192/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за давање согласност на договори за поставување на урбана опрема на територијата на општина Аеродром, бр. 07-152/6 од 26 април 2010 година („Службен гласник на општина Аеродром“ бр.10/2010), донесена од Советот на општина Аеродром.

2. Светлана Накова и Љубица Ѓорческа од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената Одлука не била во согласност со членот 15 и членот 30 од Уставот, како и со членот 36 став 1 точка 10 од Законот за локалната самоуправа, поради тоа што на граѓаните кои биле сопственици на поставени киосци во општината Аеродром, а кои требале да ги заменат со нови киосци, им се наметнувале обврски да склучуваат договори за закуп и да плаќаат за користење на градежното земјиште каде биле поставени киосците, меѓутоа општината ниту била сопственик на киосците ниту била сопственик на градежното земјиште.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општината Аеродром на седница одржана на 26 април 2010 година, ја донел оспорената одлука, со која во членот 1 се определува дека се дава согласност за склучување на договори за поставување на урбана опрема на територијата на општина Аеродром, помеѓу општината Аеродром и постоечките корисници на урбана опрема на подрачјето на општината и договорите ќе се склучат со цел регулирање на меѓусебните права и обврски на двете договорни страни. Со членот 2 од оспорената одлука се утврдува месечниот надоместок за поставување на урбана опрема – типски киоск, кој изнесува 400 евра или 200 евра во денарска противвредност во зависност од наведените булевари каде тие се поставени, а во износот е содржан и данокот на додадена вредност. Средствата од надоместокот за поставување урбана опрема ќе се расподелат во соодност 50% за општината и 50% за градот Скопје, согласно Догговорот за вршење стручни и административни работи помеѓу општината Аеродром и градот Скопје. Во членот 3 од Одлуката е утврдено дека раководителот на Секторот за правни и општи работи и имот и имотно-правни работи на општина Аеродром, Јован Јанковски, се задолжува и се овластува да ги преземе сите потребни активности со цел склучување на договори, согласно Одлуката за утврдување на потреба за поставување на урбана опрема и за условите, начинот и постапката за издавање на одобрение за поставување на урбана опрема бр.07-152/4 од 26 април 2010 година и Програмата за поставување урбана опрема на подрачјето на општина Аеродром за 2010 година, број 07-152/2 од 26 април 2010 година. Договорите ќе се склучат со постоечките корисници на урбана опрема – киосци кои истите ги користат без никаков правен основ, со договорите ќе бидат утврдени условите за користење на урбаната опрема и формата и содржината на договорите е прикажана на образец кој е наведен во Одлуката. Според членот 4 од Одлуката, корисниците на киосци е потребно најдоцна до 1 јуни 2011 година да ги заменат постоечките киосци со типски киосци регулирани со основен проект за типски киоск со технички број 3110, а корисниците кои во рок од 10 дена по стапување во сила на оваа одлука, нема да сакаат да склучат договор за поставување на урбана опрема, ќе бидат отстранети од страна на општина Аеродром. Според членот 5, со влегување во сила на оваа одлука, престанува важноста на Одлуката за задолжување на Секктор за правни и општи работи и имот и имотно-правни работи на општина Аеродром за склучување на договори за закуп со постоечките корисници на урбана опрема – киосци и локација на која што се поставени киосците на територија на општина Аеродром, бр. 07-109/4 од 29 март 2010 година („Службен гласнник на општина Аеродром“ бр.8/2010) и Одлука за нејзина измена и дополнување број 07-123/21 од 14 април 2010 година („Службен гласник на општина Аеродром“ бр.9/2010).

Според членот 6, оваа одлука стапува на сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Аеродром“.

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Според членот 36 став 1 точка 10 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), Советот на општината одлучува за начинот на располагање со сопственоста на општината.

Врз основа на оваа одредба од Законот, Советот на општината Аеродром ја донел оспорената одлука со која дава согласност да се склучуваат договори за поставување на урбана опрема на територијата на општина Аеродром, помеѓу општината Аеродром и постоечките корисници на урбана опрема на подрачјето на општината, го утврдува месечниот надоместок за поставување на урбаната опрема и дава задолженија на раководителот на Секторот, Јован Јанковски, да ги преземе сите потребни активности со цел за склучување на договори за поставување на урбана опрема на начин определен со Одлуката за утврдување на потреба за поставување на урбана опрема и за условите, начинот и постапката за издавање на одобрение за поставување на урбана опрема број 07-152/4 од 26 април 2010 година и Програмата за поставување урбана опрема на подрачјето на општина Аеродром за 2010 година бр.07-152/2 од 26 април 2010 година.

Со оглед на тоа што оспорената одлука претставува акт на работење на Советот на општината за извршување на конкретни работни задолженија во врска со стопанисувањето со урбаната опрема во општината и со тоа таа не е пропис или општ акт со кој на општ начин се уредуваат односите во правниот поредок, Судот оцени дека се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.192/2010
16 март 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски