42/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 јули 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план на централно градско подрачје на Скопје бр.08-262 од 10 јуни 1997 година, донесена од Советот на општина Центар („Службен гласник на општина Центар“ бр.8/1997).

2. Костадин и Једина Чилиманови од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената одлука не бил почитуван член 6 од Законот за заштита на спомениците на културата, бидејќи со истата, покрај другото се предвидувала изградба на објект во блок 5.10 со ознака 5.10.2 кој требало да се гради на улица „Скопска“ и улица „27 Март“. Меѓутоа, на предвидената маркица 5.10.2 постоел објект – индивидуална станбена зграда, кој бил заштитен како споменик на културата.

Од наведените причини се предлага Судот да ја поништи маркицата 5.10.2 од оспорениот план и истовремено да му наложи на Советот на општина Центар споменикот на културата, семејната станбена зграда на улица „27 Март“ бр.14 – Скопје (живеалиште на подносителите на иницијативата) да го вклопи во Деталниот урбанистички план на централното градско подрачје на Скопје.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука содржи 7 (седум) члена. Во членот 1 од Одлуката се наведува дека по точката 3ѓ од основната Одлука, се додава нова точка 3е, во која, меѓу другото, се предвидува реконструкција и изградба на просторот со точно одредени биланси. Висината на објектите, исто така, е дефинирана како висина на горниот венец на објектот и од која отстапуваат кровната конструкција, куполните и кулните надвижувања и други декоративни композициски елементи.

Во членот 2 децидно е наведено што содржи изменувањето и дополнувањето на Деталниот урбанистички план, а пак во член 3 е точно и прецизно наведено што е составен дел на оспорената Одлука.

Членовите 4, 5, 6 и 7 од Одлуката се од техничка природа и во истата се наведува дека Одлуката се заверува со печат на Советот на Општина Центар и потпис на нејзиниот претседавач и истовремено се задолжува Одделението за урбанизам во рок од 60 дена да обезбеди комплетна документација за остварување на планскиот документ. За реализацијата на Одлуката се грижи, исто така, Одделението за урбанизам, а според член 7 од Одлуката, истата влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Град Скопје“.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата, ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од наводите во иницијативата, Судот оцени дека подносителите на иницијативата воопшто не ја спорат оспорената Одлука по однос на одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање, кој важел во време на донесување на истата – 1997 година, односно не ја спорат постапката за донесување на истата согласно одредбите од овој закон, за што Уставниот суд е надлежен да постапува. Напротив, според наводите во иницијативата, оспорената одлука не била во согласност со Законот за заштита на спомениците на културата, од причини што на предвидената маркица 5.10.2 се предвидувало друг објект и поради тоа се бара поништување на маркицата 5.10.2 од оспорениот план и истовремено Судот да изврши вклопување на истата во предметниот Детален урбанистички план.

Тргнувајќи од одредбите на Уставот, кои ја определуваат надлежноста на Уставниот суд, Судот оцени дека во конкретниов случај не постојат процесни претпоставки Судот да се впушти во мериторно оценување на предметната иницијатива од причина што истакнатите наводи не кореспондираат со законските и деловничките претпоставки за постапување по истата. Ова дотолку повеќе што од прибавената писмена документација јасно е нагласено дека објектот 5.10.2., кој е со класа В во приземјето и класа А на катовите, се задржува со постојната намена и класа, што значи дека со оспорената одлука не се врши измена по однос на наведениот објект.

Со оглед на тоа што причините за оспорување на Одлуката не можат да се доведат во корелација со постапката за донесување на истата, бидејќи со неа не се оспорува постапката за донесување на Одлуката туку само предвидената маркица, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.42/2011
6 јули 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски