135/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 18 мај 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитостa на Одлука за донесување на Детален урбанистички план за дел од УЕ „Тоде Мендол“ УБ 63, плански опфат помеѓу ул. 1, ул. ЈНА, ул. 2 КП.бр.16793, ул.3 и КП.бр.16369/2,-општина Куманово, донесена под бр.07-6991/18 од 23 јуни 2010 година од Советот на општина Куманово („Службен гласник на општина Куманово“ бр.11/2010 од 29 јуни 2010 год).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка во делот со кој се бара оценување на меѓусебната согласност на Одлуката означена во точката 1 од овој предлог со одредбите од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и членот 3 точка 8 од Правилникот за поблиска содржина, размер и начин на графичка обработка на урбанистичките планови.

3. Димче Димитриевски од Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и закoнитоста на Одлуката означена во точките 1 и 2 на ова решение.

4. Според наводите во иницијативата, подносителот смета дека одлуката била донесена спротивно на членот 8 став 1 алинеи 3, 9 и 10 од Уставот; членот 14 ставови 3 и 5; членот 24 ставови 1, 4 и 10 и член 26 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Подносителот на иницијативата бил заинтересирано лице по однос на предметното земјиште кое се уредувало со овој детален урбанистички план по основ на постапка за денационализација која ја водел пред надлежен државен орган под ДН.бр.17-1218/747 од 16.04.2003 година и бил во фаза предметното земјиште да му биде вратено во сопственост, а истото било составен дел на катастарската парцела која била предмет на уредување на овој ДУП. Меѓу другото, тоа било и причина подносителот на иницијативата да нема можност да го искаже својот став и мислење на јавната анкета и јавната презентација.

Во прилог на иницијативата го приложува Решението Уп.44-590/1 од 16.07.2007 година на Комисијата за решавање во управна постапка во втор степен од областа на денационализацијата со кое жалбата на Заменик јавниот правобранител на Република Макеоднија, со седиште во општина Куманово, била одбиена, а решението ДН.бр.17-1218/747 од 27.04.2005 година, било потврдено.

Против второстепената одлука поднел тужба Јавниот правобранител на Република Макеоднија. Со пресуда У.бр 4652/2007 година на Управниот суд на Република Македонија тужбата била уважена, а второстепеното решение било укинато.

Во повторната постапка со решение Уп. Бр. 44-3889/2 од 19.11.2009 година на Комисијата за решавање во управна постапка во втор степен од областа на денационализацијата, постапувајќи по жалбата на Јавниот правобранител на Република Македонија, истата била уважена и првостепеното решение било поништено, а предметот бил вратен на повторно постапување. Против ова решение подносителот на иницијативата поднел Тужба за поништување на одлука до Управниот суд на Република Македонија на ден 23.02.2010 година.

Притоа, според наводите во иницијативата била направена повреда на одредби од Законот, на начин што во соопштението за споведување на јавната презентација и јавната анкета по предметниот детален урбанистички план не била наведена површината на опфатот на планот (член 24 став 10 од Законот за просторното и урбанистичко планирање); биле спроведени јавната презентација и јавната анкета по нацртот на деталниот урбанистички план, но не бил изработен извештај од јавната презентација и јавната анкета (член 24 ставови 1 и 3 од Законот); немало излагање на планот на јавно место, кое се наоѓало во кругот на месната заедница, (член 24 ставови 1, 3 и 4 од Законот); а бидејќи била спроведена јавна анкета но не била дадена можност за ставање на забелешки од страна на заинтересираните лица (член 24 став 6 од Законот); спротивно на членот 24 став 10 од Законот во јавните гласила немало соопштение за времето и местото на изложување и податоци (катастарски парцели) и во постапката за измена на планот не биле применети стандардите и нормативите за урбанистичко планирање, согласно Законот.

Според наводите во иницијативата иако имало претходни сознанија дека на наведените катастарски парцели биле евидентирани дивоградби, ДПТУ “Реџиа“ ДОО Куманово, иницирал уредување на истите, поднесувајќи иницијатива за изготвување на детален урбанистички план за наведените локации. Изготвувачот не изработил ажурирана геодетска подлога со која што би ги обележал сите нелегално изградени објекти согласно Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и членот 3 точка 8 од Правилникот за поблиска содржина, размер и начин на графичка обработка на урбанистичките планови кој што налагале инвертаризација и снимка на бесправно изградените градби и нивно обележување во ажурираните геодетски подлоги, составен дел на документациската основа на урбанистичките планови

Подносителот на иницијативата на 22.06.2010 година писмено со претставки се обратил до градоначалникот на Општина Куманово и Советот на Општина Куманово и им укажал на претходно направените неправилности пред донесувањето на оспорената одлука. Одлуката била донесена на 23.06.2010 година (со што наводно бил прејудициран евентуалниот одговор на претставките) спротивно на материјалното право и позитивните законски прописи. Со донесената Одлука му биле ускратени правата на подносителот на иницијативата кои произлегуваат од членот 29 став 2 точка 2 од Законот за локалната самоуправа и членовите 6 и 9 од Законот за постапување по претставки и предлози (“Службен весник на Република Македонија” бр. 82/08).

Исто така, во иницијативата е наведено дека спротивно на член 26 став 7 од Законот бил поминат рокот од шест месеци (предлог-планот бил изготвен со технички број 41/07 од месец март 2009 година) за давање на стручното мислење по однос на Нацрт-планот од страна на Секторот за уредување на просторот при Министерството за транспорт и врски бр.16-16639 од 11.02.2008 година, а општината била должна да ја повтори постапката за донесување на предметниот план.

Врз основа на изнесеното се предлага донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука, а по поведувањето на постапката за оцена на законитоста Судот да ја поништи оспорената одлука.

5. Судот на седница утврди дека Советот на општина Куманово на седницата одржана на 23 јуни 2010 година ја донел оспорената одлука во која со членот 1 било определено дека се донесува предметниот план, се определува неговиот опфат со граници на локалитетот, а врз основа на техничката документација изработена од „Урбан Гис“ ДОО-Куманово.

Во членот 2 е определено кои прилози ги содржи Планот, а во членот 3 се уредени прашањата за заверката со потпис и печат и архивирањето на примероците од Планот. Според членот 4, Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Куманово“.

Од увидот и анализата на документацијата доставена од Советот на општина Куманово, Судот утврди дека:

– Нацрт-Деталниот урбанистички план е изработен од Друштвото за планирање, проектирање и инженеринг ДОО „УРБАН ГИС“ – Куманово со тех.бр.41/2007 од септември 2007 година;

– На Нацрт-планот била изработена Стручна ревизија од Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија „СТАН-АРТ“ ДООЕЛ-Куманово со тех.бр.80/2007 од декември 2007 година, во која има забелешки кои треба да се отстранат, усогласат и вградат;
– Изготвувачот на планот во одговорот на ревизијата бр.08-655/1 од 20 декември 2007 година воглавно ги прифаќа забелешките, а за неприфатените дал образложение;
– Министерството за транспорт и врски дало Стручно мислење број 16-16639 од 11 февруари 2008 година на Нацрт-планот со забелешки да се преиспита меѓусебното растојание, ширината и градежните линии на конкретните локации и да се почитуваат членовите 66 и 73 од Правилникот за стандардите и нормативите за урбанистичко планирање и членот 74 од Законот за јавните патишта;
– Со Одлука број 07-5406/8 од 21 мај 2008 година Советот на општина Куманово го утврдил Нацрт-планот;
– За организирање на јавната презентација и јавната анкета во траење од 15 дена по Нацрт-планот градоначалникот на општината Куманово донел Одлука број 08-1532/1 од 12 февруари 2009 година и за таа цел е подготвено Соопштение од 13 февруари 2009 година дека ќе се организира јавна анкета во периодот 16 февруари до 4 март 2009 година (има десет работни дена), со излагање на текстуалните прилози во општинските витрини на градскиот Плоштад, кои се наоѓале под осмокатницата „Куманово“, а јавната презентација била закажана за 25 февруари 2009 година во салата за состаноци на Општината;

– Соопштението било објавено во „Утрински Весник“ на 16 февруари 2009 година.

– Од извештајот од јавната анкета заведен под бр.21-1532/5 од 06 јуни 2009 година произлегува дека бил поднесен еден приговор од страна на правното лице Комерцијална банка АД Скопје со барање под бр. 21-1532/4 од 27.02.2009 година и истиот бил удоволен на начин што било дозволено да се опфатат со градба сите постоечки градби и им била дадена можност за надградба на истите;

-Известување за постапување по Извештајот од спроведената јавната анкета и јавна презентација заведено под број 21-1532/5 од 09 јуни 2009 година;

– Барањето за давање согласност на Предлог-Планот е упатено до Министерството за транспорт и врски на 10 јуни 2009 година под бр.21-1532/7.

Оспорената одлука е донесена на 23 јуни 2010 година;

Согласноста на Предлог-Планот бр.16-6411/2 од 22 јули 2009 година на Министерството за транспорт и врски до општината Куманово била доставена на 27 јули 2009 година, видно од приемниот печат. Основа за давање на согласноста била приложена документација, меѓу кои и Годишна програма за урбанистичко планирање во општина Куманово за 2008 година (објавена во „Службен гласник на општина Куманово“ бр.7/2008).

6. Судот на седница утврди дека условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007 и 151/2007-исправка), во чие време на важење е донесена оспорената одлука.

Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.

Според членот 7 од овој закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следните планови: Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.

Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфра-структурата.

Според ставот 3 од овој член од Законот, графичките прикази на планот одржат: граница на планскиот опфат, регулациони линии, парцелација на градежното земјиште, површини за градење на градби определени со градежни линии, максимална висина на градбата изразена во метри до венец, намена на земјиштето и градбите, планско решение на секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктури.

Според ставот 4 од овој член од Законот, текстуалниот дел од планот содржи: општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите, посебни услови за изградба на поединечни градежни парцели, податоци за сообраќајните, комуналните и телекомуникациските инфраструктури и други параметри.

Според член 14 од Законот, сите постојни надземни и подземни градби во рамките на планскиот опфат се евидентираат на ажурирана геодетска подлога во документационата основа на планот.

Во документационата основа се обележуваат сите заштитени добра кои што имаат статус на културно наследство според заштитно конзерваторските основи.

Во документационата основа на планот на ажурирана геодетска подлога се евидентираат сите градби кои до почетокот на изработката на урбанистичкиот план се изградени или почнале да се градат спротивно на важечкиот урбанистички план или спротивно на одредбите на овој закон и Законот за градење.

Во планските решенија на урбанистичките планови со плански одредби се уредуваат условите за градење само за градби кои ќе се градат по донесувањето на планот. За легално изградените градби на чиешто место со планот не се предвидуваат услови за градење за нови градби или за доградба и надградба на старите, не се предвидуваат услови за градење, туку градбите само се потврдуваат како постојни.

Во планските решенија на урбанистичките планови не може да се утврдуваат услови за градење со кои се врши вклопување во планот на градби кои до почетокот или за време на изработката на урбанистичкиот план биле изградени или почнале да се градат спротивно на важечкиот урбанистички план или спротивно на одредбите на овој закон и на Законот за градење.

Според член 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон , општините и градот Скопје донесуваат годишна Програма. Според ставот 2 од истиот член од Законот, програмата од ставот 1 на овој член општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.

Понатаму, согласно член 18 од Законот, изработување на урбанистички планови вршат правни лица кои поседуваат лиценца, што ја издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот под услови утврдени во овој член од Законот.

Во членот 19 од Законот е предвидено дека, урбанисти-чките планови се изработуваат на ажурирани геодетски подлоги, во соодветен размер, согласно со закон. Континуираното ажурирање на геодетските подлоги е обврска на донесувачот на планот кој ги сноси и трошоците за ажурирањето.

Според одредбата од членот 21 став 1 од Законот плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план. На нацртот на плановите, согласно членот 21 од Законот се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје врши овластено правно лице од член 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или на градот Скопје. Согласно став 5 на овој член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Во членот 23 од Законот е уредена поконкретно постапката за донесување на генерален урбанистички план (во оваа постапка се оспорува донесен детален урбанистички план).

Во член 24 од Законот, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5).

Според член 24 став 6 од Законот, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 7 на овој член од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 8, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.

Во членот 24 став 10 од Законот утврдено е дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со сопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот.

Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Согласно ставот 3 на член 25 од Законот мислењето од ставот 1 и согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на мислењето и согласноста не одговори во наведениот рок ќе се смета дека мислењето и согласноста се издадени. Според ставот 5 на истиот член по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Според членот 26 став 7 урбанистичките планови од членот 7 точка 2 алинеи 2, 3 и 4, како предлози на планови се доставуваат во рок од шест месеца од добивањe на мислењето од членот 25 став 1 на овој закон до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот заради добивање на согласност. Урбанистичките планови од членот 7 точка 2 алинеја 1 од овој закон се доставуваат во рок од 12 месеца од добивањето на мислењето од членот 25 став 1 на овој закон до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот. Доколку плановите не се достават во утврдениот рок, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, ќе и укаже на општината дека е должна постапката за нивно донесување да ја повтори согласно со овој закон.

Во членот 31 став 1 од Законот, помеѓу другото е предвидено дека во постапката за изработување на плановите задолжително се применуваат стандардите и нормативите за уредување на урбанистичкото планирање.

7.Судот на седница утврди дека од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот, во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Судот смета дека од списите по предметот произлегува дека постапката за планирање започнала врз основа на Програма за планирање на општината Куманово за 2007 година (објавена во „Службен гласник на општина Куманово“ бр.10/2007). Истиот плански опфат бил евидентиран како предмет на започнато урбанистичко планирање и според програмите за планирање на општината Куманово за 2007 и 2008 година („Службен гласник на општина Куманово бр.7/2008 и бр.3/2009).

Соопштението за организирање и спроведување на јавната анкета со означување на време и место на спроведување било објавено во „Утрински весник“ на 16 февруари 2009 година од каде нема повреда на членот 24 став 10 од Законот за просторното и урбанистичко планирање.

Исто така, Судот констатира дека неосновани се наводите за повреда на членот 24 став 4 од Законот, во кој е предвидено јавната анкета да се спроведе со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Ова од причина што одредбата не бара спроведувње на јавната анкета во месната самоуправа, како што погрешно смета подносителот на иницијативата, туку во било кое јавно место во кругот на јавната самоуправа, односно во овој случај тоа е направено со излагање на текстуалните прилози во општинските витрини на градскиот Плоштад, кои се наоѓале под осмокатницата „Куманово“ што според наша оцена го задоволува критериумот на јавност предвиден во цитираната одредба.

Со оглед на тоа што јавна анкета, на која не учествувал подносителот на иницијативата, била организирана и спроведена и тоа со траење од десет работни дена како што е определено во членот 24 став 4 од Законот, Судот смета дека неосновани се и наводите од иницијативата за повреда на наведената одредба заради неспроведување на јавна анкета.

Воедно, Судот констатира дека неосновани се наводите за повреда на членот 24 ставови 1 и 3 од Законот со оглед на тоа дека од извештајот од јавната анкета заведен под бр.21-1532/5 од 06 јуни 2009 година може де се констатира дека бил поднесен еден приговор од страна на правното лице Комерцијална банка АД Скопје со барање под бр. 21-1532/4 од 27.02.2009 година и истиот бил удоволен на начин што било дозволено да се опфатат со градба сите постоечки градби и им била дадена можност за надградба на истите. Исто така, било изготвено известување за постапување по Извештајот од спроведената јавната анкета и јавна презентација, заведено под број 21-1532/5 од 09 јуни 2009 година.

Геодетскиот елаборат за ажурирана геодетска подлога бил одобрен од Државниот завод за геодетски работи – Гео Метер ДОО Куманово (бр. 09-261 од 09.01.2008 година и била дадена согласност за донесување на Одлуката од страна на Министерството за транспорт и врски, со која се потврдува дека планот е изработен согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон, а кои дејствија посебно се оспоруваат со иницијативата.

Имено, Судот смета дека од приложените акти евидентно е дека од ажуриранта геодетска подлога во моментот на отпочнувањето на постапката за донесување на Деталниот урбанистички план нема евидентирано дивоградба. Врз основа на Записникот У.бр.23-9025/2 од 26.10.2009 година составен од страна на Секторот за инспекциски надзор-Инспекторат при општина Куманово, истиот управен орган донел Решение Уп. Бр.23-9025/4 од 04.11.2009 година за отстранување на посочената градба. Потоа бил донесен Заклучок за дозвола за извршување Уп.23-2832/1 од 23.02. 2010 година.

По однос на наводите во иницијативата дека при донесување на оспорената одлука не била ценета постојната состојба и не било работено со ажурирана геодетска подлога, во смисла на член 14 став 3 и член 19 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, Судот констатира дека истите се неосновани. Имено, горенаведените записник и решение биле донесени по дадената согласност од страна на Министерствто за транспорт и врски и оспорениот план бил ставен во употреба, по отстранувањето на посочената градба.

Судот смета дека се неосновани наводите дека спротивно на член 26 став 7 од Законот бил поминат рокот од шест месеци (предлог-планот бил изготвен со технички број 41/07 од месец март 2009 година) за давање на стручното мислење по однос на Нацрт-планот од страна на Секторот за уредување на просторот при Министерството за транспорт и врски бр.16-16639 од 11.02.2008 година, а општината била должна да ја повтори постапката за донесување на предметниот план.

Исто така, Судот смета дека се ирелевантни наводите во иницијативата дека со планот се вршела парцелизација на земјиште во приватна сопственост, како и тоа дека со планот биле вклопени градби кои биле изградени или почнале да се градат спротивно на важечкиот урбанистички план и спротивно на законите. Ова од причина што овие забелешки се однесуваат на содржината на деталниот урбанистички план, кое што прашање има изразито стучно-технички карактер и не се однесува на правните аспекти на постапката за донесување на планот. Оценката на стручно-техничките прашања и аспекти на планот излегува од границите на надлежноста на Судот.

Врз основа на овластувањето дадено во цитираната законска одредба Уставниот суд на Република Македонија, при оценувањето на уставноста и законитоста на оспорената Одлука за донесување на Деталниот урбанистички план, има надлежност само за оценување на постапката за донесување на Детален урбанистички план, односно дали истата е запазена во смисла на одредбите на Законот за просторното и урбанистичко планирање, кој важел во моментот на донесувањето на Одлуката.

Согласно членот 2 од овој закон, просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат.

Од наведеното, Судот оцени дека во постапката за донесување на Детален урбанистички план не може да се утврдува правото на сопственост, ниту правата по основ на денационализација туку истите се утврдуваат во редовна постапка пред надлежен суд, иницирана со сопственичка тужба или во управна постапка пред конкретните управни органи. Ова дотолку повеќе што ваквата околност на која се укажува во иницијативата не може да биде правна пречка за урбанистичкото планирање кое во својата суштина претставува план, а не реална реализација на терен и располагање со имот.

Со оглед на тоа што со иницијативата неосновано се изнесуваат наводи за проблематизирање на уставноста и законитоста на оспорената Одлука за донесување на предметниот план, Судот цени дека од изнесената анализа во однос на оспорената одлука не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Законот за локалната самоуправа и Законот за постапување по претставки и предлози.

Што се однесува до наводот за повреда на одредбите од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и членот 3 точка 8 од Правилникот за поблиска содржина, размер и начин на графичка обработка на урбанистичките планови, Судот констатира дека во овој дел иницијативата треба да се отфли согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, според кој Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето. Имено, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд нема надлежност да ја цени меѓусебната согласност на актите од ист правен ранг (одлука и правилник).

Имајќи го предвид сето наведено произлегува дека нема услови за донесување на решение согласно членот 27 од Деловникот.

Од изнесената правна и фактичка состојба Судот оцени дека оспорената Одлука е донесена во целост во постапка како што е предвидено со одредбите од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, односно дека истата не може да се доведе под сомнение по однос на нејзината согласност со членот 8 став 1 алинеи 3, 9 и 10 од Уставот; членот 14 став 3 и 5; членот 24 ставови 1, 4 и 10 и член 26 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојановски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.135/2010
18 мај 2011 година
С к о п ј е
мдш

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски