Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 јуни 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 2-а ставови 3 и 4 и член 2-б ставови 4, 5 и 6 од Упатството за распределба на средствата од Буџетот на Република Македонија за годишно финансирање на политичките партии („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2005, 73/2007 и 52/2010) донесено од министерот за финансии на Република Македонија.
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 2-а ставови 1 и 2 и член 2-б ставови 1, 2 и 3 од Упатството означено во точката 1 од ова решение.
3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на член 3 од Упатството означено во точката 1 од ова решение.
4. Транспарентност-Нулта Корупција, Скопје, застапувано од претседателот на Здружението Слаѓана Тасева од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијативи со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 2-а, 2-б и 3 од Упатството за распределба на средствата од Буџетот на Република Македонија за годишно финансирање на политичките партии.
Според наводите во иницијативата оспорениот член 2-а од Упатството не бил во согласност со Уставот и со законите на Република Македонија, па во таа смисла во образложението на иницијативата се цитираат член 8 став 1 алинеја 4 и член 51 од Уставот, член 56 став 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, член 10 од Законот за спречување на корупцијата и член 20 алинеја 2 од Законот за финансирање на политичките партии.
Во натамошниот тек на иницијативата се дава една генерална оцена за сите оспорени одредби во смисла дека со нив било засегнато распоредувањето на буџетските средства пропишано во глава II точка 1-Јавни извори за финансирање на политичките партии, членови 8 до 12 од Законот за финансирање на политичките партии и се цитираат дел од наведените законски одредби (8, 9 и 10 ставови 1 и 2). Притоа се потенцира дека постојат два модели за распределба на средствата кои поаѓаат од последните избори за пратеници или последните локални избори.
Понатаму во иницијативата следува цитирање на содржината на членовите 1, 41 став 9, 69 став 3 и 109 став 9 од Изборниот законик, како и повторно навраќање на Законот за финансирање на политичките парии со цитирање на членот 10 став 4.
Иницијативата се задржува на оспорениот член 2-а од Упатството со обид да се дадат аргументи за оспорување на секој од четирите ставови. По однос на ставот 1 од членот 2-а од Упатството не се содржани посебни причини во што се состои неговата несогласност со Уставот или споменатите закони, туку се наведува дека ставот 2 во врска со ставот 1, како и ставот 4 во врска со ставот 3 (сите од член 2-а од Упатството) биле спротивни на членот 8 став 1 алинеја 4 од Уставот бидејќи утврдувале распределба само на политичките партии кои добиле 1 % од гласовите на излезените граѓани на последните избори за пратеници, наспроти членот 10 став 1 од Законот за финансирање на политичките партии кој утврдил распределба на еднакви делови на сите политички партии кои добиле 1 % од гласовите на изборите (за пратеници или последните локални избори).
Во однос на ставот 3 од оспорениот член 2-а од Упатството се наведува дека ја повредувал истата уставна одредба бидејќи во него бил утврден модел спротивен на оној што бил предвиден во Законот за финансирање на политичките партии. Поточно, во оспорената одредба се користеле зборови и просеци чие постоење и користење не било предвидено во наведениот закон, но и во други закони. Според иницијативата членот 10 став 1 од Законот за финансирање на политичките партии предвидувал условот 1 % да биде исполнет поединечно и за избор на советници во советот и во првиот круг за избор на градоначалник.
Понатаму, во оваа одредба се користела синтагмата „односно политички партии кои настапиле како коалиција“ што било спротивно на Законот за финансирање на политичките партии. Имено, согласно член 2 точка 12 од Изборниот законик “Коалиција“ е здружување врз основа на изјава на две или повеќе регистрирани политички партии за заедничко настапување за време на одржување на избори, а согласно член 12 од Законот за финансирање на политичките партии, доколку „е избран како кандидат на две или повеќе политички партии, средствата меѓу нив се делат на еднакви делови, освен ако партиите со предизборен договор поинаку не се договориле“. Согласно овие законски дефиниции произлегувало дека „здружување врз основа на изјава“ и „предизборен договор“ не се и не можеле да бидат исто, бидејќи договорот подразбирал не само заедничко настапување, туку и јасно утврден начин на делба применлива согласно членот 12 од Законот за финансирање на политичките партии, дотолку повеќе, бидејќи синатагмата не ја исклучувала примената на наведената законска одредба.
За ставот 4 од оспорениот член 2-а од Упатството се наведува дека бил спротивен на членот 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, бидејќи во него спротивно на членот 10 став 1 од Законот за финансирање на политичките партии било пропишано „последните локални избори во единицата на локалната самоуправа“ со што се утврдувало пошироко „на локалните избори“.
По однос на несогласноста на оспорениот член 2-а од Упатството со членот 51 од Уставот се наведува дека со утврдувањето во ставот 2 во врска со распределбата на средствата во ставот 1 и со утврдувањето во ставот 4 во врска со распределбата на средствата од ставот 3 се предвидувале два независни износи на средства, што било спротивно на она што било јасно пропишано во членот 10 став 1 од Законот за финансирање на политичките партии, како и на барањето во членот 20 алинеја 2 од истиот закон. Понатаму, за да можел министерот за финансии да распореди средства за финансирање на политичките партии тие морале да бидат предвидени во Законот за финансирање на политичките партии и законите за изборите. Притоа, постоела и забрана во членот 10 од Законот за спречување на корупцијата која се состоела во тоа да не може да се врши никаква исплата на буџетски стедства освен врз основа на закон. Со пропуштањето да се утврди како ќе биде утврден бројот на излезени граѓани на изборите, предвидената распределба законски не била можно да се направи, туку се би било спротивно на закон.
По однос на оспорениот член 2-б од Упатството во дел постои идентичност на наводите во двете иницијативи. Она што е оригинерно и својствено само по однос на наведената одредба се состои во следното:
Според подносителот на иницијативата наведената одредба била во целост спротивна на член 10 став 2 од Законот за финансирање на политичките партии од причини што според Законот имало само еден износ на средства од 70 %, а политичките партии одбирале според кој од двата модела ќе бидат финансирани, но не и по двата модели. Спротивно на законската одредба со оспорената одредба се предвидувале два износа на средства од 70 % што се распоредувале неависно и според првиот и според вториот модел.
Поточно, во ставот 1 од членот 2-б од Упатството било определено дека 70 % од средствата за финанасирање на политичките партии се распоредувале на партиите чии кандидати се избрани за пратеници во Собранието, а според ставот 3 од истата одредба 70 % од средствата за финанасирање на политичките партии се распоредувале на партиите чии кандидати се избрани за градоначалници и советници.
Иницијативата наведува дека според Законот, распределбата се вршела помеѓу политичките партии кои имаат избрани кандидати за пратеници во Собранието сразмерно на бројот на нивните пратеници. Притоа, имајќи предвид дека сите пратеници не се и пратеници на политичките партии, како и тоа дека во Собранието можело да има политички партии што немале избрани кандидати на изборите, јасно било дека вкупниот износ не можел да се дели на вкупниот број на пратеници избрани во Собранието, ниту пак да се дели според освоените пратенички мандати, туку според бројот на пратеници во тековната година на распределбата, согласно податоците од Собрането.
Спротивно на наведеното во ставот 2 од членот 2-б од Упатството, било предвидено дека распределбата се врши на начин што износот од 70 % се дели на вкупниот број на пратеници избрани во Собранието и се распределувал сразмерно на бројот на освоените пратенички мандати иако според Законот за да може политичката партија да учествува во распределбата според вториот модел требало да има избрани кандидати за градоначалници и советници, а не распределбата да се врши само според бројот на советниците.
Според подносителот на иницијативата и покрај наведениот начин на распределба во членот 2-б од Упатството во ставот 4 било предвидено дека распределбата се врши според добиени градоначалнички мандати, сразмерно на бројот на советниците; во ставот 5 било определено дека распределбата на остатокот на средствата од распределбата утврдена во ставот 4 се врши според бројот на советници, а во ставот 6 било определено збирот на средствата од ставовите 4 и 5 да биде вкупен износ на средства кои ги добива секоја политичка партија или политички партии кои настапиле како коалиција.
Со цел појаснување на терминот „коалиција“ и укажување на несогласност со закон подносителот на иницијативата ги цитира член 10 став 2 и член 12 од Законот за финансирање на политичките партии и член 2 точка 12 од Изборниот законик, па се наведува дека наведените одредби не се исклучуваат меѓусебно.
Воедно, подносителот на иницијативата смета дека оспорениот член 2-б од Упатството е во спротивност со член 56 став 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и со член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, бидејќи органот на управата целосно навлегол во регулирање на законска материја.
По однос на оспорениот член 3 од Упатството постои идентичност по однос на уставните и законски одредби за кои подносителот на иницијативата смета дека се повредени. Она што е посебно истакнато и различно по однос на останатите оспорени одредби се состои во следното:
Материјата што била предмет на уредување во оспорениот член 3 од Упатството веќе била уредена во член 10 став 3 од Законот за финансирање на политичките партии, од каде произлегувало дека со оспорената одредба се пречекорувало овластувањето на министерот дадено во член 56 став 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа и се надминала поделбата на законодавна и извршна власт. Текстот на одредбата не бил во согласност со темелните вредности на уставниот поредок и со член 51 од Уставот.
5. Судот на седницата утврди дека согласно член 10 став 4 од Законот за финансирање на политичките партии (“Службен весник на Република Македонија“ бр.76/2004, 86/2008, 161/2008 и 96/2009) министерот за финансии донел Упатство за распределба на средствата од Буџетот на Република Македонија за годишно финансирање на политичките партии.
Во член 1 од Упатството е определено дека со ова упатство се уредува распределбата на средствата за финансирање на политичките партии од Буџетот на Република Македонија.
Во член 2 став 1 од Упатството е предвидено дека полити-чките партии писмено го известуваат Министерството за финансии дека ги исполнуваат условите за финансирање со средства од Буџетот на Република Македонија.
Покрај известувањето од став 1 на овој член, податоци до Министерството за финансии доставуваат и генералниот секретар на Собранието на Република Македонија за избраните пратеници од секоја политичка партија и Државната изборна комисија за освоените гласови за секоја политичка партија на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, односно на последните локални избори во единицата на локалната самоуправа (став 2).
Министерството за финансии поединечните износи на средства ги уплаќа на сметките на политичките партии пријавени во писменото известување (став 3).
Според оспорениот член 2-а став 1 од Упатството, доколку основ за распределба на средствата се последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, средствата за финансирање на политичките партии во износ од 30 % што се обезбедуваат со Буџетот на Република Македонија се распре-делуваат на начин што се утврдува бројот на освоени гласови на секоја политичка партија поединечно, согласно официјалните податоци доставени од Државната изборна комисија, по што се пресметува процентуалното учество на освоените гласови на секоја политичка партија во вкупниот број на излезени граѓани на изборите.
Средствата од ставот 1 на овој член се распределуваат поддеднакво на сите политички партии кои освоиле најмалку 1 % од гласовите на излезените граѓани на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија (став 2).
Доколку основ за распределба на средствата се последните локални избори во единицата на локалната самоуправа средствата за финансирање на политичките партии во износ од 30 % што се обезбедуваат со Буџетот на Република Македонија се распределуваат на начин што од збирот на освоените гласови на секоја политичка партија од изборот за градоначалник и изборот на совет, се утврдува просек на освоените гласови на политичката партија, односно политички партии кои настапиле како коалиција. Од збирот на излезените граѓани на локалните избори за градоначалник и на локалните избори за совет се утврдува просек на вкупно излезени граѓани на локалните избори (став 3).
Средствата од став 3 на овој член се распределувааат подеднакво на сите политички партии, односно политички партии кои настапиле како коалиција кои освоиле најмалку 1 % од гласовите на утврдениот просек на вкупно излезени граѓани на локалните избори (став 4).
Според оспорениот член 2-б став 1 од Упатството, доколку основ за распределба на средствата се последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, средствата за финасирање на политичките партии во износ од 70 % што се обезбедуваат со Буџетот на Република Македонија се распре-делуваат на политичките партии чии кандидати се избрани за пратеници во Собранието на Република Македонија, сразмерно на бројот на нивните пратенци, согласно официјалните податоци добиени од Собранието на Република Македонија.
Распределбата на средствата од ставот 1 на овој член се врши на начин што износот на средствата се дели со вкупниот број на пратеници избрани во Собранието на Република Македонија и се добива износот на еден пратенички мандат кој се множи со бројот на освоени пратенички мандати од секоја политичка партија и се добива износот на средства за секоја политичка партија поединечно (став 2).
Доколку основ за распределба на средствата се последните локални избори во единицата на локалната самоуправа средствата за финанснирање на политичките парии во износ од 70 % што се обезбедуваат со Буџетот на Република Македонија се распределуваат на политичките партии чии кандидати се избрани за градоначалници и советници во општините на Република Македонија сразмерно на бројот на нивните советници (став 3).
Распределбата на средствата од ставот 3 од овој член се врши на начин што износот на средствата се дели со збирот на вкупниот број на освоени советнички мандати и вкупниот број на градоначалнички мандати на ниво на Република Македонија, со што се добива износот за еден мандат. Износот за еден мандат се множи со вкупниот број на освоени градоначалнички мандати на ниво на Република Македонија и добиениот износ се распределува на политичките партии, односно политичките партии кои настапиле како коалиција чии кандидати се избрани и за градоначалници и за советници на ниво на Република Македонија сразмерно на бројот на нивните советници (став 4).
По распределбата на средствата согласно ставот 4 на овој член, остатокот од средствата се распределува на сите политички партии, односно на политичките партии кои настапиле како коалиција чии кандидати се избрани за советници на ниво на Република Македонија, сразмерно на бројот на нивните советници (став 5).
Збирот на средствата од став 4 и 5 на овој член преставу-ваат вкупен износ на средства што ги добива секоја политичка партија односно, политички партии кои настапиле како коалиција поединечно (став 6).
Според оспорениот член 3 од Упатството средствата за финансирање на политичките партии од Буџетот на Република Македонија се распоредуваат на политички партии во текот на годината, согласно динамиката утврдена од страна на Министер-ството за финансии.
Во член 4 од Упатството е предвидено дека, исплатата согласно ова Упатство може да започне кога сите политички партии кои ги исполнуваат критериумите за остварување на правото за фина-нсирање, соодветно уредено со Законот за финансирање на полити-чките партии, за истото писмено ќе го известат Министерството за финансии.
6. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на дражавната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000, 44/2002, 82/2008 и 167/2010) министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законски и други прописи кога за тоа е овластен со закон.
Според член 56 став 3 од наведениот закон со упатство се пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби на законските и други прописи.
Со Законот за финансирање на политичките партии („Службен весник на Република Македонија“ бр.76/2004, 86/2008, 161/2008 и 96/2009) се уредува начинот и постапката на обезбеду-вање на финансиските средства, располагањето со средствата за тековната работа и дејствувањето на политичката партија, како и начинот на контрола на финансирањето и финансиско-материјалното работење на политичките партии (член 1).
Според член 7 од истиот закон, политичките партии се финансираат од јавни и приватни извори на финансирање.
Според член 8 од Законот, јавните извори за фина-нсирање на политичките партии се финансиски средства предвидени во Буџетот на Република Македонија и буџетите на единиците на локалната самоуправа.
Во член 9 од Законот е предвидено дека, вкупните средства за годишно финансирање на политичките партии се во висина од 0,06% од вкупните изворни приходи на Буџетот на Република Македонија.
Според член 10 став 1 од наведениот закон, средствата за финансирање на политичките партии во износ од 30% што се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија се распоредуваат подеднакво на парламентарните и вонпарламентарните политички партии, односно на сите политички партии кои освоиле најмалку 1% од гласовите на излезените граѓани на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија на ниво на целата Република, односно на последните локални избори во единицата на локалната самоуправа.
Средствата за финансирање на политичките партии во износ од 70% што се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија се распоредуваат на политичките партии чии кандидати се избрани за пратеници во Собранието на Република Македонија сразмерно на бројот на нивните пратеници, односно на политичките партии чии кандидати се избрани за градоначалници и советници во општините на Република Македонија, сразмерно на бројот на нивните советници (став 2).
Средствата од ставовите 1 и 2 на овој член се распоредуваат на политичките партии на секои три месеци со решение на министерот за финансии (став 3).
Министерот за финансии ќе донесе Упатство за распреде-лба на средствата предвидени во ставовите 1 и 2 на овој член во рок од шест месеци од денот на влегување во сила на овој закон (став 4).
Според членот 11 од Законот, ако пратеникот е избран како кандидат на две или повеќе политички партии, средствата меѓу нив се делат на еднакви делови, освен ако спогодбено политичките партии поинаку не се договорат.
Според членот 12 од Законот, ако градоначалникот, односно советникот е избран како кандидат на две или повеќе поли-тички партии, средствата меѓу нив се делат на еднакви делови, освен ако партиите со предизборен договор поинаку не се договориле.
Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека министерот за финансии кој раководи со Министерството за финансии како орган на државната управа е овластен да донесува акти за извршување на законите, што впрочем во конкретниов случај е направено со Упатството за распределба на средствата од Буџетот на Република Македонија за годишно финансирање на политичките партии.
Имајќи го предвид фактот дека со Законот за финансирање на политичките партии е утврдена вкупната маса на средства во Буџетот на Република Македонија од кои ќе бидат финансирани политичките партии, како и фактот што 30% од таа маса на средствата се распоредуваат подеднакво на парламентарните и вонпарламентарни политички партии кои освоиле најмалку 1% од гласовите на излезените граѓани, а 70% од таа маса се распо-редуваат на политичките партии чии кандидати се избрани за пратеници сразмерно на бројот на нивните пратеници, односно на политичките партии чии кандидати се избрани за градоначалници и советници во единиците на локалната самоуправа сразмерно на бројот на нивните советници, произлегува дека министерот за финансии може да ги распоредува наведените средства само во рамките на вака пропишаниот законски начин и сооднос.
Од друга страна, поаѓајќи од фактот што финансирањето на политичките партии се врши годишно, законодавецот во членот 10 став 1 од Законот за финансирање на политичките партии утврдил дека основ за распоредување на средствата ќе преставуваат последните парламентарни или последните локални избори, во зависност од тоа каков вид на избори биле одржани пред да се пристапи кон распределба на средствата.
Во таа смисла оспорените член 2-а и член 2-б од Упатството, гледани како целина, имаат своја основа во наведената законска одредба и истите преставуваат разработка на двете можни појдовни основи за годишно финансирање. Или, поточно речено, политичките партии сами не избираат по кој основ ќе ги добијат средствата, туку критериумот по кој ќе се пресметуваат (парламентарни или локални) мора за сите да е ист.
Оттаму, неосновани се наводите од иницијативата дека политичките партии одбирале по кој модел ќе се врши финансирањето.
Понатаму, од посебната анализа на содржината на член 2-а ставови 1 и 2 и член 2-б ставови 1 и 3 од Упатството произлегува дека нивната содржина во суштина е модификација и доработка на членот 10 ставови 1 и 2 од Законот за финансирање на политичките партии и истата се поклопува по однос на ситуацијата кога како модел се земаат последните одржани парламентарни избори.
Според тоа за оспорениот член 2-а ставовите 1 и 2 и член 2-б ставовите 1,2 и 3 од Упатството не може да се постави прашањето по однос на нивната согласност со Уставот и со законите.
Понатаму, од анализата на член 2-а став 3 од Упатството произлегува дека во него се среќава начин на распределба кој нема основа во членот 10 ставови 1 и 2 од Законот за финансирање на политичките партии, од причини што распределбата на 30 % според Упатството се врши на начин што од збирот на освоените гласови на секоја политичка партија од изборот на градоначалник и изборот на совет се утврдува просек на освоени гласови на политичка партија, односно на коалиција. Ова не е начин на уредување во законската одредба која предвидува дека 30 % се распоредуваат на сите политички партии (парламетарни и вонпарламетарни) кои освоиле најмалку 1 % од гласовите на излезените граѓани. Според тоа, пресметувањето на средствата со помош на збир од освоени гласови или просек од освоени гласови преку недоволно јасно изложена постапка, отстапува од законски утврдената формулација пресметката да се прави врз основа на освоени најмалку 1 % од гласовите на излезените граѓани.
Воедно, ваквото уредување на распределбата на овие средства отстапува и од уредувањето во членот 11 и 12 од наведениот закон, од причина што Законот го уредил начинот на распределба на средствата кога кандидат за пратеник, советник или градоначалник ќе биде избран како преставник на коалиција. Практично распределбата на средствата врз основа на настапување на изборите како коалиција утврдено во член 2-а ставови 3 и 4 од Упатството нема своја основа во членовите 10, 11 и 12 од Законот и како таков се јавува како самостојно неуставно и незаконито пропишување на основи за распределба на средствата. Според тоа, во овој случај министерот за финансии со ваквото уредување излегува надвор од законските овластувања и со тоа извршната власт навлегува во ингеренциите и надлежноста на законодавната власт.
Тргнувајќи од анализата на оспорениот член 2-б став 2 од Упатството произлегува дека со него се предвидува начин на распределба на 70 % од предвидените средства, кој поаѓа од последните парламентарни избори, при што средствата се делат според вкупниот број на избрани пратеници во Собранието, но само како преставници на политичките партии, без да се води сметка дека во Собранието можат да бидат избрани и независни кандидати, за кое нешто постои уредување во членот 10 став 2 од Законот за фиансирање на политичките партии (се распоредуваат на полити-чките партии чии кандидати се избрани за пратеници во Собранието).
Во оспорениот член 2-б став 4 од Упатството се дава начинот на кој се врши распределба на средствата со земање во предвид на еден освоен советнички мандат, при што така пресметаниот мандат се дели со освоени советнички и градоначалнички мандати, за да се добие износот за еден мандат и на крај тој износ се распореди на политичките партии, односно на политичките партии кои настапиле како коалиција, а чии кандидати се избрани и за градоначалници и за советници, сразмерно на бројот на нивните советници. Според Судот, ваквата формулација е сосема нејасна и создава забуна и нема основа во членот 10 став 2 од Законот за финансирање на политичките партии кој предвидува поделба сразмерно на освоени советнички и градоначалнички мандати. Со ваквиот начин на уредување на ова прашање од страна на министерот во суштина се навлегува во законодавната власт.
Во ставовите 5 и 6 од Упатството е предвидена распре-делба на остатокот од средствата за финансирање на политичките партии, но ако се земе предвид дека распределбата се врши во делови од 30%, па 70 % и според Законот и според Упатството се поставува прашањето од каде и на што се должи овој остаток на средства, кои според оспорените одредби се распоредуваат на сите политички партии, односно на политички партии кои настапиле како коалиција. Ова дотолку повеќе што Законот во членовите 11 и 12 го предвидел начинот на евентуалната распределба на средствата кога кандидатот за пратеник, советник или градоначалник настапува и е избран како преставник на коалиција и кој оставил можност за договорна распределба. Оттаму, според Судот со предвидениот начин на распределба во Законот не се остава можност министерот за финасии да определува како ќе се врши распределба кога се во прашање коалиции, како што тоа неосновано е направено во конкретниот случај. Тоа значи дека министерот со утврдените решенија од Упатството излегол надвор од рамките утврдени со Законот.
Прашањето за тоа што преставува коалиција е уредено со Изборниот законик (член 2 точка 12), според кој коалиција е здружување врз основа на изјава на две или повеќе регистрирани политички партии за заедничко настапување за време на одржување на избори. Според тоа не е основан наводот во иницијативата дека со Упатството се воведуваат нови термини и институции непознати во законската регулатива од причина што коалиција и здружување на две или повеќе партии, според Судот има идентично значење.
Врз основа на наведеното произлегува дека основано може да се постави прашањето за согласноста на член 2-а ставовите 3 и 4 и член 2-б ставовите 4, 5 и 6 од Упатството со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и член 51 од Уставот, членовите 10, 11 и 12 од Законот за фиансирање на политичките партии и членовите 55 и 56 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.
7. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на законите и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иниција-тивата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Оспорениот член 3 од Упатството бил предмет на оцена пред Уставниот суд и Судот со Решение У.бр.175/2005 од 1 февруари 2006 година не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на основниот текст на Упатството.
Во таа постапка предмет на оцена бил и сега оспорениот член 3 (нема претрпено измени и дополнувања) и за оваа одредба Судот оценил дека не ја доведува во прашање законската одредба според која политичките партии се финансираат на секои три месеци, имајќи предвид дека буџетските приходи и нивната распредлба зависи од приливот на средствата кои го сочинуваат Буџетот на Република Македонија, а од кои средства се финансираат полити-чките партии. Финансирањето на политичките партии согласно дина-миката утврдена од страна на Министерството за финансии не значи дека политичките партии нема да бидат финансирани на секои три месеци, туку во рамките на тие три месеци се уредува динамиката која не го доведува во прашање рокот на финансирање на политичките партии.
Врз основа на наведеното Судот оценил дека оспорената одредба е во согласност со членовите 8 став 1 алинеи 3 и 4, 51 и 96 од Уставот, член 10 став 1, 2 и 4 од Законот за финансирање на политичките партии како и членовите 56 став 3 и 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Со оглед на тоа што предметната иницијатива не содржи наводи кои би преставувале основ за поинакво одлучување, а Судот веќе одлучувал за уставноста и законитоста на оспорената одредба произлегува дека во овој дел иницијативата треба да се отфрли согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов, а по однос на точката 1 решението е донесено со мнозинство гласови.
У.бр.16/2011
8 јуни 2011 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски