У.бр.214/2010

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 февруари 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 168 став 1 и член 22 став 6 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/1997, 44/2002, 74/2004, 83/2008 и 67/2009).

2. Тихомир Димитриевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точка 1 од ова решение.

Наведените причини, во поднесената иницијатива која во два наврати е прецизирана, за оценување на согласноста на оспорените членови од Законот за кривичната постапка, подносителот на иницијативата ги компарира преку неговите предмети кои се водени пред редовниот суд во Скопје, односно истите ги компарира со преземените дејствија на судовите и преку тоа бара оценување на согласноста на членовите со Уставот на Република Македонија, како и нивна согласност со одредени членови во Законот за кривичната постапка и членови од Европската конвенција за човекови права.

Во иницијативата, всушност се наведува дека член 22 став 6 од Законот за кривичната постапка не бил во согласност со член 6 од Законот за судовите, член 6 став 1 од Европската конвенција за човекови права, како и со член 50 став 2 од Уставот, а без притоа да ги наведе причините поради кои смета дека оспорениот член од Законот за кривичната постапка не бил во согласност со Уставот на Република Македонија и другите наведени закони.

По однос на член 168 став 1 од Законот за кривичната постапка, подносителот на иницијативата, најнапред ги цитира членовите 160 став 2, 12, 14 став 1, 21, 22 став 4, 162 став 1, 163 став 1, 162 став 7 и член 174 став 2 од Законот за кривичната постапка. Потоа ги цитира одредбите на член 8 од Уставот на Република Македонија, за да на крајот исто така го поврзе со завршувањето на истрагата во предметот што тој го имал пред кривичниот суд, со нејасни и нереални причини и правни конструкции, без притоа да наведе причини за оспорување на оваа законска одредба, а во смисла на член 15 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Во прилог на поднесената иницијатива ги доставува Решението на Кривичен совет при Основен суд Скопје I Скопје КС.бр.215/07 од 18.09.2007 година, Решение на Апелациониот суд Скопје КСЖ.бр.390/2007 од 21.11.2007 година, Решение на Кривичен совет при Основен суд Скопје I Скопје КС.бр.115/07 од 20.04.2007 година, Решение на Апелационен суд Скопје КСЖ.бр.182/07 од 17.05.2007 година.

3. Судот на седницата утврди дека според член 22 став 6 од Законот за кривичната постапка првостепените судови, во совет составен од тројца судии, одлучуваат за жалби против решенија на истражен судија и против други решенија кога е тоа определено со овој закон, донесуваат одлуки во прв степен надвор од главниот претрес, спроведуваат постапка, донесуваат пресуда по одредбите на член 508 став 2 до 6 од овој закон и ставаат предлози во случаите предвидени во овој или во друг закон.

Според член 168 став 1 од истиот закон ако истрагата не се заврши во рок од 90 дена, истражниот судија е должен да го извести претседателот на судот за причините поради кои истрагата не е завршена.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, во смисла на член 8 алинеја 1 од Уставот се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот.

Согласно член 50 став 2 од Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Според член 6 став 1 од Европската конвенција за човекови права, секој при определување на неговите граѓански права и обврски или кога е кривично гонет, има право на правично и јавно судење во разумен рок, пред независен и непристрасен трибунал основан со закон. Пресудите ќе се изрекуваат јавно, но печатот и јавноста може да се исклучат во дел или во целиот тек на постапката заради заштита на моралот, јавниот ред или националната безбедност на едно демократско општество, потоа, кога заштитата на интересите на малолетен престапник или приватниот живот на странките во постапката тоа го наложува или кога судот го смета тоа за стриктно неопходно, кога постојат посебни околности, при кои јавноста на постапката би можел да им наштети на интересите на правдата.

Според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на закон, односно негови одделни одредби, меѓу другото, треба да содржи причини за нивното оспорување.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување.

Тргнувајќи од фактот што подносителот на иницијативата, која во два наврати е допрецизирана, во своите наводи истакнува несогласност на член 168 став 1 и член 22 став 6 од Законот за кривичната постапка, со член 8 став 1 алинеја 1 и член 50 став 2 од Уставот, но недостасува елаборација, односно недостасуваат образложени причини поради кои оспорените одредби од Законот не се во согласност со Уставот, Судот оцени дека во конкретниов случај постојат процесни пречки за впуштање во уставно-судска анализа на оспорените законски одредби. Имено, подносителот на иницијативата, ниту во нејзиното дополнување и допрецизирање, не ги дава причините поради кои смета дека овие оспорени одредби од Законот за кривичната постапка не се во согласност со Уставот, туку во истата само се наведува, според неговото видување, практичната примена на оспорените законски одредби компарирани преку неговите предмети кои биле водени пред редовниот Основен суд, за што Уставниот суд нема ингеренции, во смисла на уставната норма, да одлучува.

Во однос на наводите во иницијативата за несогласноста на оспорените одредби од Законот за кривичната постапка со член 14, 12, 160 и 162 од Законот за кривичната постапка, Судот оцени дека станува збор за прописи од ист правен ранг, за чија меѓусебна согласност, Уставниот суд согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува, односно тоа се прашања кои излегуваат надвор од доменот на надлежноста на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.214/2010
23 февруари 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски