У.бр.94/2010-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 8 јуни 2011 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 43 став 1 Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр. 66/2004 и 139/2008).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У. бр. 94/2010 од 30 март 2011 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седница утврди дека според членот 43 став 1 од Законот, дезинфекција, дезинсекција и дератизација во здравствени установи, училишни и предучилишни установи, установи за сместување на деца и младина и социјални установи вршат заводите за здравствена заштита. Дезинфекција, дезинсекција и дератизација на други објекти и места можат да вршат и други правни лица кои ги исполнуваат условите пропишани со овој закон и прописите донесени врз основа на него.

Поблиските услови по однос на просторот, опремата и кадарот, начинот и средствата за вршење дезинфекција, дезинсекција и дератизација ги пропишува министерот.(став 2)

Републичкиот завод за здравствена заштита, во соработка со заводите за здравствена заштита, ја следи ефикасноста и ја утврдува соодветноста на средствата за дезинфекција, дезинсекција и дератизација и води евиденција на средствата.(став 3)

5. Според член 8 став 1 алинеа 3 и став 2 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото. Во Република Македонија слободно е се што со уставот и законот не е забрането. (став 4)

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон, единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Согласно членот 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според членот 1 од Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр.66/2004 и 139/2008) се утврдуваат мерките за спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел на заштита на населението од заразни болести.

Дезинфекцијата, дезинсекцијата и дератизацијата како една од превентивните мерки за заштита од заразни болести може да се спроведува како општа мерка согласно членот 12 став 1 точка 4, и како една од збирот на посебни мерки за заштита на населението од заразни болести согласно членот 13 став 1 точка 6 од Законот.

Според членот 39 од овој закон превентивна дезинфекција е задолжителна во здравствени установи, училишни и предучилишни установи, социјални установи, угостителски објекти и јавни објекти (аеродроми, станици, пазари и слично), како и во објекти за производство, промет и складирање на храна. Превентивната дезинфекција се врши на секои шест месеци.

Задолжителна е дезинфекција на секретите, екскретите. личните и други предмети и на просторијата во која престојувал болен од колера, чума, вирусни хеморагични трески, вирусни жолтици, дифтерија, цревен тифус, паратифуси, салмонелози, детска парализа, дизентерија, антракс, беснило и туберкулоза во заразен стадиум, како и на објекти при појава на епидемии од заразни болести.

Според членот 40 од Законот, задолжителна е дезинсекција на лица и на лични предмети, на станбени простории и на превозни средства, здравствени установи, училишни и предучилишни установи, социјални установи, објекти за производство, промет и складирање на храна, угостителски објекти, како и на населени места при појава на инсекти или опасност од заболувања кои се пренесуваат со инсекти.

Согласно членот 41 од Законот, задолжителна е дератизација на населбите, околината на населбите, аеродромите, средствата за јавен превоз, складиштата и други работни простории, при појава или опасност од појава на чума, како и по епидемиолошки индикации при појава на глодари или опасност од појава на заболувања чии извори на зараза или преносители се глодари.

Според член 42 од Законот, за дезинсекцијата и дератизацијата на населбите и нивната околина надлежни се општините и градот Скопје, кои ги изведуваат со стручна и техничка помош на заводите за здравствена заштита и други правни лица што ги исполнуваат условите пропишани со овој закон на прописите донесени врз основа на него.

Според оспорениот член 43 од овој закон дезинфекција, дезинсекција и дератизација во здравствени установи, училишни и предучилишни установи, установи за сместување на деца и младина и социјални установи вршат заводите за здравствена заштита.

Дезинфекција, дезинсекција и дератизација на други објекти и места можат да вршат и други правни лица кои ги исполнуваат условите пропишани со овој закон и прописите донесени врз основа на него.

Поблиските услови по однос на просторот, опремата и кадарот, начинот и средствата за вршење дезинфекција, дезинсекција и дератизација ги пропишува министерот.

Републичкиот завод за здравствена заштита, во соработка со заводите за здравствена заштита, ја следи ефикасноста и ја утврдува соодветноста на средствата за дезинфекција, дезинсекција и дератизација и води евиденција на средствата.

Согласно членот 1 од Законот за јавно здравје (“Службен весник на Република Македонија“ бр.22/2010) се уредува спроведувањето на основните функции и задачи на јавното здравје, системот на јавното здравје, јавно-здравствените вонредни околности и финансирањето на јавното здравје.

Според членот 2 од овој закон, утврдени се целите на законот и тоа: да се зачувува и унапредува здравјето на населението; да се овозможи спроведување на основните функции и задачи на јавното здравје преку организирани мерки и активности што ги преземаат државните органи, институции, единиците на локалната самоуправа и други правни и физички лица во соработка со здравствените установи; да се унапредува и јакне меѓуресорската соработка во спроведувањето на основните функции на јавното здравје; да се унапредува и јакне соработка меѓу надлежните министерства и единиците на локалната самоуправа и јавниот и приватниот сектор и граѓаните во зачувувањето и унапредувањето на здравјето на населението; да се обезбеди соодветен одговор во случај на јавно-здравствена потреба и итност и појава на јавно-здравствена вонредна околност; да се обезбеди спроведување на меѓународните здравствени правила и да се уредат специфичните прашања од јавното здравје кои не се уредени со друг закон.

Институтот за јавно здравје на Република Македонија и центрите за јавно здравје ги вршат работите наведени во членовите 10 и 11 на овој закон.

Според членот 10 став 1 точка 7, Институтот, меѓу другото, го координира и следи спроведувањето на јавно-здравствените активности кои произлегуваат од националната програма за јавно здравје заедно со центрите; обезбедуваат спроведување на основните функции на јавното здравје од членот 6 на овој закон.

Согласно членот 11 став 1 точка 10, Центарот за јавно здравје, за потребите на државата и на општината за чие подрачје е основан, го врши меѓу другото, спроведувањето на превентивни мерки на дезинфекција, дезинсекција и дератизација од јавно-здравствен интерес.
Според член 58 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето, а учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност.

Од наведената одредба призлегува дека во сферата на општествените дејности, според Уставот, јавната установа е промовирана како институција која може да ја организира државата како јавна установа и таа е во државна сопственост иако во јавната установа може да има сегмент и од друг вид сопственост. Имено нашиот правен систем се определил за еден модел на организација или вршење односно остварување на јавните функции преку посебни правни ентитети, а тоа се јавните претпријатија и јавните установи кои имаат со закон определена организациона, фукционална и финансиска самостојност без кои белези тие не би имале својство на правно лице.

Јавните установи работат и функционираат во услови на државна сопственост на објектите, средствата и опремата, а нивното основање не е со цел за постигнување на економска корист туку за задоволување на општите потреби на граѓаните. Посочените установи (здравствени, училишни, предучилишни, социјални, за сместување на деца и младинци) се објекти во кои има зголемен ризик за појава на заразни болести и можност од епидемии, поради присуство на поголем број на лица во затворен простор и нивен близок контакт. Исто така овие установи се од битно јавно здравствено значење и се предмет на континуирано следење и надзор од страна на центрите за јавно здравје заради навремено преземање на потребните превентивни санитарни хигиенски и епидемиолошки мерки.

Правните лица кои имаат овластување за вршење на дезинфекција, дезинсекција и дератизација како општа мерка согласно Правилникот за поблиските услови по однос на просторот, опремата и кадарот, начинот и средствата за вршење на дезинфекција, дезинсекција и дератизација (“Службен весник на Република Македонија” бр.152/07) имаат вработен кадар, еден лекар од општа медицина и два медицински лаборанти-техничари или санитарни-техничари на неопределено време со полно работно време, кои се доволни да одговорат на дезинфекцијата, дезинсекцијата и дератизацијата само како општа мерка согласно член 12 од Законот.

Според членот 13 став 1 од оспорениот закон, посебните мерки за заштита на населението од заразни болести се однесуваат на откривање на извори на зараза (заболени или носители) и поставување на етиолошка дијагноза; пријавување на заразните болести; епидемиолошки истражувања; изолација, здравствен надзор, карантин, превоз и задолжително лекување; имунопрофилакса и хемиопрофилакса; дезинфекција, дезинсекција и дератизација; споведување на здравствено-хигиенски прегледи; следење на интрахоспитални инфекции и преземање на мерки за нивно превенирање и здравствена едукација.

Посебните мерки од ставот 1 на овој член од Законот, се должни да ги спроведуваат здравствените установи (“центрите за јавно здравје”) и само по ислучок (став 2) посебните мерки од ставот 1 точка 6 на овој член, можат да ги вршат и правни лица што ги исполнуваат условите пропишани со овој закон и прописите донесени врз основа на него.

Тргнувајки од наведеното став е на Судот дека со оспорениот член 43 став 1 од Законот од аспект на центрите за јавно здравје (поранешни заводи за здравствена заштита) направена е дистинкција, само како претпоставка дека истите се екипирани со превентивен специјалистички здравствен кадар и со соодветни лаборатории за континуирано следење на состојбата со заразни болести, кои стручно медицински одлучуваат за потребата и видот на спроведената дезинфекција, дезинсекција и дератизација во зависност од постоењето на опасноста за појава на заразни болести и сузбивање на веќе појавената заразна болест. Неспорно е дека центрите за јавно здравје се посебно одговорни да реагираат во потреба на итност или вонредни околности, но тоа не претпоставува поквалитетно извршување на самата дејност за дезинфекција, дезинсекција и дератизација на посочените установи кога ќе се утврди дека постои потреба за тоа.

Принципот на еднаквост на пазарните субјекти претпоставува еднаква правна положба на субјектите во вршењето на својата дејност. Имено, еднаквоста треба и мора да постои меѓу оние субјекти кои вршат идентична или комплементарна дејност. Во овој контекст државата е должна да презема определени мерки со цел да се спречи монополската положба и монополското однесување на пазарот, заштитувајќи ги на тој начин правилата на пазарот, конкуренцијата од една страна и обезбедување еднакви можности за сите субјекти да вршат определена дејност од друга страна.

Имено, Судот констатира дека, со оспорената одредба на членот 43 став 1 од Законот, законодавецот ги става во нееднаква правна положба на пазарот правните субјекти кои обезбедуваат вршење на работи од јавен интерес за граѓаните со тоа што ги ограничува субјактите-трговските друштва за вршење на таа јавна дејност, наспроти јавните претпријатија основани од државата или општината за вршење на таа јавна дејност, со што државата и општината се ставаат во привилегирана положба. Тоа практично значи дека законодавецот ги обврзува правните субјекти да ја вршат споменатата дејност само во одредени установи за што сметаме дека нема уставна оправданост.

Според тоа, Судот оцени дека утврдениот посебен режим на дезинфекција, дезинсекција и дератизација во здравствени установи, училишни и предучилишни установи, установи за сместување на деца и младина и социјални установи, не задира во уставната определба дека заради заштита на здравјето на луѓето, Републиката со закон може да ја ограничи слободата на пазарот и претприемништвото, поради што го постави прашањето за согласноста на оспорениот член 43 став 1 од Законот за заштита на населението од заразни болести.

Оттука, не може да се поистоветат сите правни субјекти само по основ на основачкиот или друг капитал на кој статусно функционираат или кадровската опременост за да се определи дека токму тоа би требало да биде параметар за квалитетно извршување на дејноста.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба од Законот не е во согласност со членот 55 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојановски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.94/2010
8 јуни 2011
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски