220/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 12-а став 1 алинеја 5 и член 23 од Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2008, 161/2008, 6/2009 и 150/2010).

2. Славица Илијева од с. Истибања – Виница на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 12-а став 1 алинеја 5 и член 23 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените одредби биле спротивни со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 32 став 2 од Уставот. Ова затоа што при пополнување на слободно работно место во судска служба, вработените во органите на државната управа, државни органи и други државни институции биле ставени во привилегирана положба, односно во нерамноправна положба со вработени во судот; посебно во однос на стручните судски службеници (помлад соработник, соработник, советник, помлад судски соработник, судски соработник, виш судски соработник, судски советни и сл.) кои стручни судски службеници се пропишани во член 2 од измените односно член 7 од Законот.

Нерамноправноста се состоела во тоа што вработен во државната управа, државен орган или друга државна институција кој има звање „соработник“ или „советник“ без оглас и без исполнување на посебните услови пропишани со членот 18-б, а тоа значи без да биде оценет со оцена „се истакнува“ или задоволува, или истиот да не помине најмалку една година во непосредно пониско звање, ниту пак се бара како услови дали му е изречена дисциплинска мерка, може да биде преземен и распореден во судот на соодветно звање кое го има во органот додека пак вработениот во судот како на пример соработник за да биде прераспореден во звање „советник“ е потребно истиот да се јави на оглас и да ги исполнува определените посебни услови што не се пропишани за лица вработени во државната управа.

Со тоа вработениот во државната управа „советник“ е во попривилегирана положба за вработување во звањето „советник“ во суд што значи директно без оглас, а додека пак вработен во суд „соработник“ мора да се јави на оглас и да исполнува услови кои не се бараат за вработување во државните органи.

Со оспорените одредби повреден е законот на штета на вработените во судската служба во однос на вработените во државната управа.

3. Судот на седницата утврди дека во член 12-а став 1 алинеја 5 од Законот за судска служба, слободно работно место се пополнува, покрај другото и со преземање и распоредување од органите на државната управа, државните органи и други државни институции.

Судот, исто така утврди дека според оспорениот член 23 од Законот, слободно работно место во судската служба може да се пополнува со преземање и распоредување од органите на државната управа, државните органи и други државни институции.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Макекдонија е и владеењето на правото.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, национално и социјално потекло, политичко и верско уверување, имотната и службената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 2 од Уставот, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а според став 5 на овој член остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Со Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2008, 161/2008, 6/2009 и 150/2010) се уредуваат статусот, правата, должностите, одговорностите на судската служба, системот на плати и надоместоци на плати на судската служба (член 1).

Според член 3 од Законот, судски службеник е лице кое во судовите врши стручни, управно-надзорни, административно-технички, извршни, статистички и материјално финансиски работи во согласност со овој и друг закон. Судските службеници правата од работен однос ги остваруваат согласно со овој закон, колективните договори и други прописи што го уредуваат правото од работен однос.
Според член 7 од Законот, судски службеници во зависност од службените задачи што ги извршуваат се класифицирани во групи и звања и тоа: I раководни судски службеници, II стручни судски службеници и III административно-технички судски службеници.

Понатаму, во ставовите 2, 3 и 4 од членот 7 се утврдени звањата на секоја од групите.

Во членот 12 од Законот се утврдени општите и посебните услови кои треба да ги исполнува лицето за да се вработи во судската служба.

Според членот 12-а од Законот, слободно работно место во судската служба се пополнува покрај другите постапки и со пополнување на слободното работно место со преземање и распоредување од органи на државната управа, државни органи и други државни институции.

Согласно членот 13 од Законот, барањето за пополнување на работното место, претседателот на судот го доставува до Судскиот буџетски совет. Судскиот буџетски совет по утврдувањето на основаноста на барањето на судот, во рок од 15 дена по приемот на барањето на судот кој го поднел барањето ќе му даде согласност за пополнување на слободното работно место.

Судскиот буџетски совет ќе го одбие барањето на судот за пополнување на слободното работно место, ако не е предвидено со актот за систематизација на судот.

Понатаму во Законот е уредена постапката за пополнување на слободно работно место по пат на јавен оглас и по пат на интерен оглас.

Во членот 19 од Законот е предвидено дека судскиот службеник со негова согласност може да биде вработен без јавен оглас од еден во друг суд, ако за тоа се согласни претседателите на судовите по претходна согласност од Судскиот буџетски совет.

Во член 22 од Законот е предвидено дека судските администратори, односно претседателот на судот врши распоредување на судски службеник на соодветно работно место за кои ги исполнува условите утврдени со актот за систематизација на работни места во судот.

Во оспорениот член 23 од Законот е предвидено дека слободно работно место во судската служба може да се пополнува со преземање и распоредување од органи на државната управа, државните органи и други државни институции.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, анализа на одредбите од Законот за судска служба, Законот за државните службеници и Законот за јавните службеници кои имаат скоро идентични решенија во врска со пополнување на слободно работно место на овој начин наспрема наводите во иницијативата Судот оцени дека истите се неосновани.

Имено, според Судот, предвиденото законско решение за пополнување на слободно работно место со преземање од органите на државната управа, државните службеници не се ставаат во привилегирана положба наспрема судските службеници како што тврди подносителот на иницијативата. Ова од причина што вработените во органите на државната управа, државните органи и другите државни институции прво мора да ги исполнуваат општите и посебните услови предвидени во Законот за судска служба, тие исто така како и судските службеници подлежат на оценка на нивното работење и тие веќе го имаат стекнато звањето кое се бара во судската служба,односно кое се поплнува на ваков начин.

Оттука, Судот оцени дека целта на законодавецот за ваквото законско решение кое е предвидено како можност, не била вработените во државната управа да ги стави во привилегирана положба во однос на вработените во судската служба, туку да овозможи со пополнување на слободното место на овој начин благовремено да се интервенира и слободното работно место да се пополни и тоа да не влијае на работата на судот.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените членови со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.220/2010
30 март 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски