Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 јуни 2011 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА Правилникот за лиценцен систем и категоризација на кошаркарските клубови, школи и други субјекти во Македонија кои се занимаваат со кошарка, донесен од Собранието на Македонската Кошаркарска Федерација на 12 февруари 2010 година.
2.Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Марјан Мицевски од Скопје, преку адвокатот Дељо Кадиев од Скопје, со Решение У.бр.157/2010 од 16 февруари 2011 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од оваа одлука.
Постапката беше поведена затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за согласноста на оспорениот Правилник со Уставот и Законот за спорт.
4. Судот на седницата утврди дека во член 1 од Правилникот е предвидено дека „Како единствена надлежна институција за организирање кошарка и кошаркарски натпреварувања, Македонската Кошаркарска Федерација го пропишува овој Правилник, со кој се регулираат правата и обврските на клубовите, школите и другите субјекти кои се занимаваат со кошарка во Република Македонија“.
Правилникот за лиценцен систем ги пропишува и уредува правата и обврските на сите членки на Собранието на МКФ, на Здружението на сениорски лиги, Здруженијата на младински лиги, како и сите останати субјекти кои се занимаваат и организираат кошарка, а не се дел од МКФ (член 2).
Со овој правилник се врши категоризација на субјектите кои се занимаваат со кошарка, а согласно со тоа и условите кои треба да ги исполнуваат за да поседуваат лиценца (член 3).
Лиценца е документ кој го издава канцеларијата на МКФ, а го потпишуваат претседателот и генералниот секретар на МКФ. Лиценцата има важност од една година (една кошаркарска сезона) и се обновува најдоцна до 30 дена до почетокот на сезоната и завршува со последниот натпревар од сезоната во натпреварувањето во кое учествува субјектот што ја поседува лиценцата.
Без поседување на соодветна лиценца ниту еден субјект не може да оствари право на натпреварување во лига во било која категорија (член 4).
Во членот 5 од правилникот е предвидено дека согласно овој правилник, МКФ ги пропишува видовите на лиценци (А, Б и Ц) како и условите што треба да ги исполни субјектот за да ја поседува лиценцата.
Понатаму, во правилникот е определено дека за добивање на лиценца А потребно е да бидат исполнети точно наведените услови (12), а висината на годишниот надоместок чини годишно од 0 – 300.000,00 денари, а за женските клубови од 6.000,00 – 150.000,00 денари.
Лиценцата Б, привремена лиценца за младински школи и клубови кои заради возраст на пријавената екипа на својата најстара генерација не учествува во ниедна од сениорски натпреварувања на МКФ. Оваа лиценца може да се издаде само еднаш на еден субјект и има важност од две години (две сврзани сезони) се издава за младински лиги кои исполнуваат точно наведени услови (10), а висината на годишниот надоместок чини од 20.000,00 – 60.000,00 денари, а за женските клубови од 20.000,00 односно 25.000,00 – 40.000,00 денари.
Лиценцата Ц се издава за сите останати клубови, школи и субјекти кои не учествуваат во ниту една од натпреварувањата на МКФ, а висината на годишниот надоместок изнесува 300.000,00 денари.
Според членот 6 од правилникот, согласно одредбите од Законот за спорт, како и препораките од Инспекторатот на Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија, ниту еден субјект не може да се занимава со дејност – спорт – кошарка доколку не поседува валидна лиценца издадена од МКФ.
Без соодветна лиценца ниту еден субјект не ќе може да изнајмува термини во спортските и училишните сали, да организира кошарка во било кој вид поединечно или групно, ниту пак да наплаќа било каков надоместок за вршење на својата дејност.
Во членот 7 од правилникот е предвидено дека Македонската Кошаркарска Федерација во соработка со Инспекторатот на Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија се обврзува да ги штити имателите на соодветните лиценци и навремено да реагира при појава на нелиценцирано занимавање со кошарка.
Македонската Кошаркарска Федерација ја гарантира лиценцата пред соодветните надлежни државни и други институции и се обврзува нивното издавање да го прилагоди согласно со членовите на овој правилник (член 8).
Македонската Кошаркарска Федерација го задржува правото на одземање на веќе издадената лиценца доколку субјектот кому му е издадена во меѓувреме прекршил некои од условите за издавањето на лиценца (член 9).
Овој правилник е во согласност со регистрираниот правилник на МКФ и стапува во сила со денот на неговото донесување. Евентуалните дополнувања и промени се вршат исклучиво на седница на Собранието на МКФ.
5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Во членот 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружувањето заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, а во ставот 2 на овој член се утврдува дека граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.
Според членот 47 став 5 од Уставот, Републиката ги поттикнува и помага техничката култура и спортот.
Уставно утврдената улога на Републиката да го поттикнува и помага спортот ја изразува комплементарноста, односно заемниот интерес на граѓанинот како поединец и на државата во задоволување и остварување на правата и интересите од областа на спортот.
Со Законот за спорт (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/2002, 66/2004 и 81/2008) се уредуваат условите и начинот на вршењето на дејноста спорт, остварувањето на јавниот интерес во спортот, стопанисувањето со објекти за спорт во сопственост на Република Македонија, општините и градот Скопје, како и други прашања од значење за спортот (член 1).
Дефинирајќи го спортот во членот 2 од Законот како дејност која ги опфаќа сите форми на спортски активности на спортистите од сите возрасти, како и спортско-рекреативните активности на граѓаните, законодавецот во членот 3 од овој закон, како организациони облици што ја вршат дејноста спорт ги утврдува спротските здруженија на граѓаните и другите правни лица од областа на спортот. Она што е суштествено за конкретниот предмет е тоа што во членот 5 од овој закон е утврдено дека заради остварување на потребите од занимавање со активности и заштита на правата и интересите од областа на спортот, граѓаните можат слободно и доброволно да се здружуваат и да основаат спортски здруженија, под услови и на начин утврдени со закон, доколку со овој закон поинаку не е определено.
Според член 6 од Законот, спортскиот клуб во смисла на овој закон е спортско здружение, односно трговско друштво кое врши дејност спорт.
Во член 7 став 2 од Законот е определено дека спортскиот клуб може да организира спортска школа во спортот за кој има добиено решение за вршење на дејност спорт согласно со член 11 став 2 од Законот.
На спортскиот клуб лиценца за организирање на спортска школа му издава Државната спортска федерација.
Во член 10 став 1 од Законот е определено дека спортскиот клуб може да врши дејност спорт, ако се исполнети условите кои се однесуваат на соодветни објекти, соодветна опрема, обезбеден стручен кадар и учество во организиран систем на натпревари односно спортско рекреативни активности.
Понатаму, во ставот 2 на член 10 е определено кои услови треба да ги исполнува професионалниот спортски клуб за да врши дејност спорт, а во став 3, пак, е определено дека спортска школа може да работи ако има програми за реализација на спортското школо, да е одобрено и прифатено од Државната спортска федерација, да се обезбедени просторни услови за нејзина реализација, да се обезбедени основна опрема и реквизити кои ги пропишува Државната спортска федерација и Програмата ќе ја реализираат стручни лица утврдени во член 27 од овој закон.
Во членот 13 од Законот е предвидена можноста на спортските клубови од различни спортови или од ист спорт да се здружат заради остварување на јавниот интерес во општината и градот Скопје во општински и градски сојузи од различни или исти спортови.
Според членот 14 став 1 од Законот, спортските клубови од ист спорт, како и од училишниот, студентскиот и спортот на инвалидизираните лица, можат да се здружуваат во соодветна државна спортска федерација на Република Македонија заради:
– поттикнување и унапредување на соодветниот спорт;
– реализирање на утврдената програма за развој на спортот и
– усогласување и координирање на програмските активности на здружените членки.
Според ставот 2 на член 14 од Законот, Државната спортска федерација на Република Македонија, покрај работите од став 1 на овој член, ги составува и се грижи за државните репрезентации.
Според ставот 3 на член 14 од Законот, во еден спорт може да се основа само една државна спортска федерација. Во ставот 6 на членот 14 од Законот е утврдено дека државна спортска федерација е онаа федерација во која се здружени повеќе од половината спортски клубови во Република Македонија кои имаат решенија за вршење дејност од ист вид на спорт.
Според наведените одредби како и законот во целина, произлегува дека меѓу прашањата што на специфичен начин се уредени со Законот за спорт како специјален закон во однос на Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/2010) се и облиците во кои можат да се здружат спортските клубови на општината односно на ниво на град Скопје и на ниво на Република ( во државна спортска федерација).
Од анализата произлегува дека законодавецот на Државната спортска федерација и дал овластување на спортскиот клуб кој има добиено решение за вршење на дејност спорт и организира спортска школа да му издаде лиценца доколку ги исполни предвидените законски услови. Тоа значи дека овластувањето за давање на лиценца од страна на Државната спортска федерација се однесува исклучиво на спортски клуб кој организира спортска школа.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби, одредбите од Законот за спортот како и содржината на оспорениот правилник со кој се утврдуваат права и обврски за клубовите, школите и другите субјекти кои се занимаваат со кошарка во Република Македонија, односно се пропишуваат лиценци и се утврдува висината на лиценцата од А, Б и Ц категорија, Судот оцени дека доносителот на подзаконскиот акт Македонската Кошаркарска Федерација ги надминала законските рамки во смисла на тоа што со правилник уредува прашања кои треба да се уредат со закон.
Со оглед на наведеното,Судот оцени дека оспорениот Правилник не е во согласност со одредбите од Уставот и Законот за спортот на кој се повикува подносителот на иницијативата.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.157/2010
8 јуни 2011 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски