У.бр.204/2010

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 2 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Јавен оглас за вработување на работници на неопределено време на Јавното претпријатиe “Македонска Радиотелевизија”, објавен во дневниот весник “Нова Македонија” на 17 ноември 2010 година.

2. Цвета Настовска од Скопје , на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 на ова решение.

3. Според подносителот на иницијативата точките 1,2,3,4,5,6,8,9,10,11,12,13,14,18,24,27 и 29 од Јавниот оглас за вработување на работници на неопределено време во Јавното претпријатие Македонска Радиотелевизија, објавен во дневниот весник “Нова Македонија” на ден 17 ноември 2010 година биле во спротивност со член 16 и член 32 од Уставот на Република Македонија.

Во иницијативата се наведува дека јавното претпријатие објавило Јавен оглас за вработување на лица кои имале завршено средно образование или лица со факултетско образование од било која факултетска област иако неколку децении наназад се образувале кадри од областа на новинарството на неколку факултети (приватни или државни) на кои лицата се стекнале со звања – дипломиран новинар или познавач на новинарството. Подносителот на иницијативата наведува дека истите биле комплетно обучени за работа во сите електронски или пишани медиуми и единствено тие можеле професионално да ја обавуваат новинарската професија. Поради тие причини сите дипломирани новинари или дипломирани познавачи на новинарството биле доведени во нееднаква положба наспроти сите преостанати кандидати со други образовни квалификации и не им било овозможено под еднакви услови вработување во медиумот ЈП “Македонска Радиотелевизија”, што се косело со член 32 од Уставот.

Подносителот на иницијативата наведува дека државата го гарантирала јавното информирање со член 16 од Уставот исто како што на секој граѓанин му го гарантирала правото на здравствена заштита согласно член 39 од Уставот. Меѓутоа, сите здравствени организации вработувале компетентни здравствени работници кои дипломирале на медицинските факултети, само ЈП “Македонска Радиотелевизија”, не вработувало компетентни дипломирани лица од областа на новинарството со што било доведено во прашање уставно гарантираното право на јавно информирање.

Според тоа, државата која била основач на ЈП “Македонска Радиотелевизија”, обезбедувала професионална медицинска заштитa но не обезбедувала професионално информирање што било спротивно на член 16 од Уставот.

Подносителот на иницијативата предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на објавениот Јавен оглас за вработување и истиот да биде поништен.

4. Во Јавен оглас за вработување на работници на неопределено време на Јавното претпријатие “Македонска Радиотелевизија”, објавен во дневниот весник “Нова Македонија” на17 ноември 2010 година, под точките 1, 2, 3 ,4, 5, 6, 8, 9, 10, 11, 12, 13,14,18, 24, 27 и 29 е наведено дека на Македонското Радио или Телевизија на конкретен програмски сервис им се потребни извршители на соодветни позиции со соодветни професионални квалификации со работно или без работно искуство.

Подносителот на иницијативата достави фотокопија од објавениот Јавен оглас за вработување на работници на неопределено време и копии од официјалните интернет сајтови на Универзитетот ”Свети Кирил и Методиј” од Скопје, Правен факултет-“Јустинијан Први” Студии по новинарство и на Факултетот за драмски уметности Скопје.

5. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Судот одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со уставот и со законите.

Судот на седница оцени дека Јавниот оглас е конкретен акт со кој се определува еднократно дејствие распишување јавен оглас заради прием на кандидати, лица кои имале завршено средно образование или лица со факултетско образование, за вработување во Јавното претпријатие “Македонска радио телевизија” на неопределено работно време. Поради тоа, истиот не е пропис во смисла на член 110 на Уставот на Република Македонија односно не е акт со кој на општ начин се уредуваат права и обврски на неопределено време.

Имајќи ја предвид оваа одредба од Уставот, цениме дека Судот не е надлежен да ја оценува согласноста на конкретниот јавен оглас со уставните одредби.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.204/2010
2 март 2010 година
С к о п ј е
мдш

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски