Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 март 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 100-а став 5 алинеи 3 и 6 и член 104 став 2, од Законот за семејство („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1992, 6/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010 и 156/2010).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата со одредбите од членот 100-а став 5 алинеи 3 и 6 од Законот, се повредувале членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9, членот 40, членот 42 и членот 51 од Уставот на Република Македонија, поради тоа што со пропишаните критериуми за материјални услови и степен на образование се обесправувале посвоителите кои имале послаби материјални можности и понизок степен на образование во однос на оние кои исполнувале подобри услови, па оттука произлегувала неуставноста на оспорените законски одредби.
Во однос на оспорениот член 104 став 2 од Законот, во иницијативата се наведува дека оваа одредба јасно определувала дека министерот за труд и социјална политика во правилникот за водење на евиденција на посвоените лица и за определување на документи за посвојување, фактички ќе ги определувал, покрај другото, и условите за посвојување, што било прашање кое се уредувало со закон, а не со подзаконски пропис донесен од министерот. Врз основа на ваквата констатација за тоа што всушност била намерата на законодавецот со одредбата, подносителот во иницијативата предлага за оспорената одредба од членот 104 став 2 од Законот, Судот да поведе постапка како несогласна со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 40, член 42, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека во делот од Законот, со наслов „Услови и критериуми за посвојување“, е предвиден членот 100-а, кој гласи:
„Посвоител може да биде лице кое е деловно способно, кое има лични својства за успешно вршење на родителските права и да не е постаро од 45 години.
Посвоител може да биде лице најмалку 18 години постаро од посвоеникот.
По исклучок од ставот 1 на овој член како посвоител може да се јави лице кое е постаро од 45 години, но старосната граница меѓу посвоителот и посвоеникот не смее да биде поголема од 45 години.
Брачни другари можат да се јават како посвоители ако еден од нив не ја надминува горната старосна граница.
Изборот на посвоителот ќе зависи од следниве критериуми: здравствена состојба, психосоцијален статус, материјални услови, станбени услови, време на чекање, степен на образование, брачен статус и државјанство.
Поблиските критериуми за избор на посвоител од ставот 5 на овој член ги пропишува министерот за труд и социјална политика“.
Во делот од Законот, насловен како „Засновање на посвојување“, е предвиден членот 104, кој гласи:
„Лицето кое сака да посвои поднесува барање до Комисијата.
Кон барањето од став 1 на овој член се приложуваат документите определени со правилникот за водење на евиденција на посвоените лица и за определување на документи за посвојувањето, кој го донесува министерот за труд и социјална политика.
Важноста на документите од ставот 2 на овој член е една година. Ако лицето од ставот 1 на овој член, сака да посвои дете во странство, согласноста за тоа ја дава Комисијата, по предлог на центарот за социјална работа врз основа на процената за подобноста на посвоителот и за мотивите на посвојувањето, согласно со членовите 104-б и 104-в од овој закон“.
4. Според членот 40 од Уставот на Република Македонија, Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството.
Правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон.
Родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата. Децата се должни да се грижат за старите и изнемоштени родители.
Републиката им обезбедува посебна заштита на децата без родители и децата без родителска грижа.
Поаѓајќи од постоењето на уставен основ, законодавецот со закон да ги уреди правните односи и во областа на семејството, е донесен и Законот за семејство, со кој во членот 1 е определено дека со овој закон се уредуваат: бракот и семејството, односите во бракот и семејството, одредени облици на посебна заштита на семејството, семејното насилство, посвојувањето, старателството, издржувањето, како и постапката пред судот во брачните и семејните спорови и постапката за изрекување на привремена мерка за заштита од семејното насилство.
Материјата на посвојување е уредена со одредбите од членовите 95 – 123-а од овој закон, со кои, меѓу другото е дефинирано дека: со посвојувањето се создаваат односи какви што настануваат со раѓањето (потполно посвојување) или само односи што постојат меѓу родители и деца (непотполно посвојување); само малолетно лице може да биде посвоено; посвојувањето може да се заснова само ако е во согласност со најдобриот интерес на малолетникот и посвојувањето се засновува пред Комисија која е определена со Законот и ги врши работите на начин определен со Законот; условите и критериумите за посвојување се утврдени во членот 100-а од Законот; потоа утврдено е кои лица не можат да бидат посвоители; засновањето на посвојувањето е подробно уредено со одредбите од членовите 104 – 112 од Законот, со кои е регулирано поднесувањето на барањето со документацијата која е прецизно определена во правилникот за водење на евиденција на посвоените лица и за определување на документи за посвојување, кој го донесува министерот за труд и социјална политика, како и прашањата за работа и постапување на Комисијата по однос на барањата и уписот во регистарот на можни посвоители како и бришење од регистарот на можни посвоители и можни посвоеници, и конкретната улога на Центарот за социјална работа во постапката на посвојувањата; по засновањето на потполното посвојување во матичната книга на родените, како родители на детето се запишуваат посвоителите, а како место на раѓање на детето се запишува местото што спогодбено ќе го определат посвоителите; матичарот е должен да изврши нов упис во книгата на родените и за тоа да им издаде на посвоителите извод од матичната книга на родените.
Тргнувајќи од содржината на членот 40 од Уставот, произлегува дека Републиката обезбедува посебна заштита на семејството, како и на децата без родители или без родителска грижа, а правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница остава да се уредат со закон, од што произлегува и уставниот основ на Законот за семејство и правото на законодавецот во тие рамки да ги уредува и односите и постапката на посвојувањето на начин што ќе обезбеди
остварување на уставно определеното право на посебна заштита на децата без родители или без родителска грижа. Законот за семејството кој е во врска и со други закони во правниот поредок, како што се Законот за социјална заштита, Законот за заштита на децата, Законот за здравственото осигурување и други, содржат уредување поврзано со односите и релациите кои настануваат во семејството или пак од кои зависат одредени права и обврски, и тие закони нормирајќи ги предметните прашања претставуваат операционализација на наведената уставна одредба. Семејно правниот однос е специфична и комплексна правна категорија во која се јавуваат права и обврски кои се од неимотен карактер (верност, помагање, почитување и друго) како и права и обврски кои се од имотен карактер (право на издржување меѓу брачните другари, како и меѓу родители и деца), како и права и обврски помеѓу други лица што во даден момент живеат во заедничко домаќинство. Со оглед на погореизнесеното неосновани се наводите во иницијативата дека при утврдувањето на критериумите во членот 100-а став 5 од Законот за семејство, за избор на посвоителот, биле доволни како критериуми здравствената состојба, психосоцијалниот статус, станбени услови, време на чекање, брачен статус и државјанство, а не требало да бидат предвидени материјалните услови и степенот на образованието. Ова особено поради тоа што законските критериуми би требало да дадат целосна слика за личноста на можниот посвоител и степенот на неговите оптимални услови за остварување на родителската грижа на детето, тие критериуми во целина се предмет на опсервација и проценка на надлежниот орган и не се поединечно доволни сами по себе, да ја изразат подобноста на можниот посвоител, па оттука право на законодавецот е да ги утврдува низата критериуми кои ќе помогнат на органот во вршењето на своите надлежности во областа на посвојувањето, кои се дел од односите на семејното право. Со оглед на наведеното, Судот оцени дека за оспорениот член 100-а став 5 алинеи 3 и 6 од Законот, не може основано да се постави прашањето на согласноста со Уставот, од аспект на наводите во иницијативата.
Во однос на оспорениот член 104 став 2 од Законот, Судот исто така утврди дека не може да се постави прашањето на согласноста со Уставот, со оглед на тоа што оваа законска одредба која е пропишана уште со донесувањето на Законот во 1992 година, го нема значењето кое сака да и го даде подносителот на иницијативата, дека одредбата упатувала со подзаконски акт на министерот за труд и социјална политика, да се пропишувале услови за посвојување, туку одредбата неспорно уредува дека документите кои секако се засновуваат на законските критериуми, а не надвор од нив, се предмет на определување, во улога на операционализација, со правилникот за водење на евиденција на посвоените лица и за определување на документи за посвојување кој го донесува министерот за труд и социјална политика. Со оваа одредба се упатува на донесување на предметниот правилник, а не се дава законско овластување со подзаконски акт да се пропишуваат услови за посвојување и евентуалното донесување на акт со таква содржина воопшто нема законски основ и законско овластување со членот 104 став 2 од Законот за семејство. Со оглед на тоа, оспорената одредба од овој закон не може уставно да се проблематизира.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.189/2010
16 март 2011 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски