171/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 143 став 1 точка 7 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ број 8/1998, 12/2000, 2/2003, 3/2004, 16/2006 и 21/2009).

2. Трајче Торов од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, член 143 став 1 точка 7 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.8/1998) бил во спротивност со член 13 од Уставот на Република Македонија, според кој лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. (став 1) Лицето незаконито лишено од слобода, притворено или незаконито осудено, има право на надомест на штета и други права утврдени со закон. (став 2)

Со Амандман ХХ се дополнува членот 13 од Уставот на Република Македонија, според кој за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. (став 1) Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон.

Имено, според оспорената одредба, наместо најпрвин припадникот на Министерството за внатрешни работи да добиел суспензија до правосилно завршување на кривичната постапка, Министерството за внатрешни работи на овој начин предвреме ги отпуштило работниците за кои можеби подоцна ќе се утврдело дека биле невини.

Поради тоа со иницијативата се бара да се поведе постапка за оценување на уставноста на член 143 став 1 точка 7 од Колективниот договор, и за истата се бара изрекување на времена мерка.

3. Судот на седницата утврди дека со член 143 став 1 од Колективниот договор на Мнинистерството за внатрешни работи се наведува дека врз основа на постапката од членот 142 на овој договор веднаш се изготвува за работникот предлог со мислење за донесување на решение за откажување на работниот однос со отказ или изрекување на парична казна.

Според став 2 од овој член, предлогот му се врачува на работникот и веднаш од него се бара писмено изјаснување по наводите во предлогот.

Според став 3 од овој член, ако работникот одбие да даде писмено изјаснување се постапува како во членот 141 став 5 од овој договор.

Според став 4 од овој член, предлог може да поднесе директорот на Бирото за јавна безбедност, директорот на Дирекцијата и работниците што ќе ги овласти Министерот.

Според став 5 од овој член, предлогот со сите прилози веднаш се доставува до комисијата од членот 144 на овој договор заради водење на постапка.

Според став 6 од овој член, во случаите на кршење на работната дисциплина или неисполнување на обврските од член 133 став 1 точки 4, 5 и 6 и членот 134 точка 1 на овој договор, и на работникот по поднесена кривична пријава му е одредена мерка притвор, предлогот од ставот 1 на овој член се доставува до Министерот непосредно заради донесување на решение без водење на постапка пред Комисијата во смисла на член 139 на овој договор.

4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Согласно член 282 од Колективниот договор („Службен весник на Република Македонија“ бр.126/2010), со влегување во сила на овој колективен договор (22 септември 2010 година) престанува да важи Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 8/1998, 12/2000, 2/2003, 3/2004, 16/2006 и 21/2009), во кој била предвидена одредбата од член 143 на која се однесува поднесената иницијатива. Според тоа сметано од наведениот датум престанал да важи Колективниот договор што претставува истовремено и ден на престанок на важење, меѓу другото и на оспорената одредба содржана во вој колективен договор.

Имајќи го предвид наведеното Судот оцени дека престанокот на важење на оспорената одредба од Колективниот договор преставува процесна пречка за одлучување по иницијативата, согласно членот 28 алинеа 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, поради што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер–Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.171/2010
16 март 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски