217/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за УЕ„Х.Т.Карпош“, Урбан Блок 64-д и 64-ѓ, плански опфат меѓу улиците Пролетерски Бригади, 11-ти Октомври, Х.Т.Карпош, Трст, Јане Сандански и Киро Фетак бр.07-6991/14 од 23 јуни 2009 година, донесена од Советот на општина Куманово („Службен гласник на општина Куманово“ бр.11/2010).

2. Неџип Агуши, преку Адвокатско друштво Богдан и Наневска-Илиевска од Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука не била донесена во смисла на членовите 17-а, 24 и 31 од Законот за просторното и урбанистичко планирање (кои во иницијативата во целост се цитирани) од причини што општина Куманово по Нацрт деталниот урбанистички план не спровела јавна презентација и јавна анкета како што е предвидено во наведените членови од Законот. Имено, според подносителот на иницијативата во ниту едно гласило не било објавено соопштение каде ќе биде изложен планот, ниту пак кога и како ќе биде спроведена јавната презентација и јавна анкета. Понатаму, планот кој бил донесен со оспорената Одлука не бил изложен на јавно место во кругот на Месната самоуправа. Градоначалникот не организирал јавна расправа и јавна презентација, а подносителите на иницијативата не можеле да поднесат приговори на планот.

По однос на поднесените приговори од заинтересираните лица, не бил составен Извештај од страна на општина Куманово, што било доказ дека не било спроведена јавна анкета и јавна презентација.

Оспорениот Детален урбанистички план, исто така, според наводите во иницијативата не бил во согласност со член 22 став 1 точка 1 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, бидејќи не било запазено примената на правилата и стандардите за урбанистичко планирање.

Поради наведените причини се предлага оспорената одлука да се укине.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од одлуката Со оваа одлука се донесува Детален урбанистички план за дел од УЕ„Х.Т.Карпош“, УБ 64-д и 64-ѓ, плански опфат меѓу илиците Пролетерски Бригади, 11-ти Октомври, Х.Т.Карпош, Трст, Јане Сандански и Киро Фетак – Општина Куманово, техничка документација број 47/2009 изработена од „ПЛАНЕРИС“ ДООЕЛ – Куманово.

Според член 2 од истата одлука составен дел на Детален урбанистички план за УЕ„Х.Т.Карпош“, УБ 64-д и 64-ѓ, плански опфат меѓу улиците Пролетерски Бригади, 11-ти Октомври, Х.Т.Карпош, Трст, Јане Сандански и Киро Фетак – Општина Куманово, техничка документација број 47/2009 изработена од „ПЛАНЕРИС“ ДООЕЛ – Куманово, се:

– текстуален дел со билансни показатели и основни параметри за уредување на просторот,
– синтезен графички приказ на планските решенија со технички бр.47/2009.

Во член 3 од Одлуката е предвидено дека Урбанистичка документација од член 2 на оваа Одлука се заверува во најмалку 7 (седум) примероци со потпис и печат на Градоначалникот на општината Куманово, еден примерок со Одлука за донесување на планот се чува во Архивот, еден примерок во службите за спроведување на планот (Сектор за урбанизам и комунални дејности и заштита на животната средина и природата), еден примерок во надлежен Државен архив, еден примерок се доставува до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, еден примерок се доставува до Секторот за инспекциски работи – Инспекторат, еден примерок до Државен завод за геодетски работи – Одделение за премер и катастар – Куманово и седмиот примерок се изложува кај донесувачот на планот заради достапност на јавноста.

Според член 4 од Одлуката оваа Одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Куманово“.

4. Во текот на претходната постапка од доставената писмена документација Судот утврди дека Нацрт-планот 2009-2014 за Деталниот урба-
нистички план за дел од УЕ„Х.Т.Карпош“, УБ 64-д и 64-ѓ, плански опфат меѓу улиците Пролетерски Бригади, 11-ти Октомври, Х.Т.Карпош, Трст, Јане Сандански и Киро Фетак е изработен од „ПЛАНЕРИС“ ДООЕЛ Куманово врз основа на Лиценца за изработување на урбанистички планови бр.0016 од 22.12.2008 година.

– Министерството за транспорт и врски дал стручно мислење бр.16-5063/2 од 2 јуни 2009 година.
– Советот на општина Куманово на седницата одржана на 24 јуни 2009 година донел Одлука за утврдување на нацрт Деталниот урбанистички план, бр.07-6013/9.
– Градоначалникот на општина Куманово на 10 јули 2009 година донел Одлука за организирање на јавна анкета и јавна презентација по Нацрт-планот, бр.08-6709/1.
– Градоначалникот на општина Куманово донел Соопштение за организирање на јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-планот бр.21-6801/1 од 13 јули 2009 година.
– Во соопштението е наведено дека графичките и текстуалните прилози од Нацрт плановите на Деталните Урбанистички Планови ќе бидат истакнати во Општинските витрини на градскиот Плоштад кои се наоѓаат испод „осмокатница“ Куманово, како и во просториите на соодветните месни заедници каде се врши измена на Деталниот Урбанистички План.
– Извештај од спроведената јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-планот со Заклучок од Стручна комисија, бр.21-4331/4 од 3 ноември 2009 година.
– Известување за постапување по извештај од спроведена Јавна презентација и јавна анкета бр.21-4331/5 од 3 ноември 2009 година.
– Известување од Секторот за урбанизам и комунални дејности и заштита на животната средина и природата до Приговарачите Костадин Ристевски бр. 21-6709 од 20 мај 2010 година и Фатмир Алији бр.21-6709/5 од 20 мај 2010 година.
– Извештај од извршена стручна ревизија по Нацрт-планот од Друштвото за производство, услуги и промет БИЛД – Скопје -април 2009 година.
– Извештај за постапување по забелешките од стручно мислење на Деталниот урбанистички план за дел од УЕ„Х.Т.Карпош“, УБ 64-д и 64-ѓ, плански опфат меѓу улиците Пролетерски Бригади, 11-ти Октомври, Х.Т.Карпош, Трст, Јане Сандански и Киро Фетак – Куманово 2009-2014 – Нацрт план од Друштво за урбанизам, проектирање и инженеринг „ПЛАНЕРИС“ ДООЕЛ Куманово – април 2009 година.
– Одговор на Стручна ревизија на Нацрт Деталниот урбанистички план за дел од УЕ „Х.Т.Карпош“ Урбан Блок 64-д и 64-ѓ Куманово – Нацрт план од Друштво за урбанизам, проектирање и инженеринг „ПЛАНЕРИС“ ДООЕЛ Куманово, мај 2005 година.
– Согласност на Предлог Деталниот урбанистички план за дел од УЕ „Х.Т.Карпош“ Урбан Блок 64-д и 64-ѓ издадена од Министерство за транспорт и врски бр.16-4230/2 од 31 мај 2010 година.
– Одлука бр.07-6991/14 од 23 јуни 2009 година за донесување на Детален урбанистички план за УЕ„Х.Т.Карпош“, УБ 64-д и 64-ѓ, плански опфат меѓу улиците Пролетерски Бригади, 11-ти Октомври, Х.Т.Карпош, Трст, Јане Сандански и Киро Фетак – Куманово.

5. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се утврдени како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичко планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 151/2007 и 91/2009) кој важел во времето на водење на постапката и донесување на оспорената Одлука.

Со член 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање, и тоа: просторни планови во кои спаѓа просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план надвор од населено место.

Според член 11 од Законот:

(1) Детален урбанистички план се донесува за плански опфат, за кој е донесен генерален урбанистички план.
(2) Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и гграфички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфраструктурата.
(3) Графичките прикази на планот од ставот (2) на овој член содржат: граница на планскиот опфат, регулациони линии, парцелација на градежното земјиште, површини за градењее на градби определени со градежни линии, максимална висина на градбата изразена во метри до венц, намена на земјиштето и градбите, планско решение на секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите секундарни комуналнни и телекомуникациски инфраструктури.
(4) Текстуалниот дел на планот од ставот (2) на овој член содржи: ошти услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите, посебни услови за изградба за поединечни градежни парцели, податоци за сообаќајните, комуналните и телекомуникациските инфраструктури, други параметри за спроведување на планот, мерки за заштита на културното наследство, природата и животната средина, мерки за заштита од разурнувања и друго.
(5) Нумеричкиот дел од ставот (2) на оввој член содржи: податоци за површините на градежни парцели, планираните површини за градење, максималната висина на градбите изрзена во метри до венец, податоци за инфраструктурните водови и градби и друго.
(6) Деталните урбанистички планови во чиишто плански опфат постојат споменици, споменички целини и други заштитени добра со статус на културно наследство, треба да содржат детални параметри за заштита на недвижното културно наследство.

(8) Податоците за постојната состојба, можностите за просторен развој и програмските проекции за просторниот развој претставуваат документациона основа на деталниот урбанистички план, која е прилог на планот.

Според член 11-а од Законот, за површини планирани во генералните урбанистички планови, наменети за потребите на одбраната може да се донесе детален урбанистички план, по претходно добиена согласност од Министерството за одбрана. Содржината, употребата и намената на овие површини се утврдува со планската програма од членот 5 алинеја 7 на овој закон. Според став 2 од овој член, изработката на деталните урбанистички планови од ставот 1 на овој член се предвидува со годишната програма за изработка на урбанистички планови од членот 16 став 2 на овој закон.
Со член 17 став 5 од Законот се утврдува дека за обезбедување на стручност и јавност во процесот на просторното и урбанистичко планирање советот на општината и Советот на градот Скопје формира партиципативно тело кое ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија за соодветната општина и градот Скопје. Партицитативното тело се состои од претставници од советот, стручно лице од општинската администрација, истакнати стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, претставници од здруженија на граѓани и граѓани од подрачјето на општината. Бројот на претставниците се утврдува со статутот на општината и Статутот на градот Скопје и не може да биде поголем од десет члена.

Според член 17-а од Законот:

1) Општините се должни да ја разгледаат секоја иницијатива поднесена од правни и физички лица за изменување и дополнување за урбанистичките планови од членот 7 точка 2 алинеи 2, 3 и 4 на овој закон и во рок од 30 дена од поднесувањето на иницијативата да го известат подносителот на иницијативата дали истата се прифаќа.

2) Доколку поднесената иницијатива е прифатена, општината е должна во рок од три месеца да започне постапка за изменување и дополнување на урбанистичкиот план за кој е поднесена иницијативата.

3) Доколку општината не постапи согласно со ставовите 1 и 2 од овој член, а подносителот на иницијативата смета дека истата е основана, може да поднесе барање за одобрување на локална урбанистичка планска документација до органот надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, само за градби со намена домување во станбени куќи. Со локалната урбанистичка планска документација може да се изврши измена и дополнување на урбанистичките планови од членот 7 точка 2 алинеи 2, 3 и 4 на овој закон, само ако предложената измена на урбанистичкиот план е во согласност со стандардите и нормативите за урбанистичко планирање и овој закон.

4) Доколку предложената измена на урбанистичкиот план со локална урбанистичка планска документација е во согласност со стандардите и нормативите за урбанистичко планирање и овој закон, министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот со решение ја одобрува локалната урбанистичка планска документација, на предлог на комисијата од членот 31 став 2 на овој закон, во рок од 15 работни дена од денот на доставување локалната урбанистичка планска документација од ставот 3 на овој член, за која е извршена стручна ревизија од страна на овластеното лице од членот 18 став 1 на овој закон.

5) Доколку министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот не постапи во рокот од ставот 4 на овој член, се смета дека локалната урбанистичка планска документација е одобрена.

Во членот 22 став 1 на овој закон се утврдува дека плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Според член 24 став 1 на овој закон, по нацртот на Деталниот урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета. Според став 2 на истиот член, организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од комисијата од членот 17 став 4 на овој закон. За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Според став 4 на овој член, јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку 15 работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови.

Според ставот 5 на овој член од Законот, јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови. Во ставот 6 на овој член, се предвидува дека јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.

Согласно, пак, член 24 став 7 од овој закон, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината која е составена од три члена и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.

Според член 24 став 8 од Законот, извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот.

Согласно член 24 став 9 од истиот закон, врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.

Според ставот 10 на членот 24 од Законот, доколку комисијата од ставот 7 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промени на намената на земјиштето и промена во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацрт на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.

Според ставот 11 на членот 24 од Законот, времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот.

Според член 31 став 1 од овој Закон, при изработување на плановите од членот 7 точка 2 државна урбанистичка планска документација и локална урбанистичка планска документација, задолжително се применуваат стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, со кои се уредуваат основите за рационално планирање, уредување и користење на просторот, заради создавање на услови за хумано живеење и работа на граѓаните. Според став 2 од истиот член, Mинистерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот формира комисија која се состои од најмалку пет члена од кои еден научен работник од областа на урбанистичкото планирање, еден архитект со овластување за изработка на урбанистички планови и тројца стручни работници од областа на урбанистичкото планирање. Комисијата ги изработува стандардите и нормативите од ставот 1 на овој член и дава предлог до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот за одобрување на државната урбанистичка планска документација. Според став 3 од овој член, за изработените стандарди и нормативи се организира стручна расправа од научни и стручни работници од областа на урбанистичкото планирање. Според став 4, по вградување на забелешките од стручната расправа, стандардите и нормативите ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Тргнувајќи од наведената законска регулатива, како и увидот и анализата на доставената документација за донесување на оспорената одлука во делот што се оспорува со иницијативата, Судот оцени дека општина Куманово како орган за донесување на наведената одлука, во деловите кои се оспоруваат со иницијативата ги спровела законски определените дејствија во постапката за донесување на истото.

Имено, наводите во иницијативата дека нацрт-планот бил донесен нетранспарентно не се основани од причина што општина Куманово, согласно член 24 од Законот за просторно и урбанистико планирање, Градоначалникот на општината донел Одлука бр.08-6709/1 од 10 јули 2009 година за организирање на јавна анкета и јавна презентација по нацрт планот. Соопштението било објавено во јавното гласило „Утрински весник“ со времетраење од 15 јули до 29 јули 2009 година, јавната презентација била одржана на 22 јули 2009 година во 11 часот во просториите на општина Куманово.

По однос на наводот во иницијативата дека од страна на општина Куманово не бил составен извештај, Судот оцени дека е неоснован. Ова од причина што од увидот во приложената писмена документација неспорно произлегува дека општина Куманово изготвила Извештај од спроведена јавна презентација и јавна анкета по Нацрт план на Деталниот урбанистички план за УЕ „Х.Т.Карпош“ Урбан Блок 64-д и 64-ѓ, плански опфат меѓу улиците Пролетерски Бригади, 11-ти Октомври, Х.Т.Карпош, Трст, Јане Сандански и Киро Фетак бр.07-6991/14 од 23 јуни 2009 година и истовремено е дадено и писмено известување до секој подносител на приговор согласно член 24 став 9 од Законот.

Наводот во иницијативата дека Нацрт планот не бил доставен на стручна ревизија и како последица не бил доставен одговор по истиот, е неоснован. Имено, од увидот во доставената писмена документација се утврди дека Друштвото за производство, услуги и промет БИЛД – Скопје извршила стручна ревизија по Нацрт-Деталниот урбанистички план – октомври 2006 година, а Одговор на стручна ревизија на Нацрт-деталниот урбанистички план дал ДОО „Простор“ Куманово – април 2009 година, што е во смисла на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Со донесување на Законот за просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005), а согласно член 31 став 4 министерот за транспорт и врски донел Правилник за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.78/2006 и 140/2007) со кој престанал да важи Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот („Службен весник на Република Македонија“ бр.2/2002 и 50/2003).

Со оглед на наведеното, а имајќи ги предвид наводите во иницијативата дека при изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план не биле почитувани соодветните нормативи и стандарди за проектирање на објекти и за урбанистичко планирање од Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот, Судот оцени дека тоа се прашања кои излегуваат надвор од доменот на надлежноста на Уставниот суд. Ова затоа што во случај Судот да се впушти во оценка на овие наводи, тогаш тоа во суштина би значело оценување на меѓусебната усогласеност на оспорениот план со наведените правилници, а со оглед дека се работи за прописи од ист правен ранг, согласно член 110 од Уставот, Судот не е надлежен да одлучува по вакви прашања.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер–Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.217/2010
23 март 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски