 од наведениот член е утврден составот, бројот и кој ги избира членовите на управниот одбор на јавните здравствени установи од примарната здравствена заштита и од специјалистичко консултативната и болничката здравствена заштита.

Во ставот 5 на наведениот член е утврдено дека начинот на изборот на членовите, траењето на мандатот и начинот на одлучувањето се уредува со статутот на јавната здравствена установа.

Во оспорениот член 135-б алинеја 4 од Законот, покрај другото основ поради кој член на управен одбор може да се разреши е „ако се утврди дополнително дека има лично, преку трето лице или по која било основа интереси кои можат да имаат какво било влијание на неговата независност и непристрасност“.

Во член 2 од Законот за спречување на судир на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2007 и 114/2009) е предвидено дека целта на овој закон е да се обебеди спречување на злоупотребата на јавните овластувања и должност на службеното лице за остварување на користољубиви цели за себе или блиски лица и да се обезбеди спречување на можноста приватниот интерес на службеното лице да го загрози јавниот интерес.

Во извршувањето на јавните овластувања, службеното лице е должно да ги почитува начелата на законитост, еднаквост, ефикасност, доверба, независност, јавност, непристрасност, чесност и професионалност и да постапува совесно, стручно без дискреционо или повластување на кој било со целосно почитување на човековите права и слободи и човечкото достоинство без никаков приватен интерес (член 4).

Прикривањето на постоење на приватен интерес од страна на службено лице претставува повреда на должноста и основа за преземање на соодветна одговорност (член 14).

Согласно Законот за установите („Службен весник на Република Македонија“ бр.32/2005, 120/2005 и 51/2011) установата се организира заради вршење на јавна услуга од областа на образованието, науката, културата, здравството и друга дејност кои со закон се утврдени како јавна услуга. Органи на установата се управен одбор односно нему по положба и функција соодветен орган на управување, директор (еден или повеќе), орган за внатрешна контрола и други органи утврдени со закон и статутот на установата.

Ако со друг закон поинаку не е определено, органот на управување на установата го сочинуваат претставници на основачот и најмалку една третина од членовите претставник на стручниот орган доколку во законот е пропишано да се формира таков орган (член 42 став 1).

Бројот, составот, начинот на избор на членови, траењето на мандатот, надлежноста и начинот на одлучување на органот на управување се уредуваат со закон и статутот на установата (член 42 став 3).

Според член 43 став 1 од Законот, член на органот на управување и директор на јавна установа не може да има лично, преку трето лице или по која било основа интереси во установата кои можат да имаат какво било влијание на неговата независност и непристрасност во раководењето, односно управувањето со установата. Секој член на органот на управувањето, односно директорот на јавната установа се должни да го предупредат основачот на постоење на ваков интерес кај членовите на органот на управување односно кај директорот.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, одредбата од Законот за здравствена заштита, Законот за установите и Законот за спречување судир на интереси, Судот оцени дека наводите во иницијативата според кои членот 135-б алинеја 4 од Законот не бил во согласност со Уставот се неосновани.

Ова од причина што оспорениот член од Законот не може да се гледа изолирано сам за себе туку во контекс на одредбите од наведените закони, со цел на членот на органот на управување на кој му се доверени јавни овластувања да не бидат искористени во негов интерес и интерес на трети лица, односно спречување на можноста приватниот интерес на членот на управниот одбор да дојде во судир со јавниот интерес.

Судот исто така оцени дека наводите од иницијативата дека со оспорениот член се повредувало уставното право на жалба исто се неосновани од причина што со оспорениот член не се уредува постапка за избор и разрешување на член на управен одбор и правото на жалба, туку овие прашања се уредуваат со статутот на установата.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека оспорената одредба спротивно на наводите од иницијативата е доволно јасна и прецизна поради што не го постави прашањето за нејзина согласност со одредби од Уставот на кои се повикува иницијаторот.

6. Што се однесува до наводите во иницијативата дека оспорениот член 153-ѕ став 2 точка 6 од Законот, со кој е предвидено времено одземање на лиценцата не бил доволно јасен и прецизен и со него се повредувале одредбите од Уставот цитирани и за член 135-б алинеја 4 од Законот Судот оцени дека се паушални и неосновани.

Ова од причина што во Законот за здравствената заштита односно во членовите 153-а, 153-б, 153-в и 153-г се утврдени условите за стекнување на лиценца на здравствен работник со високо образование од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата, а во члленот 153-ѕ, пак, од Законот се утврдени случаите кога Лекарската, Стоматолошката односно Фармацевтската комора може времено или трајно да ја одземе лиценцата за работа на здравствениот работник со високо образование.

Така во оспорениот член 153-ѕ точка 6 како посебен случај на одземање на лиценца е предвидено кога по доделување на лиценцата за работа се утврди дека доказите за исполнување на условите пропишани со овој закон за добивање на лиценца се прибавени спротивно на законот.

Оттука, според Судот, постапката за доделување – издавање на лиценца треба да биде заснована на докази од кои ќе може да се согледа законитоста на спроведената постапка или поточно речено во отсуство на веродостојни докази – односно докази прибавени спротивно на закон претставува повреда на правилно спроведена постапка и основ за одземање на така издадена лиценца.

Според тоа,со предвидениот основ за времено одземање на лиценцата не се доведуваат во прашање уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата. Напротив во насока на начелото на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните, законодавецот го предвидел, покрај другите, и оспорениот основ за одземање на лиценца поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со одредби од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

7. Судот, исто така утврди дека во оспорениот член 153-ѕ став 4 од Законот е предвидено дека „трајно одземање на лиценцата за работа се врши ако со правосилна судска одлука се утврди дека здравствениот работник со високо образование сторил стручен пропуст или грешка при работата со што предизвикал трајно нарушување на здравјето или смрт на болниот или“.

8. Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за иста работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија оспорената одредба од член 153-ѕ во целина и 153-ѕ став 4 од Законот ја оценувал по предметите У.бр.73/2005 и 42/2006.

Со оглед на фактот што по предметот У.бр.73/2005 Судот го оценувал членот 153-ѕ во целина што значи и оспорениот дел од предметнава иницијатива и не повел постапка, а по предметот У.бр.42/2006 го оценувал член 153-ѕ став 4 од Законот и тоа точно само содржината што сега е предмет на оцена на уставноста при што ја отфрлил иницијативата, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.

9. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.102/2011
14 септември 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски