Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 14 септември 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 44 став 1 во делот
2. Митко Бојчевски од Делчево, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на делот од одредбата од Законот, означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата, оспорениот законски дел не давал правна заштита и сигурност на заинтересираните субјекти од правните лица, како што давала претходно уредената одредба од членот 44 став од Законот, која со измените на Законот од 2007 година, не е во правниот поредок и за која подносителот на иницијативата смета дека таа требала да остане во сила, бидејќи уредувала дека против решение за упис во Централниот регистар, право на жалба имал подносителот на барањето за упис, а со измената на членот 44 став од Законот, против решение за упис право на жалба имал единствено подносителот на барањето за упис. Со новоуредената одредба односно со пропишувањето дека единствено подносителот на барањето за упис има право на жалба против решение за упис во Централниот регистар, претходно овластените лица од правните лица кои не се согласувале со ново овластениот застапник на правното лице или по други прашања, нема да можеле да се жалат на решението за упис и со тоа се правел хаос во здруженијата на граѓани кои со наводно одржани вонредни собранија вршеле промени на овластени лица. Од тие причини, подносителот на иницијативата смета дека оспорениот законски дел бил неуставен, односно несогласен со Амандманот XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот, со кој се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во прв степен пред суд, а правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, е препуштено да се уредува со закон.
3. Судот на седницата утврди дека со членот 44 од Законот е уредено правото на жалба против решение за упис во Регистарот и надлежноста за решавање по жалба.
Судот, утврди и дека според ставот 1 од членот 44 од Законот и неговиот оспорен дел против решението за упис право на жалба има единствено подносителот на барањето за упис.
4. Со Амандманот XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд, а правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, се уредува со закон.
Со Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица се уредува/уредуваат едношалтерскиот систем, водењето на трговскиот регистар и на регистарот на други правни лица, регистарот на физички и правни лица на кои им е изречена санкција забрана за вршење професија, дејност или должност и привремена забрана за вршење одделна дејност, регистар на казни за сторените кривични дела на правни лица од страна на Централниот регистар на Република Македонија (во натамошниот текст: Централниот регистар), во писмена и електронска форма како и преземањето на водењето на трговскиот регистар, судскиот регистар, регистарот на водните заедници, регистарот на водостопанства, регистарот на здруженија и фондации и регистарот на комори од надлежните судови од страна на Централниот регистар.
Со членовите 32-57 од Законот е уредена постапката за упис во регистарот.
Според членот 34 од Законот, подносител на пријавата е лице кое со закон е овластено да поднесува пријава за упис.
Со членот 38 од Законот е уредено постапувањето по пријава со недостаток, како и правото на посебна жалба на заклучок со кој се смета дека пријавата не е поднесена ако подносителот не ги отстрани недостатоците во утврдениот рок, а според членот 39 став 1 точка 3 и 4 од Законот, по приемот на пријавата за упис, регистраторот проверува дали потписникот на пријавата е овластено лице за нејзино поднесување и дали пријавата за упис ги содржи сите податоци во согласност со закон.
Според членот 41 став 1 од Законот ако регистарот утврди дека се исполнети условите за упис, донесува решение за упис.
Со членот 43 од Законот е уредено постапување на регистарот во случај на сторени технички и други очигледни грешки во решението за упис, како и правото на посебна жалба која е допуштена и против посебен заклучок со кој решението се исправа или со кој се одбива предлогот за исправање.
Со членот 44 од Законот е уредено правото на жалба и надлежноста за решавање по жалба.
Според ставот 1 од членот 44 од Законот и неговиот оспорен дел против решението за упис право на жалба има единствено подносителот на барањето за упис, а според ставот 4 од истиот член, подносителот на жалбата не може да се повикува на податоци коишто не ги внел во пријавата за упис и на прилози коишто не ги доставил.
Со членот 56 став 2 од Законот, е определено дека против конечно решение може да се поведе управен спор.
Од содржината на членот 15 од Уставот кој е заменет со Амандман XXI на Уставот, на кој се повикува подносителот на иницијативата, произлегува дека уставната гаранција на правото на жалба се однесува само на одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд, а правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, е препуштено да се уредува со закон.
Според наводите од иницијативата, со доуредувањето на членот 44 од Законот со оспорениот законски дел “единствено”, претходно овластеното лице на правното лице, нема да можело да се жали на решението за упис, на кој начин се ускратувала правната заштита на други заинтересирани лица, кои не се согласувале со решението на правното лице со кое се вршела промена на овластено лице на правно лице и од тие причини, според подносителот на иницијативата оспорениот законски дел не бил во согласност со цитираната одредба од Уставот. Меѓутоа, од аспект на овие наводи, според Судот, не може да се доведе под сомнение согласноста на оспорениот дел од одредбата од Законот, со цитираната одредба на Уставот, поради следното:
Неспорно е дека законодавецот со Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, уредил право на жалба против поединечните правни акти кои се донесуваат низ сите фази во постапката за упис во регистарот во прв степен. Конкретно, со одредбите од членовите 38 и 43 од Законот, е допуштено право на посебна жалба против заклучоците кои ги донесува органот во постапката за упис во регистарот, а со одредбите од членот 44 од Законот, е уредено правото на жалба против решението за упис во регистарот. Исто така, со членот 56 став 2 од Законот, законодавецот уредил и право на судска заштита со поведување на управен спор против конечно решение, со тужба пред Управен суд. Оттука, Судот утврди дека со Законот е обезбедена правната заштита против поединечните правни акти донесени во постапката за упис во прв степен пред Централниот регистар, како и судска заштита на конечните акти.
Што се однесува до оспорениот законски дел, кој определува дека “единствено” подносителот на пријавата за упис има право на жалба против решението за упис, според Судот, тоа не доведува до ограничување на правото на правна или друг вид на заштита против поединечните правни акти. Ова од причини што оспорениот законски дел всушност, определува кој е легитимиран да поднесува жалба, односно дека лицето кое има легитимација да поднесува пријава за упис има легитимација да поднесува и жалба против решението за упис, со тоа што жалбените наводи можат да се однесуваат само во врска со податоците внесени во пријавата за упис, но не и за податоци кои не се внесени или други прашања кои немаат врска со уписот. Тоа значи дека само лицето кое е овластено со закон да поднесува пријава за упис на правното лице во регистарот, може да вложува жалба во име и за сметка на правното лице, но, не и други лица од правното лице кои го немаат тоа овластување, но, оспорениот законски дел, не ги спречува и не го ограничува правото на други заинтересирани лица, кои не се согласуваат со внатрешното работење и одлучување во правното лице, правната заштита да ја остваруваат во други постапки пред надлежни судови, со одредби на посебни закони, а не со овој закон кој уредува прашања за упис на правни лица во регистарот и право на жалба против поединечните акти со кои се врши или не се врши упис на правното лице во регистарот.
5. Тргнувајќи од погоре изнесеното, Судот оцени дека во конкретниот случај, не може да се постави прашањето за согласноста на членот 44 став 1 во делот: “единствено” од Законот, со членот 15 од Уставот, заменет со Амандман XXI на Уставот, поради што Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У. Бр. 163/2010
14 септември 2011 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски