68/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 13 јули 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 38 ставовите 5-10, член 194 став 6 и член 370 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2007, 86/2008, 98/2008, 64/2009, 161/2009, 36/2011 и 51/2011).

2. Даниел Георгиевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точка 1 од ова решение.

Во врска со оспорениот член 38 ставовите 5-10 и оспорениот член 194 став 6 од Законот, подносителот на иницијативата најнапред укажува дека членот 38 став 4 и членот 194 став 3 од Законот определувале обврска за возачите односно за учесниците во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните знаци и непочитувањето на сообраќајните знаци го утврдувале за прекршок. Но, оспорените законски одредби (членот 38 ставовите 5-10 и членот 194 став 6) овозможувале за ист прекршок според смислата и содржината-непочитувањето на сообраќајните знаци, да постојат две различни санкции, со што се давала слобода на органот надлежен за покренување на прекршочната постапка субјективно да ги квалификува прекршоците во смисла дали ќе ги подведе под член 38 став 4 од Законот и со тоа на прекршителот да му се изрекла построга санкција според ставовите 5-10 од тој член на Законот или прекршокот ќе го подведе под член 194 став 3 од Законот и со тоа на прекршителот ќе му овозможел да му се изрече поблага санкција според ставот 6 од тој член на Законот. Наместо тоа, законите требало прецизно да ги утврдат прекршоците и во зависност од степенот и тежината на прекршокот да ги утврдат висините на глобите. При таква состојба, оспорените законски одредби го нарушувале принципот на еднаквост на граѓаните пред законите и создавале правна несигурност и конфузија, со што ја нарушувале и темелната вредност владеење на правото.

Во однос на член 370 од Законот, подносителот на иницијативата смета дека униформираниот службеник на полицијата не бил прекршочен орган и поради тоа не можел да прогласува некое лице за виновно, ниту да му издава платен налог, па ни да го присилува лицето да го потпише платниот налог, поради што оспорените законски одредби не биле во согласност со член 13 и со Амандман XX на Уставот. Покрај тоа, таквото постапување на униформираниот службеник на полицијата го ускратувало правото на жалба, поради што членот 370 од Законот не бил во согласност и со член 15 од Уставот. Исто така, оспорената законска одредба ја доведувала во прашање и темелната вредност владеење на правото, како и еднаквоста на граѓаните пред законот, со оглед дека висината на глобата зависела од временскиот рок на плаќање а не од тежината на прекршокот и со оглед дека граѓаните што имале пари можеле веднаш да ја платат глобата во износ од ½ од предвидената глоба а оние што немале пари веднаш да ја платат глобата морале да платат полн износ на глобата.

3.а) Судот на седницата утврди дека во член 38 од Законот се определува дека на јавен пат во населено место возачот не смее со возилото да се движи со брзина поголема од 60 километри/час, односно со брзина поголема од брзината дозволена со поставениот сообраќаен знак за целото населено место или за негов дел (став 1); По исклучок од ставот 1 од овој член, на јавен пат во населено место чии сообраќајно-технички елементи тоа го овозможуваат, може со сообраќаен знак да се дозволи движење со возило и со брзина поголема од 60 километри/час (став 2); На јавен пат надвор од населено место возачот не смее со возилото да се движи со брзина поголема од: 130 километри/час на автопат; 110 километри/час на пат резервиран за сообраќај на моторни возила и 80 километри/час на други патишта (став 3); На патот надвор од населено место возачот не смее со возилото да се движи со брзина поголема од брзината определена со сообраќајниот знак поставен на патот (став 4).

Според оспорениот став 5 од член 38 на Законот, „Глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема од 30 километри/час над дозволената брзина и кој постапува спротивно на одредбите од ставовите 1 и 2 на овој член. Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од три до 12 месеца, под услови и на начин утврдени со закон.“

Во оспорениот став 6 од истиот член на Законот се определува дека „Глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се изрече, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бода согласно со одредбите на овој закон, на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема од 10 до 30 километри/час над дозволената брзина и кој постапува спротивно на одредбите од ставовите 1 и 2 на овој член.“

Со оспорениот став 7 од истиот член на Законот се предвидува дека „Глоба во износ од 20 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се изрече, односно ќе му се регистрираат 10 негативни бода согласно со одредбите на овој закон, на возачот кој постапува спротивно на одредбите од ставовите 1 и 2 на овој член и на возач кој во населено место се движи со брзина поголема до 10 километри/час над дозволената брзина.“

Според оспорениот став 8 од истиот член на Законот, „Глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возач кој надвор од населено место се движи со брзина поголема од 50 километри/час над дозволената брзина и кој постапува спротивно на одредбите од ставовите 3 и 4 на овој член. Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од три до 12 месеца, под услови и на начин утврдени со закон.“
Во оспорениот став 9 од истиот член на Законот се определува дека „Глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се изрече, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бода согласно со одредбите на овој закон, на возачот кој надвор од населено место се движи со брзина поголема од 30 до 50 километри/час над дозволената брзина и кој постапува спротивно на одредбите од ставовите 3 и 4 на овој член.“

Со оспорениот став 10 од истиот член на Законот се предвидува дека „Глоба во износ од 20 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се изрече, односно ќе му се регистрираат 10 негативни бода согласно со одредбите на овој закон, на возачот кој постапува спротивно на одредбите од ставовите 3 и 4 на овој член, односно на возачот кој надвор од населено место се движи со брзина поголема до 30 километри/час над дозволената брзина.“

Во член 194 од Законот се определува дека јавните патишта се обележуваат со пропишани сообраќајни знаци со кои на учесниците во сообраќајот им се соопштуваат ограничувања, забрани и обврски (став 1); Со сообраќајни знаци се обележуваат и опасностите од привремен карактер (став 2); Учесниците во сообраќајот се должни да се придржуваат кон ограничувањата, забраните и обврските изразени со поставените сообраќајни знаци (став 3); На правното лице надлежно за одржување на патот кое постапува спротивно на одредбите од ставовите 1 и 2 на овој член ќе му се изрече глоба во износ од 520 до 1.350 евра во денарска противвредност (став 4); За прекршокот од ставот 4 на овој член глоба во износ од 330 евра во динарска противвредност ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице (став 5).

Според оспорениот став 6 од истиот член на Законот, „Глоба во износ од 25 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се изрече, односно ќе му се регистрираат 15 негативни бода согласно со одредбите на овој закон, на учесник во сообраќајот кој постапува спротивно на одредбата од ставот 3 на овој член.“

б) Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (став 1). Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија. Уставот, исто така, определува дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, како и дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Од содржината на членот 38 од Законот произлегува дека со него се определува ограничување на брзината на движењето на возилата на јавен пат и тоа (1) во населено место (до 60 километар/час или со поголема брзина определена со сообраќаен знак-ставовите 1 и 2) и (2) надвор од населено место (до 130 километри/час на автопат, до 110 километри/час на пат за моторни возила и до 80 километри/час на други патишта или со брзина не поголема од определената со сообраќаен знак-ставовите 3 и 4), при што во оспорените ставови 5, 6 и 7 се утврдува глобата и санкцијата за движење во населено место со брзина поголема од 60 километри/час односно над брзината определена со сообраќаен знак (за брзина над 30 километри/час од дозволената, глоба од 300 евра и прекршочна санкција-забрана за управување со моторно возило од 3 до 12 месеци-став 5; за брзина од 10-30 километри/час над дозволената, глоба од 45 евра и 25 негативни поени-став 6; за брзина до 10 километри/час над дозволената глоба од 20 евра и 10 негативни поени-став 7), а во оспорените ставови 8, 9 и 10 се утврдува глобата и санкцијата за движење надвор од населено место со брзина поголема од 130, 110 односно 80 километри/час односно над брзината определена со сообраќаен знак (за брзина над 50 километри/час над дозволената, глоба од 300 евра и прекршочна санкција-забрана за управување со моторно возило од 3 до 12 месеци-став 8; за брзина од 30-50 километри/час над дозволената, глоба од 45 евра и 25 негативни поени; за брзина до 30 километри/час над дозволената, глоба од 20 евра и 10 негативни поени-став 10).
Од содржината на членот 194 од Законот произлегува дека со него се уредуваат прашања во врска со други сообраќајни знаци (не за брзината) со кои се соопштуваат ограничувања, забрани и обврски (опасности од привремен карактер-став 2), при што во став 3 од овој член на Законот се определува дека учесниците во сообраќајот се должни да се придржуваат до поставените сообраќајни знаци, а според оспорениот став 6 непридржувањето до овие сообраќајни знаци предизвикува глоба од 25 евра и 15 негативни поени.

Со други зборови, Судот смета дека оспорените законски одредби уредуваат различна материја во врска со сообраќајните знаци, при што со нив се определуваат различни глоби и санкции за различни прекршувања на ограничувањата утврдени со Законот.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека оспорениот член 38 ставовите 5-10 и оспорениот член 194 став 6 од Законот се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и со член 9 од Уставот со оглед дека обезбедуваат владеење на правото и еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.

4.а) Судот на седницата, исто така, утврди дека во оспорениот член 370 став 1 од Законот се определува дека: „Ако сторителот на прекршоците од членовите 3 став 3; 6 став 4; 7 став 4; 8 ставови 3 и 4; 11 став 5; 12 став 7; 13 став 7; 17 ставови 5, 6 и 7; 18 став 2; 19 став 5; 20 став 7; 21 ставови 6 и 8; 25 став 4; 31 став 5; 33 ставови 5 и 6; 38 ставови 5 и 8; 40 став 5; 42 став 7; 44 став 5; 50 став 5; 51 став 3; 52 став 4; 55 став 3; 57 став 2; 58 став 3; 59 став 2; 66 ставови 3 и 4; 75 став 3; 77 став 3; 81 став 3; 127 став 4; 130 став 2; 131 став 2; 132 став 2; 133 став 4; 136 став 3; 137 став 6; 141 став 2; 143 став 7; 144 ставови 7, 9 и 10; 145 став 2; 146 став 3; 147 ставови 5 и 7; 148 ставови 7 и 8; 149 ставови 3 и 4; 155 став 3; 156 став 6; 157 став 5; 169 став 5; 172 став 5; 173 став 2; 180 став 9; 181 став 4; 184 став 5; 186 став 6; 187 став 5; 197 став 5; 198 став 4; 201 став 3; 206 став 3; 217 став 7; 218 став 4; 221 ставови 4 и 5; 222 став 3; 223 став 4; 224 ставови 4 и 5; 225 став 5; 227 став 6; 230 став 7; 231 став 6; 232 став 4; 233 став 5; 234 ставови 6, 7, 8 и 9; 235 став 7; 236 став 3; 237 став 4; 238 став 2; 239 став 2; 240 став 5; 244 став 8; 251 став 7; 253 став 4; 256 ставови 4 и 5; 257 став 9; 291 став 3; 298 став 5; 302 став 10; 303 став 8; 306 став 2; 311 став 4; 313 ставови 8 и 9; 314 ставови 15 и 16; 315 став 7; 316 став 6; 317 став 5; 319 став 8; 380 став 5; 383 став 4; 384 став 5; 386 ставови 3 и 4; 389 ставови 3 и 4; 390 ставови 5 и 6; 392 став 4; 394 став 2 и 395 став 3 на овој закон, го признае сторениот прекршок согласно со одредбите на овој закон или ако униформираниот полициски службеник го утврди лично или со употреба на соодветни технички средства и направи пропишани согласно со закон, ќе му издаде на сторителот платен налог заради наплата на глобата предвидена за прекршокот.“

Според оспорениот став 2 од истиот член на Законот, платниот налог од ставот 1 на овој член содржи: лично име, единствен матичен број и адреса на живеење на сторителот на прекршокот, а ако се работи за странец и број на патната исправа и назив на државата чиј државјанин е; податоци за вработување на сторителот, односно назив, седиште и даночен број на правното лице; место и време на сторување на прекршокот; правна квалификација на прекршокот, износ на предвидената глоба; број на сметката за плаќање на глобата и правна поука.

Со оспорениот став 3 од истиот член на Законот се определува дека со потписот на платниот налог од ставот 1 на овој член сторителот на прекршоците од ставот 1 на овој член се смета дека се согласува да ја плати предвидената глоба.

Во оспорениот став 4 од истиот член на Законот се предвидува дека сторителот на прекршоците од ставот 1 на овој член е должен да ја плати глобата во рок од осум дена од денот на приемот на платниот налог, на соодветна уплатна сметка во рамките на Трезорската сметка означена во платниот налог. Сторителот кој ќе ја плати глобата во тој рок, ќе плати само половина од изречената глоба за сторениот прекршок.

Според оспорениот став 5 од истиот член на Законот, ако сторителот на прекршоците од ставот 1 на овој член не ја плати глобата во рокот определен во ставот 4 на овој закон, униформираниот полициски службеник ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка до надлежниот суд.

б) Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Според точка 1 од Амандман XX на Уставот на Република Македонија, за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања (став 1). Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон (став 2).

Според точка 1 став 2 од Амандман XXI на Уставот на Република Македонија, правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека органите на државната управа имаат овластување да изрекуваат санкции за прекршоци определени со закон, дека против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа граѓанинот има право на жалба според постапката уредена со закон, дека се гарантира судска заштита против конечна одлука за прекршок и лицето обвинето за казниво дело се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Со член 370 од Законот се уредува ситуација кога (1) сторителот на прекршокот ќе го признае прекршокот или кога (2) униформираниот полициски службеник ќе утврди лично или со помош на технички помагала постоење на прекршок (став 1), па во тие ситуации се издава платен налог со определена содржина (став 2), се потпишува од сторителот на прекршокот (став 3), се определува обврска за сторителот на прекршокот во рок од осум дена да ја плати глобата во висина од ½ од глобата пропишана за тој прекршок (став 4), а неплаќањето на глобата во наведениот рок предизвикува униформираниот полициски службеник да поднесе барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд (став 5). Со други зборови, Судот смета дека оваа законска одредба ги уредува неспорните ситуации односно ја уредува материјата пред да се поднесе барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд.

Имајќи го предвид таквото значење на оспорената законска одредба, при што не се доведуваат во прашање уставно загарантираните права на граѓанинот (граѓанинот може да оспори некој факт пред униформираниот полициски службеник; да не потпише платен налог и со тоа да не се согласи со оцената на униформираниот полициски службеник дека сторил прекршок; во постапката пред надлежен суд, по барањето за поведување на прекршочна постапка поднесено од униформираниот полициски службеник, може да ги изнесува своите аргументи, при што има право на жалба до второстепениот суд), Судот утврди дека членот 370 од Законот е во согласност со наведените уставни одредби.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6.Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У бр.68/2010
13 јули 2011 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски