39/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на Законот за мировните совети („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр. 39/1977).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот закон бил донесен во сосема други општествени услови во однос на Уставот на Република Македонија од 1991 година и неговите амандмански измени. Освен тоа, Законот имал термини кои не биле усогласени со Уставот на Република Македонија (самоуправни судови, организации на здружен труд, самоуправни интересни заедници и др. – видно од член 1 од Законот), поради што Законот не бил во согласност со член 1, член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот. Ова дотолку повеќе што сега постоел и Закон за медијација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 60/2006, 22/2007 и 114/2009).

Поради наведеното се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот закон.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за мировните совети е донесен од страна на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, на одделни седници на Соборот на здружениот труд и Општествено-политичкиот собор, одржани на 28 октомври 1977 година и објавен е во „Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр. 39/1977 година.

Законот содржи 31 член, поделени во четири глави.

Во Главата I.Општи одредби (членови 1 – 7), мировните совети се дефинирани како самоуправни судови на кои граѓаните во месните заедници и работните луѓе во организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници и во другите самоуправни организации и заедници можат, заради развивање на добри односи меѓу нив, да им доверат посредување за помирување и спогодбено решавање на споровите за правата со кои слободно располагаат (член 1). Начинот на основањето, начелата за организацијата и составот, надлежноста, како и основите за постапувањето пред мировните совети се утврдуваат со овој закон (член 2). Спогодбите склучени пред мировните совети имаат правна важност како и спогодбите склучени пред редовните судови (член 3). Мировните совети, заради поуспешно извршување на работите, соработуваат со органите на месните заедници и на општината, организациите на здружен труд, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници, општествено-политичките организации и со правосудните органи (член 7 став 1).

Во Главата II. Организација (членови 8-13), се утврдува организацијата на мировните совети. Така, се определува дека мировните совети ги основаат месните заедници за подрачјето или за дел од подрачјето на месната заедница, а можат да ги основаат и организациите на здружен труд, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници (член 8). Се утврдува дека мировниот совет го сочинуваат претседател и најмалку 2 члена, кои имаат заменици (член 9), условите кои треба да ги исполнува лицето за да биде избрано за член на мировен совет (член 10), мандатот на членовите (член 11), начинот на избор на членовите (член 12), како и определбата дека со статутот на месната заедница, односно со самоуправниот акт на организацијата на здружениот труд, самоуправната интересна заедница и друга самоуправна организација и заедница поблиску се уредува бројот на членовите на советот, постапката за избор и разрешување на претседателот и членовите, начинот на вршење на административно-техничките работи за мировниот совет и други прашања од значење за работата на мировниот совет (член 13).

Во Главата III. Надлежност и постапка (членови 14 – 25), се пропишува дека мировниот совет може да посредува во споровите на граѓаните, односно во споровите на работните луѓе за правата со кои слободно располагаат, а особено во : имотните спорови, без оглед на вредноста на спорот; споровите за пречење на владение; споровите за утврдување на меѓи; споровите за стварни и лични службености; споровите за чување и воспитување на деца; споровите за издржување; споровите за делба на имотната заедница и заедничкиот имот на брачните другари и други спорови за воспоставување на нарушените односи меѓу граѓаните и работните луѓе по имотни и неимотни прашања (член 14). Понатаму, во член 15 од Законот се пропишува дека мировниот совет, во смисла на член 468 од Законот за процесната постапка и член 445 од Законот за кривичната постапка, посредува по предмети отстапени од надлежниот суд во: спорови од мала вредност кои се однесуваат на побарување во пари кое не го надминува износот од 1 000 динари и во кривичните работи по приватна тужба за кривично дело лесна телесна повреда, како и за кривични дела против честа и угледот, освен за делата сторени преку печат, радио или телевизија. Според член 17 од Законот, мировниот совет може да посредува по барање на една или на две заинтересирани странки, но и по своја иницијатива или по барање на општествено-политичка или друга организација, како и по барање на телата или органите кои постапуваат по претставките и поплаките на општествено-политичките заедници. Во членовите 18–24 се пропишува постапката пред мировните совети (известување на спротивната странка заради помирување, констатирање ако помирувањето не успеало, повикување на други лица во посредувањето, водењето записник за посредувањето, содржината на записникот и неговото потпишување. Со член 25 се пропишува дека спогодбата склучена пред мировниот совет ја извршува надлежниот општински суд по правилата на извршната постапка.

Во Главата IV. се уредуваат преодните и завршните одредби (членови 26-31), и се пропишува дека со денот на влегување во сила на овој закон престанува да важи Законот за мировните совети („Службен весник на СРМ“ бр. 21/68), како и дека овој закон влегува во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Оспорениот Закон за мировните совети е донесен во 1977 година, во период на самоуправно општествено уредување, кога владееле вредности на социјалистичкото самоуправно општество изградено со Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1974 година. Во меѓувреме, во Република Македонија се направени значајни промени во општествено-полититичкиот систем и од 1991 година, со донесување на новиот, актуелен Устав на Република Македонија, изграден е демократски систем кој почива на поделбата на власта, кој во својата основа ги има вградено заштитата на човековите права и слободи, како темелна вредност на уставниот поредок, врз која основа се изградени нормативни правила и институции за заштита на поединечните човекови права и слободи.

Според Амандман XXV на Уставот, со кој се заменува членот 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 22 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. број 58/2006, 35/2008 и 150/2010), во судскиот систем судската власт ја вршат основните судови, апелационите судови, Управниот суд, Вишиот управен суд и Врховниот суд на Република Македонија.

Во Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ број 15/97, 44/2002, 74/2004, 83/2008 и 67/12009) и во Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија“ број 79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010), не е предвидено постоење и посредување на мировни совети.

Во правниот систем на Република Македонија е прифатена медијацијата како начин на решавање на спорови во кој страните спорниот однос настојуваат да го решат на мирен начин со помош на еден или повеќе медијатори, кои на страните им помагаат да постигнат заедничко прифатливо решение, што како систем е утврден и уреден со Законот за медијација ( „Службен весник на Република Македонија„ брoj 60/2006, 22/2007 и 114/2009).

Со оспорениот Закон за мировните совети, мировните совети се дефинирани како самоуправни судови на кои граѓаните во месните заедници и работните луѓе во организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници и во другите самоуправни организации и заедници можат, заради развивање на добри односи меѓу нив, да им доверат посредување за помирување и спогодбено решавање на споровите за правата со кои слободно располагаат (член 1).

Видно од содржината на овој закон, истиот ги одразува вредностите на социјалистичкото самоуправно општество, што е последица на времето на неговото донесување, поради што Законот содржи низа одредби кои суштински и терминолошки не се усогласени со Уставот на Република Македонија („самоуправни судови“, „организации на здружен труд“, „самоуправни интересни заедници“), односно Законот упатува на видови на судови и форми на организации и заедници, кои не одговараат на постојните, втемелени вредносни принципи и организационата поставеност на органите на државната власт востановени со Уставот на Република Македонија.

Иако формално правно наведениот закон не е укинат, според Судот, неговата примена се исцрпела со донесувањето на актуелниот Устав на Република Македонија и законската регулатива која се однесува на судската надлежност и уредувањето на процесните постапки пред судовите, како и медијацијата како начин на вонсудско решавање на споровите, поради што според Судот, овој закон фактички престанал да важи и не е дел од правниот поредок на Република Македонија.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски и д-р Гзиме Старова.

У.бр.39/2010
9 март 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски