Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 јуни 2011 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 1 став 2 од Одлуката за одобрување висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот отпад на подрачјето на Градот Скопје, бр.07-3378/1 донесена од Советот на Град Скопје на 22 септември 2010 година („Службен гласник на град Скопје“ бр.12/2010).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија по поднесена иницијатива од Димитар Узунов од Скопје, со Решение У.бр.13/2011 од 20 април 2011 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот од Одлуката означен во точката 1 од оваа одлука.
Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и Законот за управување со отпад.
4. Судот на седницата утврди дека во член 1 став 2 од оспорената одлука се предвидува дека во зависност од дејноста, видот и количината на комуналниот отпад што го создаваат корисниците – правните лица со површина до 250 м2 (објект и дворно место) кои со Одлука на Управниот одбор на ЈП Комунална хигиена – Скопје, се поделени во 3 (три) категории, цената за извршена услуга изнесува: I категорија – 300 денари, II категорија – 700 денари и III категорија – 900 денари.
5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот на Република Македонија, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и правната заштита на сопственоста.
Вршењето на комуналните дејности е уредено со Законот за комунални дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр.45/1997, 23/1999, 45/2002, 16/2004 и 5/2009).
Според член 1 од Законот, со овој закон се уредуваат основните услови и начинот на вршење на комуналните дејности, финансирањето на комуналните дејности и други прашања од значење за комуналните дејности.
Согласно членот 2 од Законот, вршењето на комунални дејности е од јавен интерес.
Во членот 3 од Законот се утврдени видовите на комунални дејности. Во таа смисла, во точката 6 како комунална дејност е утврдено обработка и депонирање на комунален цврст отпад, под што се подразбира селектирање, собирање, транспортирање и обработка на комунален цврст отпад од населението и индустријата, негова рециклажа и преработка, депонирање на уредени депонии, како и одржување на депониите.
Согласно член 14 од Законот, комунална дејност може да се врши со основање на јавно претпријатие за комунална дејност, со давање концесија за вршење на комунална дејност на начин утврден со закон и со дозвола за вршење на комунална дејност.
Според член 15 од овој закон, заради организирање и квалитетно вршење на комуналните дејности и стопанисување со објекти на комуналната инфраструктура од локален карактер, кои се протегаат или служат за давање на комунални услуги на подрачјето на една општина. Општината може да основа јавно претпријатие доколку на нејзиното подрачје, за вршење на таква дејност, не постои јавно претпријатие.
Според член 26 став 1 од Законот, средствата за вршење на комунална дејност се остваруваат од цената на комуналните услуги.
Според член 27 од Законот, висината на цената и начинот на плаќање на комуналните услуги, ја определува управниот одбор на јавното претпријатие, по претходна согласност на основачот.
Според член 29 алинеја 8 од истиот закон, мерна единица за плаќањето за собирање и транспортирање на комунален цврст отпад е денар по метар квадратен, а според алинеја 9 од истиот член мерна единица за плаќањето на комунални услуги за обработка и депонирање на комунален цврст отпад е денар по еден тон.
Со Законот за управување со отпад („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2004, 71/2004, 107/2007, 102/2008, 48/2010 и 124/2010) се уредува управувањето со отпад; плановите и програмите за управување со отпадот, права и обврски на правни и физички лица во врска со управувањето со отпадот – барањата и обврските на правните и физичките лица кои произведуваат производи и пакувања и кои што на крајот на животниот циклус ја оптоваруваат животната средина; начинот и условите под кои што може да се врши собирање, транспортирање, третман, складирање, преработка и отстранување на отпадот, увозот, извозот и транзитот на отпадот, мониторингот; информативниот систем; финансирањето и надзор над управувањето со отпадот (член 1).
Според член 6 точка 5 од наведениот закон, комунален отпад е отпад што се создава од физички лица од домаќинствата (отпад од домаќинства) и комерцијалниот отпад. Отпадот од домаќинствата е отпадот кој секојдневно се собира од домаќинствата, како и посебно собраниот опасен отпад од домаќинствата, кабаст отпад, градинарски отпад и слично. Во член 6 од истиот член од Законот е предвидено дека комерцијален отпад е секој друг отпад создаден од правни и физички лица при вршење на комерцијални, индустриски, занаетчиски, услужни, административни и слични дејности, кој според својата природа или според својот состав е сличен на отпадот од домаќинствата.
Во член 25 став 1 од Законот, децидно се набројани категориите на отпад, од аспект на овој закон, а во став 2 од истиот член на Законот, пак, се наведува дека врз основа на категориите отпад од ставот 1 на овој член, министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина ја пропишува листата на видови отпади.
Според член 26 од Законот, создавачот е должен отпадот да го класифицира според листата на отпад.
Од анализата на наведените законски одредби, јасно произлегува дека без оглед на тоа кој е создавач, дали физички лица од домаќинства или правни лица кои создаваат комерцијален отпад, сето тоа претставува комунален отпад. Министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, според наведените законски одредби е надлежен и има обврска да пропише Листа на видови отпад по вид и категорија на отпад според одредена мера – единица денар по м2, денар по м3 и денар по килограм
Во член 121 став 1 од истиот закон, висината на цената за собирање и за транспортирање на комуналниот отпад ја одобруваат советот на општината и на градот Скопје, кога давателот на услугите е јавно претпријатие основано од општините и градот Скопје согласно со членот 46 став 3 на овој закон.
Според став 3 на овој член, цената од став 1 на овој член ќе биде определена врз основа на количеството и видот на отпадот кој може да се утврдува според единица како денар по метар квадратен, денар по метар кубен и денар по килограм.
Оспорената одлука, Советот на град Скопје ја донел врз основа на член 121 од Законот за управување со отпад.
Во членот 1 став 2 од Одлуката, е предвидено дека во зависност од дејноста, видот и количината на комуналниот отпад што го создаваат корисниците – правни лица со површина до 250 м2 (објект и дворно место) кои со Одлука на Управниот одбор на ЈП Комунална хигиена – Скопје се поделени во 3 (три) категории цената за извршена услуга изнесува: I категорија – 300 денари, II категорија – 700 денари и III категорија 900 денари.
Оваа категоризација е извршена со Одлука на Управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје бр.02-5169 од 23 јули 2010 година, која во оспорениот член 1 став 2 од Одлуката, децидно е наведена. Видно од содржината на Одлуката на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, неспорно произлегува дека со истата Управниот одбор на ЈП извршил категоризација на правни лица и трговци поединци според дејноста која ја обавуваат.
Според член 1 од оваа Одлука кај правните лица и трговци поединци кои располагаат со површина до 250 м2 по објект, се воведуваат 3 (три) категории на корисници во зависност од дејноста која ја обавуваат односно количината и видот на комуналниот неопасен отпад кој го создаваат.
Во I категорија спаѓаат корисници-објекти кои ги вршат следните дејности: занатско услужни дејности: златари, саатчии, ташнари, кројачи, кондураџии, фризери, бербери, козметичари, маникири и педикири, гравери и клучари; канцеларии и сл. објекти адвокати, нотари, видеотеки, агенции за давање на интелектуални услуги, галерии и менувачници и други слични дејности.
Во II категорија спаѓаат корисници-објекти кои ги вршат следните дејности: продажба и/или производство на градежен материјал и опрема; продажба и/или одржување на моторни возила, моторцикли и велосипеди; работници: бравари, лимари, електричари, стаклари, столари, автомеханичари, автоелектричари, автолимари, вулканизери и автоперални; продажба и/или одржување и поправка на предмети за лична употреба и за домаќинства; продажба и/или одржување и поправка на земјоделски машини и опрема; продажба и/или одржување и поправка на компјутерска опрема, прецизни механики и електроника; производство и/или продажба на погребална опрема; каменорезци, тапетари, машинобравари, фотокопирници; здравствени установи, стоматолошки ординации, амбуланти и ветеринарни установи; образовни установи: приватни училишта и курсеви, автошколи и игротеки и други слични дејности.
Во III категорија спаѓаат корисници-објекти кои ги вршат следните дејности: трговија со непрехранбена стока, бутици, книжарници, цвеќари, комисиони, продавници за опрема за домашни миленици; трговија со прехранбена и непрехранбени производи од типот на маркети, дисконти, колонијални продавници, пиљари, рибарници, месарници; угостителски објекти од типот на: ресторани, кафиќи, бифеа и пицерии; производство и/или продажба на леб, бели пецива, кори; производство и/или продажба на свежи слатки и сл. производи од тесто; преработка и/или продажба на чај, кафе; производство и/или продажба на млеко и млечни производи сладолед и сл. смрзнати производи; продажба на тутунски производи (тобако и киосци); хотелско ресторански услуги печњари, скари на кило и продавници за брза храна и сендвичари; трговија на мало на медицински, фармацевски, козметички и тоалетни производи; трговија на мало на земјоделски препарати и земјоделски аптеки; производство и/или продажба на здрава храна; производство и/или продажба на сточна храна; штампарско – графички услуги и други слични дејности.
Правни лица – корисници кои имаат повеќе деловни единици – објекти, кои вршат прометно услужни и производни дејности, за секоја деловна единица – објект плаќаат месечен паушален износ во зависност во која категорија на дејност спаѓаат согласно оваа Одлука.
Законот за управување со отпад, во член 121 став 3, децидно и јасно определува дека висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот отпад ќе биде определена врз основа на количеството и видот на отпадот која може да се утврдува според единица како денар по метар квадратен, денар по метар кубен и денар по килограм.
Оттука, јасно произлегува дека дејноста на корисникот на услугата, законодавецот не ја предвидел како критериум за определување на висината на цената на услугата за собирање и транспортирање на комуналниот отпад. Имено, според наведената законска одредба, врз основа на која е донесена оспорената Одлука, законски критериуми за определување на висината на цената на комуналната услуга се само видот и количеството на отпадот, утврдена според одредена мерна единица, но не и дејноста на корисникот на услугата како што предвидува оспорениот член 1 став 2 од Одлуката.
За Судот е спорно дали со вака извршената категоризација на правните лица – корисници на услугите, односно создавачи на комунален отпад се излегува надвор од законските услови и критериуми за формирање на цена за комуналната услуга, а при тоа се наметнува и нееднаков третман помеѓу правните лица, кои според законот се создавачи на комерцијален отпад. Ова, затоа што во целост е нејасно од какво значење е определување на корисниците – правните лица со површина до 250 м2 (објект и дворно место) и нивна категоризација при формирање на цената за извршена услуга и од какво влијание се истите при формирање на цената.
Доколку со оспорената одлука се сакало да се формира цена според видот на отпадот, Судот оцени дека за тоа постојат јасни законски одредби – член 25 и 26 од Законот за управување со отпад, за што точно се утврдува, односно пропишува Листа на отпад од надлежниот министер, со која се врши категоризација на отпадот, од аспект на овој закон и со која Листа децидно се утврдуваат видовите на отпад.
Според наведеното, оспорената одлука треба да претставува операционализација на закон, а не истата да се заснива на норми и правила утврдени во друг подзаконски акт кој нема облигаторен карактер по однос на сега оспорената одлука.
Начинот на определување на висината на цената на услугата, децидно е утврден во член 121 став 3 од Законот, поради што утврдувањето на висината на цената во фиксен износ, како што е дадено во член 1 став 2 од оспорената Одлука е надвор од законските овластувања, каде е определено дека утврдувањето на цената е според единица денар по метар квадратен, денар по метар кубен и денар по килограм.
Сето ова упатува на констатација дека оспорениот дел на Одлуката не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот и член 121 став 3 од Законот за управување со отпад.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.13/2011
8 јуни 2011 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски