183/2010-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 53 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување уставноста на член 53 во делот „во висина определена со актите на Академијата и прописите за извршување на Буџетот на Република Македонија“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот дел на членот 53 од Законот, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот.Ова од причина што овластувањето што произлегува од оспорената законска одредба нема уставен основ со оглед на тоа што во целина на Законот како и во оспорената одредба недостасуваат критериуми и параметри врз основа на кои со актите на Академијата и прописите за извршување на Буџетот на Република Македонија ќе се определи висината на надоместокот за работата на членовите на комисијата. Со оставената можност без конкретна законска рамка да се определува висината на надоместокот за работата на комисијата се остава можност и за арбитретност. Освен тоа, со оспорениот законски дел не се знае на кои акти на Академијата и на кои прописи за извршување на Буџетот мислел законодавецот, што значи дека оспорениот законски дел не е јасен, конкретен, прецизен и е тешко спроведлив во праксата со што се создава несигурност за граѓаните, членови на комисијата.

Анализирајќи ја оспорената одредба Судот утврди дека скоро со идентична содржина е и членот 62 став 7 од Законот, од кои причини предмет на уставно судска оцена ќе биде и овој член од Законот.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 53 од Законот, членовите на Комисијата од членот 52 на овој закон имаат право на надоместок во висина определена со актите на Академијата и прописите за извршување на Буџетот на Република Македонија.

Судот, исто така утврди дека во членот 62 став 7 е предвидено дека членовите на Комисијата за завршен испит во почетната обука имаат право на надоместок во висина определен со општите акти на Академијата и прописите за извршување на Буџетот на Република Македонија.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Во членот 1 од Законот за академија за судии и обвинители („Службен весник на Република Македонија“ бр. 88/2010) е определено дека со овој закон се основа и се уредува работењето на Академијата за судии и јавни обвинители (во натамошниот текст: Академијата) како јавна установа за прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, континуирана обука и унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и јавното обвинителство, обука на субјектите кои учествуваат во спроведување на законите од областа на правосудството, вршење на аналитичка дејност од областа на правосудната теорија и практика, органите на управувањето и финансирањето на Академијата.

Целите на основање на Академијата се определени во членот 2 од Законот, според кој цел на основање на Академијата е да обезбеди професионално, независно, непристрасно и ефикасно извршување на судиската и јавно- обвинителската функција, како и стручно и ефикасно извршување на работите на стручните служби во судството и јавното обвинителство.

Согласно членот 37 од Законот, средствата за работа на Академијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија преку буџетот на „Судската власт“. Други извори на финансирање се: донации и подароци и самостојни приходи и приходи од издавање на публикации, реализација на обуки за други целни групи кои се надвор од областа на правосудството и во правосудството, реализација на проекти, грантови, кои не се во спортивност со дејноста на Академијата, а во согласност со Управниот одбор.

Според член 38 од Законот, буџетските средства од членот 37 став 1 на овој закон се обезбедува во висина за да го покријат организирањето и спроведувањето на приемниот и завршниот испит, почетната обука и задолжителна континуирана обука согласно со овој закон.

Согласно член 41 од Законот, Академијата организира почетна и континуирана обука.

Според членот 42, почетната обука се организира заради стекнување практични и теоретски знаења и вештини, со цел за создавање на високообучени, стручни и ефикасни кандидати за судии и јавни обвинители во основните судови и основните јавни обвинителства, како предуслов за почитување на принципот на владеењето на правото и заштитата на човековите права и слободи и создавање на квалитетна правда во интерес на граѓаните на Република Македонија.

Во членот 43 став 1 од Законот е определено дека слушатели на почетната обука се лица кои по положениот приемен испит се примени во почетната обука.

Според став 2 на член 43 од Законот, вкупниот број на слушатели на почетната обука се определува врз основа на одлуките на Судскиот совет на Република Македонија и Советот на јавни обвинители на Република Македонија земајќи го предвид вкупниот број на слободни места за судии и јавни обвинители во основните судови и основните јавни обвинителства, како и проекцијата за потреба од места кои се пополнуваат по завршување на почетната обука.
Одлуките од став 2 на овој член, Судскиот совет на Република Македонија и Советот на јавни обвинители на Република Македонија се доставуваат до Академијата најдоцна до 31 март во годината во која Судскиот совет и Советот на јавни обвинители со одлуките од ставот 2 на овој член го определил вкупниот број на слушатели на почетна обука.

Во членот 52 од Законот е утврдено дека приемниот испит за почетна обука се полага пред Комисија за приемен испит, составот на Комисијата која брои 9 члена и нивни заменици, кој ја избира и на чии предлог се избираат членовите и нивните заменици, како и кои лица не можат да бидат членови на Комисијата.

Во членот 53 кој е оспорен со иницијативата е предвидено дека членовите на Комисијата од член 52 на овој закон имаат право на надоместок во висина определена со актите на Академијата и прописите за извршување на Буџетот на Република Македонија.

Во членот 61 став 1 од Законот е предвидено дека по завршување на почетната обука слушателите на почетната обука полагаат завршен испит на кој се проверува практичното знаење и способноста стекнати во почетната обука за извршување на функцијата судија во основните судови и јавни обвинители во основните јавни обвинителства.

Во членот 62 од Законот е утврдено дека завршниот испит се полага пред Комисија за завршен испит, составот на Комисијата, кој врши избор на членовите на Комисијата по чии предлог и друго.

Од анализата на наведените законски одредби како и од целината на Законот произлегува дека законодавецот ја востановил Академијата како јавна установа која врши прием и стручно усовршување на идните судии и јавни обвинители, при што средствата за стручно усовршување, односно обука на кандидати и надоместокот за членовите на комисиите за полагање на приемен и завршен испит ги обезбедува државата, односно Академијата чии главен извор на финансирање е Буџетот на Република Македонија преку буџетот на “ Судската власт” (член 37).

Оттука, имајќи предвид дека државата е таа која ги обезбедува финансиските средства, покрај другото, и за надоместокот на членовите на комисијата за полагање на приемен и завршен испит, пред Судот основано се постави прашањето дали решението од оспорениот член 53 од Законот и член 62 став 7 е оправдано во смисла на тоа Академијата во своите акти и прописи за извршување на Буџетот да ја определеи висината на надоместокот.

За Судот, како и за подносителот на иницијативата не е спорно дека на членовите на комисиите за полагање на приемен и завршен испит им следува надоместок. При тоа останува спорно прашањето врз основа на кои критериуми односно, рамки ќе биде определена таа висина.

Од анализата на Законот, видно е дека Законот не содржи критериуми односно рамка врз основа на која Академијата во своите акти ќе ја определи висината на тој надоместок.

Тргнувајќи од наводите во иницијативата и содржината на наведените членови, Судот смета дека со даденото законско овластување Академијата да ја утврдува висината на надоместокот, без притоа законот да содржи параметри, критериуми и рамка за утврдување на висината на надоместокот, кој неспорно може да биде разработен во актите на Академијата, се доведуваат во прашање уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски и д-р Гзиме Старова.

У.бр.183/2010
9 март 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски