131/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 1 и 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 14 септември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 122 став 3 од Законот за сопственост и други стварни права „Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010) и членот 6 став 7 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2011 и 54/2011).

2. Зоран Стојановски од Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 122 став 3 од Законот за сопственост и други стварни права и членот 6 став 7 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти, означени во точката 1 од ова решение.

Иницијативата започнува со констатација за несогласност на наведените законски одредби со член 8 алинеја 6, член 9, член 30, член 51 и член 54 став 1 од Уставот, со член 3, член 5, член 6, член 8, член 10, член 31, член 32, член 33, член 34, член 35, член 37, член 95 став 2, член 97 и член 122 од Законот за сопственост и други ствaрни права, како и со член 17 од Законот за домување.

Во натамошниот текст на иницијативата се цитираат одредби од Законот за домување и Законот за сопственост и други стварни права, за која подносителот на иницијативата смета дека се поврзани со оспорениот член 122 од Законот, а во кои е уредено правото на сопственост на заеднички делови од зграда.

Понатаму подносителот на иницијативата ги парафра-зира членовите од Уставот за кои смета дека се повредени со наведената одредба од Законот за сопственост и други стварни права, но и со членот 6 став 7 од Законот за постапување со бесправно изградените објекти, за која одредба не се содржани причини поради кои подносителот смета дека е во спротивност со посочените одредби од Уставот. По однос на првооспорената одредба, според подносителот на иницијативата, се наметнувал заклучок дека за промена на целата ствар би била потребна согласност на сите сопственици, а не само на мнозинството сопстве-ници како што предвидувала оспорената одредба, а отсуството на обврска за плаќање на соодветен надоместок за отстапување на правото за градење придонесувало за натамошни ограничувања и нарушувања на правото на сопственост на сопствениците на станови кои не дале согласност. Подносителот на иницијативата смета дека во претходно донесените решенија Уставниот суд не дал одговор и не расчистил со овие правни прашања.

3. Судот на седницата утврди дека, според членот 122 од Законот за сопственост и други стварни права, доградба и надградба на зграда се врши врз основа на детален урбанистички план и урбанистички проект (став 1).

Во ставот 2 од овој член од Законот е предвидено дека доградба, односно надградба има право да бара сопственик, односно сопственици на постојна зграда. Со доградбата, односно надградбата сопственикот, односно сопствениците стекнуваат право на сопстве-ност и врз доградбата, односно надградбата.

Според ставот 3 од членот 122 од Законот, право на доградба, односно надградба на зграда во етажна сопственост (зграда со два или повеќе станови што им припаѓаат на две или повеќе лица) имаат сопствениците на посебните делови од зградата. За доградбата, односно надградбата одлучува мнозинството сопственици на посебните делови од зградата кои претставуваат повеќе од половината на вредноста на зградата. Ако за доградбата, односно надградбата има повеќе интересенти отколку што е предвидено да се изградат нови делови од зградата и ако за тоа не се постигне согласност меѓу нив, по барање на секој од заинтересираните одлучува судот, водејќи сметка за принципот на правичност.

Според ставот 4 од членот 122 од Законот, ако за доградбата, односно надградбата не се заинтересирани сопстве-ниците на посебните делови од зградата, правото на градење можат да им го отстапат на трети лица со мнозинство гласови на посебните делови од зградата кои вредносно претставуваат повеќе од половина од вредноста на зградата, со тоа што градителот, односно градителите се должни да платат соодветен надоместоик за правото на градење врз туѓо земјиште, како и за штетите што можат да бидат предизвикани како резултат на градењето.

Според членот 6 став 7 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти, доколку е поднесено барање за утврдување на правен статус за станбени згради за колективно домување, потребно е барањето да е поднесено од заедницата на станари или да е потпишано од повеќе од половината иматели на стан во зградата при што покрај доказите од ставот 2 на овој член се доставува и список на станари, договори за купопродажба на становите во зградата, како и уверение за државјанство или копија од лична карта од сите иматели на стан во зградата. За утврдување на правен статус на делови (доградби и надградби) на станбени згради кои се бесправно изградени, подносителот на барањето за утврдување на правен статус е имателот на делот кој е бесправно изграден.

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеи 1 и 2 од Деловникот на Судот, Уставниот суд на Република Македонија ќе ја отфрли иницијативата, ако не е надлежен да одлучува за барањето, или пак, ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Судот, во постапка по предметот У.бр.203/2002 со решение од 12 март 2003 година не повел постапка за оценување на уставноста на целината на членот 122 од Законот за сопственост и други стварни права. Во постапката по предметите У.бр.99/2003, 39/2004, 59/2004, 110/2004, 209/2007 и 73/2011 Судот ги отфрлил иницијативите за оценување на уставноста на членот 122 од Законот, бидејќи одлучувал за уставноста на оспорениот член и оценил дека не постојат основи за поинакво одлучување.

Судот, исто така со решение У.бр.55/2011 од 27 април 2011 година ја отфрлил иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 6 став 7 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти, констатирајќи дека оспорената одредба била изменета од страна на Собранието на Република Македонија, во насоката на која упатувал подносителот на иницијативата.

На подносителот на иницијативата му е познато дека Судот во повеќе предмети ја оценувал уставноста на членот 122 од Законот за сопственост и други стварни права, но и покрај тоа инсистира Судот да ја преоцени својата одлука и по повод неговата иницијатива да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби со изнесување на квалификации дека судската одлука е конфузно формулирана, што во крајна линија се сведува на барање за преиспитување на одлуката на Судот.

Имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија определена во членот 110 од Уставот, како и тоа што одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни (член 112 став 3 од Уставот) произлегува дека Судот нема надлежност да ги преоценува своите одлуки. Постојат деловнички можности за промена на становиштата на Судот, но за тоа е потребно да се појави промена на фактичката или правната состојба, што овде не е случај, бидејќи оспорениот член 122 од Законот за сопственост и други стварни права останал непроменет од моментот кога прв пат бил предмет на оцена пред Уставниот суд, па се до изготвувањето на овој реферат.

Оттаму, произлегува дека Судот за истата работа веќе одлучувал, а во иницијативата не се содржани основи кои можат да доведат до поинакво одлучување, поради што, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот, иницијативата се отфрли.

5. По однос на членот 6 став 7 од Законот за постапување со бесправно иградени објекти во иницијативата не се содржани причини за нејзино оспорување, ниту пак се наведени уставните одредби кои со неа би биле повредени, туку оваа одредба во иницијативата попатно е спомената, од каде Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за одлучување по однос на овој дел од иницијативата.

Тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија, определена во членот 110 од Уставот, произлегува дека Судот нема надлежност да ја оценува меѓусебната усогласеност на оспорениот член 122 став 3 со ставот 4 од истиот член од Законот за сопственост и други стварни права, нити пак може да ја оценува меѓусебната усогласеност на оспорените законски одредби со член 3, член 5, член 6, член 8, член 10, член 31, член 32, член 33, член 34, член 35, член 37, член 95 став 2, член 97 и член 122 од Законот за сопственост и други стравни права, како и со член 17 од Законот за домување.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.131/2011
14 септември 2011 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски