У.бр.146/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Mакедонија и член 70 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 23 февруари 2011 година донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Јани Макрадули од Скопје, застапуван од полномошникот Снежана Станковиќ-адвокат од Скопје, за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот определени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изнесување на мислата.

2. Јани Макрадули од Скопје, преку полномошник Снежана Станковиќ-адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободата на уверувањето,совеста, мислата и јавното изразување на мислата определени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, повредени со Пресудата К бр.382/08, донесена од Основниот суд Скопје I во Скопје на 5 ноември 2009 година и Пресудата КЖ бр.397/10, донесена од Апелациониот суд во Скопје на 11 мај 2010 година.

Подносителот на барањето наведува дека на 14 декември 2007 година, како потпретседател на Политичката партија СДСМ и во штабот на таа партија пред паното со знакот на СДСМ, истапувајќи во име на Политичката партија Социјалдемократски сојуз на Македонија ја дал следната изјава: „Дали во целава оваа година и половина, додека е формално прв човек на УБК и фактички прв човек на полицијата, Мијалков ја искористил својата позиција за да влијае на случувањата на Македонската берза и за да има навремени информации кои ќе му обезбедат сигурна заработувачка, и дали се точни се погласните сомневања во јавноста дека опремата за прислушкување во МВР се злоупотребува за тргување со берзата.“ Изјавата била емитувана на А1 телевизија во рамките на вестите. Во врска со таа изјава, била поднесена приватна кривична тужба од Сашо Мијалков, преку полномошник Антонио Апостолски-адвокат од Скопје, при што Основниот суд Скопје I во Скопје одржал и заклучил главен претрес и, без да го сослуша тужениот Макрадули и во негово отсуство, донел Пресуда К бр.382/08 од 5 ноември 2009 година со која тужениот бил прогласен за виновен за сторено кривично дело Клевета од член 172 став 1 од КЗ и бил осуден на парична казна од 92.250,00 денари, како и го задолжил да плати судски паушал од 2.000,00 денари и трошоци во постапката на приватниот тужител од 20.280,00 денари. Во Пресудата било определено и тоа изреката да се објави во вестите на А1 телевизија во рок од 15 дена по правосилноста на Пресудата, на сметка на обвинетиот. Апелациониот суд во Скопје, со Пресуда КЖ бр.397/10 од 11 мај 2010 година, ја одбил жалбата на обвинетиот Макрадули како неоснована и првостепената пресуда ја потврдил.

Подносителот на барањето смета дека таквите пресуди ја повредувале слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање, како и слободата на примање и пренесување на информациите. Имено, тој наведува дека изнел прашање на прес-конференција во име на политичка партија, прашањето било упатено до јавноста при постоење на информации доставени до неговата политичка партија за сомнеж дека функционерот несоодветно постапува во вршењето на својата функција, при што целта била поттикнување дебата за тоа дали функционерот правилно ја врши функцијата, а не изнел невистини насочени кон личноста на граѓанин-поединец заради негова дискредитација. Заштитата на угледот на јавните личности требало да претставува помал општествен интерес отколку потребата да се покренуваат јавно дебати за нивната работа и јавно да се бара отчет за тоа како функционерите, кои се платени од народот, работат, како и дали прават одредена злоупотреба, дури и доколку таквите сомненија се докажат за неточни. Државните функционери не можеле да ја уживаат истата заштита како приватните физички лица кога се во прашање честа и угледот затоа што со самото преземање на јавната улога тие „се откажуваат“ од заштитата и требало да бидат отворени за неограничени јавни критики. Во таа смисла подносителот укажува на немање на вина за лице кое укажува на корупција (член 20 став 1 од Законот за спречување на корупција), како и на лице кое ќе ја докаже вистинитоста на своето тврдење (член 172 став 4 од Кривичниот законик) или кое навредливо ќе се изрази во сериозна критика (член 176 став 1 од Кривичниот законик), што било во согласност со уставно загарантираната слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Оспорените пресуди давале приоритет на заштитата на угледот на приватниот тужител Сашо Мијалков наместо на заштитата на угледот и честа на јавниот функционер и во тој склоп на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата во врска со јавниот функционер, поради што се бара нивно поништување.

3. Судот на седницата утврди дека со приватна кривична тужба на тужителот Сашо Мијалков од Скопје, преку полномошник Антонио Апостолски адвокат од Скопје, бил обвинет Јани Макрадули од Скопје за кривично дело Клевета од член 172 став 1 од Кривичниот законик. Обвинетиот никогаш не се јавил на Основниот суд Скопје I во Скопје иако на повеќе закажани главни претреси бил уредно викан и го оправдувал недоаѓањето барајќи претресот да биде одложен заради негово присуство (страна 2 од првостепената пресуда, последен став). На главниот претрес одржан на 5 ноември 2009 година уредно виканиот обвинет не бил присутен, а Судот оценил дека неговото присуство не било нужно со оглед дека се работи за скратена постапка, поради што главниот претрес бил одржан.

На наведениот главен претрес Основниот суд ги извел доказите: сослушување на оштетениот Сашо Мијалков во својство на сведок и читање на записник од гледање на видео и аудио запис од вестите на Телевизија А1, па од нив ја утврдил фактичката состојба дека обвинетиот Јани Макрадули е потпретседател на СДСМ и дека на 14 декември 2007 година од говорница, со ознака СДСМ во позадина, изјавил: „Дали во целава оваа година и половина, додека е формално прв човек на УБК и фактички прв човек на полицијата, Мијалков ја искористил својата позиција за да влијае на случувањата на Македонската берза и за да има навремени информации кои ќе му обезбедат сигурна заработувачка, и дали се точни се погласните сомневања во јавноста, дека опремата за прислушување во МВР се злоупотребува за тргување на берзата.“ Судот исто така утврдил дека Сашо Мијалков одговорил на прозивките на СДСМ дека парите му се од легален бизнис во странство.

Анализирајќи ги изведените докази, Основниот суд Скопје I во Скопје оценил дека во дејствијата на обвинетиот Јани Макрадули се содржани битните елементи на кривичното дело Клевета од член 172 став 1 од КЗ со оглед дека изнел (односно соопштил нешто до кое самиот дошол за одредена објективна состојба) или пренел (односно соопштил туѓо сознание) нешто невистинито односно нешто што во стварноста не постои (страна 5 од првостепената пресуда, последниот став). Вистинитоста на соопштеното, пак, обвинетиот бил должен да ја докаже, а тој тоа не го сторил иако бил повикан од оштетениот (страна 6 од првостепената пресуда, првиот став).

Во однос на наводите на одбраната на обвинетиот (дека изјавата е дадена во прашална форма, дека обвинетиот тоа го направил во својство на потпретседател на политичка партија, дека улогата на секоја опозициона политичка партија е да изразува сомневања во работата на функционерите, дека изјавата е дадена во врска со вршење на функцијата од функционер а не на граѓанинот Сашо Мијалков, …), Судот изразил став дека секој, па и член на политичка партија, има право да поставува прашања од јавен интерес и критички да се осврнува на работата на јавната власт, како и да истакнува сомнежи за функционерите, па во таа смисла функционерите се „легитимна цел“, ама тие изјави и тврдење мораат да имаат фактичка основа. Во конкретниот случај, обвинетиот изрекол констатации за оштетениот кои, според формата, кај обичниот граѓанин а и кај оштетениот створиле убедување дека е изречена вистина односно како да е направено тоа што се изнесува а не е докажано, па како невистина го содржи битниот елемент на кривичното дело Клевета од член 172 став 1 од КЗ (страна 6 од првостепената пресуда, последните два става). Врз основа на тоа, Судот го огласил обвинетиот за виновен и му изрекол парична казна од 92.250,00 денари, а го задолжил да плати и судски паушал од 2.000,00 денари и трошоците за застапување на тужителот од 20.280,00 денари. Исто така, Судот одлучил изреката од правосилната пресуда да се објави во вестите на Телевизијата А1 на сметка на осудениот.

Апелациониот суд во Скопје, постапувајќи по жалбата на обвинетиот, со Пресуда КЖ бр.397/10 од 11 мај 2010 година одлучил да ја одбие жалбата и да ја потврди Пресудата К бр.382/08, донесена од Основниот суд Скопје I во Скопје на 5 ноември 2009 година. Второстепениот суд утврдил дека наводите во жалбата се неосновани и во однос на суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка (па и дека обвинетиот на повеќе закажани главни претреси, кога бил уредно викан и кога доставувал оправдување за недоаѓањето и барал одлагање на претресот заради негово присуство, никогаш не се јавил пред првостепениот суд), и во однос на правилно и целосно утврдена фактичка состојба (бидејќи таа произлегувала од изведените докази), и во однос на правилна примена на материјалното право (изнесеното или пренесеното е невистина, а тоа довело до повреда на угледот и честа на приватниот тужителот со што била исполнета инкриминираноста на кривичното дело Клевета од член 172 став 1 на КЗ, поради што тој бил принуден да дава објаснување дека парите му биле од легален бизнис во странство), како и во однос на висината на кривичната санкција (обвинетиот веќе бил правосилно осуден за ваков вид на кривично дело, поради што сегашната казна била соодветна за повторувањето на истото кривично дело). Во однос на наводите на одбраната (дека изјавата била дадена во прашална форма, дека обвинетиот ја дал во својство на потпретседател на политичка партија, дека улогата на опозиционите политички партии била да изразуваат сомненија во работата на функционерите, …), Апелациониот суд ги прифатил во целост наводите во првостепената пресуда дека секој граѓанин, па и член на политичка партија, може да поставува прашања од јавен интерес и критички да се осврнува на работата на јавната власт, како и да истакнува сомнежи за носителите на јавните функции заради конструктивни критики и јавни дебати, ама не и да дава изјави и тврдења без било каква фактичка основа. Во конкретниот случај, и Апелациониот суд смета дека изречените констатации, според формата, кај обичниот гледач створиле убедување дека е изречена вистина односно дека е направено тоа што се изнесува а не било докажано, поради што првостепениот суд правилно оценил дека изнесеното или пренесеното ги содржи битните елементи од кривичното дело Клевета од член 172 став 1 на КЗ.

4. Според член 16 став 1 од Уставот на Република Македонија, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1), при што ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува, покрај другото, на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата (став 4).

Според член 61 став 1 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт во Републиката. Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1); Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат, покрај другото, на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека е високо нивото на гарантирање на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата до степен таа да не може да биде ограничена ниту во случаи утврдени со Уставот во кои можат да се ограничат другите слободи и права (член 54 став 4). Од друга страна, Уставот го овластил Собранието на Република Македонија, како носител на законодавната власт кој е претставнички орган на граѓаните, да донесува закони (членовите 61 и 68), при што законите мораат да бидат во согласност со Уставот и секој е должен да ги почитува Уставот и законите (член 51), со што Уставот го овластил законодавецот преку донесување на закони да го вообличи правниот поредок. Така, високото ниво на уставно загарантираната слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата има свои граници во со закон санкционираните дејствија. Во таа смисла, членот 172 став 1 од Кривичниот законик определил дека дејствието изнесување или пренесување на нешто невистинито, што е штетно за честа и угледот на друго лице, е недозволено дејствие и за тоа следи санкција.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека барањето на подносителот за заштита на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, е неосновано.

Имено, начинот на кој што подносителот на барањето јавно настапил и го искажал своето мислење во врска со вршење на јавна функција на носител на јавната функција (во прашална форма, како член на опозициона политичка партија и од говорница на политичката партија, последиците кои произлегле од јавниот настап, …) без притоа да се вклучи во докажувањето на вистинитоста на прашањето односно изјавата, анализирани во нивната севкупност, претставува дејствие кое само појавно припаѓа на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, но во суштина навлегува во честа и угледот на граѓанинот кој во моментот ја врши јавната функција и неосновано ги повредува тие вредности, а со тоа изјавата ја изгубила содржината на таа слобода и истата ја злоупотребила. Поради тоа, оспорените пресуди не ја повредуваат уставно загарантираната слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата на подносителот на барањето.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, д-р Трендафил Ивановски, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.146/2010
23 февруари 2011 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски