У.бр.81/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 8 јуни 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Петра Митева од Скопје за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на политичка припадност.

2. Петра Митева од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на политичка припадност.

Подносителката на барањето најнапред ја изнесува хронологијата на настаните во врска со оспорените пресуди така што наведува дека: со Пресудата КОК бр.1/08, донесена од Основниот суд Скопје I во Скопје од 22 февруари 2008 година, била огласена за виновна за кривично дело „Несовесно работење во службата“ од член 353-в став 3 во врска со став 1 од КЗ, била осудена на казна затвор во траење од три години и била задолжена да му плати на Судот на име паушал 10.000,00 денари, како и да ја надомести штетата на Република Македонија во износ од 35.000.000,00 денари во рок од три месеци од правосилноста на Пресудата, во спротивно тој износ присилно ќе и се наплател; со Пресудата КЖ бр.825/08, донесена од Апелациониот суд во Скопје на 16 септември 2008 година, жалбата на подносителката на ова барање била одбиена како неоснована, а Пресудата КОК бр.1/08 на Основниот суд Скопје I во Скопје од 22 февруари 2008 година била потврдена; со Пресудата Квп бр.290/2008, донесена од Врховниот суд на Република Македонија на 12 јануари 2010 година, било уважено барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда и била укината Пресудата КЖ бр.825/08, донесена од Апелациониот суд во Скопје на 16 септември 2008 година, а предметот бил вратен пред тој суд на повторно разгледување и одлучување; при повторното разгледување и одлучување, со Пресудата КЖ бр.133/10 на Апелациониот суд во Скопје од 18 март 2010 година, жалбата на подносителката на ова барање била одбиена како неоснована, а наведената првостепена пресуда била повторно потврдена; при разгледувањето и одлучувањето по новото барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, Врховниот суд на Република Македонија, овој пат во друг состав и на чело со претседателот на Врховниот суд, донел Пресуда Квп бр.234/2010 од 21 декември 2010 година со која го одбил барањето без притоа да ги разгледал очигледните факти што барателката дополнително ги обезбедила, меѓу кои и дека бил обезбеден имотен лист за просторот кој бил предмет на купопродажба, a кој бил еден од клучните докази за донесувањето на првостепената пресуда.

Подносителката на барањето понатаму ја наведува состојбата пред и во текот на донесувањето на оспорените пресуди укажувајќи дека: во периодот од 8 декември 2003 година до 29 август 2006 година, односно за време на мандатот на претходната Влада на Република Македонија формирана од СДСМ и нејзините коалициони партнери, таа била именувана за директор на Управата за јавни приходи при Министерството за финансии, па оспорените пресуди биле донесени од дискриминаторски побуди по основ на нејзината политичка припадност и под силен политички и партиски притисок од новата Влада која дошла на власт во 2006 година; директна причина поради која барателката била дискриминирана била таа што во април 2006 година во Управата за јавни приходи бил примен податок дека сегашниот претседател на Владата на Република Македонија Никола Груевски имал повеќе станови кои се воделе на име на неговата мајка, а тоа не го пријавил во анкетниот лист иако само 13 дена пред да го доставел анкетниот лист живеел со својата мајка, па морал да го пријави сиот имот на тоа семејство; таквите податоци барателката, како одговорен функционер-директор на Управата за јавни приходи, ги доставила до Антикорупциската комисија со цел таа да поведе постапка за непријавување на податоци во анкетниот лист, но наместо тоа, случајот бил запрен и останал нерешен во Управата за јавни приходи иако во даночната постапка не биле доставени никакви докази за тоа, а барателката неколку недели претходно била уапсена и МВР-то на новинарите и телевизиите им делело видео записи од апсењето; директен извршител во обликувањето на оспорените пресуди бил брачниот пар Маневски односно сегашниот министер за правда Михајло Маневски, бидејќи тој како тогашен член на Антикорупциската комисија директно го затворил случајот со становите на Премиерот, а како награда добил да ја врши функцијата министер преку која ја остварувал судската егзекуција на барателката; во прилог на тоа дека оспорените пресуди биле донесени под силен политички и партиски притисок одело и тоа што предметот бил третиран како организиран криминал и корупција иако квалификацијата на делото била несовесно работење и тоа со едно инволвирано лице, а тоа не можело да се третира како организиран криминал и корупција; пресудата на Апелациониот суд во Скопје, КЖ бр.133/10 од 18 март 2010 година, покрај тоа што не ги почитувала укажувањата и напатствијата на Врховниот суд изнесени во Пресудата Квп бр.290/2008 од 12 јануари 2010 година, туку не ја ни споменувале таа пресуда, па дури не ги промениле ниту имињата на адвокатите кои ја застапувале барателката во повторената постапка пред Врховниот суд и ја донеле Пресудата во рок од само месец и половина, исто така укажувала дека била донесена од дискриминаторски побуди по основ на политичка припадност и од реваншистички побуди; очигледноста во дискриминираноста по политичка припадност произлегувала и од фактот што воошто не била земена предвид изјавата на инвеститорот Љупчо Палевски дека бил спремен да ги врати сите средства исплатени од страна на УЈП и да ги депонира каде што ќе одлучи Судот, а тоа било одбиено од страна на судијата; покрај тоа, инвеститорот дополнително побарал Управата за јавни приходи да се всели во просторот, за кој имало и записник за примопредавање, како и повеќе пати побарал Управата да се произнесе дали сака да го задржи просторот или да се раскине договорот, но на тие барања Управата не одговорила, од што произлегувало дека целта била барателката да биде осудена како човек со друга политичка определба; освен тоа, ниту изјавата на поранешниот министер за финансии Никола Поповски дека Владата донесувала неколку последователни одлуки за купување деловен простор за Управата за јавни приходи и дека зделката не била на иницијатива на Митева, како и дека за таа намена од Буџетот на Република Македонија биле издвоени 35 милиони денари, не биле доволни за промена на мислењето на Судот односно станувало јасно дека основната цел била барателката да биде осудена по секоја цена независно дали сторила кривично дело или не а само затоа што имала поинаква политичка ориентација.

Врз основа на изнесеното, подносителката на барањето предлага Уставниот суд да донесе одлука со која ќе утврди дека и се повредени слободите и правата од член 110 алинеја 3 на Уставот што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на политичка припадност и да ги поништи оспорените пресуди.

3.Судот на седницата утврди дека со Пресуда КОК бр.1/08, донесена од Основниот суд Скопје I во Скопје на 22 февруари 2008 година, подносителката на барањето е огласена за виновна затоа што „…кон крајот на 2005 година и во текот на 2006 година во постапка за набавка на недвижност за Управата за јавни приходи очигледно несовесно постапувала во вршењето на своите овластувања и должности ….., на начин што отпочнала постапка за набавка на недвижност – административно-деловен објект со површина од 640 квадратни метри … спротивно на чл. 9 од Законот за користење и располагање со стварите на државните органи, без Одлука на Владата на Република Македонија за набавка на недвижни ствари како и Одлука за начинот на набавка, на 16.12.2005 година донела Решение бр.03-14093/1 за набавка со непосредна спогодба, а потоа на 19.12.2005 година склучила Договор за купопродажба на идна ствар-недвижност со лицето-продавач Љупчо Палевски од Скопје без да притоа се увери во правната и техничка исправност на купуваната недвижност, за објект кој не бил довршен, немал имотен лист и со продавач кој е познат како несовесен партнер во прометот со недвижности, за кого можела да знае дека преку правното лице на кое тој е основач „УПА ентерприсе“ ЦО Скопје на Управата за јавни приходи по основ на данок на добивка и данок на додадена вредност и должи вкупно 16.934.428,00 денари, за потоа на 20.12.2005 година да му префрли 35.000.000,00 денари без било какво обезбедување, а објектот, поради неговата правна неисправност, непостоење на доказ за сопственост, до денот на поднесувањето на ова барање не е предаден ниту ставен во употреба.“ Поради тоа, Основниот суд ја осудил обвинетата на казна затвор во траење од 3-три години, во која се засметува времето поминато во куќен притвор од 12 декември 2007 година до 22 февруари 2008 година, задолжувајќи ја на судот на име паушал да плати 10.000,00 денари, како и да ја надомести штетата на Република Македонија во износ од 35.000.000,00 денари на начин што наведениот износ ќе го уплати во корист на буџетот на Република Македонија во рок од 3-месеци по правосилност на Пресудата.

Со Пресуда КЖ бр.825/08, донесена од Апелациониот суд во Скопје на 16 септември 2008 година, била одбиена жалбата на обвинетата Петра Митева како неоснована и била потврдена Пресудата на Основниот суд Скопје I Скопје КОК бр.1/08 од 22 февруари 2008 година.

Со Пресуда Квп бр.290/2008, донесена од Врховниот суд на Република Македонија на 12 јануари 2010 година, биле уважени барањата на осудената Петра Митева за вонредно преиспитување на правосилната Пресуда на Основниот суд Скопје I Скопје КОК бр.1/08 од 22 февруари 2008 година и Пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ бр.825/08 од 16 септември 2008 година, била укината Пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ бр.825/08 од 16 септември 2008 година и предметот бил вратен пред истиот суд на повторно разгледување и одлучување.

Со Пресуда КЖ бр.133/10, донесена од Апелациониот суд во Скопје на 18 март 2010 година, била одбиена жалбата на обвинетата Петра Митева и била потврдена Пресудата на Основниот суд Скопје I Скопје КОК бр.1/08 од 22 февруари 2008 година.

На 19 април 2010 година Петра Митева доставила ново барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, а Врховниот суд на Република Македонија донел Пресуда Квп бр.234/2010 од 21 декември 2010 година со која го одбил барањето како неосновано.

4. Според член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 113 од Уставот, начинот на работа и постапката пред Уставниот суд се уредуваат со акт на Судот.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на, покрај другото, забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност. Постапката, пак, за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, уредена со деловник на Судот врз основа на уставно овластување, може да ја покрене секој граѓанин што смета дека му е повредено некое од наведените права или слободи, во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт.

Со оглед на тоа што барањето за заштита на слободите и правата, во однос на Пресудата КОК бр.1/08 донесена од Основниот суд Скопје I во Скопје на 22 февруари 2008 година и Пресудата КЖ бр.133/10 донесена од Апелациониот суд во Скопје на 18 март 2010 година, е поднесено по истекот на периодот од 2 месеци, Судот утврди дека не се исполнети процесните претпоставки за постапување по барањето, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

Во врска, пак, со барањето за заштита на слободите и правата, во однос на Пресудата Квп бр.234/2010 донесена од Врховниот суд на Република Македонија на 21 декември 2010 година, Судот утврди дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува по него со оглед дека наведената пресуда не е правосилен поединечен акт и дека Уставниот суд нема инстанциона надлежност над пресудите на Врховниот суд, поради што и во однос на тој дел од барањето одлучи како во точката 1 од ова решение.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Вера Маркова, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У бр.81/2011
8 јуни 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски