32/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 мај 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 225 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2007, 86/2008, 98/2008, 64/2009, 161/2009 и 36/2011).

2. Љупчо Велковски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 225 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со одредбите од членот 225 од Законот се дозволувало сторителите на сообраќаен прекршок да можат меѓусебно да потпишат извештај за сообраќајна незгода со лицето на кое му предизвикале штета и да ја избегнат санкцијата за прекршокот, а наспроти ова, секој друг граѓанин кој ќе сторел други сообраќајни прекршоци со погрешно паркирање, неносење на сигурносен појас во возилото, возење без вклучени светла, не носење на возачки исправи и слично, со кои прекршоци никому не нанесувале штета, морале да плаќаат глоба на овластените службени лица. Поради тоа, оспорениот член 225 од Законот предизвикувал нееднакви права и обврски за учесниците во сообраќајот и граѓаните биле ставени во нерамноправна положба. Од овие причини членот 225 од Законот не бил во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9 и членот 51 став 1 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во дел V, со одредбите од членовите 220-230, ги уредил прашањата за „Должности во случај на сообраќајна незгода“. Во членот 225 од овој закон, е предвидено:

(1) Возачите – учесници во сообраќајна незгода во која е предизвикана мала материјална штета, се должни веднаш да ги отстранат возилата од коловозот, да овозможат непречено одвивање на сообраќајот и да го пополнат и потпишат Европскиот извештај за сообраќајна незгода.
(2) Европскиот извештај за сообраќајна незгода не се пополнува и потпишува во случај на сообраќајна незгода во која има повредени или загинати лица, односно настанала голема материјална штета.
(3) Европскиот извештај за сообраќајна незгода од ставот (1) на овој член го прави достапен за учесниците во сообраќајот Националното биро за осигурување на Република Македонија.
(4) Друштвото за осигурување при склучување на договор за задолжително осигурување (полиса) е должно на сопственикот на возило да му издаде европски извештај за сообраќајна незгода согласно со моделот на извештај издаден од Европскиот комитет за осигурување.
(5) Глоба во износ од 1.350 до 2.350 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на друштвото за осигурување кое постапува спротивно на одредбите од ставот 4 на овој член.
(6) Глоба во износ од 650 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на одговорното лице во друштвото за осигурување кое постапува спротивно на одредбите од ставот 4 на овој член.
(7) Глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот – учесник во сообраќајна незгода кој постапува спротивно на одредбата од ставот 1 на овој член.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставнииот поредок на Република Македонија.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните во Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата уште со донесувањето во 2007 година со членот 225 го предвидел и го нормирал функционирањето и употребата на „Европскиот извештај за сообраќајна незгода“.

Со членот 2 став 1 точка 95 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е определено дека „мала материјална штета во сообраќајна незгода“ е штета настаната на објекти и на возила на кои не им се оштетени виталните делови за управување и запирање, а возилата можат самостојно да се движат по патот. Според точката 96 од овој член од Законот, така наречениот „Европски извештај за сообраќајна незгода“ е образец изготвен од Националното биро за осигурување на Република Македонија, кој се пополнува во случај на сообраќајна незгода со мала материјална штета, а го пополнуваат учесниците во сообраќајната незгода.

Во членот 225 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, предвидена е конкретната примена на предметниот образец. Имено, возачите-учесници во сообраќајна незгода во која е предизвикана мала материјална штета, се должни веднаш да ги отстранат возилата од коловозот, да овозможат непречено одвивање на сообраќајот и да го пополнат и потпишат Европскиот извештај за сообраќајна незгода. Европскиот извештај за сообраќајна незгода не се пополнува и потпишува во случај на сообраќајна незгода во која има повредени или загинати лица односно настанала голема материјална штета. Европскиот извештај за сообраќајна незгода го прави достапен за учесниците во сообраќајот. Националното биро за осигурување на Република Македонија. Во однос на овозможување достапност на образецот, во одредбите од овој член е предвидена задолжителна обврска на друштвото за осигурување, при склучување на договор за задолжително осигурување (полиса) на сопственикот на возилото да му издаде Европски извештај за сообраќајна незгода согласно со моделот на извештај издаден од Европскиот комитет за осигурување. Непочитувањето на обврските во одредбите од членот 225 е соодветно санкционирано со конкретен износ на глоба предвиден за друштвото за осигурување, одговорното лице во друштвото за осигурување како и за возачот-учесник во сообраќајна незгода.

Целта на законодавецот за воведување на образецот на европски извештај за сообраќајна незгода произлегува од неговата проценка дека е потребно и целисходно вакво законско решение за економично и рационално разрешување на оние односи кои настануваат од сообраќајните незгоди со незначителни последици во однос на материјалната штета, заради што се елиминира обврската за излегување на полициски службеници на Министерството за внатрешни работи на местото на сообраќајната незгода, и со тоа се овозможува континуирано и непречено одвивање на сообраќајот. Имено, се овозможува олеснување на постапката во случај на сообраќајни несреќи во кои е предизвикана мала материјална штета со пополнување и потпишување на образецот на Европскиот извештај за сообраќајна незгода, со кој возачите – учесници во сообраќајната незгода имаат обврска да овозможат непречено одвивање на сообраќајот со отстранување на возилата од коловозот, како и надминување на незначителните последици од несреќата. Воедно, покрај предвидениот начин на постапување при ваков вид сообраќајни незгоди, со членот 226 од Законот е предвидено во кои случаи и покрај предизвиканата мала материјална штета, полициските службеници на Министерството за внатрешни работи се должни да излезат на местото на сообраќајната незгода во која е предизвикана мала материјална штета, ако тоа го бара едниот од учесниците во сообраќајната незгода и тоа кога: едно од возилата нема регистарски таблици или истото не е осигурано, едно од возилата има странска регистарска таблица, еден од возачите е очигледно под дејство на алкохол, дрога или други психотропни супстанции, еден од возачите не поседува соодветна возачка дозвола, еден од возачите одбива да ги даде своите лични податоци, односно податоците за возилото или еден од возачите го напуштил местото на сообраќајната незгода.

Според Судот, од анализата на оспорените одредби од членот 225 од Законот, а во контекст на другите одредби од Законот, произлегува дека станува збор за поволно законско решение, кое не е на штета, туку е во интерес на граѓаните и учесниците во сообраќајот и овозможува брзо, ефикасно и економично решавање на сообраќајните незгоди со мала материјална штета без последици на учесниците во сообраќајната незгода или трети лица, на начин кој овозможува лесно решавање на евентуалните последици од материјална природа преку осигурителната агенција со потпишување на образецот на Национално биро за осигурување на Република Македонија.

Судот, исто така утврди дека се неосновани наводите во иницијативата за нееднаквиот пристап на сторителите на сообраќајни прекршоци со кои не се предизвикува штета на трети лица (погрешно паркирање, неносење сигурносни појаси, возење без вклучени светла, неносење возачка дозвола и сл.) во однос на возачите – учесници во сообраќајна незгода кои се согласиле да пополнат и потпишат Европски извештај за сообраќајна незгода. Ова поради тоа што законодавецот ги прецизирал случаите во кои како резултат на утврдени критериуми (мала материјална штета, согласност на учесниците во сообраќајната незгода и сл.) се пополнува и потпишува Европскиот извештај за сообраќајна незгода, и овие законски критериуми важат за сите под еднакви услови, односно не се законски права кои ги ставаат граѓаните во нееднаква положба туку се права кои во дадените услови важат за сите нив. Овозможувањето на поинаква постапка за надминување на незначителните последици од сообраќајна незгода под точно определени услови и начин, не е привилегија на одредена категорија сторители на сообраќајни прекршоци, со што се ставаат во нерамноправна положба останатите учесници во сообраќајот, туку претставува начин на решавање на неспорните ситуации кои резултирале со сообраќајна незгода од која е предизвикана мала материјална штета, без дополнителни последици по учесниците во сообраќајот, а во функција на непречено одвивање на сообраќајот, со што се постигнува позитивна цел во однос на останатите учесници во сообраќајот на патиштата воопшто.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.32/2011
4 мај 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски