198/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за работни односи на вработените во Агенцијата за разузнавање Дов.бр.01-260/1 од 30.10.2006 година и Дов.бр.01-327/1 од 30.05.2007 година, донесени од директорот на Агенцијата за разузнавање, во целина и посебно член 52 став 1 точка 15-а.

2. Фросина Митровска – Лукиќ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, Законот за Агенцијата за разузнавање не давал овластување на директорот да донесува подзаконски прописи.

Според оспорениот член 52 став 1 точка 15-а од Правилникот, работниот однос на вработениот му престанувал без отказен рок во случаите на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со закон и овој Правилник. Меѓутоа, според иницијативата, работниот однос може да престане само на начин и под услови утврдени со закон и со колективен договор, а не и со правилник.

Оттука, оспорениот Правилник и посебно оспорениот член 52 став 1 точка 15-а не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5, член 51, член 52 ставови 1 и 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија, член 30 и член 40 од Законот за Агенцијата за разузнавање, членовите 55 став 2, 56 став 1 и 61 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, член 3 став 2 од Законот за работните односи.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека оспорениот правилник, исто така, не бил објавен во „Службен весник на Република Македонија“, со што бил повреден член 52 ставови 1 и 2 од Уставот.

Оспорениот правилник, според иницијативата, имал карактер на документ со степен доверливо, поради што истиот бил во спротивност со Законот за класифицирани информации (членови 6 и 8), како и со член 2 од Уредбата за административна безбедност на класифицираните информации („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2004), односно акт од ваков карактер нема законски основ за добивање степен доверливо.

3. Судот на седницата утврди дека според член 52 став 1 точка 15-а од оспорениот правилник, работниот однос на вработениот му престанува без отказен рок во случаите на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со закон и овој Правилник, а особено ако вработениот од страна на овластен орган надлежен за издавање не добие безбедносен сертификат.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Согласно член 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 52 ставови 1 и 2 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила и законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“, најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Во член 3 став 2 од Законот за работните односи, работниот однос може да престане само на начин и под услови утврдени со закон и колективен договор.

Според член 82 став 1 од Законот за работните односи, работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување без отказен рок во случаите на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со овој или друг закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување, а особено ако работникот: 1) неоправдано изостане од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година; 2) го злоупотреби боледувањето; 3) не се придржува кон прописите за здравствена заштита, заштита при работа, пожар, експлозија, штетно дејствување на отрови и други опасни материи и ги повредува прописите за заштита на животната средина; 4) внесува, употребува или е под дејство на алкохол и наркотични средства; 5) стори кражба или во врска со работата намерно или од крајно невнимание предизвика штета на работодавачот и 6) оддаде деловна службена или државна тајна.

Според член 30 од Законот за разузнавање како кршење на работната дисциплина се смета и:

1) постапување спротивно на правилата и прописите на Агенцијата,
2) недавање на податоци и информации или давање на неточни податоци и информации на овластени орргани,
3) одбегнување на лекарски преглед заради утврдување на работната способност,
4) избегнување на задолжително стручно оспособување и усовршување,
5) противправно прибавување на лична корист во врска со вршењето на работите и задачите,
6) послуга или овозможување на послуга на друго лице со пари или други работи од ввредност кои на вработениот му се доверени во вршењето на работите и задачите,
7) вршење на работи, професии или функции кои се неспоиви со должностите на вработените,
8) раководење, изразување и застапување на партиски ставови и убедувања во вршењето на работите и задачите и
9) извршување на дејствие кое претставува кривично дело и кое согласно со овој закон е пречка за засновање на работен однос, односно извршување на дејствие кое претставува потежок прекршок против јавниот ред и мир.

Работникот може да биде привремено оддалечен од работа од Агенцијата кога ќе стори потешко кршење на работната дисциплина.
Во случаите на престанок на работниот однос со отказ, отказниот рок може да биде пократок од рокот утврден со закон.

Правото на отказен рок не се остварува доколку отказот се дава поради потешко кршење на работната дисциплина.

Според член 40 од истиот закон, директорот на Агенцијата ќе донесе подзаконски прописи за: 1) правилата за работа на Агенцијата; 2) образецот на легитимацијата и начинот на издавањето и 3) други прописи утврдени со закон.

Во член 55 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, директорот на самостојниот орган на државната управа, односно управната организација донесува правилници, решенија, наредби, упатства, планови, програми и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Согласно член 56 став 1 од истиот закон, со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување.

Правилникот за работни односи на вработените во Агенцијата за разузнавање е донесен врз основа на членовите 55 став 2 и 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа и член 40 од Законот за Агенцијата за разузнавање, а во врска со Законот за работните односи и истиот е систематизиран во Глава XIV.

Оспорениот член 52 став 1 точка 15-а е поместен во Глава XII со наслов – „Престанок на работен однос“, со поднаслов: „Престанок на работен однос без отказен рок“.

Според член 52 став 1 точка 15-а од Правилникот, работниот однос на вработениот му престанува без отказен рок во случаите на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со закон и овој Правилник, а особено ако вработениот од страна на овластен орган надлежен за издавање не добие безбедносен сертификат.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби, а во корелација со наводите во иницијативата, Судот оцени дека оспорениот член од Правилникот за работните односи во Агенцијата за разузнавање, е во согласност со Уставот и наведените закони и истиот не може основано да се доведе под сомнение по однос на неговата согласност со наведените акти.

Имено, основите за изрекување на престанок на работен однос без отказен рок се наведени во членот 82 став 1 од Законот за работните односи и според Судот, содржи законско овластување со актите наведени во овој член (закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување) да се утврдат конкретни елементи во однос на кршењето на работниот ред и дисциплина, покрај наброените во законот.

Со правилникот за работниот ред и дисциплина и со актите на работодавачот се уредуваат интерни и конкретни прашања од процесот на работата, иако не е само обврска, туку и одговорност на работодавачот од повеќе аспекти со цел да се обезбедат квалитетни услуги согласно стандардите пропишани за вршењето на работните задачи.

Оттука, Судот утврди дека оцена е на работодавачот заради обезбедување на квалитетни услуги од вработените во исполнување на нивните работни обврски за поседување на безбедносен сертификат, а особено ако се има во вид специфичниот карактер на дејност што ја врши Агенцијата за разузнавање – собирање податоци и информации од значење за безбедноста и одбраната на Република Македонија и стопанските, политичките и други интереси на државата.

Определувањето на ваквата обврска во оспорениот член од Правилникот, според Судот, не е во спротивност со Уставот и Законот за работни односи, од причина што, работниот ред и дисциплина и обврските од работниот однос од аспект на нивно утврдување со закон, уредување со колективен договор и конкретизација со други правни акти (договор за вработување, акти на работодавачот) се предмет на квалитативно регулирање со акти од различен правен ранг, кои мораат да бидат во согласност со законот, но и од суштинско значење е што со истите може да се утврдат и други случаи на кршење на работниот ред и дисциплина, кое воедно претставува законско овластување на работодавачот со акт да се утврдат и други кршења на работниот ред и дисциплина од оние кои веќе се набројани во Законот за работните односи, како lex generalis.

Предвид на наведеното Судот оцени дека членот 52 став 1 точка 15-а, како и Правилникот во целина, не може да се доведат во сомнение по однос на нивната согласност со Уставот, Законот за работните односи и Законот за Агенцијата за разузнавање.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.198/2010
2 март 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски