Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 1 и 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 23 март 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлуката бр.07-3087/3 за донесување на Детален урбанистички план за дел од втора урбана единица МЗ-4 Долна Влашка Мала, урбан модул 1-11, 2002-2010, донесена од Советот на општина Охрид на седницата одржана на 27 декември 2005 година („Службен гласник на општина Охрид“ бр.11/2005).
2. Никола Тасевски од Охрид и Јован Стошиќ од Скопје, преку полномошник Гоце Јакшоски, адвокат од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според подносителите на иницијативата оспорената одлука била во спротивност со Законот за просторното и урбани-стичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/1997, 18/1999, 102/2000, 53/2001 и 2/2002), како и со членот 80 од Законот за просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005).
Во продолжение на иницијативата се цитираат член 1, член 2 став 1, член 4 ставови 1 и 2, член 7 и член 24 од Законот донесен во 2005 година, како и членовите 17, 18 и 19 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање објавен во “Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1992 од 4.01.1996 година.
Иницијативата ги содржи и цитираните член 3 став 9 и член 14 став 1 од Правилникот за поблиската содржина, размер и начин на графичка обработка на Урбанистичките планови („Службен весник на Република Македонија“ бр.78/2006), како и цитираните член 14 став 1 точка 2, член 21 став 2 точка 3 и член 40 став 3 од Правилникот за стандарди и нормативи на урбанистичкото планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.78/2006).
Врз основа на цитираните одредби подносителите на иницијативата наведуваат дека оспорената одлука била донесена во целост незаконито и спротивно на наведените одредби, бидејќи општината Охрид издавала одобренија за градби на изведувачи во кои воопшто не биле застапени стандардите за градба со Деталниот урбанистички план. На оваа околност се прилагаат соодветни докази, од кои, според подносителите на иницијативата, можело да се утврди дека се дозволувала изведба на објект што е лепенка со соседниот градежен објект, на начин што новиот објект на источната страна во целост ги затварал прозорите на приземјето и катот на постојниот објект. Овој пример укажувал на спротивност на оспорената одлука со Законот за просторното и урбанистичко планирање и со прави-лниците, од кои причини се предлага поведување на постапка за оценување на законитоста на оспорената одлука, а потоа и нејзино поништување.
Воедно, се предлага и донесување на Решение согласно член 28 од Деловникот на Судот за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената одлука заради можност од настанување на тешко отстранливи последици.
3. Судот на седницата утврди дека, Советот на општина Охрид донел Одлука за донесување на Детален урбанистички план за дел од втора УЕ. МЗ4 Долна Влашка Маала-Охрид, урбан модул од 1 до 11 2005-2010 и Детален урбанистички план за дел од втора УЕ. МЗ 10 Центар дел Охрид, урбан модул 12 2005-2010 година бр. 08-3087/3 од 29 декември 2005 година и објавена во „Службен гласник на општина Охрид бр.11/2005 година.
Според член 1 со оваа одлука се донесува Детален урбанистички план за дел од втора УЕ, МЗ 4 Долна Влашка Маала- Охрид, урбан модул од 1 до 11 2005-2010 и Деталниот урбанистички план за дел од втора УЕ, МЗ 10 Центар дел Охрид, урбан модул 12- 2005-2010.
Според член 2 со овој Детален урбанистички план се опфаќа простор во површина од 26.0 ха. Граници на опфатениот про-стор се улиците: од југоисток „АСНОМ“ од североисток „Туристичка“, од северозапад „Јане Сандански“ и урбан модул 12 од улицата „Ванчо Николески“ спрема езеро и од југ улицата „Кеј Маршал Тито“.
Според член 3 од Одлуката Деталниот урбанистички план со технички број 10/2005 изработен од Полог проект ПРО ДОО- Гостивар како и технички број 17/2005 изработен од ДОО „Урбан“- Охрид содржи: Графички приказ со билансни показатели, синтезен приказ, синтезен приказ-инфраструктурни системи и Текстуален дел- просторен концепт, билансни показатели и основни параметри за уредување на просторот.
Графичките прилози, текстуалниот дел и параметрите за уредување на просторот кои се составен дел на планот, се изготвени според Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1996, 27/1997, 18/1999, 102/2000, 53/2001 и 2/2002).
Според член 4 деталниот урбанистички план со сите негови делови се чува, следи и реализира во Секторот за урбанисти-чко планирање и заштита на животната средина на Општина Охрид.
Според член 5 деталниот урбанистички план се заверува со печат на Советот на општина Охрид и потпис на претседателот на Советот на општина Охрид.
Според член 6 оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Охрид“.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Репу-блика Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Според членот 28 алинеи 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со Решение У.бр.19/2006 од 13 септември 2006 година Судот не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за дел од втора УЕ, МЗ4 Долна Влашка Маала-Охрид, урбан модул од 1 до 11 2005-2010 и Деталниот урбанистички план за дел од втора УЕ, МЗ 10 Центар дел Охрид, урбан модул 12 2005-2010 донесена од Советот на општина Охрид под бр.08-3087/3 на седницата одржана на 27 декември 2005 година („Службен гласник на општина Охрид“ бр.11/2005). Со истото решение Судот ги отфрлил иницијативите во делот со кој се барало поведување на постапка за оценување на согласноста на оспорената одлука со Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот („Службен весник на Република Македонија“ бр.2/2002 и 50/2003).
Во постапката по предметот У.бр.19/2006, Судот утврдил дека Советот на општина Охрид спровел постапката за изготвување и донесување на одлука за донесување на Детален урбанистички план со почитување сите фази на постапката предвидени во Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Анализата на оспорениот акт Судот ја направил по однос на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002) кој бил во сила во времето на отпочнувањето на постапката за донесување на Деталниот урбанистички план. Судот не ја анализирал согласноста на оспорената одлука со членот 80 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005), кој влегол во сила на 1 јули 2005 година. Ова од причина што наведената одредба предвидувала планови започнати пред денот на примената на овој закон да продолжат според одредбите на Законот кој бил во сила на денот на нивното отпочнување, доколку урбанистичкиот план ја помести фазата на стручна расправа или фазата на јавна анкета и јавна презентација, а во конкретниот случај јавната анкета по Нацрт-планот била спроведена пред влегувањето во сила на Законот (од 10 до 29 декември 2003 година).
Оттаму, произлегува дека и во оваа иницијатива барањето за оцена на оспорената одлука по однос на нејзината согласност со членот 80 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005) е несоодветно.
Понатаму, Судот во постапката по предметот У.бр.19/2006 утврдил дека во постапката која претходела на донесување на оспорената одлука Советот на општина Охрид побарал мислење од органот надлежен за заштита на природните реткости, од каде произлегло дека не може да се постави прашањето и за согласноста на оспорената одлука со Уставот и со Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.
Тргнувајќи од фактот што Уставниот суд веќе се произнел за уставноста и законитоста на оспорената одлука, која пак околност им е позната на подносителите на иницијативата, како и тоа дека во предметната иницијатива не се содржани наводи кои по својот карактер би претставувале основ за поинакво одлучување произле-гува дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот.
Судот, притоа имаше предвид и тоа дека сега поднесе-ната иницијатива не содржи наводи кои укажуваат на конкретни повреди во постапката за донесување на Деталниот урбанистички план, туку наводите во целост се однесуваат на повреди на одредбите од Правилникот за поблиската содржина, размер и начин на графичка обработка на Урбанистичките планови („Службен весник на Република Македонија“ бр.78/2006), како и од Правилникот за стандарди и нормативи на урбанистичкото планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.78/2006).
Имајќи ги предвид вака изнесените наводи произлегува дека согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за тој дел од барањето, бидејќи оспорената одлука и наведените правилници се подзаконски акти со иста правна сила, за кои Судот не е надлежен да ја оценува нивната меѓусебна согласност.
Иако не е од значење по однос на исходот на постапката пред овој Судот оцени дека е потребно да напомене дека оспорената одлука е донесена на 27 декември 2005 година, а наведените правилници влегле во сила на 29 јуни 2006 година, односно 6 месеци по донесувањето на оспорената одлука, од каде неспорно произлегува дека правилниците не можеле да бидат во примена во постапката за донесување на конкретниот Детален урбанистички план.
Воедно, Судот не беше во можност да се впушти во оцена на согласност на оспорената одлука со членовите 17, 18 и 19 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање објавен во “Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1992 од 24.01.1996 од причина што не можеше да идентификува за кој Закон станува збор, ако се има предвид дека означувањето се однесува на Закон објавен во 1992 година, но донесен 4 години подоцна, односно во 1996 година.
Уставниот суд нема надлежност да ја оценува конкретната примена на оспорената одлука, согласно член 110 од Уставот.
Од изнесеното произлегува дека не се исполнети условите за донесување на Решение согласно член 28 од Деловникот на Судот и запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената одлука.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.33/2011
23 март 2011 година
С к о п ј е
м.л.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски