229/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 12 став 1 точка 3-а од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010 и 171/2010).

2. Горан Попоски адвокат од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 12 став 1 точка 3-а од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и со член 50 став 2 од Уставот на Република Македонија. Ова од причина што во оспорениот член било предвидено дека извршна исправа е и заклучокот на извршителот за утврдување на трошоците на извршување, но во членовите од 13 до 16 од Законот во кои се објаснувала извршноста на претходните три вида на извршни исправи, воопшто не се објаснувала извршност на заклучокот на извршителот, ниту тоа било направено со додавање на нов член.

Според тоа подносителот, смета дека спротивно е на владеењето на правото, заклучокот на извршителот да стекне својство на извршна исправа и веднаш да се извршува без право на правен лек и без да измине рокот за доброволно исполнување како што било пропишано за сите други извршни исправи.

Исто така, за заклучокот на извршителот не било предвидено ставање на потврда на извршност, па се наметнувало прашањето како би се применувала одредбата од последниот став на член 12 за укинување на неоснованата потврда за извршност на заклучокот на извршителот, за која потврда се води сметка по службена должност од судот односно органот. Тоа значело дека заклучокот за извршените трошоци за извршителот за да стекне својство на извршна исправа најпрво мора да биде предвидено правото на редовен правен лек и да помине определено време за доброволно извршување.

Судската заштита на поединечните акти на институциите што вршат јавни овластување како што е извршителот, се гарантира и со член 50 став 2 од Уставот, што значи без предвидена судска заштита заклучокот не може да стане извршна исправа.

Со оглед на тоа што во член 12 став 1 точка 3-а ниту во последователните членови, ниту пак во членовите 86, 101 и 18 од Законот за извршување не бил предвиден правен лек што значи со оспорениот член од Законот, на заклучокот со самото донесување му се признавало својство на извршна исправа, со што на доверителот и на должникот не му била дадена можност преку редовен правен лек да ја провери точноста на утврдената висина на трошоците за извршување согласно тарифата на извршителите и да ги оспори пресметаните извршни дејствија кои не ги презел извршителот.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 12 став 1 точка 3-а од Законот, покрај другите, извршна исправа е и “Заклучокот на извршителот за утврдување на трошоци на извршувањето“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, покрај другите, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и владеењето на правото.

Според член 50 став 2 од Уставот, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечни акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Според член 1 од Законот за извршување, со овој закон се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено. Одредбите од овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено, врз присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон, како и на извршување на брод и на воздухоплов.

Согласно член 3 став 1 од Законот, извршителот го спроведува извршувањето.

Извршителот, заменикот на извршител и помошникот на извршител, согласно член 11 став 1 точка 6 од Законот за извршување, се лица кои вршат јавни овластувања утврдени со закон, именувани согласно со одредбите на овој закон, кои директно одлучуваат за дејствијата што треба да се преземат во рамките на нивните овластувања, за да се спроведе извршната одлука и да ги преземат извршните дејствија;

Согласно член 12 став 1 од Законот, извршни исправи се:
1) извршна судска одлука и судско порамнување;
2) извршна одлука и порамнување во управна постапка, ако гласат на исполнување на парична обврска;
3) извршна нотарска исправа;
3-а) заклучокот на извршителот за утврдување на трошоците на
извршувањето;
3-б) решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа донесено од нотар и
4) друга исправа која како извршна исправа е предвидена со закон.

Согласно член 17 од овој закон, извршната исправа е подобна за извршување ако во неа се назначени доверителот и должникот, како и предметот, видот, обемот и времето на исполнувањето на обврската. Ако во извршната исправа не е определен рокот за доброволно исполнување на обврската, извршителот со покана го повикува должникот во рок од осум дена од денот на доставувањето на поканата да ја исполни обврската утврдена во извршната исправа.

Согласно член 40 став 1 од Законот за извршување, извршителот ги презема следниве дејствија: прима барања за извршување; врши достава на судски писмена; врши достава на налози, записници, заклучоци и други документи кои произлегуваат од вршењето на неговата работа; врши легитимирање на странките и учесниците во извршувањето; прибира податоци за имотната состојба на должникот во функција на извршувањето; донесува налози и заклучоци, составува записници, барања и службени белешки, согласно со одредбите на овој закон; врши попис, процена, пленидба и продажба на подвижни предмети, права и недвижности, прима средства од должникот, предава во владение и распределува средства; врши блокирање на подвижни предмети и недвижности заради овозможување на нивната употреба или трошење со ставање на жиг на извршителот; врши иселување и други извршни дејствија потребни за спроведување на извршувањето определени со закон и подзаконски акти; врши објавувања во средствата за јавно информирање; поднесува барања за поставување на старател до Центарот за социјални работи кога за посебни случаи адресата на должникот е непозната или нема застапник и врши и други дејствија предвидени со закон.

Според член 40 став 3 од Законот, при преземањето на извршните дејствија, извршителот ги изготвува налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки и други акти со форма и содржина пропишана од министерот за правда. Актите кои не се во пропишана форма и содржина се сметаат за неважечки.

Со членот 77 од Законот определено е дека странката или учесникот кој што смета дека при извршувањето се сторени неправилности може да поднесе приговор до претседателот на сновниот суд на чија територија извршувањето, или пак дел од него, се спроведува. Претседателот на судот донесува решение со кое може приговорот да го одбие или да го усвои. Претседателот на судот со решението со кое го усвојува приговорот ги утврдува сторените неправилности и ги става вон сила превземените извршни дејствија. Претседателот на судот со решението не може да го запре извршувањето, да укинува извршни дејствија, ниту да го задолжува извршителот да превзема извршни дејствија.

Според членот 77-а од Законот, против решението на претседателот на судот, странката или учесникот имаат право да поднесата жалба до Апелациониот суд, на чие подрачје се наоѓа Основниот суд. Жалбата не го задржува извршувањето. Апелациониот суд, одлучувајќи по жалбата, може решението да го потврди или да го преиначи. Против правосилната одлука на судот, не се дозволени ревизија и повторување на постапката.

Од анализата на наведените законски одредби и целината на Законот произлегува дека со него се определени правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судската одлука која гласи на исполнување на обврска, одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон.

Понатаму од анализата призлегува дека својство на извршна исправа, покрај другите има и заклучокот на извршителот за утврдување на трошоци на извршување, при што извршната исправа, а во конкретниов случај заклучокот на извршителот согласно членот 17 од Законот, е подобен за извршување ако во него се назначени, доверителот и должникот,предметот, видот, обемот и времето на исполнување на обврската. Ако, пак, во извршната исправа не е определен рокот за доброволно исполнување, извршителот со покана го повикува должникот во рок од осум дена од доставувањето на поканата да ја исполни обврската утврдена во извршната исправа. Тоа значи дека во извршната исправа без оглед за која извршна исправа се однесува од наведените во Законот, рокот на доброволно исполнување на обврската мора да е утврден, односно, доколку не е утврден извршителот со покана го повикува должникот да ја исполни обврската во определен рок.

Од анализата на членовите 77 став 1 и 77-а од Законот, произлегува дека странката или учесникот кој што смета дека при извршувањето се сторни неправилности има право на приговор до претседателот на основниот суд на чија територија е извршувањето ,а против решението на претседателот странката има право на жалба до Апелациониот суд на чие подрачје се наоѓа основниот суд.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, анализата на целината и одделни одредби од Законот, Судот оцени дека наводите во иницијативата дека со оспорениот член на странката односно, должникот не му е оставен рок за доброволно исполнување на обврската и не му е обезбедена судска заштита се неосновани, поради што не го постави прашањето за неговата согласност со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.229/2010
16 март 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски