62/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 23 февруари 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитостa на Одлуката за изменување и дополнување на Детален урбанистички план Градска четврт „Дебар маало 2“ Општина Центар – Скопје бр.08-3727/3, донесена од Советот на Општина Центар на 28 декември 2009 година и објавена во („Службен гласник на Општина Центар- Скопје“ бр.13/2009).

2. Стево Кричкиќ, во својство на претседател на Куќниот совет на Бул. ”Илинден” број 48, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и закoнитоста на Одлуката означена во точкaта 1 на ова решение.

3.Според подносителот на иницијативата оспорената одлука била донесена во постапка во која биле повредени член 8 став 1 алинеја 10 и член 51 од Уставот, член 2 став 1, член 4 став 2 алинеја 9, член 11 ставови 1 и 7, член 17 ставови 1,2 и 5, член 24 ставови 4, 8 и 10, член 26 став 9, член 29 став 3 и член 31 став 1 од Законот за просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2008).

Во иницијативата се наведува дека оспорената измена и дополна на Деталниот урбанистички план како план од пониско ниво, не бил усогласен со Генералниот урбанистички план на град Скопје од 2002 година и затоа истата била надвор од границите на урбанистичкиот опфат, односно со измената и дополната на овој план се проширувал урбанистичкиот простор предвиден со Генералниот урбанистички план на град Скопје. Имено, во иницијативата се наведува дека не постоела Годишна Програма бидејќи истата не била доставена до органот надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, која требало задолжително да биде објавена во јавните гласила, а тоа не било сторено, со што биле повредени наведените законски одредби. Видно од документацијата која им била дадена на увид, можело да се утврди дека Партиципативното тело кое ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица не било консултирано за планираните активности за изготвување на плански решенија за соодветната општина. Според наводите на иницијативата не била спроведена јавна презентација и јавна анкета за Предлог на Планот за изменување и дополнување на оспоредниот Детален урбанистички план и дека немало докази за тоа дали јавната анкета траела најмалку 10 работни дена. Оттука било спорно дали граѓаните дознале за Нацрт-планот и дали биле известени заинтересираните лица кои поднеле анкетен лист со давање на образложение дали биле прифатени или не забелешките во однос на планот. Исто така, во иницијативата е наведено дека не било доставено потребното мислење од градоначалникот на град Скопје. Извештајот по спроведената јавна презентација по Предлог на планот за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план не бил објавен во Службен гласник на Општина Центар со што било повредено начелото на јавност во постапката за донесување и спроведување на планот.

4.Судот на седница утврди дека врз основа на член 15 став 1 точка 1 алинеја 3 и член 26 од Статутот на Општина Центар-Скопје („Службен гласник на општина Центар- Скопје“ бр.1/2006) како и член 26 од Законот за просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005 и 137/2007) Советот на Општина Центар-Скопје на 13-та седница одржана на 28 декември 2009 година ја донел оспорената Одлука за измена и дополна на Деталниот урбанистички план Градска четврт „Дебар маало 2“ Општина Центар- Скопје.

Во членот 1 од Одлуката е предвидено дека со истата се утврдува Нацрт измена и дополна на Детален урбанистички план Градска четврт „Дебар маало 2“ Општина Центар-Скопје, кој ги почитува определбите на Генералниот урбанистички план на Град Скопје („Службен гласник на Град Скопје“ бр.8/2002), Законот за просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005 и 137/2007), Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање Законот за просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.78/2006 и 140/2007) и Правилникот за поблиската со Законот за просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 78/2006).

Во членот 2 од Одлуката е определена границата на планскиот опфат (30,26 ха) кој е дефиниран на исток по осовината на булеварот „Климент Охридски“, на југ по осовината на Булеварот „Партизански одреди“, на запад по осовината на улица “29 ти ноември“ скршнува по осовината на улицата Радњанска, па по осовините на улиците „Раде Кончар„ и „Михаил Цоков„ скршнува по осовината на тротоарот на булеварот „Илинден„, скршнува по осовината на улицата „Наум Наумовски Борче„ до осовината на насипот и на север по осовината на насипот и кејот покрај реката Вардар.

Во членот 3 од Одлуката се наведува дека во утврдените граници на опфатот од членот 2, е содржана воведна документација, планска документација, нумерички дел, услови за градба, документациона основа и планската документација.

Во член 4 од Одлуката, е содржан детален опис на дејствијата што ќе бидат преземани од страна на Градоначалникот на Општина Центар за организирање на јавна презентација и јавна анкета.

Во член 5 од оваа одлука е предвидено дека истата влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Центар“-Скопје.

5. Врз основа на приложената документација, во текот на претходната постапка Судот ја утврди следната фактичка состојба:

Извештај за извршена Стручна ревизија на изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план која е изработена од Друштвото за планирање, проектирање и инженеринг “Простор“ ДОО Куманово, број 08-782/2 од 24 декември 2008 година.

Одговор на Стручната ревизија е даден од Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија „ИН-ПУМА” – Скопје во декември 2008 година.

Решение број 08-3333/4 од 24 декември 2008 година за објавување на Програма за урбано планирање „Ф” на општината Центар за 2009 година донесена од Советот на Општината Центар за 2009 година донесена на 102-та седница одржана на 29 декември 2008 година, објавена во („Службен гласник на општина Центар“ бр.13/2008).

Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот со допис бр,16-221/1 од 16 јануари 2009 година даде стручно мислење по Нацрт- ДУП Градска четврт “ Дебар маало 2 “ со предлози што е потребно да се отстрани како недостаток и дека во основа се испочитувани намените утрдени со Генералниот урбанистички план на градот Скопје.

Од Градот Скопје со допис бр.09/13-44/1 од 20 јануари 2009 година, до Општината Центар дадено е мислење по Нацрт-Планот заедно со мислење од Секторот за сообраќај, според кое намените на просторот во основа се почитувани во Нацрт-Планот. Овој допис е примен во Општина Центар на 23 јануари 2009 година и е заведен под број 26-24/6 видно од приемниот печат на Општината.

На одржаната 104–та седница Советот на Општина Центар донесе Одлука за утврдување Нацрт-Измена и дополна на Детален урбанистички план Градска четврт “Дебар маало 2” Општина Центар-Скопје под број 07-386/16 од 09.02.2009 година

Градоначалникот на општина Центар донел Решение за јавна презентација и Јавна анкета за Предлог план за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план бр.08-552/1 од 11 февруари 2009 година, врз основа на кое е издадено соопштение бр.08-552/2 од истиот датум до граѓаните и правните лица за организирање на јавна презентација и јавна анкета во просториите на урбаната заедница „Дане Крапчев“-Скопје и тоа во траење од 15 работни дена.

Соопштение за Јавна презентација и Јавна анкета на 13 февруари 2009 година е објавено во дневните весници „Време” и „Дневник“.

Градоначалникот на Општината донел Решение бр.08-552/3 од 9 март 2009 година за формирање на стручна комисија од областа на урбанизмот и градежништвото чија задача била да ги разгледа забелешките по Предлог-Планот.

Извештајот по спроведената јавна презентација по Нацрт-план за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план бр.26-24/10 од 13 март 2009 година е составен и потпишан од стручната комисија. Од него произлегува дека во периодот на спроведување на јавната анкета биле доставени 177 анкетни листови од граѓани и правни лица.

Стручната комисија составила Известување бр.26-24/11 од 13 март 2009 година за постапување по Извештајот за спроведената Јавна анкета по Нацрт измената и дополнувањата на Деталниот убранистички план.

До граѓаните и правните лица кои поднеле анкетни листови било доставено известување со образложение за прифаќање или неприфаќање на нивните забелешки или предлози на 13 март 2009 година, со препорачани пратки, видно од приложената фотокопија од приемната книга (лист) од Македонска пошта.

Записник од седницата на Партиципативното тело од областа на урбанизмот на Општина Центар одржана на 6 јули 2009 година со утврден дневен ред каде беше разгледана Предлог-Одлуката за утврдување на Предлогот за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план и при тоа беше донесен Заклучок дека предложената техничка документација е во согласност со законската регулатива и подзаконските акти во оваа област.

Општината Центар со писмо бр.26-24/15 од 7 јули 2009 година го доставила Предлогот за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план Градска четврт “ Дебар маало 2 “ до Градот Скопје-Сектор за планирање и уредување на просторот со барање за добивање на стручно мислење. Позитивното мислење било доставено до Општина Центар под број 09/13-2728/1 од 23 јули 2009 година со приемен штембил на Општина Центар, под број 27-24/16 од 06 август 2009 година.

По повод дописот бр.26-24/17 од 5 август 2009 година на Општината Центар, Министерството за култура дало мислење бр.08-48/6 од 10 август 2009 година (примено во Општината на 13 август 2009 година) за заштита на културното наследство според кое дадените забелешки треба да се вградат пред усвојувањето на Планот.

Предлог-план за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план е изготвен од Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија ИН-ПУМА, со тех.број.112/2007 во ноември 2009 година.

Согласноста на Предлог-планот за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план е издадена од Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот под број 16-12113/2 од 14 декември 2009 година

Одлуката за донесување на Измена и дополна на Деталниот урбанистички план, Советот на Општина Центар ја донел на 28 декември 2009 година и ја објавил во „Службениот гласник на Општина Центар“ на 29 декември .

6. Согласно членот 117 став 1 од Уставот на Република Македонија е утврдено дека градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа чија организација се уредува со закон.

Според точка 2 на Амандман XVII со кој се заменува став 2 на членот 117 од Уставот во градот Скопје граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од значење за градот Скопје, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Според член 117 став 4 од Уставот, градот Скопје е самостоен во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на неговата работа ја врши Републиката.

Според член 1 од Законот за просторно и убранистичко
Планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005 и 137/2007) со овој закон се уредуваат условите иначинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.

Според член 2 од Законот, просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторен план и урбанистички планови со цел да се обезбеди уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата.(став 2) Просторниот план на Република Македонија и урбанистичките планови континуирано меѓу себе се усогласуваат и дополнуваат. (став 3) Просторниот план на Република Македонија и урбанистичките планови задолжително се донесуваат и спроведуваат.

Според член 3 од Законот, изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.

Според член 4 став 1 од Законот, со просторното и урбанистичкото планирање се одредуваат основните начела во процесот на планирање и уредување на просторот. (став 2) Начела во процесот на планирање и уредување на просторот се: рамномерен просторен развој; рационално уредување и користење на просторот; услови за хумано живеење и работа на граѓаните; надминување на урбаните бариери на лицата со инвалидитет; оддржлив развој; заштита и унапредување на животната средина и природата; заштита на недвижното културно наследство; заштита од воени разурнувања, од природни и технолошки катастрофи и хаварии; јавност во постапката за донесување и спроведување на плановите и усогласеност со европските нормативи и стандарди во планирањето и уредувањето на просторот.

За изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, општините и градот Скопје донесуваат годишна Програма. (став 2) Програмата од ставот 1 на овој член, општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.(став 3) Изработката на плановите од програмата од ставот 1 на овој член, се финансира од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје. (став 4) Заради ефикасно спроведување на политиката на планирање и уредување на просторот, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје се должни да обезбедат стручно следење на спроведувањето на плановите и да извршат согледување за степенот на реализација на плановите, заради подготвување на Програма за изработка на урбанистички планови. (став 5) За обезбедување на стручност и јавност во процесот на просторното и урбанистичкото планирање советот на општината и Советот на градот Скопје формира партиципативно тело кое ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија за соодветната општина и Градот Скопје.

Партиципативното тело се состои од: претставници од советот, стручно лице од општинската администрација, истакнати стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, претставници од здруженија на граѓани и граѓани од подрачјето на општината. Бројот на претставниците се утврдува со статутот на општината и Статутот на градот Скопје и не може да биде поголем од десет члена. (став 6) Изработката на плановите од програмата од ставот 1 на овој член можат да ја финансираат и заинтересирани правни и физички лица чиишто програмски барања и подрачја на интерес се прифатливи за општината и градот Скопје.

Во членот 10 од Законот е предвидено дека, Генерален урбанистички план се донесува за градот Скопје и за градовите кои се седишта на општини утврдени со закон. Генералниот урбанистички план од ставот 1 на овој член содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија, како и нумерички дел со билансни показатели.

Според членот 23 од Законот, по нацртот на генералните урбанистички планови, се организира стручна расправа, со учество на претставници на стручни и научни институции од областа на урбанистичкото планирање, органите на државната управа, институции надлежни за заштита на спомениците на културата, комуналните претпријатија, други институции и лица од подрачјето опфатено со планот и невладини орга-низации. Стручна расправа по утврдените нацрти на планови од ставот 1 на овој член организира градоначалникот на општината и градоначалникот на градот Скопје. Времето и местото на одржување на стручната расправа на нацртот на планот се објавува во најмалку две јавни гласила, најмалку два работни дена пред одржувањето. За стручната расправа се изработува извештај.
Извештајот од ставот 2 на овој член со записник од расправата и со посебни образложенија за прифатените и неприфатени забелешки од стручната расправа го изработува стручна комисија составена од три члена и тоа еден претставник од донесувачот на планот (стручно лице од областа на урбанистичкото планирање), еден претставник на изготвувачот на планската документација (носител на изработка на планот) и еден научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Извештајот од ставот 3 на овој член е составен дел на предлогот на планот.

Во членот 24 од Законот, предвидено е дека, по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета. Организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот.

За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај.

Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови.

Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.

Извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежено за урбанистичко пла-нирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбани-стичкото планирање. Извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот. Врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.

Доколку комисијата од ставот 6 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.

Времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот.

Според членот 25 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

На плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Мислењето од ставот 1 и согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на мислењето и согласноста не одговори во наведениот рок ќе се смета дека мислењето и согласноста се издадени.

По добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Според ставот 9 од членот 26 од Законот, општините во Градот Скопје, урбанистичките планови ги донесуваат по претходно добиено мислење од градоначалникот на градот Скопје за што градоначалникот овластува стручно лице, дипломиран инженер архитект со најмалку три години работно искуство во урбанистичкото планирање. Мислењето од градоначалникот на градот Скопје се издава во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот, а доколку не се издаде во определениот рок ќе се смета дека мислењето е дадено.

Според членот 28 став 1 од овој Закон, планирањето на просторот се врши за период од најмалку: петнаесет години за Просторен план на Републиката, десет години за генерален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон од населено место и пет години за детален урбанистички план. (став 2) Со донесување на нов Просторен план на Републиката и нов урбанистички план, престанува да важи постојниот план. (став 3) Пред истекот на пропишаниот плански период за плановите од членот 7 на овој закон, донесувачот на планот најмалку еднаш годишно изработува стручна анализа на плановите со која се утврдува евентуалната потреба од изменување и дополнување на плановите или дел од плановите. (став 4) По истекот на пропишаниот плански период, градоначалникот на општината и градоначалникот на градот Скопје овластува стручно лице дипломиран инженер архитект со најмалку три години работно искуство од областа на урбанистичкото планирање кое е задолжено за следење на урбанистичките планови, да изготвува анализа за степенот и квалитетот на реализацијата на плановите, новонастанатите промени и потребите на развој и подготвува програма за изработка на урбанистички планови. (став 5) Измени и дополнувања на плановите и делови од планови од членот 7 на овој закон се вршат по истата постапка пропишана за нивно донесување.

Според член 31 од Законот, при изработување на плановите од членот 7 точка 2, архитектонско урбанистичкиот проект и урбанистичкиот проект од членот 50 на овој закон, задолжително се применуваат стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, со кои се уредуваат основите за рационално планирање, уредување и користење на просторот, заради создавање на превземено од услови за хумано живеење и работа на граѓаните. (став 2) Стандардите и нормативите од ставот 1 на овој член, ги изработува комисија составена од истакнати научни и стручни работници од областа на урбанистичкото планирање, формирана од министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот. Комисијата брои најмалку пет члена. (став 3) За изработените стандарди и нормативи се организира стручна расправа од научни и стручни работници од областа на урбанистичкото планирање. (став 4) По вградување на забелешките од стручната расправа, стандардите и нормативите ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот.

Според член 1 од Законот за градот Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2004), со овој закон се уредува организацијата на градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа (во натамошниот текст: градот Скопје), надлежностите и финансирањето на градот Скопје и на општините во градот Скопје, употреба на јазиците на заедниците во градот Скопје и во општините во градот Скопје, соработката меѓу градот Скопје и општините во градот Скопје, како и други прашања од значење за градот Скопје.

Според членот 11 став 1 алинеи 2 и 3 од истиот Закон, надле-жности, односно работи од јавен интерес од локално значење на градот Скопје, меѓу другите, се донесување генерален урбанистички план на градот Скопје (алинеја 1) и давање мислење за предлогот на деталните урба-нистички планови, урбанистички проекти и урбанистички планови за населените места што ги донесуваат општините во градот Скопје (алинеја 2).

Според членот 15 став 1 точка 1 алинеи 1 и 2 од Законот, надлежности, односно работи од јавен интерес од локално значење на општините во градот Скопје, меѓу другите, се покренување иницијативи за донесување, измена и дополнување на просторниот план на градот Скопје и Генералниот урбанистички план на градот Скопје (алинеја 1) и давање мислења по нацртите на просторниот план на градот Скопје и Генералниот урбанистички план на градот Скопје (алинеја 2).

Во членот 15 став 2 од Законот е предвидено дека, плановите и проектите од ставот 1 точка 1 алинеја 3 на овој член општината ги донесува по претходно добиено позитивно мислење од градот Скопје и согласност од органот на државната управа надлежен за работите на уредување на просторот.

Судот утврди дека од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Судот на седница утврди дека тргнувајќи од наведената законска регулатива како и од увидот и анализата на доставената документациja за донесување на оспорената Одлука, во делот што се оспорува со иницијативата, општината Центар како орган за донесување на наведената одлука ги спровела законски определените дејствија во постапката за донесување на истата.

Во иницијативата се наведува дека оспорениот план не бил во согласност со Генералниот урбанистички план. Оценувајќи ги наводите на иницијаторот, Судот оцени дека прашањето за усогласеноста на Деталниот со Генералниот урбанистички план е надлежност на оценка на Министерството за транспорт и врски и во рамки на дадената согласност во конкретниот случај за донесување на деталниот урбанистички план, Министерството ја ценело усогласеноста на двата плана во рамки на својата надлежност, при што во време на издавањето, ниту ја повлекло ниту ја изменило дадената согласност.

Судот на седница утврди дека предмет на оцена пред Уставниот суд е конкретен донесен Детален урбанистички план. Градот Скопје по однос на Деталниот урбанистички план дава само мислење, а не е надлежен за донесување на истиот. Имајќи ги во предвид цитираните одредби, Судот оцени дека во постапката за донесување на конкретниот детален урбанистички план е законито спроведена, бидејќи при неговото донесување се испочитувани сите фази во постапката.

Судот исто така утврди дека видно од приложената писмена документација прибавена во текот на претходната постапка, неспорно произлегува дека во овој дел законската постапка е запазена, Градот Скопје со допис под број 09/13-44/1 од 20 јануари 2009 година до Општината Центар дал мислење по однос на Нацрт-Планот заедно со мислењето од Секторот за сообраќај, според кое намените на просторот се почитувани во истиот. Овој допис е примен во општина Центар на 23 јануари 2009 година и е заведен по број 26-24/6 видно од приемниот печат на Општина Центар.

Судот на седница констатира дека од увидот во Извештајот за спроведената јавна анкета, градоначалникот на Општина Центар донел Решение за јавна презентација и јавна анкета за Предлог план за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план, врз основа на кое е издадено соопштение до граѓаните и правните лица за организирање на јавна презентација и јавна анкета во просториите на урбаната заедница „Дане Крапчев“ Скопје и тоа во траење од 15 работни дена. Соопштението за јавна презентација и јавна анкета на 13 февруари 2009 година било објавено во дневните весници „Време” и „Дневник“.

Воедно, Судот утврди дека од увидот во записникот од седницата на Партиципативното тело од областа на урбанизмот на Општина Центар одржана на 6 јули 2009 година според утврдениот дневен ред беше разгледана Предлог-Одлуката за утврдување на Предлогот за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план и при тоа беше донесен Заклучок дека предложената техничка документација е во согласност со законската регулатива и подзаконските акти во оваа област.

Врз основа на сето наведено Судот оцени дека оспорената одлука е во согласност со член 8 став 1 алинеја 10 и член 51 од Уставот, член 2 став 1, член 4 став 2 алинеја 9, член 11 ставови 1 и 7, член 17 ставови 1, 2 и 5, член 24 ставови 4, 8 и 10, член 26 став 9, член 29 став 3 и член 31 став 1 од Законот за просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2008).

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.62/2010
23 февруари 2011 година
С к о п ј е
мдш

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски