Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 март 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 2 алинеја 1 од Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во периодот од 2000 до 2004 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2008).
2. Асоцијација „МАГНА КАРТА“ од Велес и Движење за социјална правда „ЛЕНКА“ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата Судот требал повторно да одлучува за оспорената одредба од Законот како несогласна со членот 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, членот 9, членот 34, членот 35 став 1, членот 51 став 2 и членот 54 ставови 1 и 3 од Уставот на Република Македонија. Ова поради тоа што со одредбата исклучиво се третирале претпријатијата со доминантна сопственост на државата, а не и сите други претпријатија без оглед на сопственоста, со што немале еднаков правен статус работниците на кои им престанал работниот однос без нивна вина и волја.
3. Судот на седницата утврди дека според членот 2 алинеја 1 од Законот: „Невработено лице во смисла на членот 1 од овој закон е лицето:
– на кое му престанал работниот однос во претпријатие со доминантна сопственост на државата, по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок.
4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Судот, по повод поголем број иницијативи, постапуваше и изврши уставно судска анализа на повеќе одредби од Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во периодот од 2000 до 2004 година, меѓу кои и на членот 2 алинеја 1 и со Решение У.бр.155/2008 од 20 ноември 2008 година, за дел од одредбите, меѓу кои и за членот 2 алинеја 1 во делот „со доминантна сопственост на државата“, поведе постапка за оценување на уставноста, а за дел од одредбите од Законот не поведе постапка, меѓутоа, со Решение У.бр.155/2008 од 14 јануари 2009 година ја запре постапката и утврди дека законските решенија не се спротивни на Уставот. Во овој контекст битно е и дека со иницијативите се оспоруваа одредбите од Законот од аспект на членот 8 став 1 алинеи 1 и 3, членот 9, членот 32 став 1, членот 51 и членот 54 од Уставот на Република Македонија.
Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека во случајов се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на предметната иницијатива со која се бара Судот повторно да одлучува за уставноста на членот 2 алинеја 1 од Законот, поради тоа што Судот веќе одлучувал, а не постојат основи за поинакво одлучување.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.226/2010
30 март 2011 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски