Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 16 март 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 11 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010).
2. Панче Докузов од Штип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 11 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата го цитира членот 52 став 4 од Уставот и наведува дека оспорената одредба од Законот, онака како што била поставена, значела дека на сите постапки кои биле започнати и се однесувале на утврдување на дисциплинска одгово-рност на судиите и на утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција Законот ќе се применувал наназад, односно дека постоело повратно дејствие. При постоењето на уставната поставеност законите и другите прописи да не можат да имаат повратно дејство, односно да важат наназад за период пред нивното донесување и стапување во сила, јасно се ставало до знаење дека поднесената иницијатива била основана, а оспорената одредба спротивна на Уставот. Имајќи го предвид членот 51 од Уставот, подносителот на иницијативата предлага иницијативата да се прифати, а потоа Судот да ја поништи оспорената одредба, со цел истата да нема повратно дејствие.
3. Судот на седницата утврди дека, според содржината на оспорениот член 11 став 2 од Законот, започнатите постапки на дисциплинска одговорност на судиите и постапките за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција ќе се завршат согласно досегашните прописи и согласно со овој закон.
4. Во членот 110 од Уставот на Република Македонија е определено дека Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според членот 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Според ставот 2 на овој член од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување, а според ставот 3 на овој член, законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Ставот 4 од овој член од Уставот, утврдува дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Тргнувајќи од анализата на членот 52 став 4 од Уставот произлегува дека прописите не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на закон, односно одделни негови одредби, меѓу другото, содржи причини за нивното оспорување.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Во конкретниот случај, подносителот на иницијативата тргнувајќи од формулацијата на оспорената одредба заклучува дека постои повратно дејство на оспорената законска одредба, бидејќи истата по однос на започнатите постапки на дисциплинска одговорност на судиите и постапките за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција определувала така започнатите постапки да продолжат според одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија.
Според оцена на Судот, не може да се влече директен и сигурен заклучок за повратно понеповолно дејство на Законот како целина само врз основа на формулацијата на преодната одредба, без при тоа да се направи елаборација по однос на она што било предвидено со законските одредби што биле во примена до влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија и што се предвидува со законските одредби што влегле во сила. Во иницијативата недостасува елаборација дали со новите одредби се предвидуваат нови понеповолни обврски, услови, рокови или пак критериуми кои ги доведуваат носителите на судската функција во понеповолна положба по однос на онаа што ја имале пред влегувањето во сила на Законот. Имајќи предвид и тоа што преодната, оспорена одредба се однесува на започнатите постапки за дисциплинска одговорност, односно за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција Судот оцени дека анализата на уставноста на оспорената одредба не е можна без едновремено да се направи анализа на уставноста на новите членови 54 до 97 од Законот (43 членови) од аспект на тоа дали истите содржат понеповолно законско решение по однос на тоа што било предвидено во дотогашните прописи според кои постапките биле започнати.
Со оглед на тоа што во иницијативата недостасува елаборација во наведената смисла Судот оцени дека постојат процесни пречки за впуштање во уставно-судска анализа на оспорената законската одредба, поради што истата ја отфрли согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.14/2011
16 март 2011 година
С к о п ј е
м.л.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски