22/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за пристапување кон изработка и донесување на Урбанистички план вон населено место на КП.бр.1788/1, 1791/1, 1791/2 и КП.бр.1792/1 м.в. „Струга“ КО ЕРЏЕЛИЈА, КП.бр.48, 49, 50, 51, 52, 53, 54, 55, 56, 112, 113, 114, 115, 116, 117, 118 и КП.бр.119 м.в. „Алчак“ КО Амзабегово, Општина Свети Николе, бр.0701-535 од 18 јуни 2010 година, донесена од Советот на општина Свети Николе.

2. Друштво за земјоделство, трговија и услуги ПОЛЕДЕЛСТВО ЕРЏЕЛИЈА ДООЕЛ с. Ерџелија – Свети Николе, преку полномошник Драган Таневски, адвокат од Свети Николе на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука била во спротивност со член 48 од Законот за земјоделско земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.135/2007) од причина што при донесување на одлуката и зафаќање на нови земјоделски површини, општината не добила согласност од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за трајна пренамена на земјоделското во градежно земјиште.

Имено, општината Свети Николе одлуката ја донела на 18 јуни 2010 година, а барањето било доставено на 21 јуни 2010 и на 27 јули 2010 година министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство донел решение за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште.

Со дополнително барање, подносителот на иницијативата истакна предлог за изрекување на времена мерка во смисла на член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од оспорената одлука се пристапува кон изработка и донесување на Урбанистички план вон населено место за изградба на фабрика за биогас на КП.бр.1788/1, 1791/1, 1791/2 и КП.бр.1792/1 м.в. „Струга“ КО Ерџелија, КП.бр. КО ЕРЏЕЛИЈА, КП.бр.48, 49, 50, 51, 52, 53, 54, 55, 56, 112, 113, 114, 115, 116, 117, 118 и КП.бр.119 м.в. „Алчак“ КО Амзабегово, Општина Свети Николе.

Во членот 2 од истата одлука се предвидува дека оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во Службен гласник на општина Свети Николе.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Разгледувајќи ја иницијативата, Судот оцени дека во конкретниов случај не постојат процесни претпоставки да се одлучува по неа од причина што оспорената одлука има карактер на работен (иницијален) акт, со кој само се започнува со изработка и донесување на урбанистички план. Имено, со оспорената одлука се пристапува, односно започнува постапката за изработка и донесување на урбанистички план и се уште не е донесен акт, односно одлука за донесување на урбанистички план за конкретното подрачје, што значи дека во текот на постапката за изработка и донесување на урбанистички план можно е и нејзино запирање доколку не се исполнети сите претпоставки и услови предвидени во Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Според Судот, оспорената одлука утврдува почеток кон дејства за конкретна задача – изработка и донесување на урбанистички план, за што согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

Во врска со барањето на подносителот на иницијативата за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорениот акт, Судот оцени дека не се исполнети условите предвидени во член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за изрекување на времена мерка.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.22/2011
23 март 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски