3/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 44 од Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.92/2007, 161/2009 и 17/2011).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, не постоела уставно-правна логика за егзистирање на оваа законска одредба, затоа што истата не била во согласност со темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот. Ова од причина што обврската на Министерството за внатрешни работи дадена во оспорената законска одредба била негова работна обврска која спаѓала во доменот на надлежноста на органот и за чие извршување полицајците добивале надомест во вид на плата за извршени работи. Оттука, оваа функција претставувала важна државна службена функција, а не трговска дејност за која се наплатувала услугата. На тој начин, според иницијативата, не се обезбедувала еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Во оспорената законска одредба, не било предвидено од што ќе зависи висината на трошоците на посебните мерки за безбедност и врз основа на кои критериуми и параметри ќе се утврдувало. Оттука, оспорената одредба била непотполна, непрецизна и нејасна, поради што се повредувале член 8 став 1 алинеи 3 и 7, член 51, член 55 и Амандманот XXI од Уставот, поради што се предлага нејзино поништување. Истовремено, се предлага и изрекување на времена мерка, бидејќи со нејзино извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици за субјектите на пазарот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 44 од Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај, Министерството за внатрешни работи може, по потреба, да нареди преземање на посебни мерки за безбедност при превозот на определена експлозивна материја (правец на движење, придружба на испраќачот или на превозникот, полициска придружба и друго).

Трошоците на посебните мерки за безбедност од ставот 1 на овој член, во внатрешниот превоз на експлозивни материи, ги поднесува испраќачот на експлозивната материја, а при увоз, извоз или транзит на експлозивните материи, ги поднесува превозникот.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото.

Во член 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Согласно Амандман XXI од Уставот, со кој се заменува член 15 на Уставот на Република Македонија, се гарантира правото на жалба против одлука донесена во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Со Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај се уредуваат условите и начинот на вршење на превоз на опасни материи во внатрешниот и меѓународниот патен и железнички сообраќај, условите кои треба да ги исполнуваат амбалажата и превозните средства, должностите на лицата кои учествуваат во превозот на опасни материи, назначување на советник за безбедност, оспособување на лицата кои учествуваат во превозот на опасни материи, надлежностите на државните органи и надзор над спроведување на законот (член 1).

Глава VI од Законот, со наслов: „Посебни мерки за безбедност за превозот на определени видови опасни материи“, го регулира превозот на: 1. експлозивни материи; 2. гасови; 3. отровни и заразни материи и 5. радиоактивни материи.

Оспорениот член 44 е поместен во Глава VI, точка 1 од Законот.

Според член 41 од Законот, натоварот или истоварот на експлозивните материи надвор од кругот на правните лица што ги произведуваат тие материи или што ги држат за својата редовна дејност, може да се врши само на места што ќе ги определи Министерството за внатрешни работи.

Во членот 42 од овој закон, за внатрешниот и меѓународниот превоз на експлозивни материи потребно е одобрение. Одобрението од ставот 1 на овој член го издава Министерството за внатрешни работи. Формата, содржината и начинот на поднесување на барањето за одобрението од ставот 1 на овој член ги пропишува министерот за внатрешни работи во согласност со министерот за транспорт и врски.

Според член 43 став 1 од Законот, барањето за издавањето на одобрение за увоз, извоз или внатрешен превоз на експлозивните материи го поднесува испраќачот или примачот на експлозивната материја, регистриран во Република Македонија за промет со експлозивни материи. Ако експлозивните материи транзитираат преку територијата на Република Македонија, барањето за издавањето на одобрение за превоз може да биде поднесено и од превозникот или шпедитерот.

Од анализата на наведената уставна и законска регулатива, а во корелација со наводите истакнати во иницијативата Судот оцени дека во конкретниов случај не може да се доведе под сомнение оспорениот член 44 од Законот, по однос на членовите од Уставот на кој упатува иницијативата.

Имено, оспорениот член 44 од Законот предвидува дека во случаите кога Министерството за внатрешни работи ќе нареди преземање на посебни мерки за безбедност, при превозот на определена експлозивна материја, трошоците за преземените посебни мерки да ги поднесе испраќачот на експлозивната материја или, пак превозникот (во случај на увоз, извоз или транзит на експлозивните материи).

Опасни материи, во смисла на член 4 став 1 точка 2 од Законот, а во кои спаѓаат и експлозивните материи, се супстанции или производи за кои превозот е забранет или одобрен само под особено одредени околности, во согласност со прописите од членот 3 на овој закон.

Според член 3 од Законот за превоз на опасни материи, освен овој закон, се применуваат и одредбите од: 1) Европската спогодба за меѓународниот патен превоз на опасни материи (ADR) и 2) Конвенцијата за меѓународни железнички превози (COTIF), чиј составен дел е Правилникот за меѓународен превоз на опасни материи во железничкиот сообраќај (RID).

Тргнувајќи од карактерот на експлозивните материи, како вид на опасна материја, Судот оцени дека, при транспортот на овој определен вид на опасни материи, право е на законодавецот да определи преземање на посебни мерки за обезбедување на слободно, непречено и безопасно превезување на истите, за што и говори Глава VI од Законот, поточно за безбедно и ефикасно регулирање на превозот на опасните материи, размена на податоци со органи и институции чија дејност е од областа на транспортот, а со цел контрола на превозот во сите фази, заштита на животната средина и брза и компетентна интервенција во случај на незгода.

Токму поради специфичниот карактер на материите што се предмет на транспорт, законодавецот во Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај, предвидел посебна Глава VII, со наслов: „Посебни мерки на безбедност за превозот на опасни материи по гранка на сообраќајот“ (членови 63 – 83) со кои децидно се регулира начинот на превезување, карактерот на возилата со кои се врши превозот, одобрение за превоз, поседување на посебни уреди, истите да имаат валиден сертификат за исправност за превоз на опасни материи. Во таа насока Министерството за транспорт и врски донесе Правилник за начинот на издавање на одземање на одобрението за превоз на опасни материи во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.162/2010).

Исто така, карактеристика за овој вид на транспорт е што возилата можат да бидат управувани само од возачи односно лица кои претходно се стручно оспособени за превоз на опасни материи, а што е регулирано со Правилникот за должносите, одговорностите и стручното оспособување на возачите за превоз на опасни материи, поблиските услови за правните лица кои вршат стручно оспособување и содржината и формата на образецот на сертификатот и уверението за стручно оспособување на возачите („Службен весник на Република Македонија“ бр.10/2008).

Од анализата на напред наведеното, Судот оцени дека неосновани се укажувањата во иницијативата дека оспорениот член 44 од Законот, не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7 и член 55 став 1 од Уставот. Ова од причина што во конкретниов случај нема дискреционо право на министерот за внатрешни работи по однос на определување на посебни мерки (полициска придружба ……), од причини што потребата и условите кога е потребно изрекување, односно определување на вакви посебни мерки се децидно определени и утврдени во Законот за меѓународен превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај.

Имено, од анализата на целината на Законот, јасно произлегува дека Министерството за внатрешни работи не ги презема посебните мерки, (по своја иницијатива) туку во зависност од спецификите на определена експлозивна материја и особено од видот и количината на експлозивната материја, се остава законска можност да се определи дали за определена експлозивна материја ќе се нареди преземање на некое од предвидените законски мерки на обезбедување на материите.

Подносителот во иницијативата тврди дека со оспорениот член од Законот се повредувал член 8 став 1 алинеја 7 и член 55 став 1 од Уставот, односно се повредувала загарантираната слобода на пазарот и претприемништвото, со што ќе се наметнувале материјални трошоци само на некои субјекти. Според Судот, не може да се прифати горенаведеното тврдење од причина што, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат само со закон, доколку во прашање се доведува зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според член 55 став 3 од Уставот, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Предвидените мерки на безбедност кои треба да се преземаат при превозот на експлозивни материи, според Судот, претставуваат ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото, но истите се предвидени со закон и се однесуваат на превоз на определени експлозивни материи, кои по своите својства претставуваат опасност по природата, животната средина и здравјето на луѓето.

Ова, дотолку повеќе, што по однос на превозот на опасни материи, во Република Македонија освен одредбите од овој закон, се применуваат и одредбите од Европската спогодба за меѓународниот патен превоз на опасни материи (ADR), која со Одлука на Владата на Република Макекдонија за пристапување на Република Македонија кон Европската спогодба за меѓународен превоз на опасни материи во патниот сообраќај (ADR) од 1957 година, врз основа на член 45 од Законот за Влада на Република Македонија, а согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, Република Македонија пристапи кон примена на истата, со задолжение за Министерството за односи со странство да изврши нотификација во депозитарот на Спогодбата.

По однос на тоа дали трошоците на посебните мерки за безбедност во внатрешниот превоз на експлозивни материи да ги поднесува испраќачот на експлозивната материја, а при увоз, извоз или транзит на експлозивните материи, нив да ги поднесува превозникот, е во согласност со Уставот на Република Македонија, Судот смета дека ваквото законско решение не може да се доведе под сомнение по однос на Уставот. Ова од причина што, трошоците сторени по однос на преземените посебни мерки на безбедност при превозот на опасни материи во внатрешниот превоз, а и при увоз, извоз или транзит не може да бидат на товар на даночните обврзници во Република Македонија, односно буџетот на Република Македонија на што инсистира иницијативата, туку законодавецот правилно определува тоа да е обврска само и исклучиво на оние правни лица во чиј интерес и потреби во работењето се врши превозот.

Предвид на направената уставно-судска анализа Судот оцени дека оспорениот член 44 од Законот не може да се доведе под сомнение по однос на член 8 став 1 алинеи 3 и 7 и член 55 од Уставот.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски и д-р Гзиме Старова.

У.бр.3/2011
9 март 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски