64/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 јули 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 200-к став 5 точка 5 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/1991, 46/1993, 55/1995, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006, 5/2007, 77/2008, 67/2009, 88/2010, 44/2011 и 53/2011).

2. Стоматолошката комора на Македонија, преку полномошник адвокат Валентин Пепељугоски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба која била внесена во Законот со измените од јули 2010 година и според која децата до 14 годишна возраст ќе преминат во јавното здравство, односно кај еден од стоматолошките тимови, а не како дотогаш кај матичните лекари кои работат како концесионери, не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, затоа што кога едно право кое веќе било стекнато согласно важечките прописи, не можело остварувањето на тоа право да се доведе во прашање поради законски измени што настанале во меѓувреме, а кои не биле поповолни за граѓаните. Поради законските измени во делот на заштитата на децата од 0-14 години се потфрлило во делот на превенцијата, па индексот на кариесот се зголемил кај оваа група со што се докажало дека трансформацијата, односно приватизацијата на детските стоматолози била нереално спроведена и лошо конципирана без консултации на граѓаните, односно реформите што биле спроведени не биле базирани врз потребите на популацијата, односно на потребите на консументите и давателите на стоматолошките услови.

Со оспорената одредба се создавале нормативни претпоставки дека е загрозена одредбата од член 9 став 2 од Уставот, според која граѓаните се еднакви пред Уставот и законите, затоа што се условувало правото на здравствена заштита и еднаквост на оваа група граѓани кое било уставно и законски гарантирано, како и правото на слободно одлучување, по сопствен избор каде ќе го остварат своето право на превентивна и куративна здравствена заштита.

Со оспорената одредба, лицата до 14 годишна возраст се попречувале во остварувањето на едно од основните права сами да изберат лекар, односно преку своите родители да го сторат тој избор на лекар на кого најмногу му веруваат и од кого очекуваат коректна и пред се компетентна здравствена заштита, со што се повредувале член 34, член 35 став 1 и член 39 од Уставот.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и да ја укине или поништи како несогласна со член 8 став 1 алинеите 1 и 8, член 34, член 35 став 1 и член 39 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 200-к став 5 точка 5 од Законот за здравствената заштита, под закуп не можат да се издаваат организациони единици во јавните здравствени установи што вршат стоматолошка заштита на деца до 14 годишна возраст организирана со еден стоматолошки тим (специјалист по детска и превентивна стоматологија, односно доктор на стоматологија ако во јавната здравствена установа нема специјалист и здравствен работник со средно, вишо или високо стручно образование во траење од три години од областа на медицината, односно стоматологијата), за секои 3.000 деца на подрачјето на јавната здравствена установа.

4. Согласно член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 34 став од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Согласно член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според член 39 став 1 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, а според став 2 на истиот член, граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Согласно член 42 став 1 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, како и од карактерот на Република Македонија како социјална држава што има за цел воспоставување на социјална заштита и правда, Републиката обезбедува здравствена заштита што има основа во темелниите вредности на уставниот поредок на Република Македонија – хуманизмот, социјалната правда и солидарност.

Притоа, Уставот утврдува право на социјално осигурување и го гарантира правото на здравствена заштита, а условите, начинот и обемот на правата се уредуваат со закон.

Со Законот за здравствената заштита се уредуваат правата од здравствената заштита на граѓаните, односите и правата од здравственото осигурување, постапката на користењето на здравствената заштита и системот и организацијата на здравствената заштита (член 1).

По однос на прашањето покренато со иницијативата за уставноста на одредбата од член 200-к став 5 точка 5 од Законот, пред Судот се наметна потреба од анализа на наведената законска одредба во однос на нејзината содржина, од нејзиното донесување, со сите законски измени, до актуелната содржина која се оспорува со иницијативата.

При утврдувањето на правната и фактичката состојба околу оваа одредба, Судот го утврди следното:

Членот 200-к од Законот, станал составен дел на Законот со член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр. 10/2004) и гласел:

„1)Објектите и опремата на постојните јавни здравствени организации и просторот и опремата на нивните делови во кои се врши фармацевтска дејност што не се приватизирале според овој закон, како и просторот и опремата на деловите на јавните здравствени организации во кои се врши примарна стоматолошка дејност можат да се издаваат под закуп, под услов да се основа приватна здравствена установа за вршење на соодветната дејност согласно со овој закон.
2)За вршење на дејноста од ставот 1 на овој член во јавните здравствени установи под закуп се издаваат просторот и опремата на деловите кои претставуваат организациона просторна, техничка и функционална целина, во кои се врши фармацевтска, односно стоматолошка дејност (во натамошниот текст: организациона единица).
3)Под закуп не можат да издаваат организациони единици во јавните здравствени установи што вршат стоматолошка здравствена заштита на деца до 14 годишна возраст и итна стоматолошка здравствена заштита.“

Со член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.84/2005), ставот 3 на членот 200-к станува став 4, при што се менува и гласи:
“Под закуп не можат да се издадат организациони единици во јавните здравствени установи што вршат итна медицинска помош и домашно лекување, итна стоматолошка помош, превентивна здравствена заштита на предучилишни и училишни деца до 18 години, поливалентна патронажа, дел од службите на медицината на трудот, превентивна стоматолошка заштита и организациони единици на Стоматолошкиот клинички центар, според критериумите кои со општ акт ќе ги утврди министерот за здравство.”

Со член 21 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.77/2008), ставот 4 на членот 200-к се менува и гласи:
“4) Под закуп неможат да се издаваат организациони единици во јавните здравствени установи што вршат:
1. Итна медицинска помош и домашно лекување;
2. Итна стоматолошка помош организирана за работа во трета смена со три стоматолошки тима (доктор на стоматологија и здравствен работник со средно, више или високо стручно образование во траење од три години од областа на медицината, односно стоматологијата), за повеќе од 70.000 население на подрачјето на јавната здравствена установа;
3. Превентивна здравствена заштита за предучилишни и училишни деца организирана со по еден медицински тим (доктор на медицина и еден здравствен работник со средно, више или високо стручно образование во траење од три години од областа на медицината), на секои 2.000 предучилишни деца, однсоно 3.000 училишни деца до 18 годишна возраст на подрачјето на јавната здравствена установа, но најмногу еден медицински тим ако вкупниот број на деца е помал од 2.000;
4. Поливалентна патронажа организирана со еден здравствен работник со средно, више или високо стручно образование во траење од три години од областа на медицината на секои 5.000 до 6.000 жители на подрачјето на јавната здравствена установа;
5. Стоматолошката заштита на деца до 18 годишна возраст организирана со еден стоматолошки тим (специјалист по детска и превентивна стоматологија, односно доктор на стоматологија ако во јавната здравствена установа нема специјалист и здравствен работник со средно, вишо или високо стручно образование во траење од три години од областа на медицината, односно стоматологијата), за секои 3.000 деца на подрачјето на јавната здравствена установа и
6. Медицина на труд организирана во служба кои обезбедуваат средства за работа од здравствените услуги кои работодавачите се должни да ги обезбедат за своите работници во согласност со прописите за заштита при работа, за повеќе од 10.000 вработени на подрачјето на јавната здравствена установа.“

Со член 19 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.88/2010), ставот 4 на членот 200-к станува став 5, при што бројот „18“ се заменува со бројот „14“.

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека законодавецот, за првпат во 2004 година, утврдува можност за трансформација на делови од јавните здравствени установи со приватизација на стоматолошки ординации по пат на издавање под закуп на простор и опрема во јавните здравствени установи, при што утврдува забрана за издавање под закуп на организациони единици во јавните здравствени установи што вршат стоматолошка здравствена заштита на деца до 14 годишна возраст и итна стоматолошка здравствена заштита.

Со измените на Законот извршени во 2005 година, законодавецот прецизира дека под закуп не можат да се издаваат организациони единици во јавните здравствени установи кои, помеѓу другото, вршат итна стоматолошка помош, превентивна стоматолошка заштита и организациони единици на Стоматолошкиот клинички центар, според критериумите кои со општ акт ќе ги утврди министерот за здравство.

Со измените извршени во 2008 година, законодавецот утврдува дека под закуп не можат да се издаваат организациони единици во јавните здравствени установи што, помеѓу другото, вршат стоматолошка заштита на деца до 18 годишна возраст организирана со еден стоматолошки тим (специјалист по детска и превентивна стоматологија, односно доктор на стоматологија ако во јавната здравствена установа нема специјалист и здравствен работник со средно, вишо или високо стручно образование во траење од три години од областа на медицината, односно стоматологијата), за секои 3.000 деца на подрачјето на јавната здравствена установа. Од дикцијата на одредбата, произлегува дека станува збор за забрана за издавање под закуп на организациони единици во јавните здравствени установи кои вршат и превентивна и куративна стоматолошка заштита на деца до 18 годишна возраст, а не само превентивна стоматолошка заштита, како што беше претходното законско решение. Според образложението за донесување на овие законски измени, станува збор за усогласување на законската регулатива со Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр.16/2007 („Службен весник на Република Македонија“ бр. 86/2007), со која е укинат Правилникот за критериумите за утврдување на организационите единици во јавните здравствени установи кои не можат да се издаваат под закуп („Службен весник на Република Македонија“ бр.32/2006 и 4/2007), заради тоа што министерот за здравство не може со правилник да пропишува изворни критериуми врз основа на кои одредени делови од јавните здравствени установи не можат да се издаваат под закуп. Според Уставниот суд, станува збор за прешироко, надвор од Устав и закон искористено овластување кое значи навлегување на извршната во законодавната власт, со што се повредува принципот на поделба на власта. Исто така, според Судот, со актите што ги донесува министерот во функција на извршување и разработка на одделни одредби од законите не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски. Поради наведеното, со наведените законски измени во членот 200-к се утврдуваат критериумите според кои одредени организациони единици како делови од јавните здравствени установи во кои се врши примарната здравствена заштита и стоматолошката здравствена заштита, нема да се издаваат под закуп.

Со измените на Законот извршени во 2010 година, Законот ја има актуелната содржина која е иста со содржината утврдена со измената од 2008 година, со тоа што старосната граница на децата опфатени со наведената стоматолошка заштита од 18 се намалува на 14 години возраст.

Тргнувајќи од наведеното, произлегува дека законодавецот, во согласност со уставната определба дека на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, при што Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица, стоматолошката заштита на децата до 14 години секогаш ја уредувал на посебен начин, изразен така што се забранувало издавање под закуп, заради трансформација, односно приватизирање на делови од објекти и опрема во јавните здравствени установи што вршат превентивна стоматолошка заштита на оваа категорија лица, што значи дека оваа дејност секогаш останувала во рамките на јавните здравствени установи.

Притоа, кога е воведена можноста за приватизација (со измените на Законот во 2004 година), забраната за издавање под закуп на организациони единици во јавните здравствени установи се однесувала на целокупната стоматолошка здравствена заштита на деца до 14 годишна возраст, а во периодот од измените на Законот во 2005 година до измените во 2008 година, забраната за приватизирање на дејноста се однесувала само на превентивната стоматолошка заштита. По измените на Законот од 2008 година до денес, забраната за приватизација преку закуп на организациони единици во јавните здравствени установи се однесува и на превентивната и на куративната стоматолошка заштита на децата, со тоа што со законските измени од 2008 година, старосната граница на децата опфатени со оваа посебна заштита била покачена до 18 годишна возраст, а со измените од 2010 година, законодавецот оценил дека е целисходно и оправдано повторно старосната граница да ја симне на 14 години. Тоа значи дека целокупната стоматолошка заштита на децата до 14 годишна возраст останува во рамките на јавните здравствени установи, а стоматолошката заштита на децата со навршени 14 години до 18 годишна возраст повеќе не подлежи под посебен режим и заштита од страна на државата, односно оваа категорија на млади лица повеќе не е опфатена со задолжителна стоматолошка заштита во јавните здравствени установи, што значи дека правото на стоматолошка здравствена заштита – превентивна и куративна, можат да го остварат по сопствен избор на лекар – стоматолог.

Оттука, Судот не ги прифати наводите во иницијативата дека со измената на Законот од 2010 година, децата до 14 годишна возраст ќе преминеле во јавното здравство, односно кај еден од стоматолошките тимови, а не како дотогаш кај матичните лекари кои работат како концесионери. Ова затоа што превентивната стоматолошка заштита на овие деца секогаш била кај јавните здравствени установи, а со измените на Законот во 2008 година, а не со измените во 2010 година, како што погрешно се наведува во иницијативата, куративната стоматолошка заштита на овие деца преминала од матичните лекари – концесионери во надлежност на стоматолошките тимови во јавните здравствени установи.

Во однос на прашањето кое се покренува со иницијативата, дали преминувањето на куративната стоматолошка заштита на децата до 14 годишна возраст од матичните лекари кои работат како концесионери кај јавните здравствени установи, во надлежност на стоматолошките тимови во јавните здравствени установи, го доведувала во прашање остварувањето на веќе стекнатото право на матичните лекари да спроведуваат куративна заштита кај децата до 14 годишна возраст, како поповолно решение за граѓаните, со што се повредувало начелото на владеењето на правото, Судот го имаше предвид следното:

Неспорно е правото на законодавецот да ги уредува правата од здравствената заштита на граѓаните, односите и правата од здравственото осигурување, постапката на користењето на здравствената заштита и системот и организацијата на здравствената заштита. Притоа, законодавецот е обврзан да го почитува уставното начело на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, што во суштина значи обврска на законодавецот во законот да утврди исти услови под кои граѓаните ќе ги остваруваат своите слободи, права и должности, без притоа да се прави разлика помеѓу граѓаните по основ на пол, раса, боја на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според Судот, законодавецот се водел од овие принципи кога ги утврдил критериумите, условите и постапката за трансформација, односно приватизација на дејности од стоматолошката здравствена заштита по пат на издавање под закуп на простор и опрема од постојните јавни здравствени установи. Притоа, промената на видот и обемот на стоматолошките услуги кои одредени правни лица, под исти услови, можат да ги пружаат на своите пациенти во рамките на тој процес на трансформација, е израз на проценка на законодавецот за начинот на уредување на системот и организацијата на стоматолошката здравствена заштита во насока на обезбедување на оптимални услови за обезбедување соодветна здравствена заштита на граѓаните во дадени општествено економски услови, што е во рамките на неговите уставни овластувања да уредува одредени сфери од општественото живеење. Во оваа смисла, е и определбата за промена на субјектот надлежен за куративна стоматолошка заштита на децата до 14 годишна возраст, поради што според Судот, еднаш доделеното право на матичните лекари да спроведуваат куративна заштита на овие деца, не значи нивно стекнато право кое законодавецот не може да го промени, како што се наведува во иницијативата.

Од друга страна, прашањето за тоа кој треба да врши превенција во стоматолошката здравствена заштита на децата до 14 годишна возраст, како и прашањето за степенот на успешноста на оваа превенција во рамките на пропишаниот начин за нејзино спроведување, е прашање на политика на законодавецот и негова стручна оцена и процена и Уставниот суд нема надлежност да ја проценува успешноста и целисходноста на законското решение во неговата примена.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека оспорената законска одредба е во согласност со уставната определба според која на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, а политиката на државата околу обезбедување на задолжителна стоматолошка заштита на децата до 14 годишна возраст во јавните здравствени установи е токму во насока на операционализација на уставната обврската на државата за обезбедување на посебна заштита на децата, поради што не може да се прифати дека со здравствените услуги кои согласно оваа одредба, им ги овозможува државата на децата до 14 годишна возраст, се условувало правото на здравствена заштита и еднаквост на оваа група граѓани, кое е уставно и законски гарантирано, како и правото на слободно одлучување, по сопствен избор, каде ќе го остварат своето право на превентивна и куративна здравствена заштита, како што се наведува во иницијативата.

Поради наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 200-к став 5 точка 5 од Законот за здравствената заштита со член 8 ставовите 1, 3 и 8, член 9 став 2, член 34, член 35 став 1 и член 39 од Уставот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.64/2011
6 јули 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски