46/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 6 јули 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 15-а од Законот за земјоделско земјиште (“Службен весник на Република Македонија”, број 135/2005 и 18/2011).

2. Бојан Ваневски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспоренaта одредба од Законот била спротивна на членот 30 од Уставот, бидејќи со неа се ограничувало правото на сопственост и слободното располагање со истото по однос на физичката делба на земјоделското земјиште, односно физичките лица сопственици на земјоделско земјиште со површина од по 2 хектари, со оспорената одредба биле ставени во нерамноправна состојба по однос на сопствениците на земјоделско земјиште над 2 хектари.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 15-а од Законот е определено дека земјоделското земјиште во приватна и државна сопственост може да биде предмет на физичка делба меѓу сосопствениците или заедничките сопственици само доколку катастарската парцела е со површина поголема од 2 хектари.

Исто така, Судот утврди дека оспорената одредба од Законот за земјоделско земјиште, била предмет на оценување од страна на Уставниот суд на Република Македонија и со Решение У. бр. 44/2011 од 8 јуни 2011 година, одлучил да не поведе постапка за оценување на нејзината уставност.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

По повод претходно поднесена иницијатива за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот, овој суд со Решение У. бр. 44/2011 од 8 јуни 2011 година, не поведе постапка за оценување на нејзината согласност со одредбите од Уставот. Судот, не поведе постапка бидејќи утврди дека со оспорената одредба од членот 15-а од Законот за земјоделско земјиште, не се ограничува правото на владение, користење и располагање на сосопствениците на земјоделското земјиште во целина, туку се овозможува земјоделското земјиште како добро од општ интерес да се користи на начин кој ќе биде рационален, економичен и во функција на ефикасно искористување за намената, а таа е земјоделска обработка или употреба за земјоделски цели, како и да се спречи евентуалното оневозможување за функционирање за намената која е земјоделска, а со тоа и правно заштитена. Оттука, сосопствениците мораат да го прилагодат своето право на сопственост спрема доброто од општ интерес во рамки на законската определба од членот 15-а од Законот. Намената на земјоделското земјиште можно е да биде фактички променета во неземјоделско, доколку физичката делба на една катастарска парцела со површина до 2 хектара (тоа значи и помала), доведе до делење помеѓу сосопствениците и нејзино уситнување што реално би ја попречило земјоделската употреба и намена, а со тоа суштински би се повредил општиот интерес на овој ограничен природен ресурс во Републиката, па оттука оспореното законско решение е во функција на заштита на општиот интерес без суштински да го попречи правото на сопственост на сосопствениците.

Со оглед дека Судот веќе ја оценувал уставноста на оспорениот член 15-а од Законот за земјоделско земјиште, а во конкретниот случај, нема основи за поинакво одлучување, Судот, утврди дека согласно наведената деловничка одредба се настапени условите за отфрлање на иницијативата.

5. Поради гореизнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У. Бр. 46/2011
6 јули 2011 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски