Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 30 март 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 105 и 106 од Законот за здруженија и фондации (“Службен весник на Република Македонија” број 52/2010).
2. Стамен Филипов од Скопје и Сојузот на борците од Народно ослободителната и антифашистичката војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи, Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата, поднесена од Стамен Фи-
липов оспорените членови биле спротивни на одредбите од член 8 став 1 алинеите 3 и 6, 30 и членот 51 од Уставот, бидејќи како такви не можеле да се пропишат со овој закон, туку евентуално со претходно важечкиот Закон за здруженијата на граѓани и фондациите од 1998 година (“Службен весник на Република Македонија” бр. 31/98 и 29/2007), кога со денот на влегување во сила на овој закон престанале да важат Законот за општествени организации и здруженија на граѓани (“Службен весник на СРМ” број 32/83 и 12/90) и Законот за здружување на граѓаните во здруженија, општествени организации и политички организации што се основаат на територијата на СФРЈ (“Службен лист на СФРЈ” број 42/90), а не дури во 2010 година, бидејќи тука се работело за веќе стекната сопственост по поранешни прописи. Во иницијативата се наведува и дека корисничко право не постоело уште со донесувањето на Уставот на Република Македонија од 1991 година па оттука со оспорените одредби се вршело национализација на веќе стекнат имот од здруженијата на граѓани кои го стекнале согласно одредбите од член 62 од Законот за здруженијата и граѓани и фондации од 1998 година.
Со иницијативата поднесена од Сојузот на борците од Народно ослободителната и антифашистичката војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи, се оспоруваат истие одредби од Законот како несогласни со членовите 8 став 1 алинеите 3 и 6, 20, 30, 36 и 51 од Уставот, со идентични наводи како и во претходната иницијатива со дополнување дека иако одредбите од овој закон, не се однесувале на другите видови на здружувања уредени со посебни закони, како што бил на пример Законот за сојузот на борците од Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 35/1998), сепак со оспорените одредби се повредувале наведените уставни одредби на штета на здруженијата на граѓани правни следбеници на општествените организации и здруженија, меѓу кои спаѓал и Сојузот на борците, бидејќи со тие одредби се вршело национализација на веќе стекнат имот од здруженијата на граѓани, согласно членот 62 од Законот за здруженијата и граѓани и фондациите од 1998 година. По однос на оспорениот член 106 од Законот, во оваа иницијатива се наведува дека со овој член се создавала нееднаквост помеѓу здруженијата на граѓани, затоа што едните можеле да го користат имотот во државна сопственост под закуп без надоместок, додека пак другите можеле да го користат тој имот под закуп, но со надоместок, на кој начин се правело разлика помеѓу истите или сличните субјекти, со што се повредувал членот 20 од Уставот, бидејќи со оваа одредба не се правело разлика на здруженија и граѓани кои се формирани за хуманитарни цели и оние кои се формирани за тие цели.
Од овие причини и со двете иницијативи се предлага поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби, како и донесување на решение за времена мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорените законски одредби.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 105 од Законот имотот и средствата доделени на општествените организации и здруженија на граѓани добиени на користење од страна на поранешните општествено-политички заедници и самоуправни интересни заедници се државна сопственост.
Според оспорениот член 106 од Законот е определено дека здруженијата на граѓани правни следбеници на општествените организации и здруженија ќе го користат имотот во државна сопственост под закуп, доколку се користи за целите и задачите на здружението на граѓани согласно со закон. Имотот од ставот (1) на овој член не може да биде предмет на издавање под закуп од страна на закупецот – организацијата. Здруженијата на граѓани правни следбеници на општествените организации и здруженија формирани за хуманитарни цели ќе го користат имотот во државна сопственост под закуп без надоместок, доколку тој се користи за целите и задачите на здружението на граѓани. Закупниот однос меѓу здружението на граѓани и државата се уредува со договор согласно со закон. Договорот за закуп во име на државата го склучува органот на државната управа определен со закон.
Судот, исто така утврди дека оспорените одредби од Законот биле содржани и во Законот за здруженијата на граѓани и фондациите (“Службен весник на Република Македонија” број 31/1998 и 29/2007), во преодните и завршни одредби како членови 82 и 83 од тој закон.
4. Во анализата на оспорените одредби од Законот, Судот превентивно пристапи кон утврдување на уставно-правниот третман на имотот и средствата на општествените организации и здруженија на граѓани, од поранешен до сегашен период, заради оценката на уставноста на оспорените одредби од Законот. Во рамките на тие согледувања, се утврди дека, на темелите на поранешното уставно уредување во континуитет и со Уставот на СФРЈ и Уставот на СРМ од 1974 година, врз основа на начелата уредени во дел IV, според кои „… Работните луѓе и граѓаните слободно се здружуваат во општествено-политички и други општествени организации и здруженија на граѓани како составен дел на социјалистичкиот самоуправен систем“.
Според член 63 од Уставот на СРМ од 1974 година, општествено-политичките организации и други општествени организации определени со закон можеле да стекнуваат средства односно определени права на средства и со тие средства како општествени да се користат за остварување на своите цели и со нив да располагаат во согласнсот со статутот и со закон. Овие организации можеле под услови утврдени со закон, да организират стопанска и друга дејност во согласност со своите цели и да учествуваат во доходот остварен со таквата дејност заради остварување на тие цели.
Судот, утврди дека со Амандманите од 57 до 80 на Уставот на СРМ („Службен весник на СРМ“ бр.28/1990) и Уставниот Закон за нивното спроведување се извршија значајни промени во општествено-политичкиот систем на Републиката. Имено, со нив, општествено политичките организации (Амандман 57), престанаа да постојат како уставна категорија со што ги изгубија функциите во вршењето на власта.
Општествено-политичките организации (Сојузот на комунистите на Македонија, Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија, Сојузот на синдикатите на Македонија и Сојузот на социјалистичката младина на Македонија) чии функции престанале со амандманите имале можност да се трансформираат во политички партии односно во синдикати, и престанале да бидат „носители“ на средства во општествена сопственост. Тие средства, согласно членот 16 од Уставниот закон, биле преземени од страна на надлежните државни органи и станале државна сопственост со членот 15 од Законот за органите на управата од 1990 година („Службен весник на СРМ“ бр.40/1990).
Според членот 16 од Уставниот закон – „Работниците, опремата, инвентарот и другите работи, архивата, документацијата, средствата за работа и средствата на фондовите на судовите на здружениот труд, СИЗ, општествено-политичките организации, другите органи и организации што се укинуваат со овие амандмани или чии функции престануваат, ги преземаат органите во чиј делокруг преминуваат работите на укинатите органи односно организации, а доколку таков орган односно организација не е утврден, преземањето ќе го изврши органот на управата надлежен за работите на општата управа на Републиката – општината“.
Според членот 15 од Законот за органите на управата – „Недвижностите, опремата, инвентарот и другите средства за работа што ги користат органите на управата, се во државна сопственост. Со средствата располага СРМ, освен ако со закон не е поинаку определено.
Со членот 10 од Уставниот закон, воедно бил даден рок за уставно усогласување и на поранешниот Закон за општествените организации и здруженија на граѓани („Службен весник на СРМ“ бр.32/1983), кој во членот 33 став 1 јасно определил дека општествените организации стекнуваат и располагаат општествени средства.
Во рамки на поранешното уставно уредување кое е елаборирано, и од Законот за општествените организации и здруженија на граѓани од 1983 година, според Судот јасно е дека општествените организации и здруженија на граѓани стекнувале и располагале средства како „општествени средства“. Тоа стекнување било меѓу другото, и со вршење на стопанска или друга дејност, но средствата биле општествени. Ова значи и недвижностите стекнати во почетокот и во текот на постоењето на општествените организации и здруженија на граѓани (доделени од државата, во правен промет на организацијата, со подароци, од членарини итн.) биле „општествена сопственост“.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 6 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Со членот 9 од Уставот е определно дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред уставот и законите се еднакви.
Според членот 20 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат. Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост. Забранети се воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија.
Во член 30 став 1 од Уставот се гарантираат правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 на овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и заедницата, а според ставот 3 никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Во член 51 од Уставот е определено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со Законот за здруженија и фондации од 2010 година, се уредуваат начинот, условите и постапката за основање, регистрација и престанок на здруженијата, фондациите, сојузите, организационите облици на странските организации во Република Македонија, имотот со кој располагаат, надзорот, статусните промени и статусот на организациите од јавен интерес. Овој закон е втор по ред закон кој е донесен по донесувањето на Уставот на Република Македонија од 1991 година, со кој се утврди сегашното државно уредување засновано на принципите на поделбата на власта на законодавна, извршна и судска власт.
Според членот 2 од Законот одредбите на овој закон не се однесуваат на политичките партии, црквите, верските заедници и религиозните групи, синдикатите, коморите и други видови на здружување уредени со посебни закони.
Во членот 3 став 1 точките 1, 4 и 18 од Законот, помеѓу другото е определено значењето на изразите “организација”, “имот” на организација и “цел” на организација, кои се употребени во овој закон.
Според тоа, “организација” е секое здружение, фондација, сојуз, како и секој организационен облик на странка организација, како и други форми на здружување, регистрирани согласно со одредбите на овој закон.
“Имот” на организацијата се сите сопственички и други стварни права што организацијата ги стекнува над движните и недвижните ствари и правата кои основачите ги вложиле во организацијата и кои организацијата ги стекнала со своето работење.
“Цел” на организацијата е проектиран резултат или состојба која организацијата треба да ја постигне.
Според членот 4 од Законот, правото на слободно здружување се остварува преку здружување во здруженија, фондации, сојузи и организациони облици на странски организации за остварување на нивните цели, дејности и заштита на права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и закон. Се забранува основање на организација ако програмата и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост презема активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и се повредуваат слободите и правата на други лица.
Со членот 12 од Законот е определено дека организациите не можат да се основаат за стекнување со добивка. Организациите можат да вршат дејности со кои може да стекнат добивка, ако дејноста е поврзана со целите утврдени со статутот. Ако во работењето на организациите се оствари добивка таа мора да биде употребена за остварување на целите утврдени со статутот. Остварената добивка од ставот 3 на овој член не може да се распределува меѓу основачите, членовите, членовите на органите, директорите, вработените или кое било друго со нив поврзано лице.
Според членот 48 од Законот, организациите средствата за финансирање ги стекнуваат од членарина, основачки влогови, доброволни прилози, донации, подароци (во пари, добра, имотни права), завештанија, легати, дејности со кои се стекнува добивка, кирии и закупнини, како и приходи од инвестиции, дивиденди, камати, заеми и други приходи во согласност со закон и со статутот, а според членот 49 став 1 од Законот организациите можат да добиваат и средства од Буџетот на Република Македонија, буџетите на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје.
Со членот 54 од Законот, е определено дека во случај на престанок на работата на организацијата, средствата што остануваат по намирување на обврските, се користат на начин утврден со статутот. Ако со статутот не е определен примателот на средствата што остануваат по намирување на обврските од ставот 1 на овој член, тие средства се пренесуваат на општината, општините во градот Скопје и градот Скопје на чие подрачје има седиште организацијата. Во случај на престанок на организацијата со статус на јавен интерес, средствата се пренесуваат на друга организација со статус од јавен интерес со иста или слична цел на дејствување или на општината на чие подрачје има седиште организацијата, за што одлучува давателот на средствата.
Имено, законодавецот, во новиот уставен поредок, почетно со Законот од 1998 година, а потоа и со Законот од 2010 година, го уредил правниот режим на односите на здруженијата на граѓаните и фондациите, а исто така го опфатил и регулирањето на односите за имотот од поранешен период, кои овие правни лица го користеле по основ на правни следбеници од поранешни општествени организации и здруженија на граѓани, а кој имот како општествена сопственост им бил доделуван во поранешниот уставен поредок.
Оттука, оспорениот член 105 од Законот, уредува дека имотот и средствата доделени на општествените организации и здруженија на граѓани добиени на користење од страна на поранешните општествено-политички заедници и самоуправни интересни заедници, се државна сопственост.
Според оспорениот член 106 од Законот, здруженијата на граѓани правни следбеници на општествените организации и здруженија, ќе го користат имотот во државна сопственост под закуп, доколку се користи за целите и задачите на здружението на граѓани согласно со закон. Имотот од ставот 1 на овој член, не може да биде предмет на издавање под закуп од страна на закупецот-организацијата. Здруженијата на граѓани правни следбеници на општествените организации и здруженија формирани за хуманитарни цели ќе го користат имотот во државна сопственост под закуп без надоместок, доколку тој се користи за целите и задачите на здружението на граѓани. Закупниот однос меѓу здружението на граѓани и државата се уредува со договор согласно со закон. Договорот за закуп во име на државата го склучува органот на државната управа определен со закон.
Наведените оспорени одредби од Законот за здруженија и фондации од 2010 година, беа содржани и во претходниот Закон за здруженијата на граѓани и фондациите (“Службен весник на Република Македонија” број 31/1998 и 29/2007), кој е прв закон базиран на новото општествено економско и политичко уредување на државата, односно тоа се исти решенија, содржани во двата закони со кои се обезбедува континуитет во сопственичките права.
Според членот 84 од Закон за здруженијата на граѓани и фондациите од 1998 година, со денот на влегувањето во сила на овој закон престануваат да важат Законот за општествени организации и здруженија на граѓани (“Службен весник на СРМ” број 32/1983 и 12/1990) и Законот за здружувањето на граѓаните во здруженија, општествени организации и политички организации што се основаат за територијата на СФРЈ (“Службен лист на СФРЈ” број 42/1990).
Законот за општествени организации и здруженија на граѓани од 1983 година, е последниот во континуитет од низата закони со кои беа уредувани облиците на здружување на граѓаните, во согласност со поранешното уставно уредување со Уставот на СФРЈ и Уставот на СРМ од 1974 година. Со овој закон беше уредено дека општествените организации можеле да стекнуваат средства односно определени права на средства и со тие средства како општествени да располагаат во согласност со статутот и закон. Здруженијата на граѓани стекнувале средства од членарина, прилози и подароци и на друг начин и со нив располагаат во согласност со статутот и со закон (член 27 од Законот). Кога општествената организација односно здружението на граѓани ќе престанело со работа, средствата што останувале по намирување на обврските на организацијата се пренесувале на општественото правно лице на начин определен со статутот на општествената организација. Доколку постапувањето со средства не било уредено со статутот, истите се пренесувале на општината на чие подрачје се наоѓало седиштето на општествената организација односно здружението на граѓани.
Исто така, и според Законот за здруженијата на граѓани и фондациите од 1998 (член 61 од Законот), здруженијата на граѓани и фондациите можеле да стекнуваат предмети, парични средства и имотни права. Здруженијата на граѓани и фондациите средствата можеле да ги стекнуваат од членарина, прилози, донации, подароци и слично и со нив располагаат во согласност со статутот и со закон. Здруженијата на граѓани и фондациите можеле да остваруваат приходи и од добивката на трговските друштва што ги основале со средства на здружението и од други извори. Здруженијата на граѓани и фондациите можеле да добиваат средства од Буџетот на Републиката, буџетите на единиците на локалната самоуправа и Буџетот на Град Скопје. Средствата ги добивале врз основа на претходно изготвени програми (проекти) од здруженијата на граѓани или фондациите кои требало да бидат одобрувани од Владата на Република Македонија, односно надлежните министерства, советите на единиците на локалната самоуправа и Советот на Град Скопје, во согласност со закон. Членот 62 од овој закон, уредувал дека средствата што здруженијата на граѓани и фондациите ги стекнувале согласно со членот 61 на овој закон се нивна сопственост.
Според овие одредби од Законот од 1998 година, здруженијата на граѓани и фондации можеле да бидат сопственици на средствата кои тие ги стекнале на начин и под услови определени со членот 61 од тој закон и тоа се однесувало само за стекнатите сопствени средства по различни основи со кои здруженијата на граѓани и фондациите можеле да располагаат согласно статутот и закон. Членот 81 од Законот од 1998 година, определувал дека имотот на општествените организации и здруженија на граѓани кој бил стекнат од сопствени средства бил имот на здруженија на граѓани и нивните правни следбеници. Понатаму овој член определува дека под сопствени средства се подразбирале средствата од членарини, донации, поклони, легати, приходи добиени од поранешните општествено-политички заедници, самоуправни интересни заедници и од Лотарија на Македонија за редовни активности. Меѓутоа, со членот 82 од Законот од 1998 година, законодавецот уредил дека имотот и средствата доделени на општествените организации и здруженија на граѓани добиен на користење од страна на поранешните општествено-политички заедници и самоуправни интересни заедници, се државна сопственост.
Судот, елаборирајќи ги овие одредби од Законот од 1998 година, утврди дека, законодавецот со овој закон донесен во новиот уставен поредок, го уредил правниот режим на односите на здруженијата на граѓаните и фондациите, а исто така го опфатил и регулирањето на односите за имотот од поранешен период, кои овие правни лица го користат по основ на правни следбеници од поранешни општествени организации и здруженија на граѓани, а кој имот како општествена сопственост им бил доделуван во поранешниот уставен поредок.
Судот, оттука, утврди дека одредбите содржани во членовите 81 и 82 од Законот од 1998 година, на јасен и недвосмислен начин прават дистинкција помеѓу имот стекнат со сопствени средства и имот и средства кој на овие субјекти, им е доделен на користење од страна на општествено-политичките заедници и самоуправните интересни заедници и тука според Судот, нема дилема дека на овие средства ниту правните претходници (општествените организации и здруженија на граѓани), ниту правните следбеници (здруженија на граѓани и понатаму нивните правни следбеници), можат да полагаат право на сопственост. Имено, правниот следбеник можел да наследува права, само во оној обем во кој ги имал правниот претходник. Ако на правниот претходник му биле доделени средства од општествено-политичката заедница (општина, република, Федерација) или самоуправната интересна заедница на користење, следствено на тоа, правниот следбеник можел да наследи само корисничко право, а не и сопственичко со право на располагање и тие средства, според Судот, неспорно е дека се средства на државата.
Понатаму, законодавецот во Законот за здруженијата на граѓаните и фондациите од 1998 година, ги доуредил прашањата во врска со имотот и средствата доделени на користење на општествените организации и здруженија, а понатаму и на нивните правни следбеници, така што со членот 83 од тој закон, определил дека здруженијата на граѓани правни следбеници на општествените организации и здруженија ќе го користат имотот во државна сопственост под закуп, доколку се користи за целите и задачите на здружението на граѓани. Здруженијата на граѓани правни следбеници на општествените организации и здруженија формирани за хуманитарни цели ќе го користат имотот во државна сопственост под закуп без надомест, доколку тој се користи на целите и задачите на здружението на граѓани. Закупниот однос меѓу здружението на граѓани и државата се уредува со договор. Договорот за закуп во името на државата го склучува органот на управата определен со закон.
Одредбите од членовите 82 и 83 содржани во Законот за здруженијата на граѓаните и фондациите од 1998 година, се целосно преземени и во новиот Закон за здруженија и фондации од 2010 година, сместени исто така во преодните и завршните одредби на Законот, но како членови со нумерација 105 и 106, кои сега се оспоруваат со иницијативите.
Во конкретниот случај, иницијаторите повикувајќи се на други одредби од претходен закон, надвор од контекстот (членот 61 и 62 од Законот за здруженијата на граѓаните и фондациите од 1998 година) кој престанал да важи, оспорува одредби од нов закон, за кои смета дека тие требало да бидат опфатени со Законот кој престанал да важи, а не земале предвид дека фактички тие во целината на претходниот, како и во новиот закон се опфатени со иста содржина. Притоа, иницијаторите законските одредби ги оспоруваат од аспект дека задирале во веќе стекнати права, односно во стекната сопственост по поранешни прописи кои здруженијата на граѓани ја стекнале согласно членот 61 уреден со претходниот Закон за здруженијата на граѓаните и фондациите, како и тоа дека со оспорените одредби се предизвикувала нееднаквост помеѓу здруженијата на граѓани, спротивно на темелните вредности на уставниот поредок за владеењето на правото и правната заштита на сопственоста од член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот, како и членовите 9, 20, 30 и 51 од Уставот, но тие наводи според Судот, се неосновани.
Од анализата на оспорениот член 105 од Законот, произлегува дека законодавецот уредил континуитет на општествен имот и средства кој од страна на поранешните општествено-политички заедници (Федерација, Република, општина), бил доделуван на поранешните општествени организации и здруженија на граѓани, на користење, во временскиот период пред 1991 година, кога општествената сопственост, беше уставна категорија. Оттука, според Судот, неспорен е фактот дека поранешните општествени организации и здруженија на граѓани, користеле имот и средства доделен од страна на поранешните општествено-политички заедници и самоуправни заедници. Меѓутоа, тие продолжиле, тој имот и средства да го користат и по донесувањето на Уставот на Република Македонија од 1991 година, со кој потполно се изостави општествената сопственост како уставна категорија, задолжувајќи го законодавецот да донесе закон за начинот на нејзината трансформација во други облици на сопственост, односно државна сопственост и приватна сопственост. Во оваа насока, со членовите 82 и 83 од Законот за здруженијата на граѓани и фондациите од 1998 година, а и со оспорените членови 105 и 106 од Законот за здруженија и фондации од 2010 година, кои оспорени одредби се целосно преземени од Законот од 1998 година, законодавецот го уредил прашањето за континуитетот на правниот режим на користениот општествен имот и средства од страна на поранешните општествени организации и здруженија на граѓани и определил дека тие се државна сопственост, а со тоа имот и средства на Република Македонија. Оттука, според Судот, нелогични се заклучоците и наводите од иницијативите, дека со оспорената одредба се ограничувала и одземала сопственоста и правата кои произлегувале од неа, бидејќи не може да се одземе и ограничи право на сопственост, на субјект, кој тоа право го нема. Тука станува збор за имот и средства, кој на општествените организации и здруженија им бил доделен на користење, следствено на што и нивните правни следбеници можат да го имаат тој имот и средства само на користење. Од овие причини, според Судот,
неосновани се наводите од иницијативите дека во конкретниот случај, станува збор за стекнато право на сопственост по поранешни прописи, а со тоа и за нејзино одземање или ограничување, од кои причини Судот утврди дека оспорениот член 105 од Законот, не е во спротивност со цитираните одредби од Уставот.
Според членот 3 став 1 точка 4 од Законот за здруженија и фондации од 2010 година, имот на организацијата се сите сопственички и други стварни права што организацијата ги стекнува над движните и недвижните ствари и правата кои основачите ги вложиле во организацијата ги стекнала со своето работење. Имено, во случај на престанок на работата на организацијата (член 54 од Законот), средствата што остануваат по намирување на обврските, се користат на начин утврден со статутот. Ако со статутот не е определен примателот на средствата што остануваат по намирувањето на обврските, тие средства се пренесуваат на општината, на општините во градот Скопје и градот Скопје на чие подрачје има седиште организацијата. Во случај на престанок на организацијата со статус на јавен интерес, средствата се пренесуваат на друга организација со статус од јавен интерес со иста или слична цел на дејствување или на општината на чие подрачје има седиште организацијата, за што одлучува давателот на средствата. Вакви одредби беа содржани и во претходниот Закон за здруженија на граѓаните и фондациите од 1998 година, со кој со одредбите од членовите 53 и 55, е регулиран престанокот на работата на здруженијата на граѓаните и фондациите, а исто така тоа беше регулирано и со одредбите од членот 43 од Законот за општествени организации и здруженија на граѓани од 1983, што значи, во континуитет е уредена материјата во врска со имотот и средствата на граѓанските здруженија и нивните сопственички права. Оттука, според Судот, генезата на имотното право од оваа област, нема сомнеж за сопственичкиот статус на предметниот имот од поранешниот период,
Со оспорениот член 106 од Законот, понатаму законодавецот уредил можност, здруженијата на граѓани, правни следбеници на општествените организации и здруженија, да можат да го користат имотот што е државна сопственост под закуп, под услов тој да се користи за целите и задачите на здружението во согласност со закон, што значи тука не станува збор за стекнување на право на сопственост на тој имот автоматски по донесувањето на Уставот од 1991 година, туку континуитет на правото на користење на тој имот како државна сопственост.
Од анализата на овој оспорен член произлегува дека правото, здруженијата на граѓаните, правни следбеници на општествените организации и здруженија, да можат да го користат имотот во државна сопственост под закуп, е условено со целите и задачите на здружението на граѓани, согласно со закон. Имајќи предвид дека “цел” на организацијата е проектиран резултат или состојба која организацијата треба да ја постигне, според Судот, сосема е разбирливо, законодавецот да регулира правила под кои ќе може да се користи државен имот под закуп, а не во секој случај и без разлика дали државниот имот ќе се користи согласно целите и задачите на здружението или пак за други цели, поради што Според Судот, со оспорената одредба се овозможува праведно и целисходно доделување на државен имот на користење под закуп, наменски за конкретната цел и задачите на здружението на граѓани за кои е основано, а не за цели кои немаат врска со работата на здружението. Според Судот, исто така, право е на имателот на сопственичкото право, да оневозможи имотот кој тој го дава под закуп, да биде предмет на издавање под закуп од страна на закупецот-организацијата.
Што се однесува до прашањето за обврската за плаќање на закупнината, односно за неплаќање на таа закупнина, според Судот, тоа не предизвикува нееднаквост помеѓу здруженијата на граѓаните, бидејќи сите здруженија кои подеднакво го исполнуваат условот од ставот 3 од оспорениот член 106 од Законот, а тоа е да се формирани за хуманитарни цели, ќе можат подеднакво да го користат ова финансиско олеснување, а право е на законодавецот да уредува односи на субјекти кои се наоѓаат во иста правна положба и да утврдува подеднакви критериуми за еднаквите согласно со закон. Од овие причини, не стојат наводите дека со оспорениот член се предизвикува нееднаквост помеѓу здруженијата на граѓаните, а уште помалку се повредува членот 20 став 1 од Уставот со кој на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, бидејќи со оспорената законска одредба не се ограничува ниту се одзема уставно загарантираната слобода на здружување, напротив се стимулира основањето на хуманитарните граѓански здруженија и непосредното учество и придонес на граѓаните во развивањето на хуманото општество. Во тие рамки е и оставеното право на користење на доделениот имот од поранешниот период и тие имоти државата не им ги одзела во новиот општествено политички систем. Оттука, според Судот, неосновани се наводите од иницијативите дека со оспорениот член 106 од Законот, се создавала нееднаквост помеѓу здруженијата на граѓани.
Имајќи го предвид претходно наведеното, цитираните уставни и законски одредби, за Судот е неприфатливо со иницијативите, оспорените законски одредби да се ставаат во контекст со членовите 61 и 62 содржани во Законот од 1998 година, кои уредуваа прашања за стекнати сопствени средства на општествените организации и здруженија на граѓани и оттука да се алудира на веќе стекнати сопственички права, имајќи предвид дека оспорените законски одредби од членовите 105 и 106 содржани во Законот од 2010 година, уредуваат прашања за континуитетот на статусот на имотот и средствата кој претходно бил доделен на општествените организации и здруженија на граѓани на користење, а не прашања за имот стекнат од сопствени средства.
Тргнувајќи од изнесеното, Судот, оцени дека во конкретниот случај, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од член 105 и 106 од Законот, со членовите 8 став 1 алинеите 3 и 6, 9, 20, 30, 36 и 51 од Уставот, а со тоа не постојат причини за определување на предложената времена мерка.
6. Врз основа на изнесеното, Судот, одлучи како во точка 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Трендафил Ивановски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У. Бр. 81/2010
30 март 2011 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски