У.бр.9/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 април 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за избор, упатување и враќање на лица од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија на служба во странство бр.01-2909/1 од 14 април 2008 година, донесен од министерот за одбрана.

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот Правилник не бил во согласност со член 8 алинеи 3 и 4, член 32 став 5, член 51, член 52 ставови 1 и 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот, со член 55 став 1, член 56 став 1, и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и со член 3 точка 4 од Законот за објавување на законот и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“.

Ова од причина што правилникот содржел општи норми на однесување, односно уредувал односи на субјекти во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото од каде тој имал карактер на пропис подобен за уставно судска оцена.

Понатаму, оспорениот правилник бил донесен врз основа на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, според кој министерот, меѓу другото, донесува правилници кога за тоа е овластен со закон. Со оглед на тоа што во случајов министерот за одбрана со ниту еден закон во Република Македонија не е овластен да донесе ваков правилник, тој е во спротивност на наведениот член 55 став 1 од законот.

Со оспорениот Правилник се уредуваат права и обврски за Министерството за одбрана и за Армијата на Република Македонија со што се навлегува во законодавната власт.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот правилник не бил во согласност и со Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“ затоа што тој не бил објавен како што налагале уставните и законските одредби од кои причини тој е без правно дејство (50/2010).

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот правилник се пропишува постапката за избор, упатување и враќање на лица од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија на служба во странство. Истиот има 41 членови, систематизирани во Глава I Општи одредби (членови 1-4), II Постапка за избор и упатување (членови 5-29), III Постапка за враќање (членови 30-37), IV Преодни и завршни одредби (членови 38-41).

Во Глава I „Општи одредби“ утврдено е дека: „служба во странство“ подразбира работа во дипломатските и воените претставништва на Република Македонија НАТО, ЕУ, ООН и ОБСЕ и меѓународни воени и цивилни мисии, штабови, команди и единици во странство; „лице на служба во странство“ претставува воено и цивилно лице вработено во Министерството или на служба во Армијата на Република Македонија кое се упатува во странство заради извршување на воени, одбранбено дипломатски обврски во делокругот на одбранбената политика на Република Македонија, работа во меѓународни воени мисии, меѓународни сојузи и организации, штабови и др.

Понатаму, во правилникот се утврдени звањата кои може да ги имаат лицата на служба во странство, периодот за кој се упатуваат, како и можност за продолжување на службата во странство за најмногу од една година.

Во Глава II „Постапка за избор и упатување“ е утврдено дека: изборот на лице за служба во странство се врши преку објавување на интерен оглас, кој го распишува огласот, до каде се доставува огласот, содржина на огласот кој се објавува најмалку 6 месеци пред упатување на лицето, општите и посебните услови што треба да ги исполнува кандидатот од Министерството и Армијата, рокот на пријавување, составот на комисијата која ја спроведува постапката, рокот во кој комисијата треба да отпочне со работа, избор на кандидат од страна на министерот од предложените 5 кандидати, објавување на одлуката за избор на кандидати, во кои случаи се поништува огласот и друго.

Глава III „Постапка за враќање“ е утврдено кои активности се преземаат пред истекот на рокот за враќање, предвремено враќање на лицата упатени во странство од определени причини, кој носи решение за предвремено враќање и др.

Во Глава IV „Преодни и завршни одредби“ е утврдено дека одредбите од правилникот не се однесуваат на лица упатени во мировни и хуманитарни операции, како и тоа дека со влегување во сила на овој правилник престануваат да важат правилниците од 2003 и 2006 година како и тоа дека правилникот влегува во сила со денот на донесувањето.

4. Според член 8 став 1 алинеа 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамки на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата .

Според член 199 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010 и 23/2011) (1) воени претставници на Републиката во странство се одбранбени и воени аташеа и членови на воените мисии во странство претставувани од воен и цивилен персонал, согласно со актот за систематизација на Министерството за одбрана. (2) Воените претставници од ставот (1) на овој член имаат дипломатски статус. (3) Министерот за одбрана може со решение да упати воен старешина или цивилен персонал да врши должност во воени претставништва и воени мисии на Републиката во странство, штабови и во други меѓународни организации и меѓународни воени единици. (4) Начинот на избор, упатување и враќање на лицата од ставот (3) на овој член ги утврдува министерот за одбрана. (5) Висината на платата, додатоците на платата и другите надоместоци на лицата од ставовите (1) и (3) на овој член ги утврдува министерот за одбрана.

Според член 3 точка 4 од Законот за објавување на законите и другите акти во „Службен весник на Република Македонија“ („Службен весник на Република Македонија“ бр.56/1999 и 43/2002), во „Службен весник на Република Македонија“ се објавуваат правилници, наредби, упатства, решенија и други акти за кои со закон се овластени да ги донесуваат министрите кои раководат со други органи за кои тие ќе одлучат да се објават во „Службен весник на Република Македонија“.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, одредбите од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, Законот за објавување на законите и другите прописи и акти, содржината на оспорениот правилник наспроти наводите во иницијативата, Судот оцени дека тие се неосновани. Ова од причина што имајќи ја предвид содржината на оспорениот правилник, тој нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија. Имено тој не содржи општи норми на однесување, односно не уредува односи на субјекти во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото. Правилникот претставува интерен акт и се однесува исклучиво на упатување и враќање на лица од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија на служба во странство и со него со ниту една одредба не се востановуваат односи на граѓаните надвор од Министерството.

Имајќи предвид дека оспорениот правилник е интерен акт, барањето на подносителот на иницијативата тој да биде објавен во „Службен весник на Република Македонија “е неосновано.

Поаѓајќи од наведеното, Судот оцени дека не постои уставна и законска обврска оспорениот правилник да биде објавен, поради што се исполнети условите согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата да се отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.9/2011
6 април 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски