Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 1 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 14 септември 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за определување на надоместок на членовите на посебните тела на Општина Центар – Скопје, број 07-276/12 од 15 февруари 2008 година; и член 5 од Одлуката за формирање на посебни тела на Општината Центар – Скопје, број 07-276/4 од 15 февруари 2008 година, двете донесени од Советот на општина Центар и објавени во „Службен гласник на Општина Центар – Скопје“ бр. 2/2008.
2. Јонче Цветковски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуките наведени во точката 1 на ова решение.
Во иницијативата подносителот најпрвин ги цитира одредбите од двете оспорени одлуки, одредбите од членот 8 став 1 алинеи 3 и 9 и член 51 од Уставот, како и одредби од Законот за локалната самоуправа, Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, кои се однесуваат на правото на надоместоци на членовите на советите на општините, и укажува дека наведените одредби не предвидуваат право на други надоместоци на членовите на посебните тела на општината Центар и за координирање на функционирањето на Координативните тела, поради што се поставувало прашањето за законитоста на оспорените акти.
Во иницијативата се укажува дека со одредбите од Законот за локалната самоуправа биле уредени сите прашања за правото и висината на надоместокот на членовите на советот за присуство на седница на советот и за патните и дневните трошоци за што се упатува на одредбите од Законот за државните службеници. Во конкретниот случај Советот на Општина Центар, определил надоместоци во висина и износи за кои не постои законски основ за определување на други надоместоци, освен оние определени со законот.
Поради наведените причини подносителот смета дека оспорената Одлука за определување на надоместок на членовите на посебните тела на Општина Центар – Скопје, број 07-276/12 од 15 февруари 2008 година и оспорениот член 5 од Одлуката за формирање на посебни тела на Општината Центар – Скопје, број 07-276/4 од 15 февруари 2008 година, не се во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 9 и член 51 од Уставот на Република Македонија и со наведените закони, поради што предлага Судот да поведе постапка за оценување на нивната уставност и законитост и истите да ги поништи.
Во иницијативата подносителот наведува дека со оглед на тоа што до донесувањето на Одлуката на Уставниот суд по повод оваа иницијатива, незаконито, неосновано и бескурпулозно во енормни големи износи се трошеле пари од граѓаните на Република Македонија, предлага Уставниот суд согласно член 71 став 1 алинеја 4 од Деловникот на Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспрените одлуки.
На крајот од иницијативата во пост скриптум, подносителот наведува дека по донесување на предложената Одлука на Уставниот суд, тој има граѓанска должност да иницира спроведување на целосна постапка за извршување на Одлуката, имајќи предвид дека ниту една од досега донесените одлуки од овој вид не биле спроведени.
3. Судот на Седницата утврди дека Советот на општина Центар, на 86та седница одржана на дена 15.02.2008 година, врз основа на член 36 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002) и член 26 од Статутот на Општина Центар – Скопје („Службен гласник на Општина Центар“ бр. 1/2006) ја донел Одлуката за определување на надоместок на членовите на посебните тела на Општина Центар – Скопје.
Во членот 1 од Одлуката е наведено дека со оваа Одлука се определува месечен надоместок за работата на членовите на посебните тела на Општина Центар – Скопје, основани со Одлуката за формирање на посебни тела на Општина Центар – Скопје и тоа: за телата од членот 1 на одлуката износ од 10.000,оо денари, а за Претседателот на Советот од член 2 на Одлуката износ од 13.000,оо денари.
Согласно членот 2 од Одлуката, надоместокот од членот 1 се однесува за работата во рaботното тело во кое е именуван членот на Советот и за координирање на функционирањето на координативните тела од страна на Претседателот на Општина Центар – Скопје.
Во членот 3 од Одлуката е утврдено дека оваа одлука влегува во сила со денот на нејзиното донесување, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Центар – Скопје“.
Одлуката е заведена под бр. 07-276/12 од 15 февруари 2008 година и е потпишана од Претседателот на Советот на Општина Центар Владимир Здравев.
Согласно членот 5 од Одлуката за формирање на посебни тела на Општина Центар – Скопје, бр. 07-276/4 од 15 февруари 2008 година, на членовите на телата и Претседателот на Советот им следува месечен надоместок што се утврдува со посебна одлука. Средствата за работа на Координативните тела основани од Советот на Општина Центар – Скопје се обезбедуваат од Буџетот на Општина Центар Скопје.
4. Во претходната постапка и на седницата Судот утврди дека на 9 јуни 2011 година Советот на Општина Центар доставил до Судот дополнително известување во кое информираат дека по првобитно доставеното мислење до Судот по поднесената иницијатива, на 1 јуни 2011 година Советот на Општината Центар донел две одлуки со кои ги ставил вон сила првооспорената одлука и членот 5 од второспорената одлука.
Имено, Советот на Општина Центар на 1 јуни 2011 година донел Одлука бр. 07-2138/22 од 1 јуни 2011 година во која во членот 1 е утврдено дека се става вон сила Одлуката за определување на надоместок на членовите на посебните тела на општина Центар-Скопје бр. 07-276/12 од 15 февруари 2008 година. Во членот 2 од Одлуката е утврдено дека одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Центар-Скопје“.
Советот на Општина Центар на истата седница донел и Одлука бр. 07-2138/20 од 1 јуни 2011 година за измена на Одлуката за формирање на посебните тела на Општина Центар – Скопје бр. 07-276/4 од 15 февруари 2008 година. Во членот 1 на Одлуката е определено дека Во Одлуката за формирање на посебните тела на Општина Центар-Скопје бр. 07-276/4 од 15.02.2008 година, се брише членот 5.
Во членот 2 од Одлуката е определено дека таа влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Центар-Скопје“.
Двете одлуки се објавени во „Службен гласник на Општина Центар-Скопје“ бр. 6 од 8 јуни 2011 година.
Одлуките стапиле во сила на 16 јуни 2011 година.
Врз основа на наведеното Судот утврди дека сметано од 16 јуни 2011 година, оспорената Одлука за определување на надоместок на членовите на посебните тела на Општина Центар – Скопје, број 07-276/12 од 15 февруари 2008 година, како и оспорениот член 5 од Одлуката за формирање на посебни тела на Општината Центар – Скопје, број 07-276/4 од 15 февруари 2008 година не се веќе дел од правниот поредок.
5. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Од утврдената фактичка состојба произлегува дека сметано од 16 јуни 2011 година, оспорената Одлука за определување на надоместок на членовите на посебните тела на Општина Центар – Скопје, број 07-276/12 од 15 февруари 2008 година, како и оспорениот член 5 од Одлуката за формирање на посебни тела на Општината Центар – Скопје, број 07-276/4 од 15 февруари 2008 година не се веќе дел од правниот поредок и дека поради тоа не постојат процесни претпоставки за одлучување по иницијативата.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.34/2011
14 септември 2011 година
С к о п ј е
тјт
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски