149/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 18 мај 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 3 точка 4 во делот

2. Сојузот на борците од Народно ослободителната војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на делот од одредбата од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, поради непрецизност и претесно дефинирање на изразот “имот” од членот 3 став 4 од Законот, оспорениот законски дел “со своето работење” била даден само заради полесна примена на членовите 105 и 106 од Законот, од кои причини оспорениот законски дел, не бил во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3 и 6, 20, 30 и 51 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 3 од Законот, е определено значењето и на изразите кои се употребени во овој закон.

Судот, утврди и дека според членот 3 точка 4 од Законот, “имот” на организацијата се сите сопственички и други стварни права што организацијата ги стекнува над движните и недвижните ствари и правата кои основачите ги вложиле во организацијата и кои организацијата ги стекнала со своето работење. Со иницијативата се оспорува точката 4 од наведениот член во делот: “со своето работење”.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 6 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 20 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат. Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост. Забранети се воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија.

Со членот 30 став 1 од Уставот се гарантираат правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 на овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и заедницата, а според ставот 3 никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за здруженија и фондации од 2010 година, се уредуваат начинот, условите и постапката за основање, регистрација и престанок на здруженијата, фондациите, сојузите, организационите облици на странските организации во Република Македонија, имотот со кој располагаат, надзорот, статусните промени и статусот на организациите од јавен интерес. Овој закон е втор по ред закон кој е донесен по донесувањето на Уставот на Република Македонија од 1991 година, со кој се утврди сегашното државно уредување засновано на принципите на поделбата на власта на законодавна, извршна и судска власт.

Според членот 2 од Законот, одредбите на овој закон не се однесуваат на политичките партии, црквите, верските заедници и религиозните групи, синдикатите, коморите и други видови на здружување уредени со посебни закони.

Со членот 3 од Законот, е определено значењето и на изразите кои се употребени во овој закон.

Според точката 4 од членот 3 од Законот, “имот” на организацијата се сите сопственички и други стварни права што организацијата ги стекнува над движните и недвижните ствари и правата кои основачите ги вложиле во организацијата и кои организацијата ги стекнала со своето работење. Со иницијативата се оспорува точката 4 од наведениот член во делот: “со своето работење”.

Со членот 12 од Законот е определено дека организациите не можат да се основаат за стекнување со добивка. Организациите можат да вршат дејности со кои може да стекнат добивка, ако дејноста е поврзана со целите утврдени со статутот. Ако во работењето на организациите се оствари добивка таа мора да биде употребена за остварување на целите утврдени со статутот. Остварената добивка од ставот 3 на овој член не може да се распределува меѓу основачите, членовите, членовите на органите, директорите, вработените или кое било друго со нив поврзано лице.

Според членот 48 од Законот, организациите средствата за финансирање ги стекнуваат од членарина, основачки влогови, доброволни прилози, донации, подароци (во пари, добра, имотни права), завештанија, легати, дејности со кои се стекнува добивка, кирии и закупнини, како и приходи од инвестиции, дивиденди, камати, заеми и други приходи во согласност со закон и со статутот, а според членот 49 став 1 од Законот организациите можат да добиваат и средства од Буџетот на Република Македонија, буџетите на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје.

Со членот 54 од Законот, е определено дека во случај на престанок на работата на организацијата, средствата што остануваат по намирување на обврските, се користат на начин утврден со статутот. Ако со статутот не е определен примателот на средствата што остануваат по намирување на обврските од ставот 1 на овој член, тие средства се пренесуваат на општината, општините во градот Скопје и градот Скопје на чие подрачје има седиште организацијата. Во случај на престанок на организацијата со статус на јавен интерес, средствата се пренесуваат на друга организација со статус од јавен интерес со иста или слична цел на дејствување или на општината на чие подрачје има седиште организацијата, за што одлучува давателот на средствата.

Со членот 105 од Законот, е определено дека имотот и средствата доделени на општествените организации и здруженија на граѓани добиени на користење од страна на поранешните општествено-политички заедници и самоуправни интересни заедници, се државна сопственост.

Според оспорениот член 106 од Законот, здруженијата на граѓани правни следбеници на општествените организации и здруженија, ќе го користат имотот во државна сопственост под закуп, доколку се користи за целите и задачите на здружението на граѓани согласно со закон. Имотот од ставот 1 на овој член, не може да биде предмет на издавање под закуп од страна на закупецот-организацијата. Здруженијата на граѓани правни следбеници на општествените организации и здруженија формирани за хуманитарни цели ќе го користат имотот во државна сопственост под закуп без надоместок, доколку тој се користи за целите и задачите на здружението на граѓани. Закупниот однос меѓу здружението на граѓани и државата се уредува со договор согласно со закон. Договорот за закуп во име на државата го склучува органот на државната управа определен со закон.

Од анализата на оспорениот законски дел содржан во членот 3 точка 4 од Законот, произлегува дека под имот на организација се подразбира само имотот која таа го стекнала со своето работење и кој се состои од сите сопственички и други стварни права што организацијата ги стекнува над движните и недвижните ствари и правата кои основачите ги вложиле во организацијата. Оттука произлегува дека само имотот стекнат со свое работење е имот со кој организацијата може да располага согласно со овој закон и статутот на организацијата. Тоа значи дека во тој имот не спаѓа имотот и средствата доделени на општествените организации и здруженија на граѓани добиени на користење од страна на поранешните општествено-политички заедници и самоуправни интересни заедници, бидејќи тие се државна сопственост. Но, Законот определува можност здруженијата на граѓани правни следбеници на општествените организации и здруженија, да можат да го користат имотот во државна сопственост под закуп, доколку тој се користи за целите и задачите на здружението на граѓани согласно со закон. Ова е регулирано со членовите 105 и 106 од Законот кои беа предмет на одлучување на овој суд и за кои одредби Судот со Решение У. Бр. 81/2010 од 30 март 2011 година, не поведе постапка за оцена на нивната согласност со Уставот.

Од овие причини, неосновано во иницијативата се тврди дека поради недоволна прецизираност на поимот “имот”, оспорениот законски дел го доведувал во прашање уставниот принцип на владеењето на правото, бидејќи според Судот, одредбата од членот 3 точка 4 во целина, а и оспорениот законски дел, на јасен и недвосмислен начин дефинира кој имот претставува имот на организацијата, на кој начин всушност прави и јасна дистинкција помеѓу имот кој таа го стекнала со своето работење и имот кој таа не го стекнале со свое работење и на кој може да има само корисничко право согласно законските одредби, а не и сопственичко право.

Тргнувајќи од содржината на оспорениот законски дел, кој е во корелација и треба да се разгледува во целина со останатите одредби од Законот, произлегува дека целта на законодавецот со ваквото поимно определување на имотот на организацијата, била да се разграничи правниот режим на имотот кои организациите го стекнуваат со свое работење и имотот кој не го стекнале на тој начин, а тоа според Судот, наоѓа своја оправданост и во фактот што сеуште постојат граѓански асоцијации кои се правни следбеници на поранешни општествени организации и здруженија на граѓани кои користеле имот и средства од поранешен период.

Од погоре изнесеното, Судот, утврди дека, со оспореното законско решение се појаснува значењето на изразот “имот” на организацијата, во кој не влегува имотот кој таа не го стекнала со своето работење, односно врз тој имот организацијата нема право на сопственост, па оттука, во конкретниот случај не може да стане збор за одземање ниту за ограничување на правото на сопственост и правата кои произлегуваат од неа, бидејќи не може да се ограничи или одземе сопственичко право кое не му припаѓа на даден субјект.

5. Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека во конкретниот случај, не може да се постави прашањето за согласноста на членот 3 точка 4 во делот: “со своето работење” од Законот, со членовите 8 став 1 алинеите 3 и 6, 20, 30, и 51 од Уставот.

6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 149/2010
18 мај 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски