133/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на

а) член 154 став 2 од Законот за извршување на санкциите („Службен весник на Република Македонија“ бр.2/2006 и 57/2010), и

б)Правилникот за времето што треба да го помине и условите што треба да ги исполни осуденото лице во установата од определен вид или во соодветно одделение на установата од општ вид, број 07-981/1 од 11 септември 2007 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 123/2007), донесен од директорот на Управата за извршување на санкциите.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот и Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, времето што требало да го помине и условите што требало да ги исполни осуденото лице во установата од определен вид во соодветно одделение или во соодветно одделение на установата од општ вид можело да се определува исклучиво со закон и со општ акт што го донел директорот на Управата, како што било предвидено со оспорената законска одредба. Имено, тоа било така бидејќи органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршеле самостојно, но само врз основа и во рамките на Уставот и законите, а не и врз основа на своите подзаконски акти, кои тие ги донесувале и ги спроведувале и извршувале. Според тоа, со оспорената законска одредба биле повредени член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија.

Истотака, во наводите на иницијативата се наведува дека со оглед на тоа што оспорениот Правилник бил донесен врз основа на оспорената законска одредба, истиот не бил во согласност со наведените уставни одредби, Законот за извршување на санкциите и член 61 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Поради тоа, со иницијативата се бара да се поведе постапка за оценување на уставноста на член 154 став 2 од Законот за извршување на санкциите и законитоста на Правилникот за времето што треба да го помине и условите што треба да ги исполни осуденото лице во установата од определен вид или во соодветно одделение на установата од општ вид.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 154 став 1 од Законот за извршување на санкциите е предвидено дека осудените лица во текот на издржувањето на казната, зависно од резултатите на воспитувањето, поведението и залагањето во работата, можат да прогресираат од установа од затворен во полуотворен или отворен вид, односно во соодветните одделенија на истата установа, а по нивно барање, осудените лица можат да прогресираат од установа од полиберален вид во отворено или полуотворено одделение на установа од построг вид или пак од една во друга установа од ист вид, доколку постојат основани причини што ќе придонесат за нивна поуспешна ресоцијализација. Според ставот 2 од истиот член, поблиски одредби за времето што треба да го помине и условите што треба да ги исполни осуденото лице во установата од определен вид или во соодветно одделение на установата од општ вид, се определуваат со овој закон и со општиот акт што го донесува директорот на Управата.

Судот на седницата исто така утврди дека Правилникот за времето што треба да го помине и условите што треба да ги исполни осуденото лице во установата од определен вид или во соодветно одделение на установата од општ вид содржи 13 членови кои се распоредени во три глави и тоа Глава прва-Општа одредба, член 1. Глава втора-Прогресирање ги содржи членовите 2-11 и Глава трета-Преодни и завршни одредби членовите 12 и 13.

4. Согласно член 8 став 1 али­неи 3 и 4 од Уставот на Репуб­лика Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се утврдени како темелни вредности на устав­ниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други про­писи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почи­тува Уставот и законите.

Согласно член 95 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон. Според став 2 од овој член, се забранува политичко организирање и дејствување во органите на државната управа. Според став 3 од овој член, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 1 од Законот за извршување на санкциите („Службен весник на Република Македонија“ бр.2/2006 и 57/2010) е уредено извршувањето на санкциите изречени за кривични дела и прекршоци. Според став 2 од овој член, санкции изречени за кривични дела чие извршување се уредува со овој закон се казните, алтернативните мерки, мерките на безбедност и воспитните мерки. Според став 3 од овој член, санкции изречени за прекршоци чие извршување се уредува со овој закон се казните, мерките на безбедност и воспитните мерки.

Основните права на осудените лица на казна затвор им се загарантирани со Кривичниот законик на Република Македонија и со Законот за извршување на санкциите, а начинот на нивно остварување се регулира со кучните редови на установите и другите подзаконски акти.

Според наведените законски одредби осудените лица имаат право на: пристојно сместување (членовите 102-104); облека и постелнина (членовите 105-107); лична хигиена на осудените лица (член 108); исхрана на осудените лица (членовите 109 и 110); одмор на осудените лица (членовите 111 и 112); работа на осудените лица (членовите 113-122); пензиско осигурување на осудените лица (член 123); бесплатна здравствена заштита на осудените лица (членовите 124-134); образование на осудените лица (членовите 135-137); слободни активности, спорт и рекреација на осудените лица (членовите 138 и 139); воспитна работа со осудените лица (член 140); задоволување на верските потреби на осудените лица (член 141); контакти со надворешниот свет на осудените лица (допишување, телефонирање, посети, примање на пратки) (членовите 142-151) и тн.

Според член 37 став 1 од Законот, целта на извршувањето на казната затвор е оспособување на осудените лица да се вклучат во општеството со најдобри изгледи за самостоен живот во согласност со закон. Според став 2 од истиот член, заради постигнување на целта на извршувањето на казната затвор кај осудените лица се развива чувството на одговорност и се поттикнуваат да го прифатат и активно да учествуваат во третманот за време на извршувањето на казната, мотивиран и насочен кон превоспитување и развивање на позитивните карактерни особини и способности што го забрзува успешното враќање во општеството.

Ресоцијализацијата на осудени лица може да се дефинира како современа теоретска мисла и практична акција од која се очекува да го измени квалитетот на личноста на осудениот односно да се отелотвори во определена психосоцијална состојба што има својство да го врати во слободната заедница со зајакнати социјално етички сваќања спрема разновидните влијанија што водат кон криминални и деликвентни поведенија. Процесите на воспитување и превоспитување на осудените лица се остваруваат во пенитерцијални установи со примена на соодветни воспитни (едукативни) и превоспитни (реедукативни) мерки на третман.

Согласно член 153 став 1 од овој Закон, за добро поведение и залагање во работата, како и за поттикнување на добро однесување и за развивање на чувство за одговорност и за интерес и соработка во третманот што се спроведува во установата, можат да им се дадат одделни погодности како што се особено: продолжени посети или посети без надзор во просториите на установата; престој со брачен или вонбрачен другар во посебна просторија без надзор; посети надвор од просториите на установата; слободен излез од установата до 7 часа; отсуство до 15 дена во текот на годината, со тоа што отсуството во текот на месецот не може да биде подолго од три дена и целосно или делумно користење на одморот надвор од установата.

За да се олесни спроведувањето на процесот на ресоцијализација на осудените лица се врши класификација на осудените лица.

Класификацијата може да се дефинира како средство (помошен инструмент) за остварување (практично спроведување на извршената индивидуализација или метод на поделба на осудените лица по казнено поправни установи и во групи внатре во нив, со цел да се создадат погодни услови за индивидуални третман, но заради спречување на меѓусебни штетни влијанија („криминална инфекција“) кај затворениците и одржување на дисциплина.

По извршеното проучување на личноста осудените лица се распоредуваат по одделенија во кои според нивните карактеристики е можна примена на истовидни мерки на третман. Меѓутоа сите осудени лица не се подеднакво флексибилни личности кои веднаш и без последици можат да се прилагодат на новонастаната состојба и прогнозата од извршената опсервација на осудените лица не можат никогаш да се сметаат за конечни. Поради тоа во казнено поправните установи постои можност за прераспоредување (рекласификација) на осудените лица од едно во друго одделение во установата, или пак од една во друга казнено поправна установа.

Таа интервенција се допушта со член 154 од Законот за извршување на санкциите каде е предвидено дека осудените лица во текот на издржувањето на казната, зависно од резултатите на воспитувањето, поведението и залагањето во работата, можат да прогресираат од установа од затворен во полуотворен или отворен вид, односно во соодветните одделенија на истата установа, а по нивно барање, осудените лица можат да прогресираат од установа од полиберален вид во отворено или полуотворено одделение на установа од построг вид или пак по една во друга установа од ист вид, доколку постојат основани причини што ќе придонесат за нивна поуспешна ресоцијализација.

Во ставот 2 од членот 154 од Законот е предвидено дека поблиски одредби за времето што треба да го помине и условите што треба да ги исполни осуденото лице во установата од определен вид или во соодветно одделение на установата од општ вид, се определуваат со Законот за извршување на санкциите и со општиот акт што го донесува директорот на Управата.

Рекласификација меѓутоа може да се изведе и во обратна насока кон таканаречено репрогресирање на осудено лице. Според член 156 став 1 од Законот, ако осуденото лице со своето поведение и односот кон работата не ја оправда довербата за упатување или прогресирање во установа од полиберален вид, може да биде вратено од установата со полиберален вид во установа од построг вид, односно во соодветно одделение на истата установа.

Прогресирањето на осудени лица не претставува право на осудените лица. Тоа претставува рекласификација на осудените лица кои во зависност од резултатите на процесот на ресоцијализација, издржаниот дел од казната, придржувањето на куќниот ред на установата и залагањата во работата на осуденото лице имаат можност да прогресираат како што е предвидено во Законот во извршувањето на санкциите и Правилникот за времето што треба да го помине и условите што треба да ги исполни осуденото лице во установа од определен вид или во одделение на установата од општ вид.

Според член 155 став 1 од Законот, за прогресирање на осудените лица од една во друга установа одлучува директорот на Управата по предлог на директорот на установата или по барање на осуденото лице. За прогресирање на осудените лица од едно во друго одделение во установата, под условите одлучува директорот на установата.
Со оглед на тоа што оспорениот член 154 од Законот како и Правилникот (во целина) се во согласност со цитираните одредби од Уставот, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот, и наводите во иницијативата се неосновани.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Трендафил Ивановски, д-р Наташа Габер–Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.133/2010
23 март 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски