У.бр.174/2010

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 14 септември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 35 ставовите 3 и 4 од Законот за мирно решавање на работните спорови (“Службен весник на Република Македонија” број 87/2007).

2. Асоцијацијата “Магна Карта” од Велес и Движење за социјална правда “Ленка” од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, оспорените одредби од Законот биле спротивни на членовите 8 став 1 алинеите 1, 3, 4, 8 и 11 и став 2, точка 1 од Амандманот XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот, член 50, член 51, член 54 став 1 и 3, член 95 став 3 и Амандманот XXV со кој се заменува членот 98 од Уставот ставовите 1, 3 и 4. Имено, според подносителите на иницијативата терминологијата на Законот за работните односи и овој закон била неуденачена по однос на тоа кој бил надлежен за мирното решавање на спорови кои произлегувале од работните односи, што создавало правна несигурност кај граѓаните. Противуставноста на оспорените одредби настанувала бидејќи не се знаела правната природа на Републичкиот совет за мирно решавање на работните спорови, а според подносителите на иницијативата овој орган можело да се третира како управен орган, (квази) судски орган или (хибриден) специфичен орган. Оттука произлегувала целата збрка околу противуставноста на оспорените одредби, бидејќи ако се прифатело дека Советот бил управен орган, донесените решенија ќе се сметале за управни акти и неуставно било против тие решенија да не постои право на жалба. Ако се прифатело дека Советот бил судски орган, тогаш постапката што е уредена со Законот за мирно решавање на работните спорови била нелегитимна бидејќи Законот не бил донесен со двотретинско мнозинство на гласови. Ако се прифатело дека е квази судски орган, покрај веќе постојните судови, тогаш неговото постоење било спротивно на уставната забрана на вонредни судови. Ако пак се прифатело дека Советот е специфичен орган sui generis, тогаш овој хибриден орган земал прерогативи кои не соодветствувале со начелото на поделба на власта на законодавна, извршна и судска. Од сите овие причини подносителите на иницијативата сметаат дека оспорените одредби повеќе не треба да постојат во правниот поредок, како мошне неразбирливи, крајно штетни, правно неконвенционални и претерано непропорционални.

3. Судот на седницата утврди дека членот 35 став 1 од Законот определува дека арбитерот донесува решение за предметот на спорот во рок од 30 дена од денот на отворањето на расправата, а со ставот 2 од истиот член е определена содржината на решението.

Судот, исто така утврди дека со оспорениот член 35 став 2 точка 3 од Законот е определено дека против решението не е дозволена жалба, а според ставот 2 точка 4 од истиот член од Законот решението е правосилно и извршно со денот на доставувањето на страните во спорот, а ако во решението е утврдeно дека дејствието кое е предмет на извршување може да се изврши во оставениот рок, решението постанува извршно со истекот на тој рок.

4. Согласно член 8 став 1 алинеите 1, 3, 4, 8 и 11 од Уставот на Република Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, а според ставот 2 од истиот член од Уставот во Република Македонија слободно е се што со Уставот и законот не е забрането.

Со Амандманот XXI на Уставот со кој се заменува членот 15 од Уставот се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд, а правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, се уредува со закон.

Според членот 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредува со закон и со колективен договор.

Со членот 50 од Уставот, е предвидено дека секој граѓанин може да се повика на заштитата на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност. Се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања. Граѓанинот има право да биде запознаен со човековите права и основни слободи и активно да придонесува, поединечно или заедно со други за нивно унапредување и заштита.

Од наведените уставни одредби произлегува дека посебна гаранција за остварување на личните граѓански и политички слободи и права утврдени со Уставот претставува правото на граѓанинот на жалба против поединечите правни акти донесени во постапка во прв степен пред судовите, правото на еднаква заштита на слободите и правата на граѓанинот пред судовите што подразбира дека граѓаните се рамноправни во изнесувањето на фактите и доказите пред судовите. Исто така неспорно е дека законодавецот препуштил со посебни закони од сферата на работните односи и колективни договори, да биде уреден начинот на остварувањето на правата од работен однос.

Според членот 182 од Законот за работните спорови (“Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010 и 47/2011), во случај на индивидуален и колективен работен спор, работодавачот и работникот можат да се договорат решавањето на спорот да го доверат на посебен орган утврден со закон, а според членот 183 од истиот закон со колективен договор може да се определи арбитража за решавање на колективни работни спорови. Со Законот за работните односи од 2005 се утврди само основ за мирно решавање на трудовите спорови и не ги уреди сите прашања поврзани со мирното решавање на работните спорови, но остави можност за прашањата кои конкретно се однесуваат на индивидуалните и колективните работни спорови, работодавачот и работникот да можат да се договорат, решавањето на спорот да го доверат на посебен орган утврден со закон, конкретно со Законот за мирно решавање на работните спорови.

Алтернативниот начин на решавање на работните спорови е дел од процесот на хармонизација на нашето законодавство со законодавството на Европската унија во врска со медијацијата, преку Директивата на Европскиот парламент и Советот (2004/0251) од која произлегуваат обврски за усогласување на националното законодавство со истата во определен рок, како и целосна доследна примена на Законот за работните спорови во делот за мирното решавање на работните спорови.

Од аспект на концептот на организирање на медијацијата за решавање на трудовите спорови, во земјите преовладува, односно повеќе е застапен моделот на организирање на посебен орган или институција за решавање на овие спорови, како самостојно независно тело, што е прифатен и во нашата земја.

Од овие причини во 2007 година донесен е Законот за мирно решавање на работните спорови. Целта на Законот е да се овозможи и олесни пристапот кон решавање на работните спорови по мирен пат, што овозможува намалување на конфликтот помеѓу работодавачите и вработените, а и на бројот на судските постапки. Исто така, Законот треба да обезбеди побрз, поедноставен и поевтин начин на решавање на работните спорови, преку постигнување на договор кој ќе биде доброволно почитуван од страните.

Членот 1 од Законот за мирно решавање на работните спорови определува дека со овој закон се уредува начинот и постапката на мирно решавање на колективните и одделни индивидуални работни спорови, изборот, правата и обврските на помирувачот и арбитрите и другите прашања од значење за мирното решавање на работните спорови. Постапката за мирно решавање на работните спорови се покренува и води во согласност со овој закон, ако за истиот спор не е одлучено во согласност со прописите за работните спорови.

Според членот 2 од Законот, колективен работен спор е спор по повод склучување, измена, дополнување или промена на колективен договор, остварување на правата на синдикално организирање и штрајк. Страна во колективниот спор се учесниците во склучувањето на колективниот договор во согласност со закон (страна во спорот).

Со членот 3 од Законот е определено дека индивидуален спор е спор по повод откажување на договор за вработување и неисплата на најниската плата. Страни во индивидуалниот спор се работникот и работодавачот (страни во спорот).

Според членот 4 од Законот, помирувач е лице кое дава помош на страните во колективниот спор со цел да склучат спогодба за решавање на спорот, додека арбитер е лице кое одлучува за предметот на индивидуалниот спор.

Со членот 5 од Законот уредено е начелото на доброволност за мирно решавање на работен спор, според кое учесниците во склучувањето на колективниот договор се слободни доброволно да одлучат за учество на помирувачот во колективното договорање и страните во спорот се слободни доброволно да одлучат за пристапување кон мирно решавање на спорот, ако со овој закон поинаку не е определено, а со членот 6 од Законот е уредено начелото на трипартизам, неутралност и непристрасност, според кое во постапката за мирно решавање на работниот спор учествуваат страните во спорот и помирувачот, односно арбитерот, во согласност со овој закон, помирувачот, односно арбитерот е должен да постапува неутрално и непристрасно во однос на страните или предметот на спорот.

Со членот 7 од Законот се основа Републичкиот совет за мирно решавање на работните спорови како стручен орган (во натамошниот текст: Советот). Значи, станува збор за посебен орган – Совет, како независно тело, основано со закон.

Со членот 8 од Законот е уреден делокругот на работа на Советот, а членот 9 од Законот определува дека со работата на Советот раководи директор, кој го именува Владата на Република Македонија.

Според членот 10 од Законот постапката за мирно решавање на работен спор се покренува со поднесување предлог до Советот, а предлогот странките во спорот, можат да го поднесат заеднички или поединечно, а според членот 11 од Законот ако предлогот го поднела една од страните во спорот, Советот ги доставува предлогот и документацијата на другата страна во спорот и ја повикува во рок од три дена да се изјасни дали прифаќа мирно решавање на спорот. Доколку во определениот рок странката која го поднела предлогот, не добила одговор за прифаќање, се смета дека предлогот за поведување на постапката не е прифатен.

Со одредбите од членовите 12-15 од Законот, се уредени начинот на определувањето на помирувачите, односно арбитрите и трошоците на постапката.

Одредбите од членовите 16-28 од Законот се однесуваат на учеството на помирувачите во колективното договорање, споровите во дејсностите од општ интерес, надлежниот орган за помирување и постапката за помирување, која според членот 27 од Законот се завршува пред Одборот за помирување, ако страните во спорот склучат Спогодба за решавање на спорот во рок од 30 дена од денот на отворањето на расправата.

Со одредбите од членовите 29-36 од Законот, се уредени предметот на индивидуалниот спор и постапката за мирно решавање на индивидуален спор.

Според членот 29 став 1 од Законот индивидуален спор може да се решава пред арбитер, во согласност со овој закон, ако предмет на спорот е откажување на договор за вработување и неисплата на најниска плата, а според ставот 2 од истиот член ако помеѓу страните во индивидуален спор тече судска постапка од иста фактичка и правна основа, страните во спорот се должни на судот заеднички да му поднесат барање за прекин на постапката.

Според членот 30 став 5 од Законот, секоја страна во спорот може да го повлече предлогот за покренување на постапка пред арбитерот, најдоцна до денот на отворањето на расправата.

Со членот 31 од Законот, уредено е начелото на јавност на расправата и во кои случаи јавноста може да се исклучи.

Со одредбите од членот 32 од Законот, се уредува начинот на водењето на расправата од страна на арбитерот, дејствијата кои тој ги презема во постапката, како и правото на страните во спорот пред арбитерот да се изјаснат за предметот на спорот и да одговараат на наводите на другата страна во спорот.

Според членот 34 од Законот страните во спорот имаат право да даваат завршен збор на расправата и доколку арбитерот смета дека предметот на спорот е расправен така да може да одлучи, ја заклучува расправата.

Со одредбите од членот 35 ставовите 1 и 2 од Законот е определен рокот во кој арбитерот е должен да го донесе решението и податоците кои решението треба да ги содржи.

Според оспорениот член 35 став 3 од Законот, против решението не е дозволена жалба, а според оспорениот став 4 од истиот член решението е правосилно и извршно со денот на доставувањето на страните во спорот, а ако во решението е утврдено дека дејствието кое е предмет на извршување може да се изврши во оставениот рок, решението постанува извршно со истекот на тој рок.

Со членот 36 од Законот, определена е обврска на страните во спорот да го известат судот за донесување на решението со кое мирно е решен спорот, ако претходно постапката пред судот е прекината поради поведување на оваа постапка.

Со членот 200 точка 6 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија” број 79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010) е определено дека постапката се прекинува кога двете странки тоа ќе го побараат заради решавање на спорот со медијација или на друг начин, а според членот 200 став 3 од истиот закон, ако судот ја прекинал постапката согласно со членот 200 точка 6 од овој закон, постапката ќе продолжи по барање на една од странките, а ако такво барање нема, постапката ќе продолжи по истекот на 45 дена од денот на прекинот.

Од содржината на цитираните законски одредби, произлегува дека индивидуалниот спор не се однесува за сите спорови од работен однос, туку само за откажување на договор за вработување и неисплата на најниска плата, со тоа што индивидуалниот спор се води исклучително со согласност, односно на добороволна основа помеѓу работодавачот и работникот, со цел спорот да се реши на мирен начин, во рок од 30 дена, со цел да се избегнат подолгите судски постапки.

Тргнувајќи од содржината на уставните и законските одредби кои се оспоруваат, а од аспект на наводите изнесени во иницијативата, Судот утврди дека во конкретниот случај, оспорените законски одредби не можат да се доведат во корелација со членот 15 од Уставот, заменет со Амандманот XXI на Уставот со кој се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд, како и тоа дека правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, се уредува со закон.

Во конкретниот случај не станува збор за решение донесено во постапка пред судски или друг државен управен орган, организација или орган што врши јавни овластувања, па да може оспорените одредби од Законот да се преиспитуваат од аспект на нивната согласност со одредбите од Уставот со кои се гарантира правото на жалба, туку станува збор за решение донесено пред Републички совет во постапка за мирно решавање на работните спорови, кој е орган sui generis основан со цел да придонесе работните спорови, страните во спорот да можат да се обидат да ги решат на мирен начин и поекономичен начин. Законот всушност уредува алтернативен начин на решавање на овие спорови која започнува и се води на доброволна основа, односно од слободната волја на страните во работен спор, зависи дали ќе ја прифатат понудената можност со Законот, на побрз и поекономичен начин да го решат работниот спор. Тоа значи дека таа не е задолжителна и обврзувачка за страните, кои можат но не мораат учествуваат во оваа постапка, туку директно во судска, каде во целост им се обезбедени сите правни средства против одлуки донесени во текот и по завршувањето на постапката.

Од погоре изнесените причини, според Судот, вака уредените законски решенија кои се оспоруваат со иницијативата и кои се однесуваат на спорови од работен однос, не влијаат и не го елиминираат правото на судска заштита пред надлежните органи, кое право е уредено со посебни закони од сферата на работните односи, но напротив можат да придонесат на мирен начин, побрзо и поекономично да дојде до решавање на еден работен спор, што крајно овозможува и намалување на конфликтите помеѓу работодавачите и вработените.

Поради изнесеното, имајќи ја предвид содржината на оспорените одредби од Законот, како и содржината на Амандманот XXI на кој се повикуваат подносителите во иницијативата и погоре наведеното објаснување за уставната гаранција на правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд, а и уставната определба од овој Амандман правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластување, да се уредува со закон, Судот оцени дека не постојат уставни пречки за опстојување на оспорените одредби од Законот во правниот поредок.

5. Тргнувајќи од погоре изнесеното, Судот оцени дека во конкретниот случај, не може да се постави прашањето за согласноста на одредбите од членот 35 ставовите 3 и 4 од Законот за мирно решавање на работните спорови со одредбите од Уставот, поради што Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 174/2010
14 септември 2011 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски