53/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 18 мај 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 26 став 1 точки 4 и 8, член 40 став 3 точки 4 и 7, член 102 став 2 точките 5, 7 и 8, член 104 став 2 точки 5, 7 и 8, член 130 став 2 точка 6, член 134 став 2 точка 2 и член 141 точка 4 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2011);

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на одредбите од член 18 став 1 во делот: „за плаќање на јавните давачки утврдени со закон“ и став 2, член 44 став 1 во делот: „за плаќање на јавните давачки утврдени со закон“, член 51 став 1 во делот: „за плаќање на јавните давачки утврдени со закон“, член 61 став 1 во делот: „за плаќање на јавните давачки утврдени со закон“, член 76 став 1 во делот: „за плаќање на јавните давачки утврдени со закон“, член 90 став 1 во делот: „за плаќање на јавните давачки утврдени со закон“, член 106 став 1 во делот: „како и даноците и другите јавни давачки“, од Законот означен во точката 1 на ова решение; и

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од член 151 став 1 точка 5 во делот: „како и над плаќањето на даноците и другите јавни давачки утврдени со закон“, од Законот означен во точката 1 на ова решение.

4. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе три иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точка 1 на ова решение.

Според наводите од првата иницијатива одредбите од член 18 став 1 во делот: „за плаќање на јавните давачки утврдени со закон“,член 26 став 1 точка 8, Член 40 став 3 точка 7, Член 44 став 1 во делот: „за плаќање на јавните давачки утврдени со закон“, член 51 став 1 во делот: „за плаќање на јавните давачки утврдени со закон“, член 61 став 1 во делот: „за плаќање на јавните давачки утврдени со закон“, член 76 став 1 во делот: „за плаќање на јавните давачки утврдени со закон“, член 90 став 1 во делот: „за плаќање на јавните давачки утврдени со закон“,член 102 став 2 точка 5, член 104 став 2 точка 5, Член 106 став 1 во делот: „како и даноците и другите јавни давачки“, член 130 став 2 точка 6, член 134 став 2 точка 2, член 141 точка 4, член 151 став 1 точка 5 во делот: „како и над плаќањето на даноците и другите јавни давачки утврдени со закон, од Законот за игрите на среќа и забавните игри биле спротивни на Уставот. Ова од причина што во рамките на уредувањето на начинот на плаќање на данок и други јавни давачки постоеле други законски механизми, така што во случај на неизвршување на обврската, пропишувањето на услов кон барањето за добивање на лиценца за приредување игри на среќа и забавни игри да се приложува уверение за платени јавни давачки, издадено од надлежен орган, и за тоа посебно да се депонира депозит или да се обезбеди банкарска гаранција, значело излегување надвор од соодветните уставни и законски механизми и намалување на обемот на правото на работа, слободен избор на вработување и достапноста на секое работно место секому под еднакви услови, поради што оспорените одредби биле во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 ставовите 1 и 2, член 33 и член 51 од Уставот. Подносителот предлага при одлучувањето да се имаат предвид следните одлуки на Уставниот суд: Одлука У.бр. 22/2007 и Одлука У.бр.132/2008.

Со втората иницијатива се оспоруваат одредбите од член 26 став 1 точка 4, член 40 став 3 точка 4, член 102 став 2 точките 7 и 8 и член 104 став 2 точките 7 и 8 од Законот. Подносителот на иницијативата смета дека со оспорените одредби се ограничувале правата на граѓаните како последица на осуда што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 11 став 1, член 13 став 1, член 14 став 1, член 25, член 32 ставови 1 и 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот. Подносителот предлага Судот при одлучувањето да ги има предвид следниве Одлуки на Уставниот суд У.бр. 212/2001, 36/2002, 219/2005, 181/2007 и 169/2010.

Во врска со одредбата од член 102 став 2 точка 7 и член 107 став 2 точка 7 од Законот, подносителот смета дека се повредува достоинството на граѓаните, на начин што врз нив се вршел морален притисок и понижување да дадат исказ против себе, иако за тоа постои службена евиденција, поради што тие биле спротивни на уставните одредби од член 11 став 1 и член 25 од Уставот.

Подносителот смета дека ако од лице што е повикано, приведено или лишено од слобода не можело да се бара изјава, според член 12 став 3, уште повеќе тоа не може да се бара од приредувачот на игри на среќа, бидејќи странката, односно обвинетиот, како во секоја друга постапка, не е должен да ја зборува вистината и од него не може да се бара изјава и да трпи било какви последици ако не ја даде таа изјава или пак таа изјава биде невистинита. Во врска со оваа одредба подносителот предлага да се имаат предвид Одлуката у.бр. 237/2006 и У.бр. 11/2009.

Со третата иницијатива се оспорува член 18 став 2 од Законот. Подносителот смета дека со тоа што од обврската за депонирање на депозит или обезбедување на банкарска гаранции се изземени приредувачите на наградните игри, интерактивните игри на среќа, забавните игри и приредувачите на лотариските игри на среќа, бил повреден членот 55 од Уставот, кој ја гарантира слободата на пазарот и претрпиемништвото, како и одредбите од член 8 став 1 алинеите 3 и 7 и член 51 од Уставот.

5. Судот на седницата утврди дека според член 18 став 1 од Законот, приредувачот на игри на среќа, за обезбедување на исплатата на добивките на учесниците во игрите на среќа, за плаќање на јавните давачки утврдени со закон како и за надоместоците и посебните давачки утврдени со овој закон е должен да депонира депозит или да обезбеди банкарска гаранција, во банка со седиште во Република Македонија, во износ кој за соодветната игра на среќа е утврден со овој закон, во рок од 15 дена од денот на приемот на лиценцата и во истиот рок доказот за депонираниот депозит или банкарската гаранција да ги достави до Министерството за финансии. Согласно ставот 2 на овој член од Законот, обврската од ставот 1 на овој член не се однесува на приредувачите на наградните игри, интерактивните игри на среќа, забавните игри и на приредувачите на лотариските игри на среќа, освен на приредувачите на играта на среќа томбола од затворен тип.

Според членот 26 став 1 точка 4 и точка 8, трговското друштво во државна сопственост од членот 7 став 2 на овој закон, по уписот во трговскиот регистар што се води во Централниот регистар на Република Македонија и целосната уплата на основната главнина до Министерството за финансии задолжително приложува, меѓу другото и уверение издадено од надлежен орган дека управителите на трговското друштво не се правосилно осудени на безусловна казна затвор во траење од најмалку шест месеци, како и уверение за платени јавни давачки, издадено од надлежен орган.

Според членот 40 став 3 точки 4 и 7 од Законот, трговското друштво од ставот 2 на овој член кон барањето задолжително треба да достави, меѓу другото, и уверение издадено од надлежен орган дека управителите на трговското друштво не се правосилно осудени на безусловна казна затвор во траење од најмалку шест месеци и уверение за платени јавни давачки, издадено од надлежен орган.

Според членот 44 став 1 од Законот, приредувачот на томбола од затворен тип за обезбедување на исплатата на добивките на учесниците во томболата, за плаќање на јавните давачки утврдени со закон, како и за надоместоците и посебната давачка утврдени со овој закон е должен да депонира депозит или да обезбеди банкарска гаранција, во банка со седиште во Република Македонија, во износ од 15.000 евра во денарска противредност по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на депонирањето, односно на денот на издавањето на банкарската гаранција.

Според членот 51 став 1 од Законот, приредувачот на електронските игри на среќа за обезбедување на исплатата на добивките на учесниците, за плаќање на јавните давачки утврдени со закон, како и за надоместоците и посебната давачка утврдени со овој закон е должен да депонира депозит или да обезбеди банкарска гаранција, во банка со седиште во Република Македонија, во износ од 15.000 евра во денарска противредност по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на депонирањето, односно на денот на издавањето на банкарската гаранција.

Според членот 61 став 1 од Законот, приредувачот на игрите на среќа во казино за обезбедување на исплатата на добивките на учесниците во игрите на среќа во казиното, за плаќање на јавните давачки утврдени со закон, како и за надоместоците и посебните давачки утврдени со овој закон е должен да депонира депозит или да обезбеди банкарска гаранција, во банка со седиште во Република Македонија, во износ од 100.000 евра во денарска противредност по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на депонирањето, односно на денот на издавањето на банкарската гаранција.

Според членот 76 став 1, приредувачот на игрите на среќа во обложувалница за обезбедување на исплатата на добивките на учесниците во игрите на среќа во обложувалницата, за плаќање на јавните давачки утврдени со закон, како и за надоместоците и посебните давачки утврдени со овој закон е должен да депонира депозит или да обезбеди банкарска гаранција, во банка со седиште во Република Македонија, во износ од 300.000 евра во денарска противредност по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на депонирањето, односно на денот на издавањето на банкарската гаранција.

Според членот 90 став 1, приредувачот на игрите на среќа во автомат клуб за обезбедување на исплатата на добивките на учесниците во игрите на среќа во автомат клуб, за плаќање на јавните давачки утврдени со закон, како и за надоместоците и посебните давачки утврдени со овој закон е должен да депонира депозит или да обезбеди банкарска гаранција, во банка со седиште во Република Македонија, во износ од 10.000 евра во денарска противредност по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на депонирањето, односно на денот на издавањето на банкарската гаранција.

Според член 102 став 2 точките 5, 7 и 8, кон барањето за издавање лиценца за производител барателот доставува: уверение за платени јавни давачки, издадено од надлежен орган; изјава од приредувачот заверена на нотар дека порано не му била одземена лиценца или друг вид на дозвола или одобрение за приредување на игри на среќа во земјата или во странство; и уверение издадено од надлежен орган дека управителите на трговското друштво не се правосилно осудени на безусловна казна затвор во траење од најмалку шест месеци,

Според член 104 став 2 точките 5, 7 и 8 од Законот, кон барањето за издавање лиценца за производител барателот доставува и уверение за платени јавни давачки, издадено од надлежен орган, изјава од приредувачот заверена на нотар дека порано не му била одземена лиценца или друг вид на дозвола или одобрение за приредување на игри на среќа во земјата или во странство и уверение издадено од надлежен орган дека управителите на трговското друштво не се правосилно осудени на безусловна казна затвор во траење од најмалку шест месеци.

Според член 106 став 1, заради обезбедување на исплатата на добивките спрема учесниците во интернет игрите на среќа, намирување на надоместокот за приредување на интернет игри на среќа, како и даноците и другите јавни давачки, како и другите обврски, приредувачот на интернет игрите на среќа е должен за целиот период на важност на лиценцата за приредување на интернет игри на среќа да има обезбедено банкарска гаранција на износ од 50.000 евра во денарска противредност по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на издавањето на банкарската гаранција, издадена од банка со седиште во Република Македонија.

Според член 130 став 2 точка 6 од Законот, кон барањето од ставот 1 на овој член задолжително се доставува и уверение за платени јавни давачки, издадено од надлежен орган.

Според членот 134 став 2 точка 2, доколку барањето од ставот 1 на овој член го поднесува трговец поединец, кон барањето задолжително се доставува уверение за платени јавни давачки, издадено од надлежен орган.

Според член 141 точка 4, кон понудата за добивање на овластување за утврдување на техничката исправност на автоматите за игри на среќа, правното лице – понудувач задолжително треба да достави и уверение за платени јавни давачки, издадено од надлежен орган

Според член 151 став 1 точка 5, при вршењето на инспекцискиот надзор, овластеното службено лице на Управата за јавни приходи особено врши надзор, меѓу другото, и над плаќањето на надоместоците за добивање на лиценца, односно дозвола, надоместоците, посебните надоместоци и посебните давачки утврдени со овој закон, како и над плаќањето на даноците и другите јавни давачки утврдени со закон, од страна на приредувачите на игри на среќа и забавни игри.
6. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 7 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во согласност со член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општестве-ната положба и граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со членот 25 од Уставот, определено е дека на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според член 32 ставови 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Согласно член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 55 став 1 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на пазарот и претпримаштвото, а според став 2 Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Според ставот 3 слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природната и животната средина или на здравјето на луѓето.

Според член 1 од Законот за игрите на среќа и забавните игри, со овој закон се уредуваат видовите, условите и начинот на приредување на игрите на среќа и забавните игри.

Во членот 2 од Законот е определено значењето на поимите употребени во Законот, при што во одделните точки (релевантни за овој реферат), е определено следното:

1. Игри на среќа се игрите во кои учесниците имаат еднакви можности за стекнување на добивка со посредна или непосредна уплата на одреден износ (влог), а резултатот од играта исклучиво или претежно зависи од случајноста или од некој неизвесен настан во играта;

2. Забавни игри се игрите на компјутери, симулатори, видеоавтомати, флипери и други слични апарати кои се ставаат во погон со помош на пари, жетони или на друг начин, како и пикадо, билијарди и други слични игри во кои се учествува со уплата, а во кои учесникот не може да оствари добивка во пари, предмети или права, туку стекнува право на една или повеќе бесплатни игри од ист вид, како и други игри од забавен карактер во кои се подразбира дека учесникот во забавните игри кој губи ги сноси трошоците за играта или каде што уплатите (влоговите) и добивката се незначителни;

3. Приредувач на игра на среќа е трговско друштво со седиште во Република Македонија на кое му е издадена лиценца, односно дозвола за приредување на игри на среќа и трговско друштво во кое содружник или акционер е Република Македонија и е основано за приредување на игри на среќа;

4. Приредувач на забавна игра е трговско друштво и физичко лице – трговец поединец на кои им е издадена дозвола за приредување на забавни игри;

6. Лотариски игри на среќа се игри кои се приредуваат со јавно извлекување и кај кои однапред е одреден фондот на добивките;

11. Томбола од затворен тип е игра на среќа во која учесникот има томболска картичка која ја издава приредувачот на играта на среќа и на која, во согласност со правилата на играта на среќа, однапред се впишани броеви, а добитник е учесникот кој поседува томболска картичка што покажува комбинација на броеви (комбинација на добивката) која според правилата на играта е означена како добитна, при што броевите на оваа комбинација се добиваат по пат на механичко извлекување кое не се пренесува со посредство на средствата за јавно информирање;

15. Електронски игри на среќа се игри на среќа кај кои извлекувањето се врши по пат на електронски или механички генератор на случајноста и резултатот се пренесува електронски, при што фондот на добивки не мора однапред да биде одреден;

18. Наградни игри се игрите на среќа кои заради рекламирање на производи и услуги ги приредува едно трговско друштво или повеќе трговски друштва заедно, на начин определен од страна на приредувачот на играта на среќа (на вообичаен начин, електронски начин, по пат на мобилен уред, интернет и слично) со јавно објавување на условите за учество во играта утврдени со правилата на играта, при што приредувачот на играта на среќа се обврзува на извлечените добитници да им ги додели наградите во предмети, пари или права;

19. Интерактивни игри на среќа се игрите на среќа кои се приредуваат преку средствата за електронски комуникации, односно телекомуникации и кои се реализираат преку одговорање на прашања или демонстрирање на знаења или вештини, под услов учеството во играта да е условено со уплата (влог) од страна на учесникот во играта и тоа од телефонски такси или која било друга форма на уплата (влог) од страна на учесникот во играта;

Согласно членот 7 од Законот, приредувањето на игрите на среќа и забавните игри утврдени со овој закон е право на Република Македонија, ако со овој закон поинаку не е уредено.

Според ставот 2 на овој член од Законот, лотариските и електронските игри на среќа, освен томболата од затворен тип, Република Македонија самостојно ги приредува со основање на трговско друштво за приредување на игрите на среќа во кое Република Македонија е содружник или акционер со најмалку 51% од основната главнина.

Според ставот 3 на истиот член од Законот, правото на приредување на останатите игри на среќа и забавните игри утврдени со овој закон, вклучувајќи ја и томболата од затворен тип, Република Македонија го пренесува со издавање на лиценца, односно дозвола на трговски друштва, односно трговец поединец, кои ги исполнуваат условите утврдени со овој закон (став 3).

Лиценцата, односно дозволата од ставот (3) на овој член не смее да се пренесе на друго трговско друштво, односно трговец поединец (став 4).

Според членот 9 став 1 од Законот, забавните игри, наградните игри и интерактивнните игри на среќа се приредуваат врз основа на дозвола.

Според членот 11 од Законот, за издавање на лиценца и дозвола се плаќа надоместок, освен ако со овој закон поинаку не е уредено. Надоместокот за лиценцата се плаќа така што 50% од надоместокот се уплаќа при издавање на лиценцата, а остатокот од 50% на еднакви годишни рати додека трае лиценцата. Надоместокот од 50% кој се плаќа при издавање на лиценцата, приредувачот на игрите на среќа е должен да го плати во рок од 15 дена од денот на приемот на лиценцата. Во спротивно ќе се смета дека лиценцата не била воопшто издадена. Роковите на достасаност на годишните рати за надоместокот во износ од 50% се утврдуваат во лиценцата. Доколку приредувачот на игрите на среќа пропушти да го плати износот на годишната рата до утврдениот датум согласно со лиценцата, Владата на Република Македонија ја одзема лиценцата.

Според членот 16 од Законот, средствата остварени по сите основи од приредувањето на игри на среќа и забавни игри се користат за финансирање на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија на граѓани за борба против семејното насилство и за Црвениот крст на Република Македонија. Износот на средствата за намената утврдена во ставот (1) на овој член се определува на 50% од вкупниот приход од игрите на среќа и забавните игри утврден во претходната календарска година, но не помалку од 60 милиони денари и не повеќе од 120 милиони денари.

Според членот 17 од Законот, надоместоците и посебните давачки од игрите на среќа утврдени со овој закон се приход на Буџетот на Република Македонија.

7. Одредбата од членот 18 став 2 од Законот подносителот ја оспорува од аспект на слободата на пазарот и претприемништвото. Наводите во иницијативата за Судот се неприфатливи од следниве причини. Имено оспорената одредба предвидува дека обврската за депонирање на депозит или за обезбедување на банкарска гаранција заради плаќање на јавните давачки утврдени со закон, како и за надоместоците и посебните давачки утврдени со овој закон, не се однесува на приредувачите на наградните игри, интерактивните игри на среќа, забавните игри и на приредувачите на лотариските игри на среќа, освен на приредувачите на играта на среќа томбола од затворен тип.

Оспорената одредба, според мислењето на Судот, не ја ограничува слободата на пазарот и претприемништвото, бидејќи таа не содржи забрана за приредување на определени игри на среќа и забавни игри, туку предвидува поинаков режим, односно поинакви обврски за приредувачите на одделни игри, поаѓајќи од специфичностите и разликите на одделните игри на среќа и забавни игри. Таквите разлики се утврдени во самиот Закон и се состојат во тоа што кај одделни игри однапред е одреден фондот на добивките а кај други тоа не е, кај забавните игри по правило уплатите и добивката се незначителни, потоа различни се правилата во поглед на уплатата на влоговите, како и за распределба на добивките. Исто така разликите се состојат во тоа што приредувањето одделни игри е врз основа на лиценца, а кај други (забавни игри, наградни игри, интерактивни игри на среќа) тоа е врз основа на дозвола. Поаѓајќи од разликите на одделните игри законодавецот утврдил и различен режим за приредување на тие игри, и тоа не претставува ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото туку легитимно право на законодавецот да ги утврди условите за приредување на одделните игри на среќа и забавни игри.

Поради наведеното Судот оцени дека не постојат основи за доведување под сомнение на согласноста на одредбата од членот 18 став 2 од Законот со членот 55 од Уставот.

8. Членовите 18 став 1 во делот: „за плаќање на јавните давачки утврдени со закон“, член 44 став 1 во делот: „за плаќање на јавните давачки утврдени со закон“, член 51 став 1 во делот: „за плаќање на јавните давачки утврдени со закон“, Член 61 став 1 во делот: „за плаќање на јавните давачки утврдени со закон“, член 76 став 1 во делот: „за плаќање на јавните давачки утврдени со закон“, член 90 став 1 во делот: „за плаќање на јавните давачки утврдени со закон“, член 106 став 1 во делот: „како и даноците и другите јавни давачки“, подносителот ги оспорува со првата иницијатива, со образложение дека со нив се барало приредувачите на игрите на среќа да приложат и уверение за платени јавни давачки и за тоа да депонираат депозит или да обезбедат бангарска гаранција и дека тоа претставувало излегување од законските механизми за плаќање на јавните давачки и намалување на обемот на правото на работа, слободен избор на вработување и достапноста на секое работно место под еднакви услови.

Според оценка на Судот, овие аргументи на подносителот не се прифатливи од причина што од самата содржина на наведените одредби произлегува дека тие пропишуваат обврска за обезбедување на депозит или банкарска гаранција како средство за обезбедување за обврските на приредувачот на одделните игри на среќа (како што се исплата на добивките спрема учесниците, намирување на надоместоците и посебните давачки предвидени со законот, како и плаќање на даноците и другите јавни давачки и другите обврски), што значи дека со одредбите се утврдува за кои намени би се искористил дадениот депозит или банкарска гаранција, но самите одредби од наведените членови на Законот, не содржат барање односно обврска да се достави уверение за платени даноци и други јавни давачки како услов за добивање на лиценца односно дозвола. Оттука овие аргументи на подносителот на иницијативата не би можеле да се однесуваат на сите оспорени одредби од првата иницијатива, туку треба да се прави разлика помеѓу одредбите, зависно од нивната содржина, односно зависно од обврската што ја пропишуваат, а не да се групираат во иста група и да се напаѓаат со исти аргументи, само поради фактот што во сите нив е содржан изразот „плаќање на даноци и јавни давачки“, како што тоа го прави подносителот на иницијативата. Наведените одредби според тоа, во никој случај не можат да се доведат во корелација со одредбите кои бараат доставување на доказ за платени даноци и јавни давачки, како услов за добивање на лиценца, и поради тоа што самата обврска за обезбедување на депозит или банкарска гаранција започнува да тече по добивањето на лиценцата (член 18 став 1) така што таа обврска не е услов за нејзино добивање.

Оттука, Судот оцени дека оспорените одредби од членовите 18 став 1 во делот: „за плаќање на јавните давачки утврдени со закон“, член 44 став 1 во делот: „за плаќање на јавните давачки утврдени со закон“, член 51 став 1 во делот: „за плаќање на јавните давачки утврдени со закон“, член 61 став 1 во делот: „за плаќање на јавните давачки утврдени со закон“, член 76 став 1 во делот: „за плаќање на јавните давачки утврдени со закон“, член 90 став 1 во делот: „за плаќање на јавните давачки утврдени со закон“, член 106 став 1 во делот: „како и даноците и другите јавни давачки“, не би можеле да се доведат под сомнение во однос на Уставот, од аспект на наводите и аргументите наведени во иницијативата.

9. Во однос на одредбите од членовите: 26 став 1 точка 4 и точка 8, член 40 став 3 точка 4 и точка 7, член 102 став 2 точките 5, 7 и 8, член 104 став 2 точките 5, 7 и 8, член 130 став 2 точка 6, член 134 став 2 точка 2 и член 141 точка 4, Судот оцени дека се прифатливи аргументите на подносителот на иницијативата со кои се оспорува нивната уставност. Ова од причина што со одредбите од наведените членови се пропишуваат определени обврски, за кои Судот во повеќе наврати во својата уставно-судска практика се изјаснил дека се спротивни на Уставот, како што се обврската за доставување на доказ за неосудуваност, или пак доказ за платени даноци и други јавни давачки.

Имено со одредбите од член 26 став 1 точка 4, член 40 став 3 точка 4, член 102 став 2 точка 8 и член 104 став 2 точка 8, се пропишува обврска за за доставување на уверение издадено од надлежен орган дека управителите на трговското друштво не се правосилно осудени на безусловна казна затвор во траење од најмалку шест месеци, додека пак со одредбите од членовите 102 став 2 точка 7 и член 104 став 2 точка 7, се пропишува обврска за давање изјава од приредувачот, заверена на нотар дека порано не му била одземена лиценца или друг вид на дозвола или одобрение за приредување на игри на среќа во земјата или во странство.

Тргнувајќи од содржината на член 11 став 1 и член 25 од Уставот, јасно произлегува дека нивната содржина ја истакнува вредноста и неприкосновеноста на човечката личност како основа и смисла на гарантирањето на човековите права. Човечкото достоинство, во таа смисла, не е само едно од субјективните човекови права што изречно се препознава во член 25 од Уставот, туку и темелна вредност на демократското општество што ужива универзална заштита.

Bo тој контекст, забраната од граѓаните да се бараат докази за нивната осудуваност или неосудуваност е јасен израз на овој втор аспект на заштита на човековото достоинство, како што тоа е општо прифатениот принцип на забрана за самообвинување на осомничениот во казненото право, кој што е изграден подеднакво врз презумпцијата на невиност и заштитата на достоинството на поединецот.

Во конкретниот случај, барањето доказ од трговското друштво за приредување на игри на среќа, од барателот на лиценца за приредување на томбола од затворен тип, барателот на лиценца за производител на софтвер за приредување на интернет игри на среќа и барателот на лиценца за приредување на интернет игри на среќа, дека управителите на трговското друштво не се правосилно осудени на безусловна казна затвор во траење од најмалку шест месеци, во суштина се сведува на барање изјава за нивната осудуваност или неосудуваност. Иако овие докази не се бараат во кривичноправен контекст (туку во постапката за издавање на лиценци за приредување на игри на среќа) и немаат самообвинувачки квалитет, самата обврска за нивното соопштување има ефект врз однесувањето на поединецот, што е проблематично како од аспект на заштита на човековото достоинство, така и од аспект на претпоставката на невиност на која се надоврзува забраната од лицето да се бара било доказ за осудуваност, било доказ за неосудуваност. Меѓутоа, утврдувањето на тој факт не може да биде обврска на поединецот кој е во прашање, туку на надлежниот орган што одлучува за давање на соодветни лиценци за вршење на дејноста и кој што за утврдување на таа законска обврска ја има на располагање службената казнена евиденција, како инструмент за правилно применување на законот.

10. Одредбите од членовите 102 став 2 точка 7 и член 104 став 2 точка 7 со кои се пропишува обврска за давање изјава од приредувачот, заверена на нотар дека порано не му била одземена лиценца или друг вид на дозвола или одобрение за приредување на игри на среќа во земјата или во странство, според оценката на Судот, можат исто така основано да се доведат под сомнение во поглед на нивната усогласеност со Уставот, посебно со членовите 11 и 25 од Уставот. Ова поради тоа што според членот 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени, а согласно членот 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Почитувањето на моралниот интегритет и достоинството на граѓанинот во себе ја опфаќа и улогата на државата која треба да гарантира заштита на интегритетот и достоинството на начин со кој ќе се обезбеди заштита во случај кога овие вредности се загрозени од друг, но и со избегнување на поединецот да му се наметнуваат обврски кои можат службено да се проверат. Оттука, фактот дали на приредувачот на игри на среќа порано му била одземена лиценцата односно одобрението или дозволата за приредување на игри на среќа, треба да го провери органот надлежен за издавање на лиценци односно дозволи, по службен пат, а не тоа да претставува обврска за приредувачот на игрите на среќа, поради што Судот утврди дека и овие одредби не се во согласност со наведените одредби од Уставот.

11. При оценката на уставноста на одредбите од членовите 26 став 1 точка 8, 40 став 3 точка 7, 102 став 2 точка 5, 104 став 2 точка 5, 130 став 2 точка 6 и член 134 ств 2 точка 2 од Законот, судот тргна од одредбите од членовите 32 и 33 од Уставот.

Според членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2).

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Имајќи ја предвид одредбата од член 33 од Уставот произлегува дека секој има уставна обврска да ги намирува јавните давачки и дека во рамките на начинот на плаќање на јавните давачки постојат законски механизми за нивно исполнување.

Судот поаѓајќи од наведените уставни одредби, содржината на оспорените членови, наводите од иницијативата и уставно-судската практика, оцени дека пропишувањето на обврска за барателите на лиценци и дозволи за приредување на игри на среќа и забавни игри, да достават уверение за платени јавни давачки издадено од надлежен орган, излегува надвор од соодветните законски механизми. Тоа доведува до состојба исполнувањето на обврската на лицето од одреден статус да влијае на остварувањето на право од друг статус што е уставно недопуштено и води кон стеснување на обемот на правото на работа и достапноста на секое работно место секому под еднакви услови. Поради наведеното Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на наведените одредби Законот, со членовите 32 и 33 од Уставот.

12. Одредбата од членот 151 став 1 точка 5 од Законот, е оспорена со првата иницијатива, во склоп на останатите оспорени одредби во кои се содржани зборовите „како и над плаќањето на даноците и другите јавни давачки утврдени со закон“ и таа се оспорува со истите аргументи кои се однесуваат на останатите оспорени одредби. Според оценката на Судот, суштината на одредбата е нешто сосема друго, односно таа ги уредува овластувањата на службеното лице на Управата за јавни приходи при вршењето на инспекцискиот надзор да врши надзор, меѓу другото, и врз плаќањето на надоместоците за добивање на лиценца, односно дозвола, надоместоците, посебните надоместоци и посебните давачки утврдени со овој закон, како и над плаќањето на даноците и другите јавни давачки утврдени со закон, од страна на приредувачите на игри на среќа и забавни игри. Со оглед на тоа што во иницијативата не е даден ниту еден аргумент за тоа зошто ваквото овластување на Управата за јавни приходи би било спротивно на Уставот, Судот оцени дека иницијативата во овој дел треба да се отфрли согласно член 28 алинеја 3, односно поради недостиг на процесни претпоставки за одлучување.

13. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

14. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите Наташа Габер – Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 53/2011
18 мај 2011 година
Скопје
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски