Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 23 март 2011 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување на Изменување и дополнување на Детален урбанистички план „Стара железничка станица“ Општина Центар – Скопје („Службен гласник на Општина Центар“ бр. 12 од 01.09.2010 година).
2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на Одлуката означена во точка 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Мирослав Грчев од Скопје, со Решение У.бр.172/2010 од 9 февруари 2011 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со Законот за просторно и урбанистичко планирање.
5. Судот на седницата утврди дека Одлукатa за донесување на Изменување и дополнување на Детален урбанистички план „Стара железничка станица“ Општина Центар – Скопје е донесена врз основа на член 15 став 1 алинеја 3 и член 26 од Статутот на Општина Центар – Скопје („Службен гласник на Општина Центар – Скопје“ бр. 1/06), член 26 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005, 137/2007 и 91/2009), на 31-та седница на Советот на Општина Центар –Скопје, одржана на 30 август 2010 година.
Според член 1 од Одлуката, се донесува Изменување и дополнување на Детален урбанистички план „Стара железничка станица“ Општина Центар – Скопје согласно Генералниот урбанистички план на Град Скопје (”Службен гласник на Град Скопје” бр. 08/2002), Законот за просторно и урбанистичко планирање (”Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007 и 91/2009), Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (”Службен весник на Република Македонија” бр. 78/2006 , 140/2007, 12/2009, 52/2010 и 62/2010) и Правилникот за поблиска содржина, размер и начин на графичка обработка на урбанистичките планови (”Службен весник на РМ” бр. 78/2006).
Според членот 2 од Одлуката, границата на планскиот опфат на Изменување и дополнување на Детален урбанистички план „Стара железничка станица“ Општина Центар – Скопје е прикажана во графичките прилози и дефинирана помеѓу:
– На северозапад границата оди по осовината на улицата Водњанска;
– На југозапад границата оди по осовината на улицата Железничка;
– На југоисток границата оди по осовината на новопроектираната улица Бихачка;
– На североисток границата оди по осовината на улицата Мито Хаџивасилев Јасмин.
Вкупната површина опфатена во рамките на опишаните граници изнесува 14.28 ха.
Членот 3 од Одлуката содржи Документациона основа, Планска документација, Нумерички дел, Услови за градба и Графички дел (Документациона основа и Планиран развој).
Во членот 4 од оваа одлука се дефинира што точно содржи, односно што е составен дел на Одлуката.
Според членот 5 од Одлуката, Изменување и дополнување на Детален урбанистички план „Стара железничка станица“ Општина Центар – Скопје” се заверува со печат на Општина Центар-Скопје и потпис на Претседателот на Советот на Општина Центар во седум примероци од кои:
– Еден се чува во архивата на Општина Центар;
– Еден се чува во Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина во Општина Центар – Скопје;
– Еден се доставува до надлежниот државен архив;
– Еден се доставува до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот во електронски формат;
– Еден се доставува до Државниот завод за геодетски работи;
– Еден се доставува до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам;
– Седмиот примерок се изложува во Општина Центар-Скопје заради достапност на јавноста.
Согласно член 6 од Одлуката, Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина во Општина Центар во рок од 30 дена од донесување на Планот е должен да обезбеди картирање на планот на хамер или астралон. Картираните подлоги се предаваат на Државниот завод за геодетски работи на чување и користење.
Според членот 7, Одлуката за донесување на Изменување и дополнување на Детален урбанистички план „Стара железничка станица“ Општина Центар – Скопје со сите нејзини делови се чува и за нејзина реализација се грижи Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина во Општина Центар – Скопје.
Членот 8 од Одлуката предвидува дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на Општина Центар – Скопје”.
Одлуката е заверена во архивата на Општина Центар под број 07-2842/6 од 30.08.2010 година и е објавена во „Службен гласник на Општина Центар“ бр. 12 од 1 септември 2010 година.
6. Согласно член 8 став 1 алинеите 3 и 10 од Уставот, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и уредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 43 став 1 од Уставот, секој човек има право на здрава животна средина. Согласно став 2 на овој член, секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Според став 3 на истиот член, Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Според член 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007 и 91/2009), со овој закон се уредуваат условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.
Според член 7 од истиот закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следниве планови: 1) Просторен план на Република Македонија, и 2) Урбанистички планови: генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.
Според член 16 став 3 од Законот, кој став е додаден со измените на Законот објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.137/2007, за изработување на урбанистички планови од членот 7 точка 2 на овој закон и за урбанистичките проекти за остварување на инвестиции од значење за Републиката, Владата на Република Македонија донесува Програма за приоритетна изработка на урбанистички планови на предлог на органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот и на предлог на единиците на локалната самоуправа и градот Скопје.
Според член 26 став 8 од Законот, кој став, исто така, е додаден со измените на Законот, објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.137/2007, урбанистичките планови за кои Владата на Република Македонија донела одлука за приоритетна изработка на урбанистичките планови од членот 16 став 3 на овој закон, се донесуваат по скратена постапка во која урбанистичкиот план се изработува и донесува како предлог на план. На предлогот на планот се врши стручна ревизија согласно со членот 21 став 3 од овој закон и се спроведува стручна расправа согласно со член 23 од овој закон и јавна презентација и јавна анкета согласно со член 24 од овој закон. Јавната анкета трае 10 работни дена и се организира во рок од седум работни дена од изготвувањето на планската документација. Стручната расправа се одржува во рок од пет дена по извршената стручна ревизија, а извештајот од стручната расправа се изработува во рок од три дена по одржаната стручна расправа. Извештајот од јавната анкета се изработува во рок од пет работни дена по завршувањето на јавната анкета, а по извештајот на комисијата изработувачот на планот постапува во рок од седум работни дена. На предлогот на планот се бара согласност од надлежниот орган од членот 25 став 2 на овој закон, која се издава во рок од пет работни дена од поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Предлогот на планот се донесува во рок од десет работни дена од приемот на согласноста.
Со член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.91/2009 од 23 јули 2009 година), член 16 став 3 се брише, а со член 20 од истиот закон, се брише членот 26 став 8.
Според членот 37 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.91/2009) со денот на влегувањето во сила на овој закон (30 јули 2009 година) одредбите од членот 16 став 3 и одредбите од членот 26 ставови 7 и 8 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005 и 137/2007) кои се однесуваат на постапката за приоритетна изработка на урбанистичките планови, ќе продолжат да се применуваат до 31 декември 2009 година.
Владата на Република Македонија на седницата одржана на 14 јули 2009 година, врз основа на член 16 ставовите 3, 4 и 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005 и 137/2007) донела Програма за измена и дополнување на Програмата за приоритетна изработка на урбанистички планови за 2009 година, број 19-2610/1, со која во Програмата за приоритетна изработка на урбанистички планови за 2009 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.19/2009, 33/2009, 54/2009 и 80/2009) во точката 1, по потточка 1.10, се додава нова потточка 1.12, која гласи: „Измена и дополнување на Деталниот урбанистички план „Стара железничка станица“, со намена трговија, комерцијално-деловни дејности, хотел, администрација – планот ќе го изработува општина Центар и изработката на планот ќе се финансира од Буџетот на општина Центар“. Според точката 2 од Програмата, оваа програма влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
Програмата е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 96 од 31 јули 2009 година..
Врз основа на наведената Програма на Владата, Општина Центар започнува постапка за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план „Стара железничка станица“ која се води по скратена постапка пропишана со член 16 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, во која урбанистичкиот план се изработува и донесува како предлог на план.
Стручна ревизија на Предлог-планот е изработена од Друштво за градежништво, проектирање, трговија и услуги „СТАН АРТ“- Куманово, за што е сочинет Извештај во септември 2009 година.
Одговор на Стручната ревизија на Предлог-планот, од страна на изготвувачот на планот Друштво за планирање, проектирање и инженеринг „ТАЈФА ПЛАН“ Скопје е сочинет во септември 2009 година.
Градоначалникот на Општина „Центар“ има донесено Решение за јавна презентација и јавна анкета по Предлог- Изменувањето и дополнувањето на Деталниот урбанистички план „Стара железничка станица“ Општина Центар – Скопје, бр. 08-3371/1 од 19.11.2009 година.
Градоначалникот на Општина „Центар“ има издадено Соопштение за јавна презентација и јавна анкета по Предлог- Изменувањето и дополнувањето на Деталниот урбанистички план „Стара железничка станица“ Општина Центар – Скопје, бр. 08-3371/2 од 19.11.2009 година, објавено во дневните весници „Време“ и „Дневник“ на 20.11.2009 година. Според Соопштението, јавната презентација на Предлог-планот ќе се одржи на ден 20.11.2009 година, а Предлог-планот ќе биде изложен 10 работни дена сметано од објавувањето на соопштението, секој работен ден од 10-17 часот, односно од 20.11.2009 година до 03.12.2009 година. Во определениот рок заинтересираните правни и физички лица од конкретното подрачје опфатено со Планот можат да доставуваат забелешки, предлози и мислења на анкетни листови.
Градоначалникот на Општина Центар има донесено Решение за формирање на стручна комисија, бр. 08-3371/3 од 09.12.2009 година. Комисијата има задача да ги разгледа забелешките по Предлог-планот доставени по извршената јавна анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки.
Изработен е Извештај по спроведената јавна презентација по Предлог-планот, бр. 26-3542/5 од 09.12.2009 година.
Изработен е Извештај од јавната анкета по Предлог-планот, бр. 26-3542/6 од 09.12.2009 година.
Изработено е Известување за постапување по спроведена Јавна анкета по Предлог-планот, бр. 26-3542/7 од 09.12.2009 година.
Акционерското друштво ГА-МА Скопје до „ТАЈФА ПЛАН“ Скопје има доставено мислење бр. 02-0308- 1026/1 од 14.04.2010 година.
Градот Скопје – Сектор за планирање и уредување на просторот до Општина Центар има дадено позитивно мислење на Предлог-планот, со акт 13-1492/1 од 07.05.2010 година.
Од страна на Министерството за култура – Управа за заштита на културното наследство, доставено е до Општина Центар – Сектор за урбанизам, комунални работи и заштита на животна средина, Мислење бр. 08-416/8 од 29.07.2010 година.
Министерството за животна средина и просторно планирање до Општина Центар има доставено Мислење по Извештај за стратегиска оцена на животната средина за Предлог-планот, бр. 08-7709/2 од 29.07.2010 година.
Градот Скопје – Сектор за сообраќај до Општина Центар има доставено мислење, бр. 15-сл. од 26.10.2010 година.
Министерството за транспорт и врски до Општина Центар, со акт бр. 16-6806/2 од 30.07.2010 година, има дадено согласност на Предлог-планот.
Советот на Општина Центар, на седницата одржана на 30.08.2010 година, донесе Одлука за донесување на Изменување и дополнување на Детален урбанистички план „Стара железничка станица“ Општина Центар-Скопје, бр.07-2842/6од 30.08.2010 година, објавена во „Службен гласник на Општина Центар“ бр. 12/2010.
Од анализата на наведената законска регулатива, а во корелација со наводите во иницијативата, Судот оцени дека оспорената одлука не е донесена во постапка која е предвидена во Законот за просторно и урбанистичко планирање. Ова од причина што постапката за изменување и дополнување на оспорениот план, како дел од Програмата на Владата на Република Македонија за приоритетна изработка на урбанистичкиот план, започнала во септември 2009 година, кога се уште биле во сила и се применувале одредбите на член 16 став 3 и член 26 став 8 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, кои се однесувале на скратена постапката за приоритетна изработка на урбанистичките планови, а завршила со донесување на оспорената одлука на 30.08.2010 година и нејзиното објавување во „Службен гласник на Општина Центар“ бр.12 од 1 септември 2010 година. Меѓутоа, имајќи го во вид фактот дека согласно измените на Законот од месец јули 2009 година, одредбите на член 16 став 3 и член 26 став 8 од Законот што се однесуваат на скратената постапка за донесување на плановите, по 31 декември 2009 година престанале да важат, според Судот, постапката за донесување на планот, воедно и донесувањето на оспорената одлука, не можела да продолжи според одредбите од Законот што престанале да важат.
Наводите во Одговорот на иницијативата од Општина Центар, доставен до Уставниот суд (акт бр.07-3571/2 од 15 ноември 2010 година) дека во услови на целосно завршените фази на јавна анкета и јавна презентација на планот во тековната 2009 година, не се доведувала во прашање законитоста на постапката за донесување на оспорената одлука, затоа што тоа јасно произлегувало од одредбите на член 80 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005, 137/2007 и 91/2009), Судот оцени дека не можат да бидат прифатени како основано образложение за законитоста на постапката за донесување на оспорената одлука.
За Судот не е спорно дека во текот на 2009 година, кога сеуште важеле одредбите за скратена постапката за приоритетна изработка на урбанистичките планови и кога започнала постапката за донесување на оспорениот план, предлог-планот целосно ги поминал фазите на стручна ревизија и одговор на стручна ревизија и фазите на јавна презентација и јавна анкета, што било во согласност со оставената можност од член 37 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 91/2009) тие одредби полноважно да се применуваат и да произведуваат правно дејство до 31 декември 2009 година. Меѓутоа, постапката за донесување на планот според член 26 став 8 од Законот, не завршува со наведените дејствија, туку на предлог-планот се бара согласност од надлежниот орган од член 25 став 2 на Законот (органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот), со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон, која се издава во рок од пет работни дена од поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот, а предлогот на планот се донесува во рок од десет работни дена од приемот на согласноста. Во конкретниот случај, Општина Центар во 2010 година продолжила со постапката за обезбедување соодветни мислења за Предлог-планот од други надлежни органи (Градот Скопје, Министерство за култура, Министерство за животна средина и просторно планирање), при што согласноста од Министерството за транспорт и врски на Предлог Изменување и дополнување на ДУП „Стара железничка станица“ (14,28 ха) (2009-2014) општина Центар – Скопје, со тех.бр. 50/06.2009 од јуни 2010 година, е дадена со акт бр. 16-6806/2 од 30 јули 2010 година, а Одлуката е донесена на 30 август 2010 година.
Притоа, Судот укажува дека членот 80 од Законот, на кој се повикува доносителот на одлуката како основ за законитоста на постапката, ја исцрпел својата примена во времето на водењето на постапката за донесување на оспорената одлука и не може да биде валиден основ на кој може да се повика доносителот на план во приоритетна постапка која се води според член 16 став 3 од Законот. Имено, наведениот член 80 е систематизиран во Главата VI –Преодни и завршни одредби на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005 година). Тоа значи дека според овој член, постапката за донесување на урбанистички планови започната пред денот на примената на овој закон, ќе продолжи според одредбите на законот кој бил во сила на денот на нивното отпочнување, односно Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002), кој престанал да важи со донесувањето на новиот закон во 2005 година, доколку урбанистичкиот план ја поминал фазата на стручна расправа или фазата на јавна анкета и јавна презентација. Приоритетната постапка за донесување детални урбанистички планови според член 16 став 3 од Законот, пак, е предвидена дополнително, со измените и дополнувањата на Законот за просторно и урбанистичко планирање извршени во месец ноември 2007 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.137/2007).
Од друга страна, членот 37 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.91/2009), јасно го дефинира преодниот режим на постапките за донесување на планови по скратена, приоритетна постапка согласно член 16 став 3 и член 26 став 8 од Законот, кои одредби се избришани со овие законски измени, недвосмислено определувајќи дека одредбите кои се однесуваат на постапката за приоритетна изработка на урбанистичките планови, ќе продолжат да се применуваат до 31 декември 2009 година.
Со оглед дека скратената, приоритетна постапка за донесување на оспорената одлука не завршила до 31 декември 2009 година, како што определува Законот, според Судот, истата требало да продолжи согласно одредбите предвидени во измените и дополнувањата на Законот за просторно и урбанистичко планирање објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.91/2009, според кои повеќе не постојат законски услови за изработување и донесување на Деталниот урбанистички план по Програмата на Владата на Република Македонија за приоритетна изработка на урбанистички планови од членот 16 став 3, односно негово донесување по скратена постапка како предлог на план. Оттука, јасно произлегува дека е пропуштен рокот за донесување на планот по скратена постапка и дека измените и дополнувањата на оспорениот план требало да се донесат во редовна постапка, како што пропишува членот 22 став 1 од Законот, според кој плановите од членот 7 на овој Закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.
Од причина што при донесување на оспорениот детален урбанистички план доносителот на истиот не ги испочитувал сите фази на изработување и донесување на планот, односно не е во целост запазена постапката за донесување на планот предвидена со Законот за просторно и урбанистичко планирање, тоа води кон повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, поради што Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со Уставот на Република Македонија и со Законот за просторно и урбанистичко планирање.
7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.172/2010
23 март 2011 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски