197/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 23 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.104/2009), во целина.

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, Законот во целина бил противуставен со оглед дека ја девалвирал, релативизирал уставната материја од членовите 61-78 од Уставот на Република Македонија така што ја спуштал на пониско, законско ниво, а тоа не било дозволено од уставно-правен аспект односно оваа материја не можела да се уредува со закон во ситуација кога таа е уредена со Уставот. Поради тоа, Законот во целина не бил во согласност со темелната вредност владеењето на правото определена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, ниту со член 51 од Уставот, а особено не бил во согласност со член 61 став 2 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека оспорениот закон е донесен на 17 август 2009 година и дека влезе во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ (на 25 август 2009 година).

Законот содржи 9 глави. Во Глава I насловена како „Основни одредби“, на која и’ припаѓаат членовите 1-4, се определува дека со Законот се уредуваат одделни прашања за функционирањето на Собранието на Република Македонија и дека прашањата поврзани со организацијата и функционирањето на Собранието што не се уредени со Законот се уредуваат со Уставот на Република Македонија и Деловникот на Собранието на Република Македонија (член 1), дека Собранието е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката и дека пратениците во Собранието се избираат за време од четири години на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање, при што пратеникот ги претставува граѓаните и во Собранието одлучува по свое уверување (член 2), дека надлежностите на Собранието се остваруваат на начин и во постапка утврдени во Уставот, Деловникот и закон, а правата и должностите на пратениците се уредуваат со Уставот, Законот за пратеници, Деловникот и други закони (член 3) и дека Собранието има седиште во Скопје и има печат со определена форма и содржина (член 4).
Во Глава II насловена како „Започнување и престанување на мандатот и неспојливост на функцијата пратеник со вршење на други јавни функции или професии“, на која и’ припаѓаат членовите 5-7 од Законот, се определува дека мандатот на пратениците го верифицира Собранието и трае од денот на верификување на нивниот мандат до денот на верификување на мандатот на новоизбраните пратеници но не повеќе од четири години, и во тој период пратеникот стекнува права и должности утврдени со Уставот, закон, Деловникот и со други прописи и општи акти, а начинот и постапката на верификација на мандатот на пратеникот, како и причините поради кои Собранието може да не го верификува мандатот на пратеникот, се уредуваат со Деловникот (член 5), при што на пратеникот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран ако поднесе оставка (алинеја 1), ако е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години (алинеја 2), ако настапи случај на неспојливост со функцијата пратеник (алинеја 3), ако му престане државјанството на Република Македонија (алинеја 4), ако со правосилно решение биде лишен од деловната способност (алинеја 5) и во случај на смрт (алинеја 6), со тоа што ако пратеникот поднесе оставка Собранието на првата наредна седница констатира дека на пратеникот му престанал мандатот од денот на одржувањето на таа седница, а во другите случаеви мандатот на пратеникот му престанува со денот на настанувањето на случаевите што Собранието го констатира на првата наредна седница; покрај тоа, на пратеникот му престанува мандатот кога Собранието му го одзема мандатот согласно со Уставот, при што мандатот во таков случај му престанува на денот на одржувањето на седницата на Собранието на која е донесена одлуката за одземање на мандатот (член 6). Функцијата пратеник во Собранието се врши професионално и таа функција е неспојлива со вршење на други јавни функции или професии утврдени со закон (член 7).
Во Глава III насловена како „Организирање, услови за работа и податоци за имотна состојба на пратениците“, на која и’ припаѓаат членовите 8-19, најнапред се уредуваат условите за работа на пратениците (членовите 8-11), при што се определува дека претеникот, освен работа на седниците на Собранието и на неговите работни тела, остварува контакти со граѓаните, невладините организации, Синдикатот, со меѓународните организации и други активности од надлежноста на Собранието (член 8), дека на пратеникот во вршењето на пратеничката функција му се обезбедува стручна, административна, техничка и друга услуга, со тоа што на секоја пратеничка група и на секои пет пратеници им припаѓа и по еден надворешен соработник за чие ангажирање средствата ги определува Буџетскиот совет на Собранието во рамките на средствата на Собранието во Буџетот на Република Македонија и тие лица се ангажираат за времетраење на мандатот на пратениците врз основа на договор што го склучува генералниот секретар на Собранието (член 9), дека на пратеникот му е овозможено користење на информативни и документациони материјали, како и комуникациони врски (член 10) и дека органите на локалната самоуправа им обезбедуваат еднаква помош на пратениците во извршувањето на нивната функција, како и работна просторија и услови за контакт со граѓаните од неговата изборна единица (член 11). Членовите 12-14 од Законот се однесуваат на организацијата на пратениците во пратенички групи, при што се определува дека пратениците во Собранието можат да се организираат во пратенички групи од најмалку пет пратеници така што еден пратеник може да припаѓа само на една пратеничка група и дека пратеничката група определува координатор и до двајца заменици, дека пратеничката група има право да користи посебна просторија и право на стручна помош од Стручната служба на Собранието (член 12), дека пратениците имаат право да ги користат просториите што им се дадени на располагање за работа и состаноци согласно со актот за внатрешниот ред на Собранието (член 13) и дека пратениците можат да се организираат во Клуб на пратеници според правила за организација, задачите и начинот на работа донесени од Клубот (член 14). Членовите 15-16 од Законот се однесуваат на податоците за имотната состојба на пратениците, при што се определува дека пратеникот е должен во рок од 30 дена од верификацијата на мандатот да пополни анкетен лист со детален попис на имотот и да депонира изјава заверена кај нотар за откажување од заштита на банкарска тајна во однос на своите сметки, а истото тоа да го направи во рок од 30 дена по престанокот на мандатот и да ги достави тие акти до Државната комисија за спречување на корупцијата и Управата за јавни приходи (член 15), при што тие податоци претставуваат информации од јавен карактер и се објавуваат согласно со закон, освен податоците заштитени со закон (член 16).
Во Глава IV насловена како „Претседател и потпретседатели на Собранието“, на која и’ припаѓаат членовите 17-19, се определува дека Собранието од редот на пратениците избира претседател и потпретседатели на Собранието, при што бројот на потпретседателите го утврдува Собранието и тие се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието од кои еден потпретседател припаѓа на најголема опозициона партија, а постапката за избор на претседател и потпретседатели на Собранието се уредува со Деловникот на Собранието (член 17), дека претседателот на Собранието го претставува Собранието, се грижи за примена на Деловникот и врши други работи утврдени со Уставот, Деловникот и закон (член 18) и дека потпретседателите на Собранието му помагаат на претседателот на Собранието во работата, го заменуваат во случај на спреченост или отсуство и вршат други работи од неговиот делокруг (член 19).
Во Глава V насловена како „Парламентарен надзор“, на која и’ припаѓаат членовите 20-23, се определува дека надзорна расправа се одржува со цел да се добијат информации и стручни мислења за прашањата од делокруг на матичното работно тело во врска со утврдувањето и спроведувањето на политиката, извршувањето на законите и другите активности на Владата и на органите на државната управа, дека надзорната расправа ја спроведува матичното работно тело на Собранието кое може на седница да покани овластени претставници на Владата или на органите на државната управа како и други лица, а тие имаат обврска да присуствуваат на таа седница (член 20), дека иницијативата за одржување на надзорна расправа може да покрене еден член од матичното работно тело и по неа одлучува работното тело со мнозинство гласови од присутниот број членови но не помалку од една третина од вкупниот број членови, а ако 15 пратеници во писмена форма побараат одржување на надзорна расправа, тогаш претседателот на работното тело е должен веднаш да свика нејзино одржување (член 21), дека во текот на надзорната расправа, членовите на матичното работно тело и другите пратеници можат да поставуваат прашања до овластените претставници на Владата или на органите на државната управа, потоа со повиканите лица може да се води дискусија само ако е неопходно да се усогласат или појаснат конкретни прашања и факти (член 22) и дека за надзорната расправа се води записник на кој можат да се направат технички и други исправки во согласност со лицето чија изјава е во прашање, при што работното тело до Собранието доставува извештај во кој е внесена суштината од надзорната расправа и може да предложи заклучоци кои се доставуваат и до Владата (член 23).
Во Глава VI насловена како „Координација на работата на Собранието“, на која и’ припаѓа членот 24, се определува дека претседателот на Собранието со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи секој понеделник одржува редовна координативна средба, а може да се одржуваат и ад хок координативни средби, при што се врши усогласување на распоредот за работа на работните тела во Собранието, како и на надзорните расправи, потоа вршат консултации по определени предлози на закони и ги усогласуваат ставовите и насоките за работата на посебна организациона единица-парламентарен институт, а за работењето на координативните средби претседателот на Собранието донесува Правилник (член 24).
Во Глава VII насловена како „Располагање со средствата“, на која и’ припаѓа членот 25, се определува дека Собранието располага и набавува недвижни и движни ствари кои му се неопходни за остварување на своите надлежности, при што начинот на располагање и набавување на тие ствари, како и нивното евидентирање и попишување, се уредуваат со акт на Буџетскиот совет на Собранието, со тоа што договорите за продажба, размена, давање под закуп или на користење на недвижна и движна ствар ги склучува генералниот секретар во согласност со претседателот на Собранието и по претходно прибавено мислење од Буџетскиот совет на Собранието, а пратениците, именуваните и избраните лица и вработените во Службата на Собранието се одговорни за совесно и наменско користење на стварите.
Во Глава VIII насловена како „Буџет на Собранието“, на која и’ припаѓаат членовите 26-31, се определува дека во Собранието се основа Буџетски совет на Собранието составен од претседател, заменик претседател и девет члена од редот на пратениците на Собранието, при што претседател е еден од потпретседателите на Собранието, а заменик претседател е претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, со тоа што составот на Буџетскиот совет го утврдува Собранието со одлука (член 26), дека Буџетскиот совет е надлежен да утврдува стратешки приоритети на Собранието за наредната година и нивно вклучување во Буџетот на Република Македонија, дава упатства и насоки за предлогот на буџетските барања и потребите за работа на Собранието, предлага на Владата на Република Македонија максимален износ на средства за Собранието за наредните три фискални години, го следи извршувањето на расходите во Буџетот на Собранието и предлага прераспределба на средствата во рамките на одобрените средства со Буџетот на Република Македонија, донесува деловник за својата работа (член 27), дека Буџетскиот совет во постапката за изготвување на Буџетот на Република Македонија врши постојани консултации и усогласувања со Министерството за финансии и со Владата на Република Македонија во врска со потребните средства на Собранието, при што на тие седници на Буџетскиот совет задолжително присуствува министерот за финансии (член 28), дека Буџетскиот совет работи на седници кои ги свикува и со нив претседава претседателот на Буџетскиот совет или неговиот заменик, со тоа што на седниците присуствуваат генералниот секретар на Собранието и раководителот на Секторот за финансиско-материјално работење на Службата на Собранието (член 29), дека Буџетскиот совет зазема ставови со мнозинство гласови од присутните членови, но не помалку од една третина од вкупниот број на членови (член 30) и дека стручно-административните работи за Буџетскиот совет ги врши Службата на Собранието (член 31).
Во Глава IX насловена како „Собраниски канал“, на која и’ припаѓаат членовите 32-35, се определува дека Собранискиот канал ги информира и образува граѓаните за политичкиот живот преку парламентарни, образовни и граѓански програми, емитува програми од интерес за социјалната кохезија, меѓуетничкиот соживот, културните разлики и борбата против сите видови дискриминација, обезбедува политичка рамноправност и соодветна јазична застапеност во емитуваните програми, со тоа што Собранието ја има програмската одговорност (член 32), дека Собранието основа Совет на Собранискиот канал составен од 11 члена од кои шест пратеници се од парламентарното мнозинство и четири пратеници се од парламентарната опозиција, а претседателот на Советот е потпретседателот на Собранието од редот на опозицијата предложен од претседателот на Собранието, при што во работата на Советот учествуваат и претставници од ЈП Македонска радиотелевизија и по потреба и надворешни членови-експерти од оваа област но без право на глас, со тоа што Советот на Собранискиот канал се состанува најмалку на три месеци (член 33), дека членовите на Советот на Собранискиот канал ги избира Собранието (член 34) и дека Советот ги разгледува прашањата од функционирањето на Собранискиот канал, а особено ја усвојува реализацијата на програмата, финансиското и инвестиционото работење во тековната година, донесува програмски, финансиски и инвестиционен план за наредната година, обезбедува емитување на активностите на Собранието, со тоа што трошоците се обезбедуваат од Собранието (член 35).
Во Глава X насловена како „Контакти на пратениците со граѓаните во изборните единици“, на која и’ припаѓа членот 36, се определува дека Собранието во соработка со единиците на локалната самоуправа обезбедува соодветни услови за остварување контакти на пратеникот со граѓаните во неговата изборна единица така што секој последен ден во работната недела (петок) е утврден за такви контакти, при што Собранието во тој ден не одржува пленарни седници, седници на работни тела и активности на пратенички групи за соработка со парламенти на други држави освен во итни и неодложни ситуации.
Во Глава XI насловена како „Потпишување и објавување на актите“, на која и’ припаѓаат членовите 37-39, се определува дека текстот на законот не се потпишува, а другите прописи и општи акти што ги донесува Собранието ги потпишува претседателот на Собранието (член 37), дека на денот на донесувањето на закон, претседателот на Собранието го доставува законот до претседателот на Републиката заради потпишување на указ за прогласување на законот, со тоа што во рок од седум дена претседалот на Републиката го потпишува указот или го известува претседателот на Собранието дека одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот и во тој случај Собранието повторно го разгледува законот во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот, при што амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањата на претседателот на Републиката (член 38) и дека законите, другите прописи и општи акти пред да влезат во сила се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ (член 39).
Во Глава XII насловена како „Служба на Собранието“, на која и’ припаѓаат членовите 40-42, се определува дека стручните и други работи за потребите на Собранието, работните тела и пратениците ги врши Службата на Собранието, при што организацијата, задачите и работата на Службата се утврдува согласно со закон (член 40), дека со Службата раководи генералниот секретар на Собранието што го именува Собранието, потоа дека Собранието именува еден или повеќе заменици на генералниот сетретар на Собранието и дека генералниот секретар при вработувањето во стручната служба на Собранието обезбедува примена на начелото на соодветна и правична застапеност на сите нивоа и почитување на критериумот на стручност и компетентност (член 42) и дека Собранието основа посебна организациона единица за зајакнување на својот законодавен и надзорен аналитичко-истражувачки капацитет (парламентарен институт), чија работа се уредува со посебен акт што го донесува генералниот секретар, врз основа на усогласени ставови и насоки од координацијата на претседателот на Собранието со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи, и која единица претставува истражувачки центар кој на пратениците им обезбедува навремени, објективни и независни стручни истражувања и анализи за извршувањето на пратеничката функција, при што материјалите кои ги изготвува парламентарниот институт се изготвуваат и на јазикот и писмото на пратениците кои зборуваат јазик различен од македонскиот јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија; Управување и надзор над работата на парламентарниот институт врши Управувачки совет составен од координаторите на парламентарните групи, генералниот секретар на Собранието и други претставници, при што парламентарниот институт за своето работење доставува годишен извештај до Управувачкиот совет и до претседателот на Собранието (член 42).
Во Глава XIII насловена како „Одржување на редот во Собранието“, на која и’ припаѓа членот 43, се определува дека одржувањето на редот во зградата и во просториите на Собранието го обезбедува посебна служба, при што лицата од посебната служба носат обележје на Собранието на Република Македонија на истакнато место на облеката (став 1), дека овластените службени лица на органите на државната управа не можат без одобрение од претседателот на Собранието да имаат пристап во зградата и просториите на Собранието, ниту да преземаат мерки спрема пратениците, работниците во Службата и спрема други граѓани (став 2), дека не е дозволено носење на оружје во зградата на Собранието, освен за лицата овластени за одржување на редот во зградата на Собранието (став 3), дека за одговорноста за нарушување на редот во Собранието од страна на пратениците и надворешни лица кои учествуваат во работата на Собранието одлучува и донесува мерки претседателот на Собранието по претходна консултација со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи (став 4), а за одговорноста на вработените во стручната служба и надворешните лица поканети од нив, соодветни мерки изрекува генералниот секретар на Собранието согласно со закон (став 5).
Во Глава XIV насловена како „Преодни и завршни одредби“, на која и’ припаѓаат членовите 44-47, се определува дека актите утврдени со овој закон ќе се донесат во рок од шест месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон (член 44), дека со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи одредбата од член 18 на Законот за пратеници, потоа Одлуката за основање на Буџетски совет на Собранието на Република Македонија и Одлуката за основање на Совет на Собранискиот канал (член 45), дека членот 9 од овој закон ќе почне да се применува од 1 јануари 2010 година, а членот 33 ставовите 1 и 2 од наредниот парламентарен состав (член 46) и дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ (член 47).
Според тоа, од изнесената содржина на Законот произлегува дека со него се уредуваат одделни прашања поврзани со организацијата и функционирањето на Собранието на Република Македонија, а не организацијата и функционирањето на Собранието, и тоа: положбата и надлежностите на Собранието и на пратениците (Глава I), започнувањето и престанувањето на мандатот на пратеникот и неспојливоста на таа функција со вршење на други јавни функции или професии (Глава II), организирањето на пратениците во пратенички групи, условите за работа на пратениците и податоци за имотната состојба на пратениците (Глава III), прашања поврзани со претседателот и потпретседателите на Собранието (Глава IV), надзор од матичните работни тела на Собранието над работата на Владата и органите на државната управа (Глава V), координација меѓу претседателот, потпретседателите и координаторите на пратеничките групи заради организација на работата на Собранието (Глава VI), располагање со недвижни и движни ствари на Собранието (Глава VII), oсновање, состав, надлежност и начин на работа на Буџетскиот совет на Собранието (Глава VIII), прашања поврзани со Собранискиот канал и информирањето на јавноста (Глава IX), контактирањето на пратениците со граѓаните во изборните единици (Глава Х), потпишувањето и објавувањето на актите по донесувањето од Собранието (Глава ХI), прашања поврзани со Стручната служба на Собранието, генералниот секретар и неговите заменици, како и посебната организациона единица-парламентарниот институт (Глава XII), oдржувањето на редот во зградата и просториите на Собранието и за одговорноста за нарушувањето на редот (Глава XIII) и престанувањето на важењето на одредби од други закони и на подзаконски акти кои се во врска со прашањата уредени со овој закон, како и влегувањето во сила и примената на одредбите од овој закон (Глава XIV).
4.Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот се определува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1); Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).
Според член 61 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката (став 1); Организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот (став 2).
Според член 62 од Уставот, Собранието го сочинуваат од 120 до 140 пратеници (став 1); Пратениците се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање (став 2); Пратеникот ги претставува граѓаните и во Собранието одлучува по свое уверување (став 3).
Според член 63 од Уставот, пратениците во Собранието се избираат за време од четири години. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието. Мандатот почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав (став 1); Со закон се утврдува неспојливоста и неизберливоста на функцијата пратеник во Собранието со вршење на други јавни функции или професии (став 5).
Според член 64 од Уставот, пратениците уживаат имунитет (став 1); Пратеникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Собранието (став 2); Пратеникот не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години (став 3).

Според член 65 од Уставот, пратеникот може да поднесе оставка (став 1); Пратеникот оставката ја поднесува лично на седницата на Собранието (став 2); На пратеникот му престанува мандатот кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години (став 3); На пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Одземањето на мандатот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (став 4).
Според член 66 од Уставот, Собранието е во постојано заседание (став 1); Собранието работи на седници (став 2); Седниците на Собранието ги свикува претседателот на Собранието (став 3); Собранието донесува деловник со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (став 4).
Според член 67 од Уставот, Собранието од редот на пратениците избира претседател и еден или повеќе потпретседатели, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (став 1); Претседателот на Собранието го претставува Собранието, се грижи за примената на Деловникот на Собранието и врши други работи утврдени со Уставот и со Деловникот на Собранието (став 2).
Во член 68 од Уставот се определува дека Собранието на Република Македонија, покрај другото, донесува закони и дава автентично толкување на законите (став 1 алинеја 2).
Според Амандман Х на Уставот, Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство (точка 1).
Според член 70 од Уставот, седниците на Собранието се јавни (став 1); Собранието може да одлучи да работи без присуство на јавноста со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (став 2).
Според член 71 од Уставот, право да предлага донесување на закон има секој пратеник во Собранието, Владата на Република Македонија и најмалку 10.000 избирачи (став 1); Иницијатива за донесување на закон до овластените предлагачи може да даде секој граѓанин, група граѓани, институции и здруженија (став 2).
Според член 72 од Уставот, интерпелација може да се постави за работата на секој носител на јавна функција, Владата и секој нејзин член поединечно, како и за прашања од работата на државните органи (став 1).
Според член 73 од Уставот, Собранието одлучува за распишување на референдум за одделни прашања од својата надлежност со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (став 1).
Според член 74 од Уставот, Собранието донесува одлука за менување на границата на Републиката со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (став 1).
Според член 75 од Уставот, законите се прогласуваат со указ (став 1); Указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието (став 2); Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот (став 3); Претседателот е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (став 4).
Според член 76 од Уставот, Собранието основа постојани и повремени работни тела (став 1); Собранието може да основа анкетни комисии за сите области и за секое прашање од јавен интерес (став 2).
Во Амандман ХI на Уставот се определува дека Собранието избира народен правобранител со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија (точка 1).
Според Амандман XII на Уставот, Собранието основа Комитет за односи меѓу заедниците. Комитетот го сочинуваат 19 члена од кои по седум члена од редот на пратениците во Собранието Македонци и Албанци и по еден од редот на пратениците Турци, Власи, Роми, Срби и Бошњаци. Доколку некоја од заедниците нема пратеници, народниот правобранител, по консултации со релевантните претставници на тие заедници, ќе ги предложи другите членови на Комитетот (точка 1).
Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија и таа вредност се остварува, покрај другото, преку усогласеноста на законите со Уставот и на другите прописи со Уставот и со законите, како и преку обврската на секој да ги почитува Уставот и законите.
Собранието на Република Македонија е дефинирано како претставнички орган на граѓаните и како носител на законодавната власт во Република Македонија, неговата организација и функционирање се уредуваат со Уставот и со Деловникот и се состои од определен број на пратеници избрани на непосредни и слободни избори со тајно гласање, со мандат од четири години.
Пратениците ги претставуваат граѓаните и во Собранието одлучуваат по свое уверување, нивната функција е неспојлива со вршење на други јавни функции или професии, пратеникот ужива имунитет и не може да биде повикан на кривична одговорност, ниту да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Собранието, ниту пак може да биде притворен без одобрување на Собранието освен ако е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. Во однос на престанокот на функцијата, пратеникот може да поднесе оставка така што ја поднесува лично на седницата на Собранието, потоа мандатот му престанува кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години или може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за непоравдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци, а одземањето на мандатот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Собранието е во постојано заседание, работи на седници кои ги свикува претседателот на Собранието, Собранието го избира претседателот и еден или повеќе потпретседатели од редот на пратениците со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и тој го претставува Собранието, се грижи за примената на Деловникот на Собранието и врши други работи утврдени со Уставот и со Деловникот на Собранието. Собранието има уставно утврдена надлежност и во неа спаѓа, покрај другото, донесување на закони и давање на автентично толкување на законите, при што Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници, со тоа што одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници но не помалку од една третина од вкупниот број пратеници ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство. Седниците на Собранието се јавни, но Собранието може да одлучи да работи без присуство на јавноста за што е потребно двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Право да предлага донесување на закон има секој пратеник во Собранието, Владата на Република Македонија и најмалку 10.000 избирачи, а иницијатива за донесување на закон до овластените предлагачи може да даде секој граѓанин, група граѓани, институции и здруженија. Интерпелација може да се постави за работата на секој носител на јавна функција, Владата и секој нејзин член поединечно, како и за прашања од работата на државните органи. Собранието одлучува за распишување на референдум за одделни прашања од својата надлежност за што одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, а донесува и одлука за менување на границата на Републиката со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Законите се прогласуваат со указ кого го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието, со тоа што претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот, па доколку Собранието повторно го разгледа законот и го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот. Претседателот е должен да го потпише указот ако според Уставот законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Собранието основа постојани и повремени работни тела, а може да основа анкетни комисии за сите области и за секое прашање од јавен интерес. Собранието избира народен правобранител со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Собранието основа Комитет за односи меѓу заедниците и него го сочинуваат 19 челна од кои по седум од редот на пратениците во Собранието Македонци и Албанци и по еден од редот на пратениците Турци, Власи, Роми, Срби и Бошњаци, а ако некоја од заедниците нема пратеници, народниот правобранител по консултации со релевантните претставници на тие заедници, ќе ги предложи другите членови на Комитетот.
Имајќи ја прецизно во предвид содржината на Законот за Собранието на Република Македонија во целина, од една страна, како и содржината на наведените уставни одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата, од друга страна, Судот утврди дека законските одредби гледани како целина уредуваат други прашања од оние кои се уредуваат со Деловникот на Собранието на Република Македонија, дека тие одредби помагаат односно го олеснуваат остварувањето на организацијата и функционирањето на Собранието и дека законските одредби се движат во рамките на изнесените уставни определби. Во таа смисла, Судот смета дека Законот треба да се разбере како правен акт со кој се разработуваат и прецизираат уставните определби поврзани со организацијата и функционирањето на Собранието на Република Македонија, со што законодавецот не ја повредува својата уставна положба да донесува закони во рамките на уставните овластувања определена во член 68 алинеја 2 од Уставот, а не дека со Законот се дерогираат Уставот и Деловникот на Собранието и дека со тоа Законот го повредува членот 61 ставот 2 од Уставот како што смета подносителот на иницијативата.
5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6.Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У бр.197/2009

23 март 2011 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски